Анализи

Ревизорите бараат начин како обвинителството да ги чуе

Државниот завод за ревизија сака да има поголема улога во општеството | Фото: БИРН

Сместени на највисоките катови од барокната палата „Емануел Чучков“, државните ревизори имаат панорамски поглед на центарот на Скопје, каде што се наоѓаат најважните државни институции. Тие гледаат и многу подлабоко од тоа, во документите на секоја институција што располага со народните пари и утврдуваат голем број неправилности, кои засега главно остануваат во нивните извештаи.

Државниот завод за ревизија годишно изготвувал меѓу 50 и 150 извештаи за регуларност, во кои наоѓа голем број забелешки, од технички недоследности до прекршувања на законите. Но, пребарувањето низ архивата на одлуки на судскиот портал покажува само еден случај во кој ревизијата поттикнала истрага, било подигнато обвинение, и јавниот функционер бил осуден (во овој случај условно) поради наодот на ревизорите. Има повеќе случаи во кои ревизорските извештаи биле користени, но, само како дополнителни докази во кривични, граѓански и во управни спорови.

Незадоволни од слабите ефекти од нивната работа, ревизорите сметаат дека е потребна поблиска и формализирана соработка меѓу нив и Јавното обвинителство.

Новинари се спасиле од клевета, но функционерите не одговарале

Судскиот портал на Врховниот суд содржи архива на одлуките на сите судови во земјава, од основните судови во сите градови до Врховниот суд. Зборовите „завод за ревизија“ може да се видат во помалку од 200 пресуди, од кои половината се за управни спорови, потоа за граѓански, а најмалку се сретнуваат во кривичните постапки. Во управните постапки ревизијата најчесто се споменува во образложенијата на пресудите, а во граѓанските постапки делови од ревизорските извештаи се користеле како докази во корист на една од страните.

Делови од ревизорските извештаи како докази се користеле и во кривичните постапки, на пример во судовите во Велес и во Штип, каде што на градоначалници и на управители на јавни претпријатија им се судело за злоупотреба на службената положба. Но, таму тие биле употребени како дополнителни докази што укажувале на некои околности и не биле главната причина за поведување постапка.

Во управните постапки ревизијата најчесто се споменува во образложенијата на пресудите, а во граѓанските постапки делови од ревизорските извештаи се користеле како докази во корист на една од страните.

На пример, во судска одлука против поранешен градоначалник на една општина се вели дека „ревизијата утврдила повеќе неправилности во работата на градоначалникот и тоа во врска со издавање одобренија за градба и со спроведувањето на јавните набавки“. Цитираните наоди не се однесуваат на конкретниот предмет поради кој тој бил обвинет туку служеле само за да го опишат како личност.

Има и најмалку два парадоксални случаи во кои новинари обвинети за клевета се одбраниле искористувајќи ги ревизорските извештаи. Судовите одлучиле дека тужителите не се во право кога бараат отштета за клевета, бидејќи со ревизија било утврдено дека тие навистина го сториле она што било објавено во новинарските прилози. Пребарувањето низ судската архива не дава никакви резултати дека тие потоа одговарале за тоа што било утврдено со ревизијата и со написите на новинарите.

Единствениот случај што може да се најде во онлајн-архивата за осуден функционер поради ревизорски наоди се однесува на поранешен генерален секретар на Владата, кој добил условна казна, затоа што склучил договор за преводи на закони и платил милион денари за тоа, но ревизорите не можеле да потврдат дека услугата навистина била извршена.

Ревизорите утврдиле дека во Општина Прилеп се вршел превоз на ученици без тендер | Фото: Роберт Атанасовски

Превоз без тендер и ценовници без потпис

Само во последните два месеца од минатата година ревизорите испратиле три извештаи до Јавното обвинителство, но немале одговор дали се постапило по нив.  Ова е наведено во анализата  за работата на ДЗР на Вестминстер фондацијата, Центарот за економски анализи и Институтот за комуникациски студии. Во анализата се открива дека за многу аспекти од работата на три институции ревизорите изразиле неповолно мислење.

