Истражувањa

Романски рулет

Занемарувањето, незнаењето и влијанието на индустријата подигаат сомнежи за заложбата на Романија во борбата против скриеното зло на зависноста од коцкање

Пишува: Дијана Месесан / Букурешт, Бузјаш, Хелсинки

Стуткан под чадор, Дан чекори низ дождот едно априлско попладне во Букурешт.

Само што не наполнил 40 години и веќе има неколку бели влакна како доказ за тоа.

Инаку, на витото тело на Дан нема ниту една трага од зависноста, која започнала пред 20 години. Неговите очи зад очилата со тенки рамки не се крвави; неговите раце немаат траги или модринки од игли.

Тој оди кон казиното во една безлична област на главниот град недалеку од местото каде што работи, убеден дека изгубил речиси сè.

„Луѓето веруваат дека сите човечки суштества се способни да преживеат”, вели Дан, псевдоним што го користиме за да го заштитиме неговиот идентитет. „Но, неговата природа не е таква”.

Казината станале сеприсутни низ цела Романија, откога првата голема сала за хазардни игри ги отворила своите врати во централната железничка станица во Букурешт во пролетта 1990 година, само неколку месеци откако паднала комунистичката власт на Николае Чаушеску со големи протести на народот и неговото стрелање на Божиќ.

Обидувајќи се да добие контрола врз нивното ширење, романскиот парламент во мај 2015 година го одобрил законот за хазардни игри кој, меѓу другото, предвидува мерки за справување со злото од оваа зависност.

Но, истрагата за Балканската стипендија за новинарска извонредност се сомнева во подготвеноста на романските власти и индустријата на игрите со среќа да се справи со проблемот.

Одговорноста за справување со зависноста, Законот ја става во рацете на самите казино-оператори кои профитираат од тоа, а психолозите ангажирани од страна на индустријата да им помогнат на таквите како Дан, имале деловни интереси во хазардните игри. До денес, не е постигнат никаков напредок во спроведување на мерките за спречување на зависноста.

„Јавното здравство е подредено на интересите на приватните компании”, изјави Еуген Хриску, психијатар и основач на невладината организација „Алиат“ која се занимава со справување со различни форми на зависност.

„Зависниците не постојат за романската држава”, вели тој. „Во моментов е хаос, во кој казината се единствените победници”.

[cincopa AQNAFwdfLyW7]

Инсајдери

Помеѓу 2004 и 2013 година, бројот на слот машини во Романија се зголемил за четири пати достигнувајќи до 62000, покажуваат бројките на Европската федерација за игри на среќа и забавни игри.

Во 2014 година, државата собрала 147 милиони евра од издавањето лиценци и дозволи за игри на среќа, вели Националната канцеларија за хазардни игри (ОНЈН) државен орган што ја надгледува индустријата за игри на среќа. Околу 87 отсто од заработката е од операторите на слот машини што се омилени меѓу сиромашните и зависниците. Приходите на државата во 2015 година се зголемиле за 266 милиони евра.

Некои експерти предупредуваат дека бројките зборуваат за растечка зависност во втората најсиромашна земја во Европската унија, како и недостаток од регулатива што е присутен низ целиот Балкан, каде сиромашните држави сметаат дека хазардните игри се безопасни, но вреден извор на приход.

Во истражувањето од 2016 година нарачано од страна на две големи организации за хазардни игри во Романија „Ромслот“ и „Романските букмејкери“, се проценува дека бројот на оние што оваа индустрија ги нарекува „проблематични коцкари” е околу 98000 луѓе, на нешто помалку од 20 милиони жители.

Меѓутоа, Хриску вели дека бројот на зависници е речиси сигурно стотици илјади, додека Сорин Констатинеску, претседателот на Казино асоцијацијата во Романија, за БИРН изјави: „зависноста од коцкање се влошува во последните неколку години. Ние како организатори гледаме сѐ повеќе зависници од порано”.

Константинеску вели дека казино-операторите ја препознале потребата „да ги освестат луѓето дека треба да го гледаат коцкањето како начин да се забавуваат, а не начин да си го уништат семејството”.

„Нормално е што сакаме да правиме пари, но не сакаме да заработуваме по секоја цена или да уништуваме луѓе”, вели тој. „Коцкањето е математика. На крај парите ни се враќаат, но ние се обидуваме да користиме методи кои се во ред, кои се колку што е можно пофер за луѓето, а не да ги турнеме возависност”.

Но, противниците не се толку убедени во тоа.

Законот одобрен во мај 2015 година повика на создавање на „фондација од јавен интерес”, во чиј одбор ќе бидат главните здруженија за хазардни игри во Романија и која ќе биде задолжена за спроведување програми наменети за спречување и лекување на зависноста од коцкање.

Законот, исто така, предвидува создавање на фонд, раководен од страна на ОНЈН, за спречување на зависноста. Секоја компанија што се занимава со хазардни игри ќе треба да уплатува 1000 евра годишно, додека интернет операторите и Националната лотарија по 5000 евра. Некои експерти проценуваат дека индустријата за хазардни игри има годишни приходи од милијарда евра.

Но, ниту фондацијата, ниту фондот, сѐ уште не се формирани.

Доколку сепак бидат формирани, ОНЈН и уште еден голем казино-оператор посочија дека ќе се повикаат на искуството со сопствената програма за борба против зависноста наречена „Одговорно коцкање“, единствената таква програма во земјата, предводена од двајца психолози, Лелијана Парвулеску и Стелијана Ризеану.

Консултантската фирма на Парвулеску која се занимава со „човековото однесување”,„Зивац“, меѓу своите клиенти ги вбројува компанијата „Светот на игри“, во сопственост на „Град на игри“ со седиште во Букурешт и асоцијацијата за хазардни игри „Романски букмејкери“.

Парвулеску, изјави за БИРН дека нејзината консултантска работа во „Светот на игри“ била фокусирана на „комуникација и личен развој”, и завршила пред таа да се придружи на „Одговорно коцкање“ во 2012 година и дека нејзината вмешаност со „Романските букмејкери“ е ограничена на нејзиното советување за справување со зависноста.

Таа смета дека нема конфликт на интереси.

„Индустријата за хазардни игри сака во своите казина да има многу играчи кои се забавуваат колку што е можно повеќе. Ние, психолозите во програмата ’Одговорно коцкање’ сме заинтересирани за истото, односно да има што повеќе коцкари кои се забавуваат, исто како во кината и театрите”.

Слично на Парвулеску, 57-годишната Ризеану, исто така, имала удел во индустријата за хазардни игри, чии зависници сега е задолжена да ги лекува.

Според трговскиот регистар на Романија, Ризеану и нејзиниот сопруг, Раду, отвориле компанија во 1994 година наречена „Рино трејдинг“, регистрирана за хазардни игри и обложување. Адресата на компанијата е иста како и на психолошката клиника „Аквамарин“ што ја води Ризеану и каде програмата „Одговорно коцкање“ ги упатува зависниците.

Ризеану изјави за БИРН дека „Рино трејдинг“ престанала со работа во 2009 година, една година пред таа да биде ангажирана во „Одговорно коцкање“. Компанијата сѐ уште е наведена во Трговскиот регистар на Романија, но се чини дека е во мирување.

Ризеану, исто така, инсистираше дека нема конфликт на интереси.

„Најпрво, програмата ’Одговорно коцкање’ е спонзорирана од страна на казино-операторите во индустријата за хазардни игри. Зошто? Бидејќи ним не им требаат коцкари зависници. Зависникот е пред сѐ човек кој нема пари, коцкар кој создава проблеми во казиното, како за вработените, така и за потрошувачите, како пијаница во луксузен ресторан”.

Од „Ромслот“, здружението на казино-оператори и главните засегнати страни во „Одговорно коцкање“ велат дека не биле свесни оти Ризеану претходно водела компанија за хазардни игри, но додадоа дека тоа не би требало да се смета за проблем „сѐ додека таа си ја врши својата работа во рамките на програмата”.

„Искрено, не го истражувавме ова во работната биографија на Стелиана Ризеану”, изјави извршната директорка на „Ромслот“, Виолета Радои за БИРН. „Ние го гледавме нејзиното професионално искуство. Таа е обучувач за обучувачи. Таа е универзитетски професор, и има напишано книги”.

Илустрација од Александра Гаврила

Илустрација од Александра Гаврила

Богати или сиромашни?

Наташа Дау Шул, културен антрополог од Универзитетот во Њујорк и автор на книгата „Зависноста како концепт“, вели дека индустријата за хазардни игри генерално има вложено големи напори за создавање на „митот” дека повеќето луѓе може да „се коцкаат за забава и дека тоа воопшто не може да ни наштети, речиси како да имаме некој вид физички имунитет на него. А потоа, тука е и онаа група која има проблеми”.

Погрешно помината младост

Група млади луѓе во фармерки и маици се собраа да спортуваат во кругот на зградата под летното сонце. Би можеле да поминат како студенти, доколку немаше решетки на прозорците.
„Најдолго што сум останал подалеку од [слот] машините се седумте месеци кога бев во затвор”, изјави 18-годишното момче од Букурешт наречен Aлексaндру.
Како и многумина од младите престапници во центарот за малолетници во Бузјаш во западна Романија, Aлексaндру е зависник од коцкање. Започнал на 15-годишна возраст, прекинувајќи го школувањето и работејќи обични работи. Кога немал работа, крадел за да ја финансира неговата зависност.
БИРН доби пристап до центарот од страна на Националната затворска управа и ги интервјуираше само оние млади престапници кои имаа наполнето 18 години и се согласија да зборуваат.
Националната канцеларија за хазардни игри во Романија (ОНЈН) и казино-операторите често ја истакнуваат важноста на тоа малолетниците да се држат подалеку од коцкањето.
Законот забранува коцкање на оние под 18 години. Операторите имаат право да побараат од клиентите доказ за нивната возраст, но и оние во Бузјаш велат дека правилата лесно се заобиколувале.
Казино-операторите во Романија не бараат клиентите да се регистрираат, па влезот генерално не е контролиран со помош на картичка, како во некои други европски земји.
Во интервју за БИРН, младите престапници велат дека тие добиле пристап до казината, бидејќи (а) „ги знаевме вработените, (б) „вработените беа фини и не пуштија внатре”, (в) „ни побараа лични карти, но не ги ни погледнаа”, (г) „отидовме со постари луѓе” и (д) „ни кажаа да се скриеме во тоалетите ако дојде полицијата“.
Психијатарот Еуген Хриску од невладината „Алиат“ изјави дека голем број зависници од коцкање кој тој ги сретнал започнале со коцкање на околу 14 или 15 години. Многу зависници со кои БИРН разговараше изјавиле дека започнале со коцкање како млади тинејџери.

Студиите во Австралија, Канада, Нов Зеланд и САД, сепак, укажуваат дека луѓето со коцкарски проблеми носат најмалку 40-50 отсто од приходите во индустријата за хазардни игри, со што се покренуваат очигледни прашања околу нивниот интерес да им помогнат да престанат со зависноста.

Според истражувањето од 2012 нарачано од казино-операторите и објавено на интернет на романски, просечниот корисник на слот машини имал месечен нето-приход од 290 евра. Просечната нето плата во Романија таа година била 342 евра.

Ризеану, сепак, го опишала типичниот романски коцкар како богат.

„Местата за коцкање и казината најчесто ги посетуваат луѓе со многу пари, кои може да играат на големи износи”, вели таа. „На компаниите не им требаат таксисти кои ги трошат сите нивни пари, а потоа жената доаѓа да плаче”.

Според испитувањето на австралиската влада од 2010 година, ризикот да се стане зависник се зголемува колку што се поблиску местата каде има хазардни игри.

Експертите од „Одговорно коцкање“, исто така, го оспоруваат ова. „Во нашиот случај тоа е различно”, вели Парвулеску. „Ако некој [од Романија] сака да оди, ќе оди. Ако не сака, нема да оди”.

На прашањето кои експерти ги консултира во врска со прашањето за зависноста од коцкање, од ОНЈН велат дека соработувале со „Одговорно коцкање“. Но, сепак, за нив зависноста не е итно прашање што бара решавање.

„Ако сте запознаени со постоењето на таков проблем, треба да ми ги кажете бројките. Ние, како институција, немаме никаква надлежност ниту пак статистички податоци кои би можеле да ни укажат на таква бројка”, изјави за БИРН Одета Нестор, раководителката на ОНЈН, во нејзината канцеларија во Букурешт, каде што имаше примерок од едно локално списание на индустријата за хазардни игри, со нејзина слика на насловната страна.

Пред да се приклучи на канцеларијата кога е основана во 2013 година, Нестор (40) работела како финансиски директор во голем број казина во Романија.

„Медиумите се преполни со самоубиства (поврзани со коцкање)”, вели таа, „но само помислете колку луѓе извршуваат самоубиство заради љубов или банкарски кредити”.

Романија не е единствената во Европа што одговорноста за програмите против зависност ја предава во рацете на казино-операторите. Меѓутоа, критичарите предупредуваат дека опасноста е поголема во случајот на Романија, каде регулативата е лабава и државата не успеала да се консултира или да ангажира независни стручњаци кои не им се потчинети на операторите.

Хриску од невладината организација за борба против зависности „Алиат“ вели: „Нивото на регулирање е многу ниско. Заради недостатокот на регулатива, куќата е таа што секогаш добива”.

Кристијан Паску, еден од основачите на романската асоцијација на организатори и продуценти на игрите на среќа, признава дека „тука има малку судир на интереси”.

Сепак, тој додава: „Едукацијата може да дојде од нас, бидејќи ние ги знаеме тајните на индустријата. Образувајте го потрошувачот да го разбере елементот на забава, дека доаѓа тука да помине одредено време, а не заради извор на пари. Играј одговорно. Но, тоа не е во природата на романскиот коцкар”.

Слот машините, вели тој, ги прават коцкарите да станат „малку мазохисти. Задоволство, болка, задоволство, болка, менувањето на поразот и победата, што води до лачење на допамин, серотонин”.

Илустрација од Александра Гаврила

Илустрација од Александра Гаврила

Бесплатна храна, пијалаци

Ситуацијата како во Романија се забележува во одреден степен низ цела Источна Европа, каде што големите западни оператори на хазардни игри видоа потенцијал за нов пазар по падот на комунизмот во раните 1990-ти. Регулативата оттогаш се труди да држи чекор со новиот тренд.

Во Романија, само неколку месеци по егзекуцијата на Чаушеску и неговата сопруга Елена, следеше отворањето на првата голема локација за хазардни игри во северната железничка станица „Гара де Норд“ во Букурешт, управувана од страна на подружницата на австрискиот коцкарски гигант „Новоматик“ во партнерство со романскиот фудбалски клуб „Рапид“.

Во неа имало 80 слот машини во дрвени каси.

„Орди луѓе чекале во ред пред салата, туркајќи ги вратите, па јас ги отворав побрзо”, вели Паску, кој почнал да работи како инженер, па станал со-сопственик. „Толку многу беа алчни по покер по револуцијата”.

Дан започнал со коцкање во средината на 1990-тите, како 20-годишен студент со малку пари. Тој вели дека одел во казината со пријателите заради бесплатната храна и пијалаците што ги нуделе за да ги привлечат клиентите.

„Давањето бесплатни пијалаци и храна очигледно им носело загуба на казината, но во реалноста тоа беше инвестиција во идните генерации зависници”, вели Дан. За време на бескрупулозната транзиција на Источна Европа кон капитализам во 1990-тите „казината постоеле да продадат надеж”, вели тој.

ОНЈН сега проценува дека во Романија има 70000 слот машини.

Експертите велат дека нивниот потенцијал за создавање зависност доаѓа од брзината со која се плаќаат добивките.

Овие машини во Норвешка биле забранети во 2007 година, каде што коцкањето е во сопственост на државата.

„Бројот на повици на телефонска линија за помош падна на под 50 отсто од сообраќајот пред нивното отстранување”, изјави за БИРН Руни Тимберлид, виш советник на Норвешката управа за игри на среќа.

„Казината беа таму за да продаваат надеж”

– зависникот од коцкање Дан за развојот на хазардните игри во Романија во периодот по падот на Чаушеску
Финска, каде што, како и во Норвешка, коцкањето е, исто така, национализирано, канализира голем дел од приходите и ги враќа во социјални каузи, вклучувајќи и третман за зависници.

Иако, финските претставници за борба против зависноста од коцкање, како и во Романија, се ефикасно финансирани од страна на индустријата за хазардни игри, тие се жестоки во нивната улога како застапници на зависниците од коцкање.

Мари Пајула, раководителка на „Пелури“, финскиот еквивалент на „Одговорно коцкање“, вели дека нејзината организација се обидела да задржи здрава дистанца од самата индустрија за хазардни игри.

„Ние ги критикуваме компаниите за хазардни игри како ги продаваат своите производи. Ние ја критикуваме политиката на распределба, фактот дека постојат слот машини во секоја продавница”, изјави на англиски јазик за БИРН, Пајула во Хелсинки.

„Ова е добро за финскиот систем, иако ’Пелури’ е финансиран од страна на индустријата, сепак може да ја критикуваме”.

Корин Бјоркенхајм, која раководи со Клиниката за борба против зависноста од коцкање во Хелсинки, програма под која спаѓаат разните третмани за зависност, вели: „Во идеален случај треба да има јасна граница меѓу индустријата и програмите за третман на зависноста”.

Правна конфузија

Нестор, од романското ОНЈН, вели дека одложувањето во формирањето на фондацијата и фондот било резултат на конфузијата во однос на врската што постои меѓу нив две.

Фер игра

Во 2013 година, Голдсмит, Универзитетот во Лондон, подготви извештај насловен како Фер игра: истражување за коцкањето.
Врз основа на истражувањата спроведени во Велика Британија, Европа, Австралија, Северна Америка, Хонг Конг и Макао, клучните наоди се:
* Идејата за „проблем со коцкањето” е политички корисна. Го фокусира вниманието на индивидуални коцкари, наместо на врската меѓу индустријата за хазардни игри, државата, производите и политиките
* Истражувањето во областа на коцкањето е силно зависно од поддршката на индустријата
* Програмите што обезбедуваат финансии даваат приоритет на банални прашања: истражувачите не можат самостојно да осмислат критички алтернативи, освен ако не сакаат да останат без финансиски средства
* Постои нетранспарентност во врска со влијанието на индустријата врз истражувањата и немаат професионален кодекс на однесување со кој се регулираат овие односи
* Индустријата за хазардни игри има најточни и најинформативни податоци, но ретко ги споделува со истражувачите

Дору Георгиу, извршен директор на „Романските букмејкери“, една од асоцијациите што ги финансира „Одговорно коцкање“, исто така, вели дека во законот не е јасно дефинирано како ќе се формира фондацијата.

Па дури и кога ќе се формира, Георгиу додава: „Она што можам да ви гарантирам е дека во 90 отсто од случаите, лицето не се соочуваа со конкретна зависност од коцкање. Лицето има други проблеми”.

БИРН преку е-маил го контактираше романското Министерство за здравство, Националниот институт за јавно здравје и Националниот центар за ментално здравје и борбата против дрога да праша дали тие биле консултирани околу тоа како да се продолжи со борбата против зависноста од коцкање.

Сите три институции се изјаснија дека не биле консултирани, ниту пак дека имаат било какви програми за превенција или лекување на зависноста од коцкање.

Хриску од невладината организација „Алиат“ изјави дека пасивноста на државата е опасна.

„Сум зборувал со млади луѓе од малите романски градови и овие локации каде има хазардни игри станаа нивни места за средби, центри на заедницата”, вели тој.

Уште росеше кога Дан зачекори во казиното, седнувајќи пред електронскиот рулет. Без делач на карти, без чипови за обложување, само екранот пред него.

Дан повторно се вратил на старите навики и повеќе не живее со неговата сопруга и дете. Се преселил назад во домот на неговите родители и се коцка во текот на ноќта, исто како во младоста. Тој открил нова генерација на зависници, млади луѓе кои работат во супермаркетите или возат такси преку ден, што ги коцкаат нивните приходи преку ноќ.

Во јуни, тој сподели видео на својот Фејсбук профил со швајцарската маратонка Габриела Андерсен-Шиз, како нозете и се виткаат додека се влече и тетерави кон целната линија на маратонот на Олимписките игри во Лос Анџелес во 1984 година, симбол на човековата издржливост.

„Ова е животот на еден зависник”, изјави тој за БИРН. „Оние кои успеваат да преживеат, го прават тоа со големо страдање”, рече тој. „На секој чекор, во секоја секунда, постои болка и страдање.”

Диана Месесан е новинарка од Букурешт. Овој текст беше објавен како дел од Balkan Fellowship for Journalistic Excellence, со поддршка од ERSTE Foundation и Open Society Foundations во соработка со Balkan Investigative Reporting Network