Анализи

Северна Македонија, Грција: Повторно пишување на историјата по Преспа

Споровите во врска со статуите и наставата по историја привлекоа внимание во Велика Британија и во САД, но тие не се ништо ново за Северна Македонија

Повеќе од 2000 години по смртта на Александар Велики, двајца тинејџери што го носат истото име како и легендарниот освојувач, сметаат дека имаат право на неговото наследство.

„Александар Велики е нашиот херој“, вели 16-годишниот Александар* од градот Битола во Северна Македонија, кој се наоѓа во близина на границата со Грција. Додека Грција ги имала Аристотел и Софокле, додава тинејџерот, наследството на Александар Велики, „кралот на античка Македонија“, според него, му припаѓа на неговата земја.

На 30-минутно возење од Битола, преку границата со Грција, во селото Ники, 16-годишниот Александрос инсистира дека Александар Велики е грчки херој бидејќи „зборувал грчки“ и тој го отфрла тврдењето дека Северна Македонија има право на неговото наследство. „Не сум ги видел нивните учебници, но некои велат дека тие ја крадат нашата историја“, вели тој.

Од Западен Балкан преку Блискиот Исток до Централна Азија, наследството на Александар Велики опстојувало во фолклорот, античките монети, распаднатите споменици и во имињата што ги носат неколку градови и безброј машки деца. Сепак, наследството на освојувачот никаде не било толку оспорено, како што е во регионот каде што започнала неговата империја.

Александрос живее во провинцијата Македонија, во северозападна Грција, родното место на Александар Велики. Александар е граѓанин на Северна Македонија, соседната земја што се формирала по распадот на Југославија во 1991 година. Името на новата независна држава – Република Македонија – предизвика повеќегодишен спор со Грција, блокирајќи го нејзиниот пат кон Европската унија (ЕУ) и заплеткувајќи ја нејзината судбина во прашањата за идентитетот и античката историја.

Спорот е официјално решен пред две години, на 17 јуни 2018 година, кога лидерите на обете држави го ратификуваа Преспанскиот договор, наречен така по езерото на чиј брег беше одржана церемонијата за неговото потпишување. Името Северна Македонија било договорено како компромис за смирување на грчките стравови дека нејзиниот северен сосед има територијални претензии кон нејзината северозападна покраина. Во меѓувреме, жителите на Северна Македонија го задржаа правото да се нарекуваат себеси Македонци, а својот јазик „македонски“. Што е најважно, Грција стави крај на долгогодишното спротивставување на апликацијата на Северна Македонија за влез во ЕУ.

Меѓу другите одредби, Преспанскиот договор предвидува и создавање заедничка комисија за ревизија на најспорните елементи во наставните програми по историја што се изучуваат во двете држави. Во текот на минатиот век, слични билатерални комисии им помогнале на Франција и на Полска да постигнат договор со Германија за учебниците по историја, што се однесувале на нивното проблематично минато.

Во оваа сторија на БИРН, базирана на интервјуа со историчари и членови на комисијата, се истражува како разликите за далечното минато се вмешуваат во дипломатските струи на Балканот. Поголемиот дел од овие разлики допрва треба да бидат испеглани бидејќи работата на историчарите во заедничката комисија зависи од домашните изборни циклуси и неизвесниот напредок на Северна Македонија кон членството во ЕУ.

„За македонските историчари, главната мотивација за учество во овој процес лежи во фактот дека тој може да го олесни патот на нивната земја кон Европската унија“, вели Улф Брунбауер, академски директор на Лајбниц институтот за источни и југоисточни европски студии при Универзитетот во Регенсбург во Германија. „Ако се промени структурата на можностите, целата работа ќе пропадне“.

„Репродукција на штетни стереотипи“

Тогашните премиери Заев и Ципрас на потпишувањето на договорот од Преспа | Фото: Маја Златевска

Иако Договорот од Преспа e поздравен од ЕУ, тој се покажа како непопуларен од обете страни на границата, предизвикувајќи улични протести на националистите и на екстремно десничарските групи. Ослабнати по обвинувањата за предавство, ниту една од владите што го ратификувала договорот повеќе не е на власт. Фактот што договорот издржал овие две години е доказ за работата на неговите приврзаници и за вонредната моќ на ЕУ во регионот. Сепак, опстанокот на договорот воопшто не е сигурен.

