Анализи

Сенката на ДУИ врз изборот на Ислам Абази

Обвинителска кариера на брза лента

На медиумите им требаа часови по пребарувачите за да ископаат фотографија од новиот шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Иако станува збор за професија што е јавна, ликот на новоизбраниот шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, со денови беше прикажуван со црна силуета на медиумските дебати.

Ваквата непостоечка јавна кампања, сепак, се покажа како добитна за гостиварскиот виш јавен обвинител Ислам Абази, кој вели дека лично водел кампања директно со обвинителите.

Не прецизираше конкретно на што мисли.

На првиот медиумски настап по изборот, Абази го дочекаа прашања околу бројните шпекулации дека неговиот избор се должи на поддршката од ДУИ.

Со дефанзивен тон говореше дека нема политички хипотеки и дека повеќе би сакал да разговара за неговиот „иден ангажман“, кој му претставува „предизвик“.

Пресудни гласовите на републичките обвинители

Првиот прес на новиот шеф на ОЈО-ГОКК | Фото: БИРН

Изборот за обвинител и брз напредок во кариерата, во време кога во полн ек владее коалицијата ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, куќа на родителите во Зајас, родното село на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, изборот на сопругата за слушател на Академијата за судии и обвинители, како и првата честитка од заменик-министерот за правда од ДУИ, Агим Нухиу.

Ова накратко е политичката сенка, во која, на шефовското столче во Организиран криминал треба да седне Ислам Абази.

Последниот настан во оваа низа беше честитката на заменик-министерот за правда, Нухиу, кој сподели, па ја повлече заедничката фотографија со новоизбраниот шеф.

Очигледно задоволниот заменик-министер за правда напиша дека со нетрпение очекува „напредок во истражните постапки, гонењето и казнувањето на случаите на организиран криминал и перење пари, со фокус на конфискација на имотот стекнат преку криминал“.

Меѓу првите новинарски прашања за Абази беа за врската со ДУИ, поточно до лидерот Али Ахмети. Се бранеше од она што е очигледно – дека тој не е член на политичка партија.

„Лични контакти немам. Сега дружењето со такви личности не е забрането. Не со функционер од ДУИ, со секого би можел да се дружам“.

Настрана од овие лични односи, долго меѓу судиите и обвинителите се шушка дека ДУИ со години го мерка ова место за свој човек.

Ама за разлика од претходните избори, кога Советот на јавните обвинители, што важи за институција подложна на политички влијанија, избираше шеф, за првпат на директни избори обвинителите непосредно го заокружија името на Абази.

Абази доби 66 гласа „за“ од 160 обвинители, односно над 40 проценти од обвинителските гласови, што секако е значителна поддршка. Овие бројки, новоизбраниот шеф самоуверено ги повтори неколкупати пред новинарите.

Рече дека за него тие се „мотив“ и „одговорност“. Се чини, пресудна за Абази беше силната поддршка од републичките обвинители, односно шест од девет гласа.

Експресен скок во кариерата

Абази постојано се повикуваше на освоените 66 гласа | Фото: БИРН

Обвинителската биографија на Ислам Абази почнува пред десет години, поточно во април 2012 година, кога е избран за основен јавен обвинител во Кичево.

Таму гонел криминал само една година и седум месеци. Веќе во следната 2013 година добива унапредување како виш јавен обвинител во Гостивар. Одлуката е објавена во истиот Службен весник, во кој за шеф на Организиран криминал е избран Јован Илиевски, инаку баџанак на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков.

Пет години подоцна, во 2018 година е избран за шеф на Вишото јавно обвинителство во Гостивар, на истата седница кога шефица на Организиран криминал стана Вилма Русковска.

Кога има ваков обвинителски скок во кариерата, фолклорот што задолжително се провлекува е дека „тука мора да има политика“.

Како кичевски основен јавен обвинител гонел фалсификатори на службена исправа, кражби, неплаќачи на издршка, затајување данок…

Гонел обвинет што преправил полномоштво во оставинска постапка, крадец на 1,2 кубика дабово дрво, кражба на паричник, потоа обвинет маж за 1,32 грама марихуана и со 13 семки канабис. Злоупотреба на службена положба, според судската база гонел неколкупати. Во еден од предметите обвинет бил екс директор на ХЕЦ Маврово за штета од 30 илјади евра.

Базата на судски пресуди открива и 20-тина предмети, каде што застапувал предмети како виш јавен обвинител пред гостиварска Апелација.

Самиот рече дека бил во работни групи за повеќе закони, меѓу кои и за Законот за јавното обвинителство во 2020. Но, првпат неговото име се најде на тапет кога му даде високи оценки на неговиот колега Арсим Адеми за да биде избран во Обвинителството со кое раководеше Вилма Русковска, иако Антикорупциската комисија го казни поради несоработка.

Обвинителите и судиите со кои разговараше БИРН, а кои на некој начин имале комуникација со Абази, велат дека станува збор за стручен обвинител, кој има издржана правна аргументација.

Абази, пак, за тоа вели „самите 66 гласа кажаа за мојата кариера, мојот професионален ангажман и моето работење.“

Тивка кампања „брег рони“

Првот жежок костен се двете истраги што ги остави обвинителката Вилма Русковска | Фото: БИРН

Медиумите му оставаа празно столче на новоизбраниот шеф Ислам Абази на дебатите што ги организираа за претставување на кандидатите. И додека другите тројца кандидати Ермон Незири, Вилма Русковска и Деса Пауновска се обидуваа да ја претстават својата визија за работата на Обвинителството, Ислам Абази избра поинаква тактика.

Се чини дека водел тивка кампања, која се покажа дека била поубедлива за колегите, од „гласното“ претставување на другите кандидати.

Впрочем, тоа го покажа и исходот од гласањето. Речиси цела гостиварска Апелација застана зад него.

Од матичното апелациско подрачје, Абази ги доби речиси сите гласови на колегите, дури и мнозинството гласови од републичките обвинители.

Армијата гласови од Скопското апелациско подрачје за противкандидатот Ермон Незири (47), наспрема 24 за Абази, покажаа дека обвинителите од Скопското апелациско подрачје повеќе го препознале Незири како шеф на Обвинителството, отколку Абази.

Во услови кога за избор на шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал нема цензус, крајниот резултат со само два гласа повеќе и три неважечки ливчиња го определи „победникот“.

Но, обвинителите со кои разговараше БИРН раскажаа дека меѓу нив со недели Абази се споменувал како еден од фаворитите заедно со Незири.

„Не знам како изгледа човекот“, ни кажа една скопска обвинителка, обидувајќи се да појасни дека немала никакви информации за нејзиниот колега-кандидат Абази, ниту, пак, прочитала програма.

„Програма прочитав само од Ермон“, ни рече друга обвинителка на само неколку метри од местото каде што Абази се подготвуваше да ја одржи првата прес-конференција.

Откако ќе ја даде свечената изјава, новиот шеф на Организиран ќе се соочи со „наследството“ што му го остави неговата претходничка, но, пред сè, двата клучни предмети: предистрагата за директорот на Финансиската полиција и станицата за технички преглед за автобусот на „Беса-транс“.

Првиот медиумски настап на Абази почна, но и заврши со прашања поврзани со ДУИ.

Прашан на што се должи тоа што во 20-годишното владеење на ДУИ нема ниту еден случај на корупција, Абази одговори: „Јас не сум работел во ова обвинителство. Некои кривични дела не биле во моја надлежност, па јас не можам да кажам за тие кривични дела“.

Во Обвинителството каде што влегува, барем јавно нема отворено истраги за функционери на ДУИ.