Во Министерството за правда се делеле хонорари на комисии за неисполнети обврски, се отпишувале предмети од евиденција без да се знае каде завршиле, се точело гориво без контрола, се возело нерегистрирано возило, и се натрупувале неправилности при изградбата на новата фасада и на зградата на Кривичниот суд.
Еден работен ден пред новата министерка Рената Тренеска-Дескоска да го преземе овој ресор, Државниот завод за ревизија го објави извештајот за работењето на Mинистерството во година, кога инсититуцијата ја предводеа Аднан Јашари и Валдет Џафери, кои, исто како и нејзиниот директен претходник, Биљен Салији, беа кадри на ДУИ.
Генералната оценка на ревизорите е дека изразуваат резерва во врска со вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста со законската регулатива при работата на Mинистерството. Во извештајот на 29 страници се наведени поголем број неправилности за кои се вели дека создавале ризици од неприменување на законите, несоодветно трошење на парите и фаворизирање компании.
Комисии земале плата, а одвај нишале и врата
Во рамките на Mинистерството функционирале повеќе комисии на чии членови им биле исплаќани надоместоци, иако, како што се вели во извештајот, ревизорите не добиле докази дека тие целосно ја извршиле својата работа.
Една од нив била Комисијата за воедначување на казнената политика, формирана според Законот за одредување на видот и за одмерување на висината на казната. На седумтемина членови од оваа Kомисија им следувал надомест од по една просечна месечна бруто плата, па во 2016 година си поделиле околу 46 илјади евра.
Ревизијата утврдила дека иако тие требало да одржуваат по четири седници месечно според Статутот, само во два месецa ја исполниле оваа обврска, а во седум месеци одржале по една, две седници или, пак, воопшто немале. Ревизорите забележуваат дека иако одржувањето на седниците било воведено како правило, тоа не се поврзало со исплатата на надоместоците, што значи дека и да немало седници, хонорарите си останувале исти.
Дури и од одржаните седници, на членовите на ДЗР не им биле дадени записници. Бидејќи во 2017 година Уставниот суд го укинал Законот за одредување на видот на казната, оценувајќи дека со него законодавната власт се меша во судската, оваа комисија останала без работа и затоа од ДЗР не издале препораки во врска со нејзиното работење.
Комисијата ја предводеше обвинителот Јован Илиевски, познат како баџанак на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков. Членови биле поранешниот прв антикорупционер Ѓорѓи Сламков, судијките Гордана Сајковска и Татјана Дуковска, обвинителот Неџат Елези, професорката Арта Билали и, по предлог на адвокатската комора, охридскиот адвокат Љубчо Наумовски. Наумовски на јавноста ѝ е познат како адвокат на Гордана Јанкулоска и на Едмонд Темелко во предметот „Титаник“, а неговиот соработник Ристо Китески во 2016 ја поднесе претставката до Уставниот суд во врска со Законот за помилување, со што се отвори патот за аболицијата од претседателот Ѓорге Иванов.
Другата комисија што била исплаќана, иако не си ја завршила работата навреме, била Комисијата за изготвување граѓански законик, формирана уште во 2010 година. Таа требало за пет години да направи граѓански законик во пет книги: општ дел, наследноправни односи, стварноправни работи, облигациони односи и семејноправни работи.
Според информација објавена во Службен весник во јануари 2011 година, таа имала 12 постојани членови меѓу ко претседателот Гале Галев, 13 членови по функција меѓу кои министрите Владимир Пешевски и Зоран Ставрески, 14 надворешни советници што биле професори од странски држави, како и специјални советници и други членови.
Ревизорите утврдиле дека во Комисијата се исплаќале хонорари од 12 илјади до 70 илјади денари, а немало мерливи критериуми зошто се толкави разликите. Потоа, таа не поднесувала извештаи на секои три месеци, а до јануари 2016, до кога требало целосно да ја заврши работата, немала завршено ниту една од петте книги. За првата книга немало ниту нацрт-текст.
Градителите брзи на тендер, бавни на терен
Во ревизорскиот извештај се опфатени и повеќе детали во врска со изградбата на два објекта од проектот „Скопје 2014“, односно фасадата на Министерството за правда и зградата на Кривичниот суд.
За фасадата на Министерството е наведено дека условите поставени за учество на тендерот биле ограничувачки за конкуренцијата и создавале сомнеж за фаворизирање на одредени компании. За оние што успеале да учествуваат, критериумите да ја добијат работата биле најниската цена (80 бода) и најбрз рок (20 бода). Победникот се обврзал да ја изгради фасадата за 10 месеци, но наместо тоа ја правел три години и склучил десет анекси со кои вредноста на работите се зголемила за 18 отсто, на 3,42 милиони евра. Објектот бил ставен во употреба во 2015 година, иако добил употребна дозвола дури во 2017 година. На ревизорите им било воочено дека неиспочитуваниот рок од 10 месеци за изградба не бил клучен за избраната компанија да го добие тендерот.
Слични недостатоци биле утврдени и кај зградата на Кривичниот суд, која прво била градена со поддршка на Светска банка, а потоа била преземена како инвестиција на Министерството за правда. Првичниот рок за изградба на објектот бил 18 месеци. Но, тој бил пролонгиран 14 пати и работите се одолжиле четири години. Биле склучени 26 амандмани на договорот со кои вредноста на објектот се зголемила за 12 отсто, на речиси 8,5 милиони евра.
Погрешни пресметки, недостатоци во изведбените проекти, испуштени позиции и непредвидени работи биле наведени како дел од причините зошто изградбата се одолжила и зошто со анексите била зголемена вредноста.
Сомнителни трошоци капка по капка
Поголем број „ситни“ неправилности во вредност од неколку илјади до неколку десетици илјади евра исто така биле регистрирани со ревизорскиот извештај. Меѓу нив, над 20 илјади евра биле потрошени за репрезентација од вработени што немале овластување од министерот за да прават такви трошоци.
Околу 20 илјади евра биле потрошени и за гориво за службените возила, без да постои интерен акт што ќе ги регулира овие трошоци. Било забележано дека во исто возило било точено гориво по двапати, дури и трипати во ист ден, или, пак, во повеќе денови последователно. Сомнителните трошоци за возилата не завршиле тука. Биле склучени договори со повеќе компании за набавка на резервни делови во вредност од над 11 илјади евра. Ревизорите утврдиле дека повеќе од половина од тие пари биле потрошени за резервни делови што не биле според техничката спецификација наведена во договорите.
Меѓу возниот парк на Министерството се нашол и автомобил „фолксваген лупо“, кој бил преземен од Владата, но не бил регистриран, бидејќи бројот на шасијата бил уништен, а документите за него биле во суд.
И пред пожарот што зафати дел од канцелариите во Министерството годинава, Правда била институција од која исчезнувале предмети поради начинот на чување. Во ревизијата е наведено дека при преселбата во 2012 година, опремата, како клима-уреди, радијатори и врати, била складирана во армиски магацин во Ѓорче Петров. Но потоа, бидејќи на војската ѝ требал тој магацин, предметите биле пренесени во друга просторија што немала соодветни услови за чување, па тие биле оштетени од влага и не можело да се направи попис што од тоа е зачувано и употребливо. При преместувањето не бил присутен претставник на Министерството.