Имиња и презимиња на газдите наместо називи на офшор-фирми се испишани во новиот Регистар на вистински сопственици, кој функционира веќе пет месеци во земјава. Ако порано како крајни сопственици на фирмите можеа да фигурираат и правни лица, денес тоа се поединци кои конечно и ефективно поседуваат, контролираат или имаат корист од правни облици како што се компаниите.
БИРН провери како функционира Регистарот на вистински сопственици во Македонија.
Компанијата Еуроникел Индустри, која е основана на почетокот на 2019 година, стана позната во македонската јавност како нов сопственик на кавадаречкиот комбинат за фероникел Фени откако во стечајната постапка ги откупи побарувањата на двете најголеми банки, Стопанска и Комерцијална.
Дупка во системот
Постои можност податоците за вистинските сопственици да се лажни или нецелосни. Точноста на информациите зависат од регистрационите агенти, но фирмите може да ги избегнуваат нив доколку добијат дигитален сертификат со кој ќе може сами да се регистрираат
Меѓутоа, јавноста не дозна кои се луѓето што го преземаат овој бизнис, туку само називот на инвестицискиот фонд – Глобал Спешл Опортунитиз ЛТД од Бахамите, а егзотичното потекло на оваа компанија отвори простор во јавноста да се плетат и егзотични приказни околу вистинската сопственост на оваа офшор-компанија.
Од крајот на април годинава, оваа компанија е запишана во Регистарот на вистински сопственици во Македонија, што значи дека, наместо правното лице, впишани се поединците што имаат сопственост или контролираат дел од фирмата.
Според податоците што ги добивме од Централниот регистар, како вистински сопственици сега се водат двајца странски државјани, на кои како земја на потекло им се наведени Бермудските Острови, лоцирани подлабоко во Атлантски Океан и од Бахамите, и еден сопственик од Швајцарија.
Како нов краен корисник, впишан на денот на истекот на рокот за евидентирање од Централниот регистар, е заведен Јоанис Прокопис, Грк. Тој и претходно бил директор на Фени, додека сопственик на компанијата беше Кунико Рисорсис, која го одведе македонскиот гигант во стечај. Освен тоа, Прокопис има искуство и со други рударски компании и инвестиции во доменот на природните ресурси, како на пример преземањето на фабриката Фалкондо во 2015 година, капацитет за производство на фероникел во Доминиканската Република.
Меѓу тројцата извршни директори на Еуроникел Индустри се Димитриос Паскос, по државјанство Италијанец, заедно со Швајцарецот Јозеф Ц. Хендрикс и Маркос Камис, кој, пак, е Грк од Швајцарија.
Пребарувањето на имињата на овие луѓе води кон инвестициски фондови во офшор-земји, каде што повторно може да се заплетка мрежата со други непознати поврзани субјекти.
Еуроникел Индустри е само еден пример од вкупно 69.284 правни субјекти што пријавиле вистински сопственик во законскиот рок, што е околу 90 проценти од вкупниот број компании што имале обврска да се регистрираат.
Според податоците од Централниот регистар што го администрира Регистарот на вистински сопственици, за приближно 59.000 субјекти е запишан еден единствен вистински сопственик. Но, не секогаш. Па, така, на пример, за еден правен субјект, како сопственици се запишани дури 34 луѓе.
Вкупно 70.150 различни физички лица се запишани како вистински сопственици. Од нив 93,5 отсто се македонски државјани, 0,5 отсто се странци со регулиран престој, а другите 6 проценти, односно околу 4.300 лица, се што немаат престој во Македонија.
Странските газди доаѓаат од 88 држави, и тоа најмногу од Турција, Бугарија, Србија, Грција и од Германија.
Според основата за запишување во регистарот, 69.025 луѓе се запишани како вистински сопственици преку индикаторот директна сопственост, 2.755 преку индикаторот индиректна сопственост и 11.797 луѓе преку индикаторот „на друг начин остварува контрола“.