Северна Македонија аплицира за влез во ЕУ во 2004 година и официјално e признаена како земја-кандидат во следната година. Сепак, ѝ бeше забрането да започне со преговорите за пристапување, што е следен чекор кон членството поради спорот околу името со Грција. Кога новата влада предводена од премиерот Зоран Заев го потпиша Преспанскиот договор во 2018 година, сметаше дека, и покрај потпишувањето на непопуларниот договор за домашната политика, тој ќе биде перцепиран како придобивка за надминување на пречките на патот кон ЕУ. Но, две години по потпишувањето на договорот, се појавија нови пречки, предизвикувајќи сомнеж во целта на членството во ЕУ, а со тоа и во одржливоста на Преспанскиот договор.

На самитот на лидерите на ЕУ, одржан минатиот октомври, наголемо се очекуваше дека политичкиот ризик преземен со потпишувањето на Преспанскиот договор ќе биде награден со отпочнување преговори за пристап на Северна Македонија. Неуспехот на самитот да го стори тоа, како и ветото од страна на Франција, покажаа дека најмоќните земји во унијата се откажуваат од својот најголем проект за надворешната политика – проширувањето на Западен Балкан.

Иако ЕУ ја промени својата одлука годинава, откако беа задоволени француските барања, привремениот неуспех ја истакна кревкоста на надежите за членство на Северна Македонија. За Македонците, овој неуспех е потсетник за тоа дека која било од 27-те земји-членки на ЕУ би можела да го употреби правото на вето, или само заканата од вето, во кој било момент во текот на долгиот процес на пристапување, како алатка за барање отстапки или за добивање политичка предност на домашната сцена.

Македонците, исто така, имаат долготраен спор за минатото и со својот источен сосед Бугарија. Во 2018 година, обете држави формираа заедничка комисија за ревизија на учебниците по историја. Како Грција, и Бугарија е членка на ЕУ, со моќ да стави вето на влезот на нови членки. Иако претходно беше гласен поддржувач на надежите на Северна Македонија за влез во ЕУ, нејзините овластувања за вето ѝ даваат одредена моќ во разговорите за историските аргументи.

Спорот меѓу овие две држави повторно се фокусирал на еден лик од минатото, кој двете го сметаат за свој: револуционерот Гоце Делчев, кој се борел против османлиската власт во почетокот на 20 век.

Петар Тодоров, доцент на Институтот за национална историја во Скопје и член на македонската делегација во комисијата со Бугарија, вели дека е „тажно“ што бугарската влада „го негира етничкиот и културниот идентитет на најблиската нација“.

Тој вели дека наставата по историја на Балканот, вклучително и во неговата земја, треба да се ревидира. „Училишните наставни програми во регионот репродуцираат штетни стереотипи за другите култури, кои раѓаат национализам и говор на омраза… Време е да ги оставиме зад себе традиционалните етноцентрични пристапи и да се деполитизира начинот на кој го учиме минатото“.

За одредбите од Преспанскиот договор, најверојатно, дополнително ќе се расправа бидејќи Северна Македонија се подготвува за избори. Иако опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ го омекна своето спротивставување на договорот, сепак остави отворена можност за преговори во врска со договорот, доколку се појават услови за тоа.

„Историјата како национална идеологија“

Во Северна Македонија се создава политичка митологија, вели дипломатот Боларис | Фото: Катерина Топалова

Политичките пресврти и големите движења на населението се белег на балканската историја. Падот на Османлиската империја, Првата и Втората светска војна, како и Балканските војни на почетокот и крајот на 20 век, биле придружени со миграции од огромни размери, дел на доброволна основа, а дел присилни. Како резултат на тоа, во националните држави создадени по етнички и јазични линии сè уште има многубројни етнички и јазични малцинства. На пример, и на територијата на Бугарија и на територијата во Грција има малцинства кои себеси се сметаат за етнички македонски малцинства. И во самата Северна Македонија има значително етничко албанско население, кое сочинува приближно една четвртина од вкупната популација.

„Во европски контекст, Балканот се карактеризира со висок степен на политички дисконтинуитет“, вели за БИРН, Брунбаер, од Лајбниц институтот за источни и југоисточни европски во Регенсбург. „Како контра одговор, мислам дека многу луѓе создадоа митови за потеклото што датираат од античкиот период, па дури и претходно. Тие сакаат да ја одбранат идејата за континуитет, да кажат дека нивните предци потекнувале од ова место и затоа ова е нивното место – дури и кога знаат дека нивните предци потекнуваат од друго место“.

Овој став често се рефлектирал во учебниците во регионот, вели Брунбауер, каде што историјата била само малку повеќе од форма на „идеологија за оправдување на државата“. Како резултат на тоа, вели тој, официјалните историски наративи честопати биле „во целосен конфликт со етничката, демографската, социјалната и историската реалност на Балканот“.

