Вашингтон, Лондон и Берлин, со координиран настап во меѓународните финансиски институции ја критикуваат македонската Влада за намената на парите што ги обезбедува преку задолжувањата, ниското ниво на отчетност, недостапноста на податоците за висината на јавниот долг како и за одржливоста на долгот.
БИРН дојде до сознание дека три држави гласале „воздржано“ при одобрувањето на последниот заем од Светската банка за Македонија, во висина од 50 милиони американски долари, во март годинава. Поради игнорирањето на забелешките од македонската влада критиките се повторени и на состанокот на Бордот на ММФ одржан на 1 јули годинава.
Дипломат, кој инсистираше на анонимност, објаснува дека трите земји немале намера да го блокираат одобрувањето на кредитот во Светската банка туку дека сакале да предупредат на загрижувачки трендови кои, според нив, мора да се менуваат.
„Сметавме дека пораката ќе биде сериозно примена од властите во Скопје и дека ќе преземат конкретни чекори за да ги адресираат забелешките. Но, со оглед на тоа што ништо не се случи во меѓувреме, го искористивме заседанието на Бордот на ММФ на почетокот на јули за да ги повториме забелешките“, вели овој дипломат.
Координирана порака преку Светска банка пред изборите
Во записникот од состанокот на Бордот на Светската банка, одржан на 13 март 2014 година, пишува дека извршните директори на Соединетите Американски Држави, Велика Британија и на Германија биле „воздржани“ при одобрувањето на Вториот програмски заем за развoјни политики за конкурентност за Република Македонија.
Во збирниот извештај за начинот на кој САД гласале во мултилатералните развојни банки во март 2014 година, покрај потврда дека американскиот извршен директор во Светската банка бил воздржан за заемот за Македонија, е наведено и кратко објаснување за ваквиот потег.
„Несоодветна буџетска транспарентност и менаџирање со јавните финансии“, е причината посочена во овој документ на Министерството за финансии на САД (US Department of the Тreasury).
Од американската амбасада во Скопје за БИРН велат дека САД се согласиле дека проектот вклучува важни реформи за зголемување на инвестициите, реструктуирање на агробизнис-секторот и олеснување на трговијата.
Сепак, како што велат од Амбасадата, изразиле „загриженост за употребата на заемот со оглед на опаѓачкиот тренд на фискална транспарентност во Македонија“.
Од Амбасадата додаваат дека во иднина САД сакаат да работат со Македонија и со Светската банка во областите на фискална транспарентност и менаџирање со јавните финансии, тесно координирајќи се со другите меѓународни заинтересирани страни активни во Македонија.
Слично е и британското објаснување.
Од Амбасадата на Обединетото Кралство велат дека како долготрајни поддржувачи на евро-атлантските аспирации на Македонија ги препознале важните придобивки што може да ги донесе заемот и дека поради тоа биле согласни тој да биде одобрен.
„Регуларна пракса за Обединетото Кралство е кога зборува во мултилатералните финансиски институции да охрабри подобрување на финансискиот менаџмент во земјите што добиваат пристап до грантови и кредити. Тоа беше случај со заемот за Македонија, при што Обединетото Кралство нагласи дека има простор за Македонија да ги засили своите напори во оваа смисла“, изјавија за БИРН од британската амбасада.
Според нив, ова е на линија со нивната постоечка соработка со Република Македонија на агендата за „Отворена влада“ и со оценките во годишниот извештај за напредокот од ЕУ.
Од германската амбасада во Скопје за БИРН рекоа дека нивната, британската и владата на САД дале „заедничка објаснувачка изјава на состанокот на Бордот на Светска банка, која се однесува на загриженост за фискалната транспарентност и менаџирањето на јавните финансии“.
„Дополнителни детали може да се најдат во изјавите од амбасадите на САД и на Обединетото Кралство во Скопје, кон кои Амбасадата на Германија нема што да додаде“, велат од германското дипломатско претставништво во Скопје, потврдувајќи ја на тој начин координираноста на пораката што сакале да ја упатат до македонската влада.
Индикативно е и тоа што заемот беше одобрен во март, а во одлуката на Бордот на СБ стоеше дека неговата реализација, поради изборниот период, ќе се случи дури по завршување на предвремените парламентарни и претседателските избори, пролонгирање што не е вообичаена пракса на СБ.
Бордот на ММФ ги повторува критиките
Потврда дека во ММФ се слушнале критички оценки за Македонија е извештајот од седницата на Бордот одржана на 1 јули, кој стана јавно достапен на 25 јули.
Иако напишан на високо стручен и дипломатски јазик, во текстот, сепак, може да се препознаат забелешки слични на оние искажани во Светската банка.
Во документот се наведува дека извршните директори на ММФ „ги охрабруваат властите (во Македонија) да го исполнат таргетот за дефицитот на централната влада (буџетскиот дефицит) за 2014 година (од 3,5% од БДП), како прв чекор кон консолидација потребна за да се обезбеди одржливо движење на јавниот долг“.
Буџетски дефицит или, народски кажано, кусок во државната каса е негативната разлика меѓу вкупните приходи (помала ставка) и вкупните расходи (поголема ставка) од буџетот на годишно ниво.
Буџетскиот дефицит се пари што Владата ги нема, а планира да ги потроши и затоа мора да се задолжи.
Тој може да се изрази во апсолутна бројка, но најчесто се изразува како процент од Бруто-домашниот производ (БДП) на една земја.
Под јавен долг или долг на општата владата (general government debt), пак, се подразбира збир од долгот на централната влада (central government debt), долгот на општините, на јавните претпријатија и фондови, на Македонската банка за поддршка на развојот и слични институции.
„Пошироко, директорите се согласија дека севкупната рамка на политики ќе има полза од поголема фискална транспарентност и добро артикулирана стратегија за менаџирање со долгот, која ги зема предвид и домашните и надворешните извори на финансирање, одржувајќи макроеномска стабилност и поддржувајќи раст“, пишува во документот од ММФ.
Во него не е наведено конкретно кој извршен директор каков став имал, но пишува дека претседавачот со Бордот на ММФ ги сумирал поединечните ставови на директорите и ги доставил до властите во Македонија.
Основа за дискусијата во Бордот бил извештајот подготвен од тим на Фондот, по престојот во Македонија од 6 до 19 мај годинава.
Во овој уште подетален документ, напишан на 62 страници, кој исто така стана јавен на 25 јули, зборот „мора“ е споменат само еднаш и тоа токму во контекст на неопходноста македонската влада годинава да остане на проектираниот буџетски дефицит од 3,5% од БДП.
„Ставањето под контрола на дефицитот ќе биде важно за задржување на долгот на одржливо ниво“, се наведува во извештајот.
Македонските власти, според документот, не само што ги уверувале претставниците на ММФ дека се цврсто определени дефицитот оваа година да остане на проектираното ниво, туку ја презентирале и својата повеќегодишна агенда за стабилност и раст (Фискална стратегија 2014-2016), која предвидува намалување на дефицитот до ниво од 2,6% од БДП до 2016 година.
„Намалувањето е потребно за одржување умерено ниво на долг“, се цитираат македонските власти.
Но, истиот ден кога овие документи на ММФ станаа јавно достапни, Владата усвои ребаланс на буџетот, продлабочувајќи го дефицитот од 3,5% на 3,9% од БДП.
БДП е проектиран на 8.088.000.000 (8 милијарди 88 милиони) евра, што значи дека разликата меѓу продлабочениот буџетски дефицит, кој во апсолутни бројки изнесува околу 315 милиони евра (3,9% од БДП) и претходно проектираниот дефицит од 283 милиони евра (3,5% од БДП) е околу 32 милиона евра, кои Владата треба да ги најде со ново задолжување.
Македонската влада во изминатите години беше критикувана дека наместо за продуктивни капитални расходи (на пример, изградба на патишта), парите од задолжувањата ги користи за непродуктивни трошоци, како што се проектот „Скопје 2014“ и зголемувањето на платите во јавната администрација и на пензиите.
БИРН се обрати до Министерството за финансии за коментар на забелешките што преку Светската банка и ММФ доаѓаат од неколку влијателни држави. Прашавме и што прави Министерството за да ги адресира критиките, но одговор не добивме.
За нивото на долгот на општата влада (јавниот долг) да се стабилизира, фискалниот дефицит би морал многу посуштински да се намали отколку проектираното. Ова е малку веројатно дека ќе се
случи со оглед на зголемувањето на пензиите, планираното зголемување на платите во јавниот сектор и зголемувањето на социјалните трансфери
Во дел од меѓународните анализи што го вклучија алармот за Македонија се предупредува дека дури и владините проекции за намалување на дефицитот од 3,5% годинава, на 3,2% следната година до 2,6 отсто во 2016 година, кои патем во меѓувреме се напуштени со неодамнешното зголемување на дефицитот за 2014 на 3,9%, се недоволни за да осигураат одржливост на долгот.
„За нивото на долгот на општата влада (јавниот долг) да се стабилизира, фискалниот дефицит би морал многу посуштински да се намали отколку проектираното. Ова е малку веројатно дека ќе се случи со оглед на зголемувањето на пензиите, планираното зголемување на платите во јавниот сектор и зголемувањето на социјалните трансфери“, пишува во економската прогноза што за членките на ЕУ и земјите-кандидати ја изготвува ресорот за економски и монетарни прашања во Европската комисија.
Јавниот долг го запали алармот
Јавниот долг е една од главните причини за критиките што доаѓаат од меѓународните инстанци.
Прво, затоа што е очигледно дека тој забрзано расте поради задолжувањата, пред се, на одредени јавни претпријатија и второ, затоа што нема официјален податок колку точно изнесува, бидејќи Владата не ги објавува на редовна основа податоците за висината на јавниот долг (долгот на општата влада), туку само за долгот на централната влада (министерствата), кој е значително помал.
„Севкупниот јавен долг, кој го вклучува и долгот на претпријатијата во државна сопственост, јавните агенции и јавните финансиски институции многу веројатно е значително поголем (од долгот на централната влада). Тој го вклучува и новоформираното Јавно претпријатие за државни патишта [поранешна Агенција за државни патишта], преку кое Владата ги насочува значително зголемените трошоци за патната инфраструктура и кое може самостојно да се задолжува со гаранција од Владата“, пишува во цитираната економска прогноза од Европската комисија.
Истражувањето на БИРН покажа дека од земјите-кандидати за членство во ЕУ од Западен Балкан, Македонија е единствената држава што не објавува податоци за висината на јавниот долг на редовна основа. Србија тоа го прави секој месец, а Албанија и Црна Гора – квартално.
Владата само еднаш годишно го објавува податокот за висината на јавниот долг, при презентирањето на Претпристапната економска програма, наспроти претходната практика на квартално објавување, напуштена по првото тромесечје во 2010 година.
Истражувањето на БИРН покажа дека од земјите-кандидати за членство во ЕУ од Западен Балкан,
Македонија е единствената држава што не објавува податоци за висината на јавниот долг на
редовна основа. Србија тоа го прави секој месец, а Албанија и Црна Гора – квартално
Последниот официјално достапен податок за висината на јавниот долг, кој може да се најде во Претпристапната економска програмаобјавена во јануари годинава, е за периодот заклучно со 30 септември 2013 година кога, според Владата, изнесувал 40,2 отсто од БДП (3.225.800.000 евра).
Но, и овој податок (40,2% од БДП) е дискутабилен, зашто процентот е добиен со користење на проекцијата за БДП во моментот на објавување на документот (јануари 2014 година), кога тој изнесува 8.088.000.000 евра, а не со БДП во моментот кога е правен пресекот (30 септември 2013 година), кога БДП е проектиран на 7.681.000.000 евра.
Кога јавниот долг од 3.225.800.000 евра ќе се пресмета како процент од БДП во износ од 7.681.000.000, излегува дека тој (јавниот долг) на 30 септември 2013 година бил 42% од БДП, а не 40,2%, како што тврди Владата.
Дополнително, веќе во октомври 2013 година, Јавното претпријатие за државни патишта се задолжи за околу 581 милиони евра кај Експорт-импорт банката на Кина за изградба на автопатските делници Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид.
Исто така, неодамна Владата издаде еврообврзница, со која се задолжи 500 милиони евра за враќање на дел од долговите што доспеваат следната година, но и за тековни буџетски потребни за годинава.
Во отсуство на официјални податоци од македонските власти, единствено достапни се проценките и прогнозите за јавниот долг со кои оперира ММФ во своите последни документи за Македонија.
Според ММФ, јавниот долг на крајот на 2013 година достигнал 42,1% од БДП наспроти долгот на централната влада, за кој Министерството за финансии редовно објавува податоци и кој на крајот на 2013 година изнесуваше 35,9% од БДП.
ММФ проценува дека јавниот долг на крајот на 2014 година ќе порасне на 44,8%, а дека долгот на централната влада ќе изнесува 36,8 отсто од БДП.
Прогнозите на „монетарците“ се дека до 2018 година јавниот долг ќе се зголеми до 55,2%, а долгот на централната влада до 39,4%.
Според т.н. Мастришки критериуми, јавниот долг се смета за одржлив до ниво од 60% од БДП, но многу експерти предупредуваат дека за Македонија алармот се пали кога јавниот долг ќе надмине
40-45% од БДП, нивоа што тој веќе ги достигнува
Според т.н. Мастришки критериуми, јавниот долг се смета за одржлив до ниво од 60% од БДП, но многу експерти предупредуваат дека за Македонија алармот се пали кога јавниот долг ќе надмине 40-45% од БДП, нивоа што тој веќе ги достигнува.
