Анализи

Сечи си, плати си и гради си

Како се заобиколува законот за урбано зеленило

Кога сателитите што ги користи Гугл следниот пат ќе ја фотографираат скопската населба Мичурин, на снимките ќе има десетина дрвја помалку од она што се гледа сега. На нивното место ќе се види голема дупка или можеби бетонски темели. Но, барем поради таа причина, во касата на Град Скопје ќе има 1.800 евра повеќе.

Минатиот месец беше урната една од последните три стари двокатни згради во Мичурин, изградени за работниците во некогашната фабрика за преработка на зеленчук што функционирала таму. Како и во претходните дваесетина случаи, таа ќе биде заменета со висококатница, што ќе биде барем двојно поширока во основата. Во такви услови, едноставно нема место за двор околу зградата, во кој би останале дрвјата што растеле таму со децении.

Овие дрвја не беа важни само поради носталгичните сеќавања на некои стари скопјани или поради желбата на активистите за похуман урбан развој да се задржи што повеќе зеленило во градот. Нивниот опстанок е, односно требаше да биде гарантиран со Законот за урбано зеленило што во 2018 година го изгласа македонското Собрание.

Сепак, како и во други претходни случаи, на инвеститорот му беше поисплатливо да ги исече и да ја плати максималната казна за тоа, отколку да загуби градежен простор поради нив.

Глоба наместо загуба од стотици илјади евра

Кога дрвото ќе се најде зад градежните тараби, мали му се шансите | Фото: БИРН

Во законот стои дека дрвјата, без разлика дали се на државно или на приватно земјиште, не смее да се сечат без одобрение од стручни лица од Град Скопје, и дека сечењето се дозволува ако дрвото е старо, болно, нестабилно, оштетено од невреме, има ризик да предизвика штета врз околниот простор и слично. Сечењето здрави и стабилни стебла се казнува парично.

Вкупно 13 казни изрекле градските инспектори за недозволено сечење дрвја во изминативе три години. Пет од нив, во висина од 800 до 1.800 евра, биле против градежни фирми, две против јавни институции, а другите шест против граѓани, кои биле казнувани со по 50 евра за отстранети здрави стебла од своите дворови.

Триесетина израснати стебла се загубени на овој начин поради градењето згради, а тоа може да се види од историските сателитски снимки.

За урнатата зграда во Мичурин и за исечените дрвја околу неа реагираше советникот од Град Скопје, Горјан Јовановски, член на иницијативата Зелен хуман град, кој укажа на очигледното – законот не е ни од далеку доволен за да ги обесхрабри градежниците.

„Што се 1.800 евра за инвеститор, ако со тоа има бланко можност да исече децениско зеленило и да лупне зграда на неговото место. Законот е смешен и е наменет да им биде во корист на инвеститорите, не на општото добро“, ни кажа Јовановски.

Казната од 1.800 евра, еден инвеститор ќе ја покрие од продажбата на еден до еден и пол квадратен метар станбен простор, според сегашните цени. Од друга страна, ако треба да го испочитува законот, тоа би го чинело многу повеќе. На пример, ако треба да остави едно дрво и поради тоа да отстапи три-четири квадрати од максималните димензии што му се дозволени, би загубил станбен простор вреден триесетина илјади евра, бидејќи нема да се повлече само во приземјето, туку и на секој кат нагоре. Ако парцелата има пет-шест или повеќе дрвја, пак, загубите би се мереле во стотици илјади евра.

На тој начин, последиците од непочитувањето на законот стануваат многукратно поисплатливи отколку придржувањето кон неговите одредби.

За ова е свесна и претседателката на партијата ДОМ, Маја Морачанин, која, заедно со неколкумина нејзини колеги пратеници во 2018 година го иницираа законот, а по неговото изгласување објавија победа на зелените политики во градовите.

„И јас сум добивала информации од граѓани дека законот се заобиколува на овој начин. Мора да размислуваме како да го надминеме овој проблем, како да направиме нешто повеќе за да се демотивираат прекршителите. Можеби се потребни уште построги казни, но јас не сум правник и не знам до каде може да се оди, бидејќи и тука има ограничувања“, рече Морачанин за БИРН.