Ексико – сѐ уште мистерија
Сѐ уште има компании што не ја исполниле обврската да ги запишат нивните вистински сопственици во Регистарот, а законот за тоа предвидува казни од 10 илјади евра и забрана за вршење деловна активност. Една од нив е компанијата Ексико, која стана најеклатантен пример за успешна компанија со мистериозно сопствеништво
Од друга страна, сѐ уште има компании што не ја исполниле обврската да ги запишат нивните вистински сопственици во Регистарот, а законот за тоа предвидува казни од 10 илјади евра и забрана за вршење деловна активност.
Една од нив е компанијата Ексико, која стана најеклатантен пример за успешна компанија со мистериозно сопствеништво, кое водеше до Белизе и Швајцарија.
Меѓутоа, оваа компанија, која се поврзуваше со високи функционери од претходната власт, ниту сега не ги откри нејзините вистински сопственици во дадениот рок. Како сопственик на фирмата се уште фигурира Т&МЈ Инвестмент СА од Лугано, Швајцарија.
Директорот на Управата за финансиско разузнавање (УФР), Блаж
о Трендафилов вели дека очекувано било околу 90 проценти од компаниите да си ја завршат обврската и да ги пријават вистинските сопственици, и оти Регистарот се прави токму за оние другите што сакале да се скријат од јавноста.
„Регистарот треба да го открие тајното сопствеништво на мал дел од вкупниот број компании, кои можеби правеле некакви злоупотреби. Веќе се пријавуваат до Управата за финансиско разузнавање субјектите што не се запишани во Регистарот. Конкретната компанија Ексико е пред затворање и затоа ја нема во новиот Регистар“, ни објасни директорот на Управата за финансиско разузнавање, Блажо Трендафилов.
Банките ќе откриваат колку се „вистински“ сопствениците
Иако најголемиот дел од компаниите ја исполниле обврската и ги запишале вистинските сопственици, сепак, точноста на информациите не е целосно гарантирана. Со други зборови, постои можност податоците за вистинските сопственици да се лажни или нецелосни.
Според законот, верификацијата и точноста на информациите зависат од регистрационите агенти, но фирмите може да ги избегнуваат нив доколку добијат дигитален сертификат со кој ќе може сами да се регистрираат.
Во секој случај, регистрационите агенти не вршат темелни проверки, односно потврдување на идентитетот на лицата преку проверка на документ за идентификација во официјалните бази на податоци.
Според надлежните органи во Македонија, обврската за запишување во Регистарот на вистински сопственици е автоматизирана и секое отстапување се пријавува до Управата за финансиско разузнавање на дневна основа.
Меѓутоа, она што е важно е дека пријавувањето до Управата за финансиско разузнавање обично не се однесува на несовпаѓање или отстапување, туку само на фактот дека не се внесени податоци во Регистарот на вистински сопственици или тие не се ажурирани.
Банките се тие што ќе треба да ги потврдат внесените податоци и да пријават доколку откријат сметки на физички лица што не се запишани како вистински сопственици, а имаат сопствеништво или контрола во компанијата.
„Има многу пријави до УФР од страна на банките за неточни податоци за вистинските сопственици во Регистарот. Ние потоа утврдуваме дали станува збор за ненамерна грешка или намера и, доколку има потреба, отвораме истрага. Во таков случај, банките веднаш ги стопираат трансакциите со тие субјекти“, дообјасни Трендафилов од УФР.
Инаку, во Македонија со законот како вистински сопственик на правен субјект е физичко лице што поседува или го контролира правното лице преку директна или индиректна сопственост од над 25 проценти удели, акции; или кое на друг начин остварува контрола.
Доколку ниедно лице не биде идентификувано врз основа на дадениот праг, тогаш треба да се идентификува поединецот што остварува контрола врз правното лице. Но, Законот не дефинира што значи „контрола“.
Упатството за начинот на идентификување на вистинскиот сопственик на Управата за финансиско разузнавање дава дефиниција за „контрола“, односно тука спаѓа контрола врз управата, административните и раководните тела на трговското друштво или генералното собрание на акционерското друштво.
Регистрација на вистинските сопственици се бара за сите регистрирани правни лица во Македонија (вклучително и подружници или филијали на странски субјекти), со исклучок на трговци поединци и самостојни вршители на дејност. Исклучок се и компаниите чии акции котираат на Берзата.
Во сценарио во кое постои најголема транспарентност, треба да постои еден централен регистар за вистински сопственици за сите правни облици, кој собира и информации за законската сопственост и за целиот синџир на сопственост, и тие податоци да се достапни за јавноста онлајн, да се бесплатни и дадени во формат на отворени податоци.
Освен тоа, препораките се регистрацијата на вистинските сопственици да
не се темели само на основањето, туку и на дејноста (поседување имот во земјата, или склучување договори со жители на земјата, или кога жител на земјата е вклучен како основач, директор или акционер). Потоа, да не се применуваат прагови воопшто или барем не повисоки лимити од „најмалку 25 проценти од сопственоста“ за вистински сопственици на правни лица.
Арапски трговски центар во Сараево, а сопственикот на Кајманските Острови
Додека во Македонија заврши рокот за попишување на луѓето што стојат зад компаниите како вистински сопственици, во Босна и Херцеговина се игра пинг-понг со процесот на воспоставување таков регистар.
Ниту седум години по отворањето на трговскиот центар, Сараево Сити Центар (ССЦ), арапската групација Ал Шиди не сака да открие кој стои зад компанијата, која држи една третина од основачкиот капитал, а која е регистрирана на Кајманските Острови.
Кога беше отворен во пролетта 2014 година, ССЦ по многу нешта го носеше префиксот „нај“ – највисоки стандарди на изградба на (тогаш) најголемиот трговски центар во Босна и Херцеговина, со единствени содржини и работни места за најмалку 1.000 работници. Саудиската групација Ал Шиди тогаш објави дека инвестирала 130 милиони евра во изградба на овој трговски центар, најави и други проекти, како хотел и канцеларија во деловната кула, а се зборуваше и за други аквизиции.
Сепак, остана нејасно, кој стои точно зад споменатата инвестиција.
Топ дестинација за затајување данок
„Кајманите се една од најозлогласените даночни оази и една од топ дестинациите за затајување данок“, вели Миранда Патручиќ, новинарка на Проектот за известување за организираниот криминал и корупција (Organized Crime and Corruption Reporting Project, OCCRP).
Според регистарот на деловни субјекти на Министерството за правда на Босна и Херцеговина, како основачи на Ал Шиди Интернешнл, друштво за посредување, промет и услуги од Сараево, чиј директор е Диаб Деиб Гала Елсајед, се наведени градежната компанија Завали од Ријад, Саудиска Арабија (со основачки капитал од 26.217.620,82 конвертибилни марки (13,4 милиони евра) и Истетмери Сараево Сити Центар-II Лтд од Гранд Кајман, Кајмански Острови (кој „држи“ 12.901.479,18 конвертибилни марки основачки капитал (6,6 милиони евра).
Не се наведува кои се одговорните лица во друштвото на основачи, ниту чиј е капиталот што го внеле во друштвото Ал Шиди Интернешнл. И до таков податок е невозможно да се дојде.
Саудискиот инвеститор, преку партнерската група составена од Ал Шиди Трејдинг Ест од Ријад и Ал Шиди Интернешнл од Зеница, се појави во процесот на приватизација на сараевското претпријатие „Магрос“. Пред петнаесет години, според одговорот на Агенцијата за приватизација на Сараевскиот кантон, доставен на прашањето на пратеничката на партијата Наша странка во кантоналното собрание, Наида Авдибеговиќ, ортаците, со непосредна спогодба, купиле 59,72 проценти од државниот капитал на фирмата „Магрос Велетрговина“ за 1.323.769 конвертибилни марки (677.000 евра) и издвоиле 592.016 конвертибилни марки (303.000 евра) за 67 проценти од капиталот на „Магрос експорт-импорт“.
Во следните години беа потпишани неколку анекси на договорот за купопродажба, вклучително и оној за инвестирање на 116 милиони конвертибилни марки (60 милиони евра) во деловен центар, кој требаше да никне (и никна неколку години подоцна) на атрактивно земјиште во центарот на Сараево. До средината на 2015 година, тие ги исполнија сите преземени обврски.
Според податоците објавени на страниците на групацијата, Ал Шиди Груп е основана во 1975 година и вработува повеќе од 1.000 луѓе низ Европа, Африка и Азија. Групацијата дејствува во различни области, вклучувајќи градежништво, инвестиции, недвижности, земјоделство, индустрија и хотелиерство. Во Босна и Херцеговина работи од 2006 година и има четири члена: СРЕ Инвестмент, ШадИнвест, ССЦ и хотелот „Бристол“. Меѓутоа, според податоците од регистарот на деловни субјекти на Босна и Херцеговина, се појавува уште едно друштво, во кое основач е Сулејман Абдула Ал Шиди – авиопревозникот ФлајБосниа.
На прашањето, зошто еден од основачите на Ал Шиди Интернешнл е регистриран на Кајманските Острови, од службата за односи со јавноста на ССЦ, за Балканската истражувачка мрежа на Босна и Херцеговина (БИРН БиХ), изјавија дека тоа го знаат сосопствениците, односно членовите на надзорниот одбор, кои се наоѓаат во Бахреин. Ним им беше проследено прашањето, но до објавувањето на овој текст не добивме одговор, па името на вистинскиот сопственик останува непознато.
Апсолутна тајност на сопствеништвото
Постои едноставно објаснување зошто основачите на компаниите што се покренуваат во Босна и Херцеговина (или во која било друга земја во светот) се регистрираат на Кајманските Острови (или која било друга офшор-дестинација).
„Многу е едноставно – тие го прават тоа со цел да избегнат плаќање даноци и да уживаат во придобивките од апсолутната тајност на податоците“, вели Патручиќ.
Сосопствениците од Бахреин се всушност сопственици на Интернешнл инвестмент бенк (ИИБ), кои во годишниот извештај за работата за 2011 година, наведуваат дека таа година станале сосопственици на 32,98 проценти од компанијата Ал Шиди Интернешнл, инвестирајќи 24,7 милиони долари во неа.
Претходно, „со цел инвестирање во развојот на проекти на пазарот на недвижности“, тие го основале друштвото Истетмери Сараево Сити Центар-I Лимитед, регистрирано на Кајманските Острови, кое е сто проценти сопственик на друштвото Истетмери Сараево Сити Центар–II Лимитед, исто така регистрирано на Кајманските Острови. Оваа втора компанија тогаш била сосопственик на 28,31 отсто од акциите на „Магрос Велетрговина“ од Сараево.
„Кајманите се една од најозлогласените даночни оази и една од топ дестинациите за затајување данок“, вели Миранда Патручиќ, новинарка на Проектот за известување за организираниот криминал и корупција (Organized Crime and Corruption Reporting Project, OCCRP).
Постои едноставно објаснување зошто основачите на компаниите што се покренуваат во Босна и Херцеговина (или во која било друга земја во светот) се регистрираат на Кајманските Острови (или која било друга офшор-дестинација).
„Многу е едноставно – тие го прават тоа со цел да избегнат плаќање даноци и да уживаат во придобивките од апсолутната тајност на податоците“, вели Патручиќ.
