Интервјуа

Шилегов: Блокада на ВМРО-ДПМНЕ го чини градот 8 милиони евра

„Околу блокадата не можеме да си играме мижитатара со ДПМНЕ, градот мора да оди напред.“ | Фото: БИРН

Помина точно половина година откако Петре Шилегов стана градоначалник на Скопје. За овие шест месеци, сосема очекувано, вниманието на скопјани се сврте кон него и кон она што тој го работи. И тие веќе не го штедат.

Му се обраќаат на социјалните мрежи, го прозиваат на Фејсбук за ѓубрето што се излева од контејнерите, кучињата-скитници што трчаат по пешаци, имаат што да му кажат и за сообраќајниот метеж, загадувањето, коментираат и го критикуваат.

Ден пред мини-јубилејот од неговиот мандат, минатата среда, на крајот од работното време нѐ пречека во скромната, но пространа и необично долга канцеларија сместена во бараката, на самиот влез од Градскиот парк. Пред вратата, неговите помошници ги одврзуваа македонското и грчкото знаме и ги подготвуваа за возвратната посета на атинскиот градоначалник, планирана за следниот ден.

Една одлука на советници од ВМРО-ДПМНЕ во Гази Баба го „коштала“ градот осум милиони евра

„Ова ми е трето интервју денеска“, на шега се пожали поранешниот гласноговорник на СДСМ.

Многумина би му завидувале за тоа каде работи, само неколку чекори го делат од зеленилото во паркот, меѓутоа тој со нетрпение очекува наесен да ги напуштат бараките, кои уште од 1965 се привремено решение за градската администрација.

„Луѓето овде работат во несоодветни услови, кои може да имаат здравствени последици. Кај мене во кабинетов е ‘Хилтон’ во споредба со другите бараки. Таму мириса, има влага.“

Новата зграда покрај Вардар е речиси готова, внатрешноста е дизајнирана по принципот на океан, меѓутоа сѐ уште не е опремена со мебел, а Шилегов е одлучен што побргу да се преселат.

„Ако треба ќе одиме и со старите бироа.“

Досега не му пријавиле дека оваа барокна зграда се поплавува или прокиснува, како дел од останатите објекти од проектот Скопје 2014.

Нема Луна-парк поради блокадата

Урбанистичките планови предвидуваат, на местото на градските бараки да има голема зграда, некаков трговско-деловен центар, меѓутоа Шилегов има друга замисла.

„Јас би сакал, доколку е возможно, тука да има подземен паркинг со две нивоа. Има потреба од паркиралиште за посетителите на паркот, на Дебар маало и за навивачите што доаѓаат на натпревари.“

Подолу во градскиот парк мирува механизацијата што не многу одамна на јуриш почна да го гради новиот Луна-парк. Сега се врткаат само по неколку работници.

„Градот нема пари да го изгради Луна-паркот, таков каков што го замислил“, објасни градоначалникот и додаде дека станува збор за сума од осум до 10 милиони евра.

Вината ја префрли кај ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата, вели тој, често го злоупотребува забавниот парк за политички цели, меѓутоа една одлука на нејзините советници од Гази Баба го „коштала“ градот осум милиони евра.

И доколку се прашувате каква е улогата на советници од Гази Баба во целава приказна, Шилегов ни објасни дека булевар со мост во Керамидница што требало да чини седум до осум милиони евра, поради нив ќе чини 16 милиони.

„Требаше да го преземеме уредувањето на улица 518 во Гази Баба. Ако го направевме тоа за изградба на булеварот, ќе требаше да вршиме експропријација на 15 до 20 објекти што се наоѓаат на таа траса, но тоа не помина во Советот на Гази Баба. Таму мнозинството го има ВМРО. Тоа нѐ принуди да градиме по друга траса, што подразбира рушење на 120 објекти и многу поголеми трошоци.“

На прашањето дали се обидел да преговара со ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи, сепак, станува збор за многу пари, тој одговори дека „градот не може да стои“.

„Кучињата не можеле да се ‘накотат’ за шест месеци, проблемот е децениски. Тоа што во моментов условно, да речам, личи дека сме пасивни по тоа прашање, се должи на тоа што претходно градот изградил стационар-дивоградба.“

„Сега ние не можеме да си играме мижитатара со ДПМНЕ. Градот мора да оди напред, булеварот ќе биде добар за Скопје. Башка, сериозен комплекс ќе се гради кај Саем и не можете да го оставите без инфраструктура.“

Шилегов смета дека решението за забавниот парк е во нов концепт со кој ќе бара и соодветен приватен инвеститор.

