Регион

Поранешен командант изјави дека ќе докаже оти ОВК водела „праведна војна”

Фото: Википедиа/Фотографија на Агим Кучи

Агим Кучи, за БИРН изјави дека Специјализираното обвинителство во Хаг, кое е задолжено за водење на истраги  за наводните злосторства извршени за време и непосредно по војната, 1998-2000, во Косово, го повикало на разговор.

„Се разбира дека ќе одговорам на повикот”, рече Кучи, кој за време на војната, прво беше командант на 122 бригада на оперативната зона Паштрик на ОВК, а потоа и командант на 123 бригада во Сува Река.

„Ќе докажеме дека нашата војна беше праведна”, истакна тој.

Пред војната, Кучи бил офицер на Југословенската народна армија (ЈНА). Тој е експерт по информатика, односно гранката информатичко инженерство.

Тој му е вујко на Бурим Рамадани, заменик министер на Косовските безбедносни сили и поранешен пратеник на Алијансата за иднина на Косово, ААК, на премиерот, Рамуш Харадинај.

Тој е и близок пријател со поранешниот командант на ОВК, кој минатата недела беше повикан во Хаг, Блерим Кучи. И двајцата доаѓаат од Сува Река.

Агим Кучи нагласи дека Специјализираните совети на Косово, односно специјалниот суд во Хаг, кој ќе им суди на осомничените против кои Специјализираното обвинителство ќе поднесе обвиненија, „немаат причина да обвинат ниту еден борец (на ОВК)”.

„Србите треба да бидат обвинети. Тие палеа, уништуваа, окупираа и силуваа, убиваа постари лица и деца. Ние само ја штитивме нашата земја“, нагласи тој.

Кучи додаде дека и претходно бил под истрага за воени злосторства, но оти не бил обвинет.

„Јас бев под истрага на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, околу четири години. Од 1998 или 1999 до 2002 или 2003 година”, рече тој.

„Никогаш не ми кажаа никакви детали за некој конкретен случај, туку само истражуваа. Потоа, по четири или пет години, добив писмо во кое стоеше дека немам никаква врска со воените злосторства“, ни рече Кучи.

Во изминатите неколку месеци, сослушани или повикани на сослушување беа и неколку други поранешни високи припадници на ОВК.

Задача на Специјализираното обвинителство на Косово, со седиште во Хаг, е да спроведе истраги за лицата осомничени за воени злосторства, кои вклучуваат убиства, киднапирања, незаконско апсење и сексуално насилство. Досега јавно не е објавено ниту едно обвинение.

Специјализираниот совет и Специјализираното обвинителство на Косово, како што е официјалното име на новиот специјален суд, се дел од судскиот систем на Косово, со седиште во Холандија, во кои е ангажиран меѓународен персонал.