Вести

Ревизија: Трошоци има, сметките ги нема

Ревизорите нашле мошне неуредна документација во општината Охрид | Фото: БИРН

Институции плаќале за услуги, но не воделе евиденција со која може да потврдат дека тие навистина биле извршени и парите биле правилно потрошени. Последната серија извештаи што ги објави Државниот завод за ревизија содржи поголем број забелешки од овој тип.

Во речиси целиот извештај за Општина Охрид се забележува дека ревизорите не можеле да утврдат дали локалната власт ги трошела парите на граѓаните оправдано и ефикасно, бидејќи немало документи. Тоа се сретнува и во извештајот за Општина Свети Николе, за Фондот за здравствено осигурување и за други органи на власта.

Ова е една од најчестите забелешки во ревизорските извештаи воопшто. Ревизорите нагласуваат дека со неводењето евиденција се зголемува ризикот дека парите на граѓаните се трошат несоодветно, односно не може да се оправдаат трошоците. Кога нема документи, не може да се утврди ниту дали имало злоупотреби на јавните пари.

Полупразни фактури

На „Охридски комуналец“ му се плаќало, но нема евиденција колку исчистил | Фото: БИРН

Општинарите од Охрид, на пример, веќе ја користат доградбата на општинската зграда, вредна околу 500 илјади евра, иако на неа не е извршен технички прием. Со тоа, како што се забележува во ревизијата, не само што се употребува зграда, чија безбедност не е проверена, туку и нема документ со кој би се потврдило дека во објектот е вградено сѐ што било договорено.

Не се водела ниту евиденција за тоа колку чисти јавното претпријатие „Охридски комуналец“, иако му се исплаќала целата сума од 11 милиони денари предвидена во општинската годишна програма за јавна чистота. Ревизорите побарале за податоци колку работници ангажирало претпријатието за овие пари, колкави површини исчистило, за колку работни часови и друго, но такво нешто немало во општината. Оттаму им одговориле дека одговорното лице што ги потпишува фактурите претходно проверувало дали „Комуналец“  ја завршил работата, но, сепак, евиденција за проверките немало.

Оваа практика се применувала и кон приватни фирми. На локална телевизија во 2017 година ѝ биле исплатени 1,6 милиони денари (26 илјади евра) според фактурите што ги доставувала за објавување соопштенија, информативни емисии, спотови, телопи, емитување во живо итн. Договорот со телевизијата бил склучен во 2013 година. Во фактурите немало детали за термини кога биле емитувани содржините, бројот на емитувања, ниту друг доказ дека услугата што била платена, навистина била извршена.

Немало ниту евиденција за тоа кој, кога и како ги троши тонерите, другите канцелариски материјали, нафтата за греење итн. Ревизорите не добиле ниту извештаи за што се потрошиле парите што општината ги дала за организацијата на летниот фудбалски камп „Барселона“ и за музичкиот фестивал „Охрид колинг“ (по еден милион денари). Им било одговорено дека тие настани биле важни за туризмот во градот и затоа решиле да ги поддржат.

Над 130 илјади евра биле потрошени во програмата за спорт, со која биле давани субвенции на спортски клубови. Од 19 спортски здруженија што добиле помош, само две испратиле извештаи како ги потрошиле парите на граѓаните што им ги дала општината. Најголемиот дел од овие пари, речиси 90 илјади евра, биле доделени на приватен ракометен клуб, само со одлука на советот, без да се потпише договор со кој би се регулирале правата и обврските меѓу клубот и општината.

Светло има, податоци нема

Општината Свети Николе плаќала за електрични материјали, но не водела сметка каде се поставуваат| Фото: БИРН

Иако во помал обем, со оглед на големината на општината, слични забелешки се објавени и во ревизорскиот извештај за Свети Николе. Таму се потрошиле два милиони денари за спорт, култура и за поддршка на невладини организации, без утврдени критериуми според кои се делат парите.

И оваа општина плаќала за услуги без да води евиденција за извршувањето. Потрошила околу 1,8 милиони денари за одржување на уличното осветлување, а во фактурите пишувало само кои материјали биле купени, светилки, кабли и друго. Немало податоци кој ден и на кои улици била извршена интервенцијата, како и каков дефект бил поправен.

Два милиони денари му биле доделени на јавното комунално претпријатие „Комуналец“ за реконструкција на три водоводни линии и на колектор, иако не бил потпишан договор за тоа (парите се платени само со одлука на советот), а претпријатието не било ниту регистрирано за такви дејности. Освен тоа, „Комуналец“ доставувал само податоци за тоа какви материјали купувал за извршените работи (вентили, цевки, црева, хидрантски капи, приклучоци и друго), а не и извештаи за извршената работа.

Фондот за здравство, пак, иако доделува и над седум милиони евра годишно за лекување пациенти во странство, нема воспоставено систем за контрола со кој ќе ја анализира успешноста на лекувањето во поединечни болници.