Администрацијата на Луна-паркот менаџира и со градската кочија и со двата липицанери, кои претходната власт ги предвиде како своевидна атракција на скопскиот плоштад. Градоначалникот планира да ги продаде коњите.

„Липицанерите не се соодветни за намената за која биле користени, оштетени им се копитата од асфалтот. Не постои друг начин да се заштитат, освен да се продадат. Едниот коњ е посериозно повреден.“

За одржување и за храна градот годишно трошел околу 150.000 евра за кочијата и за липицанерите.

Освен за овие убави и скапи коњи, кои ги наследи од претходникот Коце Трајановски, работа на градоначалникот е да се грижи и за кучињата-скитници. Ова е еден од проблемите за кој граѓаните веќе му замеруваат. Често, на социјалните мрежи коментираат дека толку многу кучиња немало по скопските улици.

„Кучињата не можеле да се ‘накотат’ за шест месеци, проблемот е децениски. Тоа што во моментов условно, да речам, личи дека сме пасивни по тоа прашање, се должи на тоа што претходно градот изградил стационар-дивоградба.“

Градот предвидел 160.000 евра за реновирање и за проширување на стационарот Вардариште, меѓутоа обновата се одолжила зашто се испоставило оти тој објект не е легален.

„Не можеш да реновираш дивоградба“, вели Шилегов.

Проблемот со дивоградбата би требало да се реши бргу, а во план му се и повеќе стационари во други скопски општини. Шеесетината кафези во Вардариште не се доволни. Планирани се и чипови и регистар за домашни миленичиња.

Галиите да се отстранат, граѓаните да не платат за тоа

„Сакаме отстранувањето да не ги чини граѓаните на Скопје буџетски пари и затоа овој процес оди за нијанса побавно.“ | Фото: БИРН

Иако загадувањето не ги оптоварува граѓаните во пролет, сепак тоа прашање наесен и во зима повторно ќе дојде на дневен ред.

Дента кога разговаравме со Шилегов, тој го промовираше водниот филтер на печката за медицински отпад во Дрисла.

„Ќе дојде грејната сезона и импактот на Дрисла ќе биде речиси нула.“

Во моментов градот тестира два автобуси на гас, следниот ќе биде електричен и идејата е годинава да се заменат 30 автобуси. Првичните податоци покажале дека 30 вакви возила ќе штедат по 144.000 евра месечно. Уште три нови компании понудиле екоавтобуси за тест-возење.

„Не сакам да купувам на принципот ‘Миле ми текна’. Тестираме за да видиме каков тип возила му требаат на Скопје.“

Градоначалникот вели дека само годинава ќе засади половина од бројот на дрвја што ги засадил неговиот претходник за време од два мандата, тврди дека улиците се барем за нијанса почисти, на долгорочен план ќе се проширува топлификациската мрежа и ќе се воведе гас во домаќинствата, меѓутоа и тој не е задоволен зашто ѓубрето се излева од контејнерите.

Петре Шилегов во една изјава во врска со оваа галија го спомна шурата на Коце Трајановски, познатиот бизнисмен и автор на егзотични историски читанки, Ниче Димовски.

„Цел град зборува дека тој е неформален сопственик на една од галиите. По таа моја изјава немаше апсолутно никаква реакција од него, што веројатно ја потврдува шпекулацијата.“

Такви фотографии често кружат на Фејсбук.

„Социјалните мрежи се добар репер, меѓутоа не секогаш до крај. Една те иста фотографија ја вртеа десет дена. Во овој период, споредено со лани, сме подигнале повеќе смет и тука нема лажење, се мери на вагата во Дрисла. Проблемот е што со контејнерската инфраструктура не се следел растот на градот и во план ни е сериозна  реорганизација на комуналното претпријатие.“

За загадувањето вели дека нема инстант-решение.

„Не пости еден фронт што треба да се нападне за да се реши проблемот со загадувањето“.

Шилегов претходно најави дека ќе ги трне галиите од Вардар, нивното присуство во речното корито можело да предизвика поплави, кога водата би надошла.

Пред неколку месеци изјави дека отстранувањето на бродовите би чинело околу пет милиони евра, меѓутоа сега преговара со двајца од тројцата сопственици на галии.

