Приштина
Ага е мало момче, Албанче од Косово, чиј татко исчезнал и кое живее во куќа со пет жени, жртви на сексуално или семејно насилство.
Тој на една од нив ѝ го спасува животот, спречувајќи ја, во последен момент, да се самоубие. И како што во филмот течат драматичните попладневни и вечерни часови, тече и приказна за овие пет жени, која ја истражува реалноста на исклучениот и маргинализиран дел на косовското општество.
Ова е сценариото на филмот „Куќата на Ага” на Лендита Зеќирај, наградувана режисерка од Косово, која, како што самата вели, сакала да ги истражи страдањата на жените кои биле сексуално злоставувани за време на војната 1998-1999 година или биле жртви на семејно насилство.
„Стигмата е една од работите што најмногу ги убива. Во Косово постојат многу жртви на сексуално насилство, кои молчешкум ја трпат својата драма”, вели Зеќирај, во интервју за БИРН.
Оваа 46-годишна режисерка, автор на девет кратки и документарни филмови, објаснува дека општествените предрасуди, на овие жени, дополнително им го обременуваат страдањето.
„Постојат илјадници силувани жени, а ние имаме само две или три кои проговорија во јавноста. Зошто е тоа така? Бидејќи нивните семејства не ги прифатиле и не ги поддржале. Средината, надвор од семејството, е уште посурова, па така, имаме мултиплицирани жртвите”, вели Зеќирај.
„Жените, жртви на сексуално насилство, немаат поддршка. Тие и понатаму ја трпат траумата од војната, од којашто никогаш не се опоравиле. Постои генерација на деца кои виделе страшни сцени и кои пораснале со ваква траума”, додава таа.
Конфронтација со предрасудите
Сцените во нејзиниот филм не се драматични, но затоа пак драматични се приказните, бидејќи тие допираат теми кои сѐ уште се многу чувствителни, и не само во Косово. Покрај стигмата што постои во врска со силувањето, Зеќирај, како што самата вели, сакала да се конфронтира и со патријархалноста и предрасудите што дополнително ги обременуваат животите на жртвите.
„Како општество, ние многу не се занимававме со овие работи. Дури и уметноста не се занимаваше толку со сексуалното насилство“, објаснува таа.
Нејзиниот филм ја одразува сегашната ситуација во Косово. Минатата година, по две децениска борба, косовската влада им го призна на жртвите на воено силување, статусот – жртви на војната, со што им беше овозможено да добиваат месечна пензија од 230 евра.
Во октомври, една телевизиска куќа емитуваше интервју со Албанка од Косово, во кое таа проговори за своето искуство како воена жртва на силување, но и за својата безуспешна борба да добие правда на суд, со што стана втора жена во оваа земја, која јавно ја сподели својата приказна.
Зеќирај истакнува дека таа веќе добила позитивни реакции на филмот „Куќата на Ага”, кој набрзо треба да ја има својата премиера.
„Првите коментари на критиката се многу охрабрувачки. Очекувам луѓето да се пронајдат во овој филм; тој е одраз на нашиот секојдневен живот“, истакнува таа.
Филмот претставува скица на Косово во изминатите три децении, но и глас на жените што преживеале насилство за време на војната или во своето семејство.
„Не се работи само за емоции”, објаснува Зеќирај. „Туку и за можноста, луѓето да се натераат, да ја почувствуваат нивната реалност и болка, барем на само неколку минути”.