Регион

Шкотски форензичар: Суровоста извршена врз жртвите на Сребреница, нѐ шокираше сите

Роберт Мекнил е еден од првите меѓународни експерти, кои се занимаваа со собирање на докази, а сеќавањата на она што го видел, го прогонуваат и денес

Шкотскиот форензичар, Роберт Мекнил, пристигнал во Босна и Херцеговина во 1996 година, недолго откако беа пронајдени првите масовни гробници на жртвите од масакрите во Сребреница.

Бидејќи не поминало многу време од крајот на војната, Мекнил, како што самиот вели, можел, околу себе, да го почувствува мирисот на конфликтот и обемот на страдањата.

Тој во БиХ работел со истражен тим на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), кој собирал докази за смртта на над 7.000 мажи и момчиња од Сребреница, убиени од силите на босанