Интервјуа

Сфетас: Преспанскиот договор е ремек дело

Ние не бараме промена на вашиот идентитет, вели за БИРН грчкиот професор Спиридон Сфетас кој е дел од Заедничкиот комитет за историски прашања

„Идентитетот не се менува. Никогаш. Ние не бараме промена на вашиот идентитет.“ Ова го вели во интервју за БИРН професорот од Универзитетот „Аристотел“ во Солун, Спиридон Сфетас. Тој е член на Заедничкиот интердисциплинарен комитет на експерти за историски, археолошки и образовни прашања од Македонија и Грција чие формирање беше предвидено со договорот од Преспа.

Во моментот грчката комисија чека нов претседател откако се смени власта. Новиот премиер Мицотакис  би требало да го соопшти името кое ќе биде на чело на комисијата и ќе го замени досегашниот заменик министер за надворешни работи, Маркос Боларис.

Тој и неговите колеги одржаа вкупно четири состаноци на кои требаше да го спроведат напишаното во членот 8 став 5, според кој од учебниците во двете држави треба да се отстранат формулации што содржат иредентистички или ревизионистички елементи.

„Генерално завршивме се! Можеби во текот на летото ќе се сретнеме повторно. Таа евентуална средба би била поради промената на политичката гарнитура во Грција. Нови министри, нова Влада. Но тоа велам, доколку е потребно. На крајот на јуни се договоривме и направивме размена на забелешки“ – вели Сфетас.

Состаноците ги опишува како кооперативни без агресија, нешто што историјата знае да го испровоцира, особено кога станува збор за решавање на болни историски прашања.

Поставување јасна разлика меѓу античка и денешна Македонија

Говори на чист бугарски јазик, кој го разбира поради неговото „румелиско-бугарско“ потекло | Фото: БИРН

Пред да се сретнеме со професорот Спиридон Сфетас, се слушнавме неколку пати. Иако работата на решавањето на историските проблематики е со „конспиративен” карактер, со цел да не се наштети на процесот на преговори, професорот Сфетас, одлучи да биде отворен кон јавноста и да сподели дел од она што е договорено меѓу Комисиите.

Видливо расположен за разговор, говори на чист бугарски јазик, кој го познава одлично благодарение на неговото „румелиско-бугарско” потекло, 59 годишниот професор,  вели дека целиот свој професионален работен век го посветувил на историјата. Роден е во Лариса, Тесалија, а своето образование го завршил токму на Универзитетот каде што и денес предава „Аристотел” во Солун.  

Унијата мора да ги почне преговорите со вас бидејќи со години зборуваше дека билатералниот спор за името е единствениот проблем, сега кога е решен, сама ќе се негира ако не го исполни ветувањето

На договорената средба на солунското пристаниште дојде подготвен, со полна чанта книги и документи кои почна да ги отвара и да покажува веднаш штом пристигна. Отворен е и не ги одмерува зборовите. Говори гласно и не дозволува некој да му ја прекине мислата. За него најважно е да се избрише секое равенство на Античка Македонија со новоименуваната Северна Македонија, некогашна Република Македонија.  

„Еве, на пример, во една од лекциите кај вас стои дека Апостол Павле дошол во Македонија. Но, во која Македонија? Римската провинција. Тој не дошол во ниту еден град кој денес и припаѓа на Северна Македонија. И најважното, на кој јазик тој ги испрати посланијата? На грчки јазик!“ – вели тој.

Тврди дека никој никогаш не сакал, но и не може да влијае на нечиј идентитет. Сфетас вели дека за Грција ние мора да бидеме славо-Македонци бидејќи така се става до знаење дека ние немаме ништо заедничко со античките Македонци. Ги процесуирал забелешките на македонските колеги. Смета дека сѐ што се бара од Грција е лесно изводливо.

„Главната забелешка е да се вметне содржина за вас. Но бидејќи немаме ништо за вас, останатите барања се многу генерални“ – оценува професорот.

Промена на 37 мапи и многу корекции во содржините, ова е генерален заклучок од грчките забелешки кои токму Сфетас ги објави ден пред парламентарните избори во Грција за електронското издание на „Етнос“. Вели дека тајмингот е избран меѓу другото и за политички цели, но најмногу за запознавање на јавноста со вистината.