Во локалната самоуправа во Прилеп, на пример, не се изготвувале налози за користењето на службените возила, за тоа дали се оправдани трошоците за гориво за нив. Превозот за учениците од средното образование се вршел без тендер во учебната 2014/2015 година, а со задоцнет тендер во 2015/2016 година.

Општината потрошила двојно повеќе пари од предвидените за скулптура на Крали Марко, склучувала договори за градба без да го наведе рокот за извршување, ангажирала работници на привремено за да извршуваат редовни работи, немала програма за трансферите до здруженија и фондации итн.

Во извештајот за Клиниката за пулмологија и алергологија, испратен до обвинителите и цитиран во анализата, стои дека таа донела одлуки за цените за лекување приватни пациенти од земјата и од странство и за давање нестандардни услуги, но за нив немала согласност од министерот за здравство. Ревизорите навеле дека им била ограничена можноста да го проверат законското постапување и остварените приходи и расходи по таа основа.

Единствениот случај што може да се најде во интернет архивата за осуден функционер поради ревизорски наоди се однесува на поранешен генерален секретар на Владата, кој добил условна казна, затоа што склучил договор за преводи, но ревизорите не можеле да потврдат дека услугата навистина била извршена.

Во Клиниката за трауматологија, пак, се сторнирале фискалните апарати на кои во одредени денови прометот достигнувал и до 200 илјади денари, без да постојат документирани објаснувања за тоа. Ревизорите забележале дека во најмалку 23 случаи им биле дадени здравствени услуги на пациенти што не биле наплатени или биле делумно наплатени. Вкупната вредност на тие услуги била околу 30 илјади евра.

Од обвинителството за БИРН потврдија дека примиле ревизорски извештаи за повеќе институции и не навлегувајќи во повеќе детали додаваат дека се прибираат докази за што е потребно подолго време.

„Веднаш по добивањето на Извештаите од ДЗР започнато е со постапување, издадени се низа наредби до Министерството за внатрешни работи, Управата за финансиска полиција и до други институции за прибирање на докази и известувања и активно се преземаат дејствија за расветлување на наводите содржани во извештаите “, велат од Јавното обвинителство во одговорот испратен по електронска пошта.

Ревизорите и минатата година се пожалиле дека за 2016 година до Јавното обвинителство испратиле седум извештаи, но исто така не знаеле дали се постапува по нив. Генералниот секретар на Државниот завод за ревизија, Александар Поповски, смета дека Јавното  обвинителство генерално не ги користи наодите од ревизорските извештаи.

Можат меѓусебно да си помагаат

Контакти меѓу ревизорите и Јавното обвинителство има, но тие се само во делот на стручната соработка, објаснува Поповски.

Според него, за продлабочена соработка со ЈО, најдобро е двете институции може заедно да ја утврдат формата на соработка, дали тоа би било заедничко тело што ќе се состанува периодично, посебно обучени обвинители за да постапуваат по ревизорските наоди и други слични механизми.

„Ова е потребно за да се смени перцепцијата на јавноста дека се утврдуваат неправилности, а никој никогаш не одговара. Двете страни имаат потреба да си помагаат “, објаснува Поповски.

Генералниот секретар на Државниот завод за ревизија, Александар Поповски, смета дека обвинителството генерално не ги користи наодите од ревизорските извештаи

Јавниот обвинител Љубомир Јовески смета дека обвинителството и досега постапувало по наодите во ревизорските извештаи, без поголеми потешкотии. Според него, нема потреба од специјализирани обвинители за оваа област, бидејќи ја разбирале материјата и секаде каде што ќе видат дека има елементи на кривично дело, отвораат истрага.

„Ние им даваме соодветен третман на ревизорските извештаи, а јас побарав тие да се разгледуваат уште посериозно. Ако ревизорите сакаат поголема соработка, можеме да ја воспоставиме“, додава Јовески.

Заменик-министерот за правда, Оливер Ристовски, се согласува дека е потребна поголема соработка меѓу Јавното обвинителство и ревизорите, но дека двете институции треба да го најдат соодветниот начин.

„Засега не се во план законски измени што би ја формализирале таа соработка, но ние како министерство сме подготвени да помогнеме ако тоа се побара од нас“, додава Ристовски.