Сакаме отстранувањето да не ги чини граѓаните на Скопје буџетски пари и затоа овој процес оди за нијанса побавно.

Во моментов не открива како ќе ја постигне оваа цел и дали можеби им понудил некаква компензација на сопствениците, меѓутоа мисли дека за галијата спроти МЕПСО, позната по својот античко-македонски декор, има аргументи да се отстрани и без преговори.

Петре Шилегов во една изјава во врска со оваа галија го спомна шурата на Коце Трајановски, познатиот бизнисмен и автор на егзотични историски читанки, Ниче Димовски.

„Цел град зборува дека тој е неформален сопственик на една од галиите. По таа моја изјава немаше апсолутно никаква реакција од него, што веројатно ја потврдува шпекулацијата.“

За Панорамското тркало вели дека голема среќа е што ниту се нарачани, ниту, пак, се платени реквизитите и тој проект ќе се финишира како мост со основи надвор од коритото на Вардар.

„Тој ќе биде пешачки мост со проѕирна ограда за да може да се гледа Камени мост, како еден од симболите на Скопје.“

Засега нема информација дали освен Ќосето ќе се отстранува и друг споменик, од оние петте за кои е надлежен градот и кои ги донираше, тоа е во доменот на комисијата што одлучува за „Скопје 2014“, меѓутоа Шилегов лично смета дека недоградениот споменик на Мајка Тереза до хотелот „Мериот“ е на самата улица, го затвора приодот на плоштадот и треба да се отстрани.

За фасадата на зградата на „Пелагонија“ бара ново идејно решение, кое ќе чини помалку од оние 83 милиони денари колку што градот требало да плати за барокно пресоблекување.

„Тоа е луда цена!“, вели Шилегов.

Ќе нема барок и на препознатливата зграда на ЕВН.

„ЕВН и ЕЛЕМ, колку што знам јас, работат на ново идејно решение за изглед на фасадата, со цел да се врати колку што е можно првобитниот изглед.“

Ако има дозвола за градба, тоа е „река без повратка“

„Има издадени одобренија за градба пред градоначалниците да стапат на функција, како во Карпош, што е ‘река без повратка’.“ | Фото: БИРН

Деновиве, актуелни се реакциите на скопјани, кои очекуваа дека со промената на власта на локално ниво ќе се стопираат одредени градби за кои сметаат дека им го одземаат јавниот простор.

Градоначалникот на Скопје нема директни ингеренции во овој дел, тоа им припаѓа на општинските татковци, меѓутоа и тие се од редовите на неговата СДСМ и како што тој самиот вели им беше „воџа пута“ на изборите и затоа сакавме да чуеме дали смета дека како партија во кампањата ги подгреале очекувањата на граѓаните и дале нереални ветувања.

„Има издадени одобренија за градба пред градоначалниците да стапат на функција, како во Карпош, што е ‘река без повратка’.“

Намерата на новите власти е таму каде што може градбитe да се сведат на соодветна големина, да не штетат на околината и за тоа ќе се чека мислење на надлежните судови.

Немајќи основни услови за живеење на северната, луѓето нагрнаа и направија притисок за живеење на јужната страна. На крајот добивме две неквалитетни страни на Скопје за живеење

„Оправдан е револтот на луѓето, ја губат околината таква каква што ја имале цел живот. Од друга страна, од формално-правен аспект, градоначалниците имаат врзани раце, во смисла ако со ДУП некој некогаш предвидел дваесеткатница, ти немаш право да му ја скратиш. Е, сега тука имаме дилема. Правото на градба на објект е стекнато право, меѓутоа дали и габаритот е некакво стекнато право?“

Петре Шилегов смета дека оваа градежнава офанзива е резултат и на притисокот што го прават скопјани од северната страна на градот, како од општините Чаир и Бутел, која има катастрофална инфраструктура, како што вели тој.

„Немајќи основни услови за живеење на северната, луѓето нагрнаа и направија притисок за живеење на јужната страна. На крајот добивме две неквалитетни страни на Скопје за живеење.“

Тој аргументира дека 51 процент од улиците предвидени со Генералниот урбанистички план (ГУП) не се пробиени и тие главно се наоѓаат на северната страна и на тоа ќе работи следните три и пол години, колку што му останува од мандатот.

„Морам да водам сметка за наредниве 20 или 30 години“, вели веќе не толку новиот градоначалник на Скопје.