Интервјуа

Теодосиевски: Новата влада не требаше да влезе во Шампитата

Сѐ наведува на заклучокот дека власта е прагматична околу Скопје 2014, вели членот на Работната група за овој контроверзен проект

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Под дебелата сенка на референдумот се раситни и втората година откако замина власта што го замисли и го изгради Скопје 2014.

Премиерот Зоран Заев сакаше да го врати првобитниот изглед на владината зграда, да ја тргне оградата, а градоначалникот Петре Шилегов планираше да ги отстрани галиите од Вардар. Меѓутоа, расчистувањето со контроверзниот проект сега засега се сведува на елиминацијата на Ќосето и на преместувањето на каруселот.

Во целиов период функционира Работната група за Скопје 2014 што ја формираше веќе поранешниот министер за култура, Роберт Алаѓозовски.

За тоа што до сега сработила групата, кои се ефектите и колку прагматизмот на политиката одложува конкретна акција поврзана со Скопје 2014, разговаравме со Златко Теодосиевски, член на ова тело.

Тој е надворешен советник во Министерството за култура, каде што пред повеќе од 20 години му бил и заменик-министер на Ѓунер Исмаил.

Работната група строго формално се држи до тоа дали спомениците и објектите се законски поставени, кои сѐ членови се прекршени и дава предлози.

Тргнато на страна е естетското и уметничкото вреднување на проектот.

„Не дека сум среќен поради тоа, зашто мојата професија е современа историја на уметноста. Сепак, колегите ме убедија дека тоа е прилично ризично подрачје, поле што ќе нѐ однесе во несакани правци.“

Како еден од авторите на првиот Закон за споменици, напишан уште во рамките на поранешна Југославија, неговата улога во групата е да испита колку се почитувани прописите.

Вели дека законот, така како што е напишан, не придонел да му се случи контроверзниот проект, таму не е проблемот.

„Тоа е така бидејќи многу наивно ги изиграа правилата.“

„Спомениците се дивоградби, треба да се отстранат!“

“Лош е сигналот што ќе го остави оваа власт, ако го легализира Скопје 2014.“ | Фото: БИРН

Убеден е дека доколку се следела логиката на законот, тешко дека главниот град ќе го имаше сегашниот изглед.

Процедурата предвидувала спомениците да го поминат Собранието и таму, според него, идејниот творец многу тешко ќе објаснел зошто на Скопје му е потребен споменик на Александар Македонски, зошто ќе бил дополнително изложен на јавноста.

Засега, групата е сконцентрирана на спомениците и за повеќето од нив изработила елаборати со препораки. Тука нивната работа завршува и понатаму одлучуваат политичарите.

„Во сите елаборати што сме ги направиле препорачуваме отстранување на споменикот. Тоа е случајот со Александар Македонски, Филип Втори, Порта Македонија, Мајка Тереза, Цар Самоил, Гемиџиите… Практично тоа ќе важи за сите, зашто сите се дивоградби.“

Впечатокот е дека она што го предлага работната група, многу се разликува од тоа што реално се случува, дека сегашната владејачка номенклатура е попрагматична околу ова прашање и оти сѐ ќе заврши со отстранувањето на Ќосето и на рингишпилот и со евентуална преселба на некој споменик по општините.

„Сѐ упатува на таков еден заклучок. Јас лично, па, мислам дека и другите членови на работната група сакаме да веруваме дека тоа нема да биде така. Ако вие утредента праќате да рушат дивоградба, која случајно е индивидуална куќа, која е разликата со отстранувањето на овие споменици. Законот не прави такви разлики.“

Златко Теодосиевски смета дека политиката може да го развлече процесот, ама не и да не го заврши.

„Дали по 30 септември, зашто, нели, многу нешта ги врзуваме со референдумот, или нека биде по некој нареден септември, ама отворениов процес мора да се заврши.“

„Исто е како со судењава за злосторствата на криминалното здружение ВМРО-ДПМНЕ. Некој може да каже добро, ај нема везе, да престанеме и да го заборавиме тоа. Ама не може да го заборавиме! Како? Мора некој да го заврши тоа, како што мора да се заврши и ова со Скопје 2014!“

Секоја дискусија околу справувањето со Скопје 2014 неизбежно ја отвора и темата на финансиите, колку би чинело отстранување на спомениците. Овој сегмент не е дел од задачите на работната група, меѓутоа, како што вели Теодосиевски, членовите разговараат и за тоа.

