Регион

Фашистичкото наследство ѝ создава главоболки на хрватската претседателка

Доколку не заземе цврст став, против историскиот ревизионизам на фашистичкото усташко движење од Втората светска војна, претседателката на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ, нема да може да ги задоволи ниту меѓународните очекувања, ниту крајната десница во земјата, велат експертите

Ненадејната промена на ставот на претседателката на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ, во врска со поздравот на усташкото движење од Втората светска војна, само е одраз на нејзината очајничка желба да ја задоволи меѓународната заедница, која ја критикува Хрватска поради историскиот ревизионизам, но и електоратот на десницата, што ја поддржуваше во изминатиот четиригодишен мандат, велат експертите.

Грабар-Китаровиќ, уште во 2017 година, изјави дека поздравот „За дом спремни”, кој и денес се користи во хрватските десничарски кругови, е „стар хрватски поздрав којшто, за жал, е компромитиран во времето на усташкиот режим”.

Сепак, на 16 февруари оваа година, таа на прес-конференција изјави оти погрешила.

„Го прифаќам фактот на кој ми укажаа историчарите, дека не се работи за историски хрватски поздрав. Но, поентата на оваа изјава не беше во тој дел од реченицата, туку на делот ‘компромитиран и неприфатлив’”, рече таа.

„За дом спремни” е кованица на усташкото движење од Втората светска војна. Усташите беа сојузници на нацистичка Германија и на фашистичка Италија и вршеа прогон на хрватските Срби, Евреи, Роми и на другите политички противници.

За време на Татковинската војна во 90-тите години, паравоените Хрватски одбранбени сили (ХОС), исто така, го користеа овој поздрав, кој се наоѓа и на нивниот официјален грб. ХОС, за време на војната беше интегриран во хрватската војска (ХВ), а по војната, ветераните на ХОС, официјално го легализираа грбот на овие единици, чиј составен дел е и поздравот „За дом спремни”.

Неколку дена откако ја призна својата првична грешка, Грабар-Китаровиќ, даде уште едно толкување на поздравот, за да ја рефлектира официјално санкционираната употреба од страна на ХОС.

„’За дом’ е една од историските варијанти на хрватскиот поздрав, а ‘За дом спремни’ е официјален, компромитиран поздрав на Независната Држава Хрватска (НДХ), кој треба да се разликува од поздравот ‘За дом спремни’ на припадниците на единиците од Татковинската војна, кој е дел од нивните никогаш забранети обележја”, изјави таа за хрватското радио на 22 февруари.

Двосмислен став кон минатото

Колинда Грабар-Китаровиќ полага венец за време на комеморацијата одржана во знак на сеќавање на 6 милиони Евреи, убиени од страна на нацистите, во меморијалниот центар на холокаустот во Јад Вашем во Ерусалим, во 2015. Фото:http://predsjednica.hr

Контроверзноста продолжува поради растечките критики упатени кон хрватската Влада, поради наводното толерирање на десничарските ревизионисти, кои сакаат да ги рехабилитираат НДХ и усташите.

Поединци, на овој збунет обид за самооправдување на Грабар-Китаровиќ, гледаат како на обид да се задоволат барањата на овие сили во хрватското општество, од една страна, а од друга страна, да се задоволи и меѓународната заедница.

„Таа е помеѓу два огна. Од една страна, очигледно сака да одговори на критиките што Хрватска ги добива од странство, главно од САД, кои велат оти таа мора поодлучно да му се спротивстави на историскиот ревизионизам, на поздравот ‘За дом спремни’ и на другите усташки симболи”, вели за БИРН, Дејан Јовиќ, политички аналитичар и професор на Факултетот за политички науки во Загреб.

Грабар-Китаровиќ не знае со сигурност каде е нејзината позиција во политичкиот спектар, вели политичкиот филозоф и аналитичар, Жарко Пуховски.

„Таа беше позиционирана на страната на десницата и тоа беше повеќе или помалку јасна позиција. Тогаш почна да се движи кон центарот, по што сфати дека тоа можеби е преблиска позиција до центарот и сега сака да се врати кон десно”, вели Пуховски за БИРН.

За време на нејзиниот четиригодишен мандат, Грабар-Китаровиќ даде неколку изјави, со кои го осуди усташкиот режим, но тоа главно се случуваше кога таа одеше во странство или за време на посетите на странските претставници на Хрватска.

Пуховски смета дека изјавите се дадено под надворешен притисок, посочувајќи го примерот кога во 2016 година, таа ја осуди НДХ и усташите, кога претставникот за холокауст на американскиот Стејт департмент, Николас Дин, ја посети Хрватска.

„НДХ беше најмалку независна и најмалку ги штитеше интересите на Хрватите, а усташкиот режим беше злосторнички”, изјави, во тоа време, таа.

За време на нејзината посета на Светскиот центар за истражување на холокаустот, Јад Вашем, во Ерусалим, во 2015 година, Грабар-Китаровиќ, исто така, ја осуди улогата на усташите во холокаустот.

„Изразувам најдлабока тага и жалење поради сите жртви на холокаустот во Хрватска, поради оние што настрадаа од раката на колаборационистичкиот усташки режим во Втората светска војна”, нагласи таа, додавајќи дека НДХ фрлила дамка на хрватскиот народ.

Но, во домашен контекст, Грабар-Китаровиќ има многу подвосмислен став кон усташкото минато на земјата.

