Регион

Се откриваат детали за масакрот во Штрпци

Во Белград се очекува да започне судењето на припадниците на паравоените сили на босанските Срби, обвинети за убиство на 20 патници, киднапирани од воз во местото Штрпци, Босна и Херцеговина, во 1993 година. Во обвинението се откриваат детали за заробувањете и егзекуцијата на жртвите

На 27 февруари 1993 година, Наил Кајевиќ во Пријепоље, град во јужна Србија, го чекал својот брат Нијазим, кој требало да пристигне со воз од Белград. Но, кога возот, со задоцнување, пристигнал на станицата, неговиот брат не бил во него, а патниците кои пристигнале, им раскажале страшна приказна.

Возот бил запрен на станицата во малиот босански град Штрпци, во близина на границата со Србија, по што униформирани лица од возот симнале неколку патници и ги одвеле во непознат правец.

„Од вкупно 20 колку што беа симнати, 9 беа од Пријепоље, така што семејствата веднаш дознаа за случката”, вели Наил Кајевиќ за БИРН.

Овие 20 патници, од несрпска националност, биле заробени и убиени од припадниците на српската паравоена единица „Одмаздници”, чиј командант бил Милан Лукиќ.

Меѓу жртвите имало 18 Бошњаци, еден Хрват и една непозната личност. До денес се пронајдени посмртните останки само на четворица од нив, додека останатите сѐ уште се водат за исчезнати.

Досега само двајца припадници на силите на босанските Срби се осудени за ова злосторство. Небојша Ранисављевиќ, кој во Црна Гора беше осуден на 15 години затвор и Миќо Јовичиќ, кој доби петгодишна затворска казна откако се изјасни за виновен пред Судот на БиХ.

Командантот на „Одмаздници”, Милан Лукиќ, пред Хашкиот трибунал во 2012 година, беше осуден на доживотен затвор за воени злосторства извршени во Вишеград, источна БиХ, но не и поради убиствата во Штрпци.

Во октомври 2015 година, во Сараево започна судењето на десет осомничени лица, кои беа уапсени претходната година.

На петмина осомничени, пак, им се суди во Белград. Нивното судење официјално започна на 29 јануари оваа година, но беше одложено поради болест на еден од нив. Следното сослушување е закажано за 4 март, но останува неизвесно дали тоа ќе се одржи.

Обвинителството за воени злосторства (ОВЗ) на Србија ги обвини Гојко Лукиќ, братот на Милан Лукиќ, Љубиша и Душко Васиљевиќ, Јован Липовац и Драган Ѓекиќ.

Сепак, семејствата на жртвите не се надеваат многу дека некој суд ќе осуди некого друг, освен директните сторители на злосторството, нагласувајќи дека властите не се заинтересирани да ги најдат останките на другите жртви или да им платат отштета на семејствата.

Погубени во изгорена куќа

Според обвинението на ОВЗ, на 27 февруари 1993 година, била формирана група од 25 до 30 припадници на Војската на Република Српска (ВРС), која била задолжена да ги киднапира патниците од несрпска националност, од возот кој се движел на релација Белград-Бар (Црна Гора).

Истиот ден, припадниците на групата, околу 15.30 часот, пристигнале во Штрпци, каде што, заканувајќи му се со оружје, го принудиле контролорот на железничкиот сообраќај да го запре возот. Обвинителството тврди дека во таа група биле лицата Љубиша и Душко Васиљевиќ и Јован Липовац.

Откако возот запрел, дел од војниците се распоредиле од двете страни на пругата, а дел влегле во возот и почнале да им ги проверуваат личните карти на патниците, со цел да ги идентификуваат оние кои не биле Срби.

Од возот биле симнати Февзија Зековиќ, Халил Зупчевиќ, Илијаз Личина, Расим Чориќ, Нијазим Кајевиќ, Мухедин Нахиќ, Исмет Бабачиќ, Есад Капетановиќ, Сенад Ѓечевиќ, Сафет Прељевиќ, Адем Аломеровиќ, Звијездан Зуличиќ, Сеќо Софтиќ, Фехим Бакија, Рифат Хусовиќ, Јусуф Растодер, Томо Бузов, Џафер Топузовиќ, Фикрет Мемовиќ и уште еден непознат патник.

Подоцна, двајца сведоци опишаа дека некои од патниците викале: „Земете ги, убијте ги!“.