„Процената на стручните луѓе во работната група е дека тоа чини пари, ама не такви големи суми како што се вртат низ јавноста.“

Тој потсетува дека кога се тргна Ќосето, никој не спомна дека тоа е некоја голема сума, а повеќето споменици по габарит се слични на него.

„Поголем е Александар Македонски и онаа инсталација со Филип Втори, ама и тоа не е нешто страшно финансиски да се изведе. Пак е работа на политичка волја, ништо друго.“

„Лош е сигналот што ќе го остави оваа власт, ако рече добро ајде сега ние тоа ќе го легализираме. Тоа значи дека секој криминал може да го легализираме!“

„Подобро во шупа да влезеа, отколку во барокната Влада“

„Скопје сега не е ни стрип, стрипот е сериозна работа.“ | Фото: БИРН

Апологетите на контроверзниот проект велат дека со Скопје 2014, главниот град конечно доби приказна и стана туристичка атракција.

Со Теодосиевски дебатиравме и за тоа дали може да се најде некоја заедничка точка со овие луѓе, на кои им се допаѓа новиот изглед на плоштадот, сѐ со цел таа скапа игранка да заврши, да не се повторува циклично како што се менуваат властите.

Тој е категоричен дека нема ништо заедничко меѓу двата наратива.

На бројчаникот не му е местото на Портата

Поставувањето на бројчаникот на Портата може да се третира и како акт што не е контраст на Скопје 2014, туку како нешто што го говори јазикот на спектаклот, со кој се служи овој контроверзен проект.

„Политиката има голем дел од спектаклот во себе, тоа е инхерентна состојба. И бројчаникот е спектакл, ама не му е местото таму. Ако сакале да постават, нека го постават каде било, на друго место, ама не на објект што треба да се сруши, зашто Портата е дивоградба.“

„На Скопје не му требаше приказна, апсолутно. Градот си имаше своја приказна, Скопје по земјотресот е модернистички град. Приказната ја направи еден човек што се вика Кензо Танге, а овие бараби ја уништија.“

За него нема споредба на денешно Скопје со она на Живко Поповски и на Петар Муличковски, чија архитектура ја смета за ремек-дело и потврда за тоа е дека нивните дела се изложени во Музејот на современа уметност во Њујорк.

„Скопје сега не е ни стрип, стрипот е сериозна работа.“

Работната група сѐ уште не ги обработила препознатливите скопски згради кои беа преоблечени во барок, како што e Владата, која Теодосиевски сѐ уште ја нарекува Шампита, објектите на МЕПСО и на ЕВН.

„Бившата зграда на ЦК беше ремек-дело на македонската архитектура од тоа време и некој да се дрзне да го направи ова, тој требаше да биде во Бардовци наместо Ирена Ристиќ, која ја носеа за чистење на отпушоци.“

„Новата влада не требаше воопшто да влезе во тој објект. Не! Ќе си најдеше ако треба и една шупа и таму ќе работеше, дури објектот не се врати во првобитната состојба.“

Пресоблекувањето на владината зграда не би требало да е некој голем проблем, вели Теодосиевски, барокот само е налепен од надвор.

„Два метри е мермер и сето друго е стиропор. Се вади тоа!“

Тој членува и во друга работна група, која го третирала Музејот на македонската борба познат и како Восочниот музеј.

„Музејот е исто едно страшно криминално дело. И како архитектура и како поставка, сѐ е таму матно. Тие луѓе што ја правеле таа поставка, не знаат што е музеј. Тие можеби знаат што е историја, ама не знаат што е музеј.“

Заклучоците во овој случај се дека музејот треба да се преименува, да се отстранат восочните фигури и да се направи сосема нова музејска поставка.

За крајот од разговорот нѐ интересираше и дали покрај сѐ што му се случи на центарот на Скопје, сепак нешто дополнително го изненадило кога работната група се нурнала во документите поврзани со спомениците.

„Алчноста на уметниците, кои дел од нив лично ги познавам. Алчност во смисла што сум ги гледал пресметките што ги доставувале до Општина Центар, ме запрепастува и тоа што е провидно што тие пресметки се така билдани и очигледно е дека внатре има вмешано многу прсти.“

: