Интервјуа

Бдеење над празното гробно место на исчезнатиот син

Од 1999 година, Несрете Кумнова се грижи за празен гроб, на кој е испишано името на нејзиниот син, исчезнат во војната во Косово. Оваа мајка, неговата приказна ја раскажува во својата нова книга.

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Сербезе Хаџиај,Приштина

Во изминатите 18 години, Несрете Кумнова се грижи за празниот гроб на кое е името на нејзиниот исчезнат син, кое неколку пати го испишува на мермерот, бидејќи со годините тоа бледнее. Таа сѐ уште чека, нејзината потрага по него да заврши.

На 31 март се навршиле 19 години откако српската полиција го одвела синот на Кумнова. На овој датумот, таа, покрај стотиците документи и лични предмети што му припаѓале на нејзиниот син и за кои таа се грижи, ја додала и својата нова книга.

Во една од просториите во нејзината куќа во Ѓаковица, каде што покрај личните предмети на нејзиниот Албион, поставила и неколку примероци од монографијата, густата драперија ја надополнува темнината во неа.

Монографијата е лична, но и колективна приказна за сагата на исчезнатите лица во Косово.

„Се плашам дека неговиот гроб ќе остане празен засекогаш. Старееме и кој знае? Затоа сакав да направам нешто за него“, објаснува Кумнова.

Една недела по почетокот на воздушните напади на силите на НАТО против Војската на Југославија, во март 1999 година, Албион, кој во тоа време имал 21 години, го одвеле од неговата куќа во Ѓаковица, заедно со уште петмина негови роднини, цивили.

Следните денови таа барала да дознае каде е Албион.

„Додека минував низ канцелариите на полицијата во Ѓаковица, една Србинка, моја поранешна колешка, ми рече дека можеби по две години ќе ја дознаам судбината на мојот син“, вели таа.

Несрете Кумнова со монографијата за нејзиниот син Албион. Фото: Сербезе Хаџиај/БИРН

Албион е еден од 1.658 лица кои и денес се водат за исчезнати. Повеќето од нив се Албанци, но меѓу нив има и Срби.

Кумнова (66), која во војната го загубила и својот зет, внук и шест други членови на семејството, вели оти Албион го одвела српска полициска патрола. „Ако сакаат, можат да го откријат местото каде што тој се наоѓа“, вели таа.

„Го зедоа мојот син како заложник, жив, а сега како заложник го држат мртов“, додава таа.

Кумнова го води локалното здружение на семејствата на исчезнатите лица, „Плачот на мајките“, а од крајот на војната таа е активен учесник во сите протестите со кои од меѓународната заедница се бара да изврши притисок врз Србија, да ја открие судбината на исчезнатите лица.

Во исто време, трага и по масовни гробници во Косово.

„Сѐ уште го барам, мртов или жив“, нѝ вели таа.

По војната, Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, вршел ексхумација на масовните гробници во Косово, а идентификацијата на останките што во нив биле пронајдени, главно се вршела со класични методи, врз основа на облеката и другите предмети што им припаѓале на жртвите.

Кога во Србија биле откриени масовни гробници и кога по ексхумацијата на останките, пронајдените жртви биле вратени на Косово, Кумнова помислила дека меѓу нив ќе ги најде и останките на нејзиниот син.

„Одев на Мердаре (граничен премин меѓу Косово и Србија) 19 пати, ги чекав останките, убедена дека Албион е меѓу нив. Но, го немаше“, раскажува таа.

Протест за исчезнатите лица, пред Собранието на Косово, во јуни 2002 година. Фото: Валдрин Џемај/ЕПА

Во април 2001 година, кога во Батајница, во близина на Белград, биле пронајдени останките на едно лице кое било во групата во која бил и Албион кога ги одвеле, Кумнова се сетила што ѝ рекла нејзината колешка, Србинка, во 1999 година. Пет години подоцна, во Србија, биле пронајдени и останките на останатите од групата, кои беа погребани во нивниот роден град. Но, останките на Албион не биле меѓу нив.

Кумнова, која од 2005 до 2007 година претседавала со комисијата за исчезнати лица на Владата на Косово, вели дека откривањето на масовните гробници уште долго време ќе биде предизвик за оваа земја, како што ќе бидат и погрешните идентификации и погреби на погрешни жртви.

Во првите две години по војната, во некои случаи доаѓало до грешка во идентификувањето на жртвите. Како резултат на тоа, некои семејства, наместо своите најблиски, погребале останки на други лица.

„Имаше многу погрешни погреби, а во исто време во мртовечницата во Приштина има многу останки, за кои не се знае кому му припаѓаат. Повторната идентификација би била голем проблем, бидејќи многу семејства одбиваат повторно да ги отворат гробовите“, вели таа.

Нивното повторно отворање би значело и повторно отворање на старите рани. „Притисокот што врз мене го вршат семејствата, кои не сакаат гробовите повторно да се отвораат, без оглед чии останки лежат во нив, е голем“, нагласува таа.

Некои останки биле измешани, бидејќи жртвите биле погребани, а потоа повторно ископани и закопани во масовни гробници, а во текот на идентификација, пак, често била земана само една коска од скелет пронајден во еден гроб, додека другите коски се наоѓале на други места.

Кумнова смета дека Косово треба да го следи примерот на Босна и Херцеговина, кога станува збор за идентификацијата.

„Фрагментите на коските што подоцна можат да бидат идентификувани, треба да бидат закопани во заедничка гробница, за да се избегнат бескрајните повторни откопувања на гробовите, кога ќе се најдат и идентификуваат други коски“, вели таа.

Смета дека Косово, Србија и меѓународната заедница имаат вложено многу малку напори во пронаоѓањето на другите исчезнати лица. Ова прашање не се најде на масата во преговорите што од 2011 година, се водат меѓу Приштина и Белград, под покровителство на ЕУ, за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија.

„Не може да има дијалог ако се избегнува прашањето за исчезнатите“, вели таа.

Додека ги врти страниците на монографијата на својот син, држејќи ја со растреперените раце, Кумнова вели дека здруженијата на семејствата на исчезнатите лица, не можат сами да го решат проблемот.

„Дијалогот се враќа на почеток. Прво треба да се најдат исчезнатите лица, жртвите, а потоа да се зборува за другите прашања“, нагласува таа.

Мисијата на ЕУ за владеење на правото на Косово, ЕУЛЕКС, се подготвува за крајот на својот мандат што завршува во јуни, а обвинителите на ЕУЛЕКС постепено ја предаваат документацијата што ја поседуваат, во рацете на своите локални колеги. Меѓу овие документи се околу 2.000 досиеја за исчезнатите лица, класифицирани како воени злосторства, кои се очекува да бидат преземени од страна на косовските обвинители.

Сепак, Кумнова не е оптимист дека по примопредавањето, работите ќе тргнат кон подобро.

Минатата година, косовскиот претседател, Хашим Тачи, покрена иницијатива за формирање на комисија за вистина и помирување, со цел да се охрабри взаемното простување помеѓу косовските Албанци и Срби.

Кумнова смета дека оваа иницијатива дошла прерано: „Прво мора да ја дознаеме вистината и да побараме правда за жртвите. Мислам на жртвите од сите страни“, вели таа.

„Условите за ова сè уште не се исполнети. До помирување допрва треба да дојде“.

Да беше жив, нејзиниот син Албион, во октомври ќе полнеше 41 година.

„Би сакала дотогаш да ги најдам неговите останки“, вели таа.