Дадарио, денес командант на мисијата на НАТО – КФОР во Косово, се сеќава на попладнето кога пристигнал во оваа земја, како и на „ужасната” атмосфера со која се соочил.
„Луѓето страдаа со месеци. Знам дека пред нашето пристигнување, тука имало страдања и суровост и покрај обидите на меѓународната заедница да го спречи тоа. Ситуацијата беше сериозна, многу тешка“, вели тој.
Дадарио се сеќава на овој период, и како период во кој многу научил.
„За војник, тоа е фантастично чувство, затоа што чувствувате дека правите нешто вредно, дека сте се оствариле и како човек, и како професионалец. Мислевме дека правиме нешто многу важно“, објаснува тој.
Дадарио, кој тогаш бил офицер во седиштето на Главниот штаб на КФОР во Приштина, вели дека ова е многу возбудливо за војниците како него, иако, како што истакнува, во тоа „немало ништо херојско”.
Тој се сеќава дека додека патувал долж косовските патишта, видел луѓе кои преживеале „големи загуби” и кои биле соочени со „тага, несигурност и страв”.
Во градот без струја, една работа го импресионирала Дадарио – секој стан имал сателитска антена и луѓето биле желни да дознаат што ќе се случува.
Војната официјално заврши во јуни, но насилствата продолжија, бидејќи бегалците кои се враќаа во своите домови, им се одмаздуваа на Србите.
„Луѓето сакаа да знаат дали да останат или да избегаат. Тоа беше тоа чувство на опасност која доаѓа, кога ве носи морето на несигурност“, истакнува тој.
„Имавме моменти на конфликт”
Дадарио во февруари 2004 година, по втор пат бил распореден во Косово, овој пат како командант на италијанскиот контингент на силите на НАТО во Пеќ.
Тој бил изненаден од брзата реконструкција на земјата и од големиот број на нови згради, додека Косово, кое се наоѓало под администрацијата на ООН, се обидувало да се опорави од војната.
Но, неколку дена по неговото пристигнување, во март 2004 година, избувнува најлошиот меѓуетнички конфликт по војната, кој резултираше со 19 мртви и стотици повредени.
Како командант на баталјон, тој гледал како ООН и НАТО се обидуват да го смират вооружениот конфликт меѓу Србите и Албанците, а неговите војници се обидуваат да ги заштитат српските православни цркви и манастири од уништување.
„Имавме моменти на конфликт и беше доста тешко. Тоа беше чувство на губење на време и луѓето беа користени за работи што се против нивните интереси. Имавме слика на луѓе кои како да беа опиени од насилство, кои со толкава страст и упорност, за само неколку часа, уништуваа нешта кои со години биле градени. Тоа беше момент на разочарување“, вели тој.
Но, наскоро, како што додава, тој, „на лицата на децата” видел верба во посветла иднина, видел луѓе кои сакаат да се соочат со болното минато и да го отфрлат неговиот товар.
„Чувствував дека луѓето сакаат да свртат нова страница“, нагласува тој. „Можевме да почувствуваме дека животот е пред нас”.
„На Косово му треба време, дијалог и компромис”
Дадарио ја презема функцијата командант на КФОР на крајот од 2018 година. Тој истакнува дека мисијата, и по две децении од првото влегување на трупите на НАТО во Косово, е „решена да продолжи да ја одржува безбедноста”.
„Членките на НАТО неодамна ја потврдија својата посветеност (на КФОР) и навистина, тие сега ќе решаваат за тоа како овие сили понатаму да продолжат и јас не гледам никакви значајни промени (во посветеноста на сојузот)”, додава тој.
Запрашан за коментар во врска со инцидентите меѓу Косово и Србија, како оној кога Србија ги стави своите единици во состојба на борбена готовност, по антикорупциските рации на косовската полиција во регионот со српско население, Дадарио вели дека „ситуацијата често не е толку вознемирувачкa како што пишуваат весниците, кои не ја отсликуваат реалната состојба“.
Сепак, нагласува дека Косово сé уште е средина во која луѓето, во голема мера, се подложни на политичка реторика, што може да предизвика дестабилизација. Тој истакнува дека неговите сили ќе останат будни: „Најлошото нешто што може да се случи, кога е во прашање безбедноста, е да се направи погрешна проценка”, вели тој.
Според командантот на КФОР, на Косово му треба „време, убедување, дијалог и компромис”, со цел да се обезбеди подобра иднина. Тој истакнува дека НАТО ја гарантира безбедноста, за да имаат политичарите простор за разговор.
„Ќе немаше дијалог, доколку немаше безбедност. Но, исто така, потребни се и политички услови. Доколку е потребно, КФОР е подготвен да реагира брзо“, нагласува тој.
НАТО не зазема страна во тековните разговори меѓу Косово и Србија, кои се водат со посредство на ЕУ, за нормализирање на односите меѓу двете земји, но Дадарио предупредува дека секое решение вклучува и одредени промени.
„Некои луѓе ќе бидат среќни со промените, други нема. Ние нема да го намалиме нашето присуство“, додава тој.
„Знам дека се преговара, двете страни (Косово и Србија) мора да преговараат. Но, јас секогаш се потсетувам на луѓето кои не толку одамна, беа соочени со трагедија. Она што е важно, според мое мислење, е да не дозволиме часовникот да се врати назад“, вели тој.
Дадарио смета дека од крајот на војната во Косово, до денес, „е постигнат огромен напредок“, иако не е направено доволно кога станува збор за кривичното гонење на сторителите на воени злосторства.
„Кога станува збор за севкупниот напредок, ова никогаш не било на задоволително ниво”, вели Дадарио.
„Само помирувањето и политичкиот договор се услови за вистинско соочување со болното минато”, заклучува тој.