Законот се врти во кругот, работна група – нацрт-закон – анализа – информација
Примерот на компанијата Ал Шиди Интернешнл е само еден од многуте во Босна и Херцеговина, бидејќи и други имаат основачи во популарните офшор-дестинации. Секоја година, Европската Унија прави нова „црна листа“, таканаречена the EU list of non-cooperative jurisdictions for tax purposes, на која речиси редовно се наоѓаат Панама, Сејшели и многу карипски или пацифички острови. Во исто време, Брисел бара усогласување на локалните закони со Директивите на Европската Унија во подрачјето на спречување на перење пари и финансирање терористички активности.
Со ваквото законско решение би бил воспоставен и регистар на вистинските сопственици на правните лица, како еден од приоритетите на патот на Босна и Херцеговина кон членството во Европската Унија. Но, Босна и Херцеговина, односно лицата одговорни за решавање на ова прашање се вртат во кругот, работната група – нацрт-закон – анализа – информација.
Уште пред три години, Советот на министри на Босна и Херцеговина формираше работна група за изготвување нацрт-закон за спречување на перење пари и финансирање терористички активности, составена од експерти (вкупно 21 член) од државно и ентитетско ниво, како и од Дистриктот Брчко. Иако групата доби задача да го заврши нацрт-законот до крајот на 2019 година, таа, до денес, го нема направено тоа.
БИХ заглави со реформите
Босна и Херцеговина, односно лицата одговорни за решавање на ова прашање се вртат во кругот, работната група – нацрт-закон – анализа – информација
Според одговорот доставен до БИРН БиХ од страна на Министерството за безбедност, биле поставени неколку рокови за поднесување на нацрт-законот, но наместо тоа, до Советот на министри биле доставени извештаи и анализи и составувани информации и одржувани состаноци „на кои не биле приближени ставовите“. Неодамна беше одржан уште еден состанок, но „не е постигнат договор за спорните членови на законот“.
„Работната група во нацрт-законот воопшто не предложи член со кој се воспоставува регистар на вистинските сопственици на правните лица, туку беше предложен само член (кој, исто така, не беше усвоен), со кој се регулира пристапот до регистарот. Претставниците на Република Српска беа на мислење дека воспоставувањето регистар на вистинските сопственици на правните лица, е во надлежност на ентитетите“, се наведува во одговорот на Министерството за безбедност.
Во него се истакнува дека истото министерство, за да се надмине застојот во работата на работната група за изработка на нацрт-законот за спречување на перење пари и финансирање терористички активности, предложило две можни решенија, кои подразбираат „воспоставување еден централен регистар на вистински корисници на државно ниво или воспоставување неколку подрегистри (во ентитетите и Дистриктот Брчко), кои ќе бидат врзани во еден централен регистар“.
Различни одговори на надлежните
Бидејќи претседавач на работната група е претставник од Државната агенција за истраги и заштита (СИПА), односно на нејзиниот финансиско-разузнавачки оддел, БИРН БиХ ја праша и оваа агенција, во која фаза е донесувањето на новиот закон за спречување на перење пари и финансирање терористички активности. Во одговорот што го добивме се вели дека работната група „ја завршила постапката во текот на 2020 година, во врска со што на Министерството за безбедност му е доставен извештај за работата на работната група, со текст од нацртот и податоци за начинот на гласањето на членовите на работната група“.
И на оваа агенција, и на Министерството за безбедност, но и на Финансиско- информатичката агенција (ФИА), БИРН БиХ им го постави истото прашање: на кој начин е можно да се дознае, кои се вистинските сопственици на одредени компании, ако веќе не постои регистар на вистинските сопственици на правните лица. Пристигнаа три сосема различни одговори.
„Ова прашање е регулирано со член 16 од важечкиот закон за спречување на перење пари и финансирање терористички активности во БиХ“, наведоа од Министерството за безбедност.
„Во моментов, единственото место каде што можете да се обидете да дојдете до релевантни информации се општинските регистрациски судови и евентуално Комисијата за хартии од вредност, односно Регистарот на хартии од вредност“, тврди Есад Махмутовиќ, директор на ФИА.
