Регион

Косово: Првите команданти на ОВК, повикани на разговор во Хаг

2018 година за Косово завршува со најава дека е можно да бидат поднесени обвиненија за воени и повоени злосторства

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Дие Морина, Приштина

Косовското собрание во 2015 година усвои закон со кој беше овозможено работењето на Специјализираните совети и Специјализираното обвинителство, но првите знаци дека е можно да дојде до поднесување на обвиненија, се појавија дури во декември оваа година, кога Специјализираното обвинителство повика неколку поранешни припадници на ОВК, на разговор во Хаг.

По три години, Специјализираното обвинителство својот прв повик му го упати на Рустем Мустафа, познат како Реми, поранешен командант на ОВК, кој во Хаг треба да се појави на 14 јануари, иако сѐ уште не е јасно дали тој е повикан како осомничено лице или како сведок.

Специјализираниот совет и Специјализираното обвинителство на Косово, се дел од судскиот систем на Косово, со седиште во Хаг. Нивна задача е да спроведат истраги и да ги гонат осомничените за злосторства извршени за време и по војната 1998-2000 година во Косово.

Се очекува, пред овој таканаречен Специјален суд ,да бидат обвинети високи личности на ОВК, за наводни злосторства поврзани со убиства, киднапирања, незаконско апсење и сексуално насилство. Досега, во јавноста нема информации за поднесени обвиненија.

На разговор во Хаг се повикани и поранешниот командантот на ОВК за регионот Дреница, Сами Луштаку, и поранешниот шеф на воениот суд на ОВК, Сокол Добруна.

„Претпоставувам дека би можел да бидам или сведок, или обвинет, но не знам зошто ме повикаа“, изјави Добруна.

Сепак, поранешниот командант на ОВК, Ремзи Шала, во војната познат по прекарот „Црвено јаболко“, изјави дека нема да се јави на оваа покана, бидејќи, како што нагласи, не им верува на Специјализираните совети на Косово, пред кои, како што се очекува, ќе им се суди на високи членови на ОВК, кои претходно ќе бидат обвинети од страна на Специјализираното обвинителство.

Таканаречениот Специјален суд е, во голема мера, непопуларен во Косово, и покрај тоа што е дел од правниот систем на земјата. Многу косовски Албанци сметаат дека ова ја деградира, како што велат, праведната војна на ОВК за ослободување на Косово од српска власт.

Косовскиот премиер, Рамуш Харадинај, и самиот поранешен командант на ОВК, кого Хашкиот трибунал го ослободи од обвиненијата дека извршил воени злосторства, откако обвинителството ги повика неговите поранешни соборци на разговот во Хаг, изјави оти тие треба да соработуваат со обвинителството. „Борбата на ОВК беше праведна и света и тоа ќе биде докажано“, рече тој.

Од Специјализираното обвинителство досега не потврдија дека ги повикале овие лица на разговор.

Портпаролот на обвинителството, Кристофер Бенет, изјави дека „Специјализираното обвинителство не дава информации за статусот на истрагите, но оти има намера да обезбеди целосна истрага на сите наводи од извештајот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, кој беше напишан од швајцарскиот сенатор, Дик Марти“.

Во извештајот на Марти, објавен во 2010 година, се вели дека некои високи членови на ОВК се одговорни за сериозни повреди на човековите права.

Апсења на осомничени во врска со убиството на Ивановиќ

Полицијата на местото на убиството на Оливер Ивановиќ, кој беше застрелан во Митровица во јануари. Фото: ЕПА

Оливер Ивановиќ, лидер на партијата „Слобода, демократија, правда“, беше убиен пред седиштето на оваа партија во Митровица, во јануари 2018 година, но на властите им требаше речиси една година за да ги уапсат првите осомничени лица.

Се чинеше дека истрагата, водена во атмосфера на непријателство и слаба соработка меѓу Косово и Србија, не води никаде, сѐ до акцијата на косовската полиција во Митровица, која резултираше со апсење на три лица, наводно поврзани со убиството.

Двајца од уапсените се припадници на косовските полициски сили, а третиот е навивач на фудбалскиот клуб „Партизан“ од Белград. Обвинителите веруваат дека тие само индиректно учествувале во убиството и дека лицето кое стрелало во Ивановиќ, е сѐ уште на слобода.

Уапсена и кратко задржана беше и поранешна секретарка на Оливер Ивановиќ, која работи во седиштето на неговата партија, под сомнение дека манипулирала со безбедносните камери во седиштето на партијата.

Осомничен во овој случај е и Милан Радоичиќ, потпретседател на најголемата партија на косовските Срби, Српска листа. Тој го избегна апсењето и побегна во Србија.

Ивановиќ, непосредно пред да биде убиен, го окарактеризира Радоичиќ како вистински владетел на северот во Косово.

Во соопштението за кое се верува дека на Фејсбук страницата на Српската листа, го објави Милан Радоичиќ, се вели дека во неговиот дом дошле „армија до заби вооружени луѓе, само со една цел – да ме убијат”. Српскиот претседател, Александар Вучиќ, изјави дека Радоичиќ е невин.

Во времето на убиството, на Ивановиќ му се судеше во обновен судски процес по обвинението дека дал наредбата за убиство на Албанци во Митровица во 1999 година. Тој, тогаш изјави, дека не е виновен.

Потврдена ослободителната пресуда на Фатмир Лимај

Фатмир Лимај во судница во 2017. Фото: Атхе Мула

Во ноември, Апелацискиот суд ја потврди пресудата со која поранешниот командант на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Фатмир Лимај, и актуелен заменик премиер на Косово, беше ослободен од обвинението дека е одговорен за убиство на двајца цивили, косовски Албанци, извршено во 1998 година.

Со оваа одлука, тој е ослободен од обвиненијата дека како командант на ОВК, во октомври 1998 година, не презел разумни и неопходни мерки, за да го спречи убиството. Според обвинението, Лимај ги видел телата на жртвите и бил свесен за злосторството.

Апелацискиот суд додаде дека на првото судење не бил презентиран „ниту еден доказ дека обвинетиот го сторил кривичното дело”.

Инаку, судовите во Косово и во Хаг, претходно неколку пати, на овој поранешен командант на ОВК и актуелен политичар, лидер на партијата НИСМА (Социјалдемократска иницијатива), му изрекоа ослободителни пресуди по обвиненијата за воени злосторства.

Оваа година, поранешниот српски полицаец, Зоран Вукотиќ, беше ослободен од обвинението дека извршил воени злосторства над цивилното албанско население во Косово.

Вукотиќ во март беше прогласен за невин дека во 1999 година, претепал, а потоа и убил четворица цивили од албанска националност и дека учествувал во незаконско притворање на 17 цивили во поранешната земјоделска задруга во Вучитрн.

Тој беше ослободен и од обвинението дека намерно и насилно ограбил пари, злато и други скапоцени предмети, од осум албански цивили.

Во друг предмет, во октомври оваа година, Основниот суд во Приштина го прогласи Скендер Бислими за виновен за воени злосторства извршени над цивили, етнички Албанци, во Косово Поле.

Обвинителството на судењето тврдеше дека Бислими, заедно со уште десет други лица, припадници на паравоена формација, поставил пункт на раскрсницата во Косово Поле, каде што биле мачени косовски Албанци, кои биле принудени да ги напуштат своите домови, три дена по почетокот на бомбардирањето на НАТО, во март 1999 година.