Србија, која во моментов има јавен долг од околу 63% од БДП, најави намалување на платите во јавниот сектор и на пензиите за 10%, кои претходно беа зголемувани во предизборни цели.
Споредбените анализи на БИРН, исто така, открија „збунета“ европска статистика во однос на Македонија.
Ресорот за економски и монетарни прашања, со кој во досегашната Европска комисија раководеше комесарот Оли Рен, наспроти директните предупредувања што ги упатува до Македонија за загрижувачките фискални трендови, во исто време е и нивна „жртва“, зашто во споредбените табели за членките на ЕУ и земјите-кандидати, во графата за долг на општата влада (јавен долг), за Македонија ги користи податоците за долгот на централната влада.
Притоа нема појаснување или фусната дека станува збор за различни податоци за нашата и за другите држави, што Македонија, ако не во реалноста, тогаш барем на хартија, ја прави помалку задолжена земја .
Критиките го поскапуваат задолжувањето
Показател за надолните трендови во јавните финансии во Македонија е и драматичниот пад на т.н. Индекс на буџетска транспарентност, кој како компаративен показател го користат Иницијативата за буџетска транспарентност и Глобалната иницијатива за фискална транспарентност.
Македонија има намалување од 19 индексни поени на скалата од 0 до 100 во периодот од 2008 до 2012 година и заедно со Романија и Србија има најдрастично негативно отстапување меѓу стоте држави во светот опфатени со ова рангирање.
Со 35 индексни поени (во 2008 г. имала 54 поени) Македонија е последна во регионот и во Европа, а 68-ма во светот, во иста група со земји кои, според истражувањето, обезбедуваат минимални информации за буџетот и буџетскиот процес.
Обемниот прашалник врз основа на кој се одредува индексот содржи пет поголеми поглавја кои се однесуваат на достапноста на буџетските документи, на предлог-буџетот, буџетскиот процес, силината на законодавната власт (парламентот) да го контролира и да влијае на носењето на буџетот, како и на учеството на јавноста во подготовката и во севкупниот буџетски процес.
По критиките од неколкуте влијателни држави искажани во Светската банка и во ММФ се отвора прашањето дали отсуството на недосмислена поддршка на економските политики на државата ќе го поскапат и дали веќе го поскапеа задолжувањето што Владата мора да го направи во пресрет на следната година, кога за враќање доспева поголема сума од кредитите земани во минатото.
Според постојаниот претставник на ММФ во Македонија, Патрик Житон, станува збор за 670 милиони евра, што заедно со проектираниот буџетски дефицит за догодина, достигнува до 1 милијарда евра.
По неодамнешното задолжување од 500 милиони евра, министерот за финансии Зоран Ставрески изјави дека е постигната „историски најниска камата за издадената еврообврзница“ од 3,975%. Но, истиот министер пред една и пол година, пониската камата од 3,8% ја оцени како резултат на довербата од Светската банка во економската политика на владата, доверба која сега, судејќи според критиките е разнишана.
Станува збор за задолжувањето кај Дојче банк во декември 2012 година од 250 милиони евра, со гаранција од Светската банка од 155 милиони евра и рок на отплата од 7 години.
„Каматната стапка е околу 3,8%, значи исклучително поволна и повеќе од двапати пониска отколку каматните стапки што на евентуално издавање еврообврзница би ги платила Република Македонија ако одевме без гаранција на Светска банка. Значи, во пари, за седум години, со земање на овие средства со каматна стапка од 3,8% наспроти потенцијалната каматна стапка со еврообврзница, Македонија ќе заштеди преку 90 милиони евра. Тоа се средства што ќе останат во домашната економија, во буџетот и ќе бидат искористени за други корисни намени и тоа се средства што практично им ги заштедуваме на македонските граѓани“, изјави Ставрески во Собранието на 28 декември 2012 година.
Осумнаесет месеци подоцна, Ставревски веќе не говори за довербата на меѓународните финансиски институции како што е Светската банка, туку за довербата на инвеститорите.
Тие, според него, пред да се одлучат да купат хартии од вредност ја анализираат целокупната состојба во една држава, а влијание на побарувачката и на каматата имаат кредитниот рејтинг, висината на јавниот долг, макроекономската стабилност, стапките на раст, странските, но и домашните инвестиции.
„Тоа претставува силен израз на доверба на инвеститорите кон Република Македонија и кон нејзините економски политики, како и состојбите и перспективите на земјава. Тоа што успеавме да го добиеме покажува дека имаме висок степен на доверба“, рече Ставрески, што може да се смета и како реплика на критиките што во последно време стигнуваат до него.