Анализи

Регионални депонии: Историја на одолжување и на локален отпор

„Зошто токму кај нас“, прашуваат локалните жители додека земјата се затрупува со отпад

Повеќе од 16 милиони тони комунален отпад биле создадени во Македонија, во изминативе дваесет години, откога почна да се зборува за изградба на регионални депонии, односно центри за селектирање и за рециклирање. Тоа го покажуваат податоците од Заводот за статистика.

Ако сето тоа количество домашно ѓубре се натовари во стандардните камиони што ги користат комуналните претпријатија, тие би направиле колона од над 11 илјади километри, како од Скопје до Јапонија. Но, овие камиони не отишле никаде далеку.

Тие ги истовариле своите приколки на локалните ѓубришта што се под сите еколошки стандарди и често се опожаруваат. Делот од домашното ѓубре што не го собрале, пак, а кое изнесува речиси една третина од создаденото, завршило на дивите депонии, во реките и во природата.

Државата, во јануари 2023 година потпиша договор со Европската банка за обнова и развој за да ја финансира изградбата на пет регионални депонии – Дрисла за скопскиот регион, Русино за полошкиот, Мегленци за пелагонискиот и југозападниот, Добрашинци за вардарскиот и југоисточниот, како и Мечкуевци за источниот и за североисточниот регион.

За овие пет проекти е одобрен заем од 55 милиони евра од ЕБОР, како и грант од 22 милиони евра од Европската комисија. Тие треба да работат по високи еколошки стандарди и, за разлика од сегашните ѓубришта, да не загадуваат.

Откако се ставија потписите на овој договор, се зголемија очекувањата дека Македонија конечно ќе стане земја со некакво системско решение за управувањето со отпадот. Некои постапки се почнати – објавени се тендери за изградба, се набавува опрема или се подготвуваат финалните документи.

Сепак, досегашното дводецениско искуство со локален отпор, референдуми, одложување на градбата, менување на плановите и на локациите, како и пропуштање можности за финансирање, не влева сигурност дека и овој процес ќе заврши како што е планиран.

Свети Николе – последната надмината пречка?

Има силен локален отпор против регионалната депонија кај Мечкуевци | Фото: БИРН

Датумот 16 март 2024 година стои на таблата кај светиниколската депонија, оддалечена пет километри од градот, на патот кон селата Немањица, Мечкуевци и Куково. До тогаш требало овој рид од ѓубре натрупан меѓу зимзелена шума и лозови насади да биде целосно исчистен. На информативниот панел, под европското и македонското знаме, пишува дека проектот за затворање на оваа нестандардна депонија почнал на 16 март 2022 година и вреди 4,5 милиони евра обезбедени во најголем дел од Европската Унија. Ги пишува и ангажираните фирми, турска и македонска, за чистењето, а грчка и германска за да вршат надзор.

Седум месеци по крајниот рок, овој проект, не само што не е завршен, туку напротив, камиони доаѓаат да дотурат ново ѓубре, чад се издига од повеќе места на депонијата, а чавките и бездомните кучиња го владеат просторот.

Причините за тоа се добро познати. За да се затвори оваа, треба да се изгради регионалната депонија кај Мечкуевци, на десетина километри источно оттаму. Во неа треба да се преработува отпадот од 18 општини од истокот и од североистокот, и во сите нив да се затворат сегашните ѓубришта што предизвикуваат големо загадување.

Но, по промената на локалната власт во Свети Николе во 2021 година, новата општинска управа одбиваше да го продолжи проектот, барајќи да се смени локацијата и најавувајќи локален референдум. Аргументите беа дека Мечкуевци е природна средина, со земјоделски активности и проектот за регионална депонија ќе ја загрози околината.

Три месеци откако се потпиша договорот со ЕБОР, пак, во април 2023 година, владата ѝ ги одзеде ингеренциите на општината да одлучува за овој проект, па за депонијата веќе е распишан тендер.

Без верба за еколошките стандарди

Сегашната светиниколска депонија е отворено ѓубриште | Фото: БИРН

Од општината не добивме одговор на прашањето дали ќе продолжат да се борат против депонијата и со кои средства, откако останаа без надлежности. Жителите на Свети Николе и на околината, пак, не се откажуваат од отпорот.

„Реакција верувам дека ќе има, затоа што немаме конкретни информации што точно ќе биде тоа. Само знаеме дека ќе биде некаков центар за преработка на општините околу нас и, како мештани, не прифаќаме целото ѓубре да биде присутно во нашата општина. Сепак, тоа е една природна средина каде што може да се искористи во кој било друг сектор за да привлече туристи, а не со некаква преработка на отпад, која не ни е објаснета“, вели светиниколецот Слободан Шалев, на прашањето што ќе се случи кога ќе заврши тендерот и ќе дојде механизацијата да ја гради депонијата.

Луѓето не веруваат дека центарот за отпад ќе работи според еколошки стандарди и нема да загадува.

„Како да ми верувате мене, ако претходно сум ве излажал неколкупати. Ќе се сомневате. Едно се зборува, а друго се прави. Барем овде мислам дека е така“, ни рече Коле Грозданов, скопски пензионер, кој голем дел од времето го поминува во куќата во Немањица, селото од каде што потекнува, во близина на речиси раселеното Мечкуевци.

Една повозрасна жителка на Свети Николе, на градскиот плоштад ни кажа од каде жителите ја црпат инспирацијата за отпорот кон овој проект.

„Во западна Македонија, во Дебарца, луѓето успеаја да се оттргнат. Мислам дека и ние ќе бидеме против“, додаде таа.

Дебарца и Неготино останаа без депонии

Сите депонии во земјата се под минималните еколошки стандарди | Фото: БИРН

Референдумот против депонијата за југозападниот регион во Дебарца се одржа заедно со локалните избори во октомври 2017 година. Соодносот на гласовите „против“ и „за“ бил десет наспрема еден, односно 2.900 гласачи го одбиле проектот, а само 293 го поддржале.

Државата нема обврска да ги прифати резултатите од вакви локални референдуми, но, сепак, кога бројот на планирани регионални депонии се скрати од осум на пет, таа во Дебарца ја немаше. Според сегашниот план, југозападниот регион треба да го носи ѓубрето во битолско Мегленци, заедно со пелагонискиот.

Кога пред дваесетина години почна да се зборува за системи за регионално управување со отпадот, се споменуваа 12 депонии низ земјава. Кога почнаа да се прават конкретните планови, пак, бројот се намали на осум, по една во секој плански регион. Оттогаш почнаа и локалните негодувања, сите со истиот аргумент – зошто токму во нашето село, град, општина?

По Дебарца, во 2020 година, и неготинци собраа 3.200 потписи за референдум, за да се изјаснат против плановите, отпадот од вардарскиот регион да се носи на депонија во нивната општина. Референдумот не се одржа, но веќе не е предвидена изградба на депонија во Неготино.

Локалните иницијативи не содржеа предлози како да се реши отпадот, односно да запре сегашната пракса на трупање диви ѓубришта.

Рационализација или бегање од мештаните

Ридови од ѓубре може да се видат во сите региони | Фото: БИРН

Националниот план за управување со отпад од 2021 година предвидува систем од пет локации за депонии. За три веќе има тендери, а за две се подготвува документација. Системот предвидува и претоварни станици на повеќе места, набавка на нови камиони за комуналните претпријатија, како и нови канти и контејнери, по принципот на „сува“ и „мокра“ канта, односно еден сад за пластика, метал, хартија и сè што може да се рециклира, а друг за биолошкиот отпад што ќе се депонира. Дополнителната селекција ќе се врши во регионалните центри.

Во официјалните документи се вели дека овој систем ќе овозможи оптимизирање на процесот и негова одржливост, односно анализите покажале дека е поекономично по два или повеќе региони заеднички да управуваат со отпадот. Но, лица упатени во процесот велат дека, иако основните причини се тие, локалниот отпор и иницијативи имале влијание.

Не запреа дискусиите во тој правец. Во 2020 година, и тогашниот градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари, сегашен министер за здравство, најави референдум за тоа дали Русино да продолжи да служи како регионална депонија или да биде само за неговата општина. Таков референдум не се одржа, а проектот за Русино засега се развива без пречки.

Прифаќање или неинформираност

Селото Добрашинци има голем проблем со отпадот | Фото: БИРН

Отпор засега нема во местата каде што веќе има големи депонии што им создаваат еколошки проблеми на мештаните. Едно од тие места е селото Добрашинци во Општина Василево, каде што треба да се носи отпадот од 20 општини од југоисточниот и од вардарскиот регион. Таму веќе има ѓубриште долго околу 500 и широко речиси 300 метри, веднаш до земјоделското земјиште. На ова место се истура ѓубрето од Василево, Струмица и од други места.

„Ние сме најзагрозеното село. Нашето село, бидејќи е отстрането од градот, нас нè третираат како да сме од планина. Ѓубриштето пречи. Вас нема ли да ви пречи? Оган палат, дури до тука паѓаат тие ситните од најлоните и од шишињата“, ни рече една повозрасна жителка.

Кога го посетивме селото, само мал дел од помладите жители можеа да се видат на улиците или во дворовите, додека правеа пауза од земјоделските активности. Разговаравме со десетмина, кои, иако рекоа дека не би имале против сегашната депонија да се претвори во современ капацитет за селекција, не знаеја воопшто дека такво нешто се планира.

„За тоа не знаеме ништо. Никој не ни кажал“, одговорија неколкумина, оставајќи дилема дали недостигот од отпор во ова село е поради желбата да се реши сегашниот еколошки проблем или поради неинформираност.

Се обидовме да добиеме одговор на ова прашање од градоначалникот Славе Андонов, но поради зафатеност, тој не одговори.

Министерството ќе ја подигнува свеста

Вегетацијата во населените места често е „украсена“ со отпадоци | Фото: БИРН

Додека траат сите дебати и препукувања и додека власта тактизираше со локалниот отпор, од Европската Унија се множат предупредувањата дека проектите премногу се одолжуваат и се доведува во ризик нивното финансирање. И уште поважно, ѓубрето продолжува да се слева во над 50 ѓубришта без никаков еколошки стандард, кои локалните власти ги нарекуваат депонии.

Од ресорното министерство, пак, се уверени дека сето тоа ќе престане.

„МЖСПП останува посветено на спроведување на почнатите проекти, односно искористување грант средствата од ЕУ и заемот од ЕБОР. Секој отпор од граѓаните сметаме дека доаѓа од недоволна информираност и за таа цел вработените од МЖСПП се редовно на терен со граѓаните, а подготвивме Национална кампања за подигнување на свеста и едукација на населението за придобивките од регионалното управување со отпад“, одговорија за БИРН од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Оваа публикација е изработена со финансиска поддршка на Европската Унија. Содржината на публикацијата е единствена одговорност на БИРН и не мора да ги ги одразува ставовите на Европската Унија.