Од времето на Александар Велики, територијата на денешна Северна Македонија била дел од неколку империи, како римската, византиската и османлиската. Во последните 100 години, исто така, била управувана од центрите на моќ во главните градови на денешна Србија и Бугарија. Според Брунбауер, земјите како Северна Македонија се соочуваат со дополнителен проблем при создавањето национална историја. „Основале држава подоцна од другите“, вели тој, „и се во понеповолна положба затоа што сè што им е драго веќе им е одземено од другите“.

Далечни соседи

Грците многу малку знаат за историјата на Балканот, вели историчарот Сфетас | Фото: Катерина Топалова

На градскиот плоштад во главниот град на Северна Македонија, Скопје, доминира огромна статуа на воин на коњ, направена според моделот на популарната слика за Александар Велики. Други статуи, кои се издигаат од осветлените фонтани, ги прикажуваат таткото и мајката на освојувачот.

Овие споменици од античко минато се изградени пред речиси една деценија, како дел од скапото обновување на јавниот простор во Скопје во ново-барокен стил. Оваа обнова беше предводена од владата на ВМРО-ДПМНЕ, која ѝ претходеше на коалицијата предводена од социјалдемократите на Заев. Грција ја смета оваа обнова како инвазија на нејзиното грчко наследство, како форма на културно присвојување, и уште еден знак дека северниот сосед има претензии кон нејзината покраина.

„Луѓето од Северна Македонија, со гордост, би требало да кажуваат дека потеклото им е словенско (а не хеленско)“, вели Маркос Боларис, заменик-министер за надворешни работи во грчката влада предводена од Сириза и поранешен шеф на грчката делегација во заедничката комисија за ревизија на учебниците по историја. „Наместо тоа, во Северна Македонија се создава политичка митологија за геополитички, геостратегиски цели.“

Сепак, историчарите во Северна Македонија упатуваат на артефакти и на антички записи со цел да го поткрепат своето право на наследството  на Александар Велики. „Десетици илјади монети на македонските кралеви се распространети на територијата на земјата“, вели Виктор Лилчиќ, професор по археологија на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Александар Велики, додаде тој, изградил и неколку тврдини на територијата што денес и припаѓа на Северна Македонија.

Грчката и македонската делегација се сретнале вкупно четирипати од потпишувањето на Преспанскиот договор. Бидејќи за составот на секоја делегација одлучува соодветната влада, работата на комисијата е забавена поради изборните циклуси. Нивната последна сесија одржана во мај 2019 година била проследена со пауза заради изборите во Грција минатото лето. Одлуките на ЕУ за започнување разговори за пристап со Северна Македонија, како и пандемијата со корона вирусот, довеле до понатамошно одложување.

Работата на заедничката комисија сега е ставена во мирување бидејќи Северна Македонија се подготвува за избори на 15 јули. Изборите беа најавени од владата на Заев минатата година, откако ЕУ ја отфрли апликацијата за отворање пристапни преговори.

Не е изненадувачки што дебатата околу античката историја доминирала на првите состаноци на заедничката комисија за ревизија на учебниците по историја. „Претставниците на Скопје беа мошне гласни“, се сеќава Спиридон Сфетас, професор по историја на универзитетот „Аристотел“ во Солун, кој присуствувал на состаноците како член на грчката делегација.

„Ние ги претставивме нашите црвени линии на масата. Најважно за нас беше да направиме разлика меѓу денешните Македонци и античките Македонци“, рече тој за БИРН. „Смешно е да се бара историски континуитет меѓу нив“.

Во официјалното соопштение од македонската делегација се вели дека нема да ја коментираат работата на комисијата поради „чувствителноста на преговарачкиот процес“. Индивидуални членови на делегацијата, контактирани од страна на БИРН, го повторија  ова, велејќи дека не се овластени да зборуваат со медиумите. Како и да е, документите во кои БИРН имаше увид, посочуваат дека македонските преговарачи барале во грчките учебници по историја подетално да биде спомената нивната земја и нејзиното минато.

Сфетас признава дека наставната програма на Грција има тенденција да ги потенцира нејзините врски со Европа наспроти врските со Балканот. „Грчките ученици и студенти не ни знаат дека постоела држава наречена Југославија“, вели тој. „Балканот не ни е познат. Можеби сме соседи, но далечни сме… Сега мора да напишеме нешто за историјата на регионот“.

Градење континуитет

Од начинот на изучување на историјата зависи дали меѓу младите ќе има предрасуди | Фото: Роберт Атанасовски

Тодор Чепреганов, македонски историчар, кој изработил учебници за Министерството за образование, ја критикува работата на комисијата, тврдејќи дека самиот поим за преговарање околу историската вистина е фаличен. „Историјата е наука за фактите – нема црвени линии во историјата. Црвените линии постојат само во политиката, а овие комисии се политички“.

Сепак, меѓународниот експерт за заеднички комисии за ревизија на учебниците Фолк Пингел истакнува дека процесот неизбежно зависи од политичките услови, при што изборот на членовите на комисиите претставува политички акт. „Веднаш е очигледно дали некој [потенцијален член на комисијата] е подготвен и сака да направи промени или ќе дава отпор“, вели Пингел, професор на Институтот за меѓународни истражувања за учебници „Георг Екерт“, со седиште во Германија.

Според Брунбауер од Лајбниц институтот за источни и југоисточни европски студии, комисијата треба да биде претпазлива и да не се фокусира на прашања во врска со историската вистина, особено таму каде што станува збор за историја стара неколку илјади години. „Колку повеќе одиме назад во минатото, толку повеќе тешкотии имаме да најдеме соодветни извори“, вели тој. „Постојат многу работи што не можеме да ги знаеме“.

Тој вели дека постои тенденција меѓу креаторите на политиките што членуваат во слични комисии да веруваат дека „ако можат да ги утврдат вистинските факти, ќе може да утврдат и заедничка вистина“. Сепак, модерната историографија е „многу свесна за фактот дека не постои една вистина, туку различни перспективи што можат да се искористат… Освен тоа, наративите се менуваат со текот на времето, така што, она што денес го сметаме за вистина, може многу да се разликува за 20 години“.

Брунбауер, кој не бил вклучен во заедничката комисија, бил особено скептичен за секој обид, без оглед дали доаѓал од грчката или од македонската страна, со тврдење дека постоела „директна линија на континуитет“ меѓу денешното население и тие што живееле во антиката. „Во регион окарактеризиран со огромни миграции и присилни миграции и секакви процеси на асимилација“, вели тој, „едноставно не може да се замисли дека некој може да бара потекло на некој што живеел таму пред повеќе од 2000 години“.

Комисијата подобро ќе ѝ служи на целта, тврди тој, доколку се фокусира на помагање на учениците во двете држави да ги ценат меѓусебните перспективи. Во тој случај, во учебниците по историја „може да се дискутира за важноста на антиката за националниот идентитет, за градење континуитет“.

„Во најдобар случај, овие проекти можат да создадат емпатија“, вели тој за БИРН. „Тие можат да ни помогнат да разбереме зошто припадниците на различна нација имаат различно гледиште за историјата, за која, исто така, сметаме дека е наша историја“, изјави тој за БИРН.

Нови корици, исти книги

Останатите состаноци на комисијата се очекува да се фокусираат на мапите и илустрациите во македонските учебници што се однесуваат на римската, византиската и на османлиската епоха, за кои Грците сметаат дека се индикација за територијалните амбиции над нејзината провинција Македонија.

Пингел, од Институтот „Георг Екерт“ за меѓународни истражувања за учебници, предупредува да не се очекуваат брзи резултати. „Треба да знаете дека целиот процес може да трае со децении“, вели тој.

Засега, учениците во Северна Македонија сè уште ги проучуваат истите текстови како и претходно. Една наставничка од Скопје, која побара да остане анонимна, вели дека е „збунета“ кога мора да предава за земјата.

„Името допрва треба да се смени во учебниците, па затоа се повикувам на ‘нашата држава’ и ‘нашата земја’, наместо да го кажам кое било име“, вели таа за БИРН. „Знам дека ова не е точно, но навистина не знам што да им кажам на учениците. Нема никакви инструкции од Министерството за образование“.

Министерот за образование Арбер Адеми вели дека евентуалните промени ќе треба да бидат ратификувани од страна на владата пред да бидат вметнати во учебниците. Кога учениците ќе се вратат на училиште во септември, вели тој, нивните учебници ќе се разликуваат само во еден поглед: „ние ќе ја промениме само насловната страница за да посочиме дека тие се печатени во Република Северна Македонија, а не во Република Македонија“.

Катерина Топалова е телевизиска новинарка од Скопје, Северна Македонија, која ги покрива домашните политички случувања и процесот за интеграција во ЕУ. Оваа сторија е изработена како дел од Балканската стипендија за новинарска извонредност, поддржана од Фондацијата ЕРСТЕ, во соработка со Балканската мрежа за истражувачко новинарство. Уредник: Нил Арун.

*Целото име и презиме на Александар и Александрос не се откриени за да се заштити идентитетот на овие малолетници.