„Може да се толкува и така, дека е за политички цели. Овде беше претставено дека правиме предавство со Преспанскиот договор, затоа сакав сите да видат дека тоа не е точно. Боларис, заменик министерот за надворешни работи од партијата на Ципрас нѐ замоли да не ги објавуваме протоколите на англиски, но заради информирање на јавноста одлучив да објавам дел од забелешките“ – истакнува Сфетас.

Не знае кога ќе се случи конечната промена на учебниците во двете земји. Се надева дека од следниот септември ќе може да се учи по нови учебници.

Охрид-најинспиративното место за надминување на разликите

Од Охрид е воодушевен, а за споменикот на Александар во Скопје зборува со згрозеност | Фото: БИРН

Вториот состанок на Комитетот се одржа во Скопје, а последниот во Охрид. Сфетас и пред состанокот имал можност неколку пати да го посети главниот град на неговиот македонски сосед. Само што го спомнавме името на градот, со најголемо згрозување зборуваше за неговиот симбол-високиот споменик на Александар Македонски.

„Тоа е катастрофа! Што заедничко имаат Александар Велики и Методија Андонов Ченто? Што заедничко има со Јустинијан? Тоа е кич! Тоа е производ на Груевски кој е сличен со Ердоган!“ – говореше со видна нервоза и жар во очите.

Договорите не се менуваат така лесно. Преспанскиот Договор е ремек дело. Никој не може да го оспорува! Тоа е подарок од Ципрас за Мицотакис. Ниту Мицкоски не може да го стопира ниту да го промени Договорот

Она што вистински го воодушевило е убавината на Охрид. Прв пат бил гостин во овој град и го освоил на прв поглед.

„Света Софија е прекрасна! Тие фрески! Фантазија! Не треба тоа средновековие да го врзувате со национален термин. Тоа е култура! Таму има грчки натписи. Затоа треба да се постави прашањето зошто е тоа така? Затоа треба да се реши и црковното прашање!”

Како набљудувач, во 2002 година за време на спроведувањето на последниот попис во земјава, професорот Сфетас бил задолжен за источниот дел од Република Македонија. Тогаш подолго време престојувал во Штип. Вели дека штипската пастрмајлија е највкусното јадење што некогаш го пробал!

„Преспанскиот договор е без победници и поразени“

Професорот дојде подготвен, со полна чанта книги и документи | Фото: БИРН

За себе вели дека не е член на ниту една политичка партија, но за Преспанскиот договор смета дека е подарок за Мицотакис од Ципрас.

„ Кој е Мицотакис? Дете на богат човек и толку. Тој не разбира што се случи и што направи Ципрас за земјата и за него. Иако беше официјално против тој Договор, ви тврдам дека не може и нема да направи ништо против Преспанскиот договор. Тој тоа го правеше за да балансира во партијата. Сега отворено треба да каже што сака! Договорите не се менуваат така лесно. Преспанскиот Договор е ремек дело. Никој не може да го оспорува! Тоа е еден подарок од Ципрас за Мицотакис. Не може да го стопира ниту да го промени Договорот ниту Мицкоски“, вели професорот.

Смета дека Преспанскиот договор е хартија која не порази никого, ниту пак некого ќе го качи на пиедестал.

„Тврдам дека ништо не загубивте, затоа што сѐ е според историските извори.“

Унијата мора да ги почне преговорите со вас бидејќи со години зборуваше дека билатералниот спор за името е единствениот проблем, сега кога е решен, сама ќе се негира ако не го исполни ветувањето

Професорот Сфетас не мисли дека новата власт во Грција ќе ги промени членовите во Комисијата. Вели дека тоа би било почнување од почеток и непотребно губење време кое е важно за нив, но уште поважно за нас.

„За вас е важно да имате чувство на сигурност. Тоа ќе го добиете со влегување во Европската Унија. Тоа го заслужувате сега! Грција, Бугарија и сите останати мораат да гарантираат за територијалниот интегритет на Северна Македонија. Вие сте на пат кон Европа. Унијата мора да ги почне преговорите со вас бидејќи со години зборуваше дека билатералниот спор за името е единствениот проблем, сега кога е решен, сама ќе се негира ако не го исполни ветувањето“ завршува Сфетас.