Иако, во 2015, ја отфрли петицијата на десничарите, поздравот „За дом спремни” да се воведе како официјален поздрав на хрватската војска, таа, две години подоцна, ја даде познатата контроверзна изјава дека станува збор за „стар хрватски поздрав”.

Со оглед дека хрватските десничари често го нагласуваат овој став, оваа нејзина изјава кај нив наиде на одобрување.

Меѓутоа, сега десничарите ја критикуваат, бидејќи таа се повлече и рече дека „За дом спремни” не е стар хрватски поздрав.

Во пресрет на претседателските избори, што треба да се одржат оваа година, Грабар-Китаровиќ, се обидува да најде рамнотежа помеѓу критиките што доаѓаат од странство и политиката на „контрола на штетата” што ја води, за да ја смири екстремната десница, вели Јовиќ.

„Таа не го смени, ниту пак експлицитно го изрази својот став врзано за овој поздрав и за употребата на усташките симболи, туку врши политички пресметки и влегува во големи контрадикторности”, објаснува тој.

Јовиќ нагласува дека е „илузорно да се мисли дека нешто што е кажано за домашна потреба, со цел да се задоволат радикалните националисти тука (во Хрватска), нема да слушнете никаде на друго место”.

Тој сугерира дека промената на ставот на Колинда Грабар-Китаровиќ, може, за неа, на претстојните избори, да доведе до губење на гласовите.

„Со нејзиниот последен обид, повторно да ѝ се приближи на крајната десница, таа го загрозува имиџот на Хрватска во странство. Хрватските гласачи никогаш не гласале за проусташки партии и нивната улога била претежно маргинална, сѐ додека мејнстрим политичарите не ги нормализираа, толерирајќи ги како нешто нормално”, вели тој.

Сепак, Пуховски, истакнува оти верува дека на меѓународниот имиџ на Хрватска, нема да му биде нанесена штета, бидејќи „во моментов има и поважни и поголеми земји коишто се во ЕУ, во кои екстремната десница добива многу позначајна поддршка”.

„И покрај тоа што сето ова ќе ѝ предизвика значителни проблеми на Грабар-Китаровиќ во изборната година, јас сепак мислам дека таа е голем фаворит и дека повторно може да победи”, предвидува тој.

Толерирање на симпатизерите на усташите

Концентрационен логор Градишка Фото: Wikimedia

Со своите последни коментари врзано за поздравот „За дом спремни”, Грабар-Китаровиќ, се чини, својата позиција ја базира на заклучоците на владиниот Совет за справување со последиците од владеењето на недемократските режими.

Во декември 2016 година, беше објавено дека здружението на ветерани на ХОС, во селото Јасеновац, поставило спомен-плоча, на која се наоѓа нивниот легален грб, во кој е врежан поздравот „За дом спремни”. Бидејќи Јасеновац е местото во кое некогаш се наоѓаше најголемиот усташки концентрационен логор, во кој усташите убиле повеќе од 83.000 Срби, Роми, Евреи и антифашисти, овој потег се сметаше за провокација, на здружението и на политичарите на малата националистичка Хрватска партија на правата, кои беа присутни на церемонијалното откривање на спомен-плочата.

Под притисок на медиумите и опозицијата, хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, го формираше Советот за справување со последиците од владеењето на недемократските режими, со задача да предложи законски прописи, за употреба на поздравот „За дом спремни”, како и на другите спорни симболи на НДХ, но и на социјалистичка Југославија.

По една година работа, советот заклучи дека „За дом спремни” може да се користи само при комеморации за загинатите припадници на ХОС.

И советот, и Грабар-Китаровиќ, најавија дека употребата на поздравот треба да се гледа во контекст на тоа кој го употребува и во каква пригода.

Но, Јовиќ вели дека „прашањето е зошто ХОС го користи токму тој поздрав”. Тој објаснува дека токму Хрватската партија на правата, која ги формирала ХОС како нејзино воено крило во 1991 година, ја промовирала носталгијата по усташтвото во деведесеттите години.

ХОС, исто така, било името што се користело за вооружените сили на НДХ формирани во 1944 година, вклучувајќи ги и усташките, и мобилизираните домобрански единици. Единиците на ХОС во деведесеттите, беа именувани по усташки команданти, а неговите припадници често носеа униформи слични на усташките, па дури и го користеа нацистичкиот поздрав кога го извикуваа слоганот „За дом спремни“.

Јовиќ вели дека е погрешно да се претпостави дека ХОС се достојни за истата почит, како и сите други кои учествуваа во војната во деведесеттите години, и додава дека Грабар-Китаровиќ намерно се обидува да ги „рехабилитира настани од 40-тите година, со користење на настаните од 90-тите”.

„Таа не сака денешна Хрватска да се дистанцира од или да се справи со трагедијата и злосторствата на усташкото движење”, додава тој.

Инаку, еден хрватски претседател може да ја врши претседателската функција само два пати, но Пуховски смета дека континуираните контроверзии околу поздравот „За дом спремни“ и наследството на НДХ, „нема да бидат решени со години”.

Тој смета дека проблемот не е во симпатизерите на усташите, туку што значителен дел на хрватското општество ги толерира, па дури и ги одобрува.

„Ова е став на мнозинството, кое смета дека треба да се има разбирање (за усташките симпатизерите), бидејќи тие се сепак ‘наши момчиња’ … Ставот на голема група на луѓе е дека тоа е („За дом спремни“) дел од нашиот национален идентитет, што другите сакаат да ни го одземат“, заклучува тој.