Интервјуа

Сеќавање на прославата на Денот на победата над фашизмот во 1945 година

Србија го одбележува Денот на победата над фашизмот, настан кој за еден од преостанатите народни херои, буди спомени на одбележувањето на овој ден во 1945 година.

Советскиот генерал Георги Жуков на првата парада во Москва во 1945. Фото: Викимедиа

Пишува: Вања Ѓуриќ, Белград

Пред седумдесет и две години, по завршувањето на Втората светска војна, младиот Србин, Петар Матиќ Дуле, се наоѓал на Црвениот плоштад во Москва, на прославата на Денот на победата над фашизмот. На оваа прва прослава, по повод капитулацијата на нацистичка Германија, потпишана во мај 1945 година, учествувале 40.000 војници на Црвената армија и околу 2.000 воени возила.

Како млад комунист од Ирига во Војводина, Матиќ уште на почетокот на Втората светска војна, ѝ се приклучил на Народноослободителната борба (НОБ), во која бил ранет двапати.

Кога војната завршила, тој бил пресреќен кога Јосип Броз Тито, заедно со уште 14 други лица, го испратил во Москва, да присуствува на парадата на победата, што ја организирал Сталин.

„Тоа беше историски момент. Нешто прекрасно. Ја гледавме армијата што ја доби светската војна – добро организирана, добро обучена … толку многу луѓе имаше на Црвениот плоштад во Москва, што беше тоа драматична сцена за мене, бидејќи во исто време, и на исто место, видов и радост, и тага“, вели за БИРН, 97-годишниот Матиќ.

Поранешните комунистички земји го слават 9 мај како ден на победата над нацистичка Германија во Втората светска војна, но времето што го поминал во главниот град на Советскиот Сојуз, за Матиќ било исполнето и со тага.

Тој се сеќава како на железничката станица во Москва имало луѓе кои во очај го чекале враќањето на своите сакани.

„Видов мајки, деца и други роднини, кои ги чекаа членовите на своите семејства да се вратат назад. Но, многу од нив се вратија дома без својот херој. Тоа беше толку болен момент, полн со тага. Само некои од овие војници се вратија живи од војната“, вели тој со солзи во очите.

Советите ја славеа победата, но, исто така, победници беа и Југословените, нагласува тој.

„Се разбира дека бевме! Освен Југославија, тука беа и другите западни земји со големи армии, само Грција и Албанија се бореа за слобода. Понекогаш против нас имавме 20, 30, 50 непријателски дивизии, имавме респектабилна војска, околу 300.000 војници беа убиени, бројни села низ цела Југославија беа запалени, но сепак, сите се боревме против фашизмот“, објаснува тој.

За време на војната, Матиќ главно се борел во партизанското движење во Војводина и во Срем.

„Војводина е една од оние кои најмногу сторија во борбата за слобода“, вели тој.

„И покрај тоа што не беше во центарот на воените збиднувања, Војводина даде бројни и добро опремени единици што се бореа во Босна и учествуваа во стратешката офанзивна операција во Белград (1944). Бевме толку обединети, што другите единици не можеа да се споредат со нас“, додаде тој.

Матиќ бил активист на Комунистичката партија од 1941 година, а по Втората светска војна, станал член на Претседателството на Централниот комитет на Сојузот на комунистите на Југославија.

Добитник е на орденот на честа, а во 1951 година бил прогласен за народен херој.

„Бев одликуван и бев горд, но никогаш не сум се фалел за тоа. Имаше многу херои во војната, и мислам дека некои од нив, исто така, заслужија орден“, рече тој.

Во одбрана на обединета Југославија

Народниот херој, Петар Матиќ Дуле, во својот дом во Белград. Фото: БИРН

Матиќ, до крајот на својата професионална кариера, ја бранел идејата за обединета Југославија.

Во 1988 година поднел оставка на местото претседател на Сојузот на здруженијата на борците од НОБ, СЗБНОБ, во време кога во поранешна Југославија почнува да расте политичкото влијание на Слободан Милошевиќ.

Вели дека во тоа време, некои членови на СЗБНОБ од Србија веќе почнале да ги искажуваат своите националистички ставови.

„Разговарав со другите членови на СЗБНОБ и сфатив дека за мене нема повеќе место, бидејќи почнаа да се делат. И покрај тоа што имав поддршка од некои словенечки, хрватски и босански членови, групата од централна Србија, беше подготвена да го прошири своето влијание, и во тоа успеа“, вели тој.

Додава дека Милошевиќ го оквалификувал како некој кој „не е доволно Србин“, иако никогаш не се сретнале.

„Мислам дека тој не е единствениот виновник за сето она што се случи во Југославија. Кога нашето општество беше подготвено за трансформација, почнаа да доминираат демократски идеи, но се зголеми и популарноста на националистите. Тие одлучија во која насока ќе се движи нашето општество, се држеа до идејата дека ние (Србите) треба да бидеме во една земја и дека сме подобри од другите“, објаснува тој.

Што се однесува до наследството на Тито, Матиќ смета дека тој денес веројатно ќе се сметал за автократ, но по војната тој не можел да дејствува како демократ, бидејќи биле тешки времиња.

„Демократијата не беше можна. Кога ќе се сетам на разговорите што ги водеше со покраинските лидери и оние од поранешните југословенски републики, ќе заклучите дека тој секогаш се обидувал да ги ислуша, да размисли за проблемите, да прими совети и да донесе одлука прифатлива за сите. Тој дефинитивно не беше автократ“, нагласува тој.

Денес, другарот Дуле, како што за време на војната го нарекувале партизаните, своите денови ги минува во тивката белградска населба Сењак.

Сѐ уште е заинтересиран за дневно-политичките прашања и редовно ги следи вестите од Балканот и од светот. Обично слуша радио, а понекогаш неговата сопруга му чита и весник.

Матиќ смета дека владејачката Српска напредна партија и нејзиниот лидер, премиерот и нов шеф на државата, Александар Вучиќ, политички се поблиску до Милошевиќ, во чија влада, во текот на 90-тите години, бил и самиот Вучиќ.

„Без разлика кој што мисли за Вучиќ и за неговиот режим, мислам дека неговиот пристап е производ на стариот систем, дека е поблизок до тој систем, отколку до демократијата“, вели тој.

И покрај сето ова, југословенскиот народен херој и ветеран во борбата против фашизмот, вели дека во Србија повторно ќе доминира демократскиот дух.

„Ќе дојде до будење, но за тоа е потребно доста време“, заклучува тој.