Жртвите биле качени во воен камион и одвезени во основното училиште во селото Прелово, кое се наоѓало во близина, каде што им се придружиле Гојко Лукиќ и Драган Ѓекиќ.

Во основното училиште жртвите биле тепани, им било наредено да ја соблечат облеката и им биле одземени парите и скапоценостите, се наведува во обвинението.

Жртвите, кои биле само во долна облека, а рацете им биле врзани со жица позади грб, биле однесени во изгорена куќа во селото Мушиќи, каде што биле егзекутирани во групи од по две до три лица. Две жртви биле убиени додека се обидувале да избегаат.

Какви сознанија имал Белград за ова злосторство

Вишиот суд во Белград, каде што се суди предметот за Штрпци. Фото: БИРН

Во септември 2002 година, Црна Гора го осуди Небојша Ранисављевиќ, припадник на единицата „Одмаздници“, на 15 години затвор, за учество во киднапирањата и убиствата.

За време на судењето, ЖТП (железничкото транспортно претпријатие) Белград, на судот му достави дотогаш доверливи извештаи, кои покажуваат какви сознанија имале властите во Белград, за планираното киднапирање.

Во извештајот потпишан од страна на директорот на ЖТП, одговорен за секторот за одбранбени подготовки и заштита, Митар Мандиќ, се вели дека на 28 јануари, бил информиран дека српските сили ќе го запрат возот и ќе ги „симнат патниците“.

„Целата акција би се одвивала на делот на пругата Белград-Бар, која поминува низ Босна и Херцеговина“, напишал Мандиќ, во извештајот до генералниот директор на претпријатието, на 1 февруари 1993 година.

Мандиќ, исто така, информирал оти имал состаноци за ова прашање со претставници на милицијата, на Службата за државна безбедност и на Министерството за одбрана.

Според документите, ЖТП побарало од Министерството за одбрана и од Војската на Југославија (ВЈ) да извршат притисок врз силите на босанските Срби, да ја откажат планираната акција.

Сепак, комисијата на Црна Гора, формирана со задача да спроведе истрага за киднапирањето, од  Републичкото обвинителство на Србија, добила документи кои покажуваат дека кондуктерот, на билетите ги запишал имињата на патниците, додека возот го напуштал Белград.

Во извештајот на црногорската комисија од 1995 година, се наведува дека постојат сомневања дека киднапирањата биле „внимателно планирани“.

Некои семејства на жртвите се убедени дека зад планирањето и извршувањето на злосторствата, стојат српските власти.

„Ова е дело на државното раководство. Тоа не беше некаков грабеж или одмазда, туку сценарио изготвено во Белград“, вели, Наил Кајевиќ.

Рагиб Личина, чиј брат Илијаз бил меѓу жртвите, истакна дека за време на судењето на Ранисављевиќ вистината излегла на видело, но оти судовите не постапиле по овие сознанија.

„Тоа е реалноста, сè е познато, но нема правда, нема казна за злосторството“, изјави Лична за БИРН.

Тој додаде дека властите не сториле ништо за да ги пронајдат останките на останатите 16 лица, кои сé уште се водат за исчезнати.

Посмртните останки на четири жртви – Халил Зупчевиќ, Расим Ќориќ, Јусуф Растодер и Илијаз Личина – беа пронајдени во езерото Перучац, кое се наоѓа на границата меѓу БиХ и Србија, во 2009 и 2010 година.

Во заедничката операција спроведена во 2014 година, Босна и Херцеговина и Србија уапсија 15 лица осомничени за киднапирањата во Штрпци, меѓу кои беа и Гојко Лукиќ и поранешните офицери на ВРС, Лука Драгичевиќ и Бобан Инѓиќ.

Судењето на Драгичевиќ, на Инѓиќ и на уште осум други лица, кое започна пред Судот на БиХ во 2015 година, сѐ уште трае. Единствен што ја призна вината беше Миќо Јовичиќ, кој беше осуден на 5 години затвор.

Во Србија, ОВЗ на Србија подигна обвиненија против Гојко Лукиќ и уште четворица осомничени, во мај 2018 година, речиси три и пол години после нивното апсење.

Рагиб Личина, кој живее во Бијело Поље, Црна Гора, вели дека би сакал да присуствува на судењето, но се плаши да отпатува во Србија.

„Ние (семејствата) сакаме сторителите и оние кои издале наредба, да се донесат пред лицето на правдата и да добијат соодветна казна“, додава Личина.