Канцелариско делење градежни дозволи

Нема место за зеленило на парцелите | Фото: БИРН

Загубата на дворското зеленило е тема за која поретко се зборува во јавноста, кога се дискутира за т.н. бетонизација на градовите, во која повеќе нагласок се става на губењето на јавните зелени површини преку нивни продажби, денационализации и пренамени.

Но, една од поголемите промени што ја направија деталните урбанистички планови носени низ целиот главен град во изминативе 10-15 години е што дозволија зголемување на димензиите на постојните градби, и во основата, и во висината. Тоа трансформираше многу населби во повеќе општини, каде што куќите станаа мини-згради, дворовите паркинзи, а дрвјата – огревен материјал.

Карпош е една од општините каде што оваа појава е масовна, во населбите како Тафталиџе, Козле, Жданец, а делумно и во Влае. Законот за зеленило што ги штити дрвјата не го спречува тоа.

„Законот е од 2018 година, но ДУП-овите се од претходно и се инсистира да се работи по нив“, ни рече Невена Георгиевска, општинска советничка од групата Независни за Карпош, која на последните локални избори освои две места со ветувања за позелени општински политики.

ДУП-овите не мора да бидат пречка за да се спроведе законот, бидејќи ако тие определуваат максимални димензии, тоа не значи дека секој инвеститор мора да изгради толкав објект. Само дека не може да се оди над дозволеното. Па така, ако на маркичката има дрво што е здраво и според законот не треба да се сече, може да се направи помала градба.

За да добијат градежни дозволи, инвеститорите до општините треба да достават проекти за тоа како ќе им изгледа новиот објект и колкави димензии ќе има. Тогаш, како се случува да ги добиваат одобренијата, ако во нивните проекти не е оставен простор за старото зеленило? Така што се гледа само што пишува во ДУП-от, а не и што има на теренот.

„Општинските служби треба да излегуваат на терен за да ја увидат состојбата со зеленилото пред да дадат градежна дозвола според некој поднесен проект. Но, не го прават тоа“, вели Георгиевска.

Пет години без зелени катастри

Заштитата на природата во урбаните центри станува сè понедостижна | Фото: БИРН

Во законот е предвидено решение и за овој проблем. Пратеничката Морачанин потсетува дека со него се обврзала секоја општина да направи т.н. зелен катастар, односно попис на целото зеленило, секоја површина и секое дрво, со основни податоци, без разлика на чиј имот се наоѓа, јавен или приватен.

„Таквите катастри треба да бидат транспарентни, а податоците ќе може да помогнат во урбанистичкото планирање, за тоа каде какви објекти да се предвидуваат, со колкави димензии, какви дозволи да се даваат итн. Но, пет години откако е донесен законот, општините не си ја исполнија оваа обврска“, вели Морачанин.

Советничката Георгиевска со свој пример објаснува дека општините имале повеќе од доволно време за да направат зелени катастри и причината зошто тие не постојат, не може да се бара во немањето капацитет. Во 2015 година, кога беше подготвен нов предлог-ДУП за населбата Карпош 4, локални жители и активисти, меѓу кои и Георгиевска, се побунија против решенијата што предвидуваа повеќе простори за паркирање на сметка на зеленилото.

„Тогаш, во соработка со здружението Плоштад Слобода, ги избројавме сите дрвја, секое зеленило. Општините можеа да го искористат тоа како пример, да видат колку волонтери би им биле потребни за кои простори и да направат пребројување. Но, никој не го стори тоа“, рече таа.

Подготвеноста да се плати казната за сечењето децениски дрвја не е единствен пример за заобиколување на Законот за урбано зеленило. Со слободни толкувања или со целосно игнорирање се изигрува и обврската на секој нов инвеститор да отстапи најмалку 20 отсто од парцелата за ново зеленило. Пет години по усвојувањето, целта што требаше да се постигне со ова законско решение – заштита на природата во урбаните центри, станува сè понедостижна.