„Кога станува збор за начинот на утврдување на вистинската сопственост на правните лица, имајќи предвид дека во БиХ не постои таков регистар, таа се проверува со официјално обраќање до надлежниот орган во странство“, одговори Лука Миладиновиќ, портпарол на СИПА.
Но, Патручиќ, врз основа на сопственото искуство, вели дека е „невозможно да се дојде“ до податоци за сопственоста, особено ако основачот на одредена компанија е регистриран во офшор-дестинациите.
Вистината не им одговара на политичарите
Синиша Вукелиќ, главен и одговорен уредник на порталот „Капитал“, објаснува зошто е важен споменатиот регистар на вистински сопственици на правните лица. Тој наведува дека во деловните регистри може „да се најде одредена компанија, но сопственик на таа компанија е правно лице, а потоа преку тоа правно лице, сопственик е втора или трета компанија…“.
„Суштината е во тоа да се знае кој е сопственик на одредена компанија, на правното лице, сè наназад, без оглед на тоа колку чекори се потребни, сè до физичкото лице. Значи мора да се знае името на физичкото лице што стои зад тие компании и тој синџир на компании“, посочува Вукелиќ.
Тој смета оти „бројните политички елити во Босна и Херцеговина, веројатно без двоумење, повеќе отколку за националниот интерес на својот народ, како што тоа тие го нарекуваат“, ќе се борат против воведувањето таква практика. Според неговите зборови, „повеќето политички партии и изборни кампањи се финансираат токму со такви пари, чие потекло е непознато“.
Најважно е кој човек се крие зад офшор-фирмата
„Суштината е во тоа да се знае кој е сопственик на одредена компанија, на правното лице, сè наназад, без оглед на тоа колку чекори се потребни, сè до физичкото лице. Значи мора да се знае името на физичкото лице што стои зад тие компании и тој синџир на компании“, посочува Вукелиќ.
Преку практичен пример, тој укажува на јасните причини зошто компаниите се регистрираат на Кајманските Острови или други слични дестинации. Освен што на тие места, како што вели, „можете да го скриете вистинскиот сопственик“, главната причина е, всушност, тоа што „целиот промет што минува низ овие фирми на тие дестинации не се оданочува и не мора да донесете доказ за сопственоста на парите“.
„Ќе отворите сметка и ќе депонирате неколку милиони марки, но не мора сами да го правите тоа, туку преку адвокатска канцеларија како правен застапник. Сѐ е легално според законите на тие држави, а таа фирма е сопственик на друга фирма во БиХ. Потоа тука уплаќате одреден капитал, на пример финансирате некои градежни работи, а потоа фирмата што е тука, која ќе оствари и добивка, ајде да речеме од два милиони марки, наместо да плати 10 проценти данок, таа ни тоа нема да го направи. Нивната компанија од Кајманските Острови ќе ѝ фактурира на оваа фирма во БиХ, на пример, софтверски, советодавни и консултантски услуги, што е многу тешко да се извага, во износ од два милиони марки. Потоа оваа фирма, на оваа другата ќе ѝ ги плати тие два милиони и нему му остануваат 200.000 марки што треба да ги плати овде во буџетот. Значи, скриени сте, плаќате легално и не плаќате данок“, објаснува Вукелиќ.
Последиците од неусвојувањето на новиот закон, како и невоведувањето регистар на вистински деловни субјекти, ќе бидат многу тешки за Босна и Херцеговина, бидејќи „таа уште долго ќе биде на списокот земји во кои е лесно да се исперат пари, без да се сносат последици за такво нешто и со помал ризик за откривање“, но и „идеално прибежиште за огромно количество валкани пари“.
Оваа сторија е поддржана од Глобалната програма за борба со нелегални финансиски текови имплементирана од ГИЗ и финансиски поддржана од Сојузното Министерство за економска соработка и развој на СР Германија и Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.
Содржината на сторијата е во целосна одговорност на БИРН и не ги рефлектира ставовите на ГИЗ, Сојузното Министерство за економска соработка и развој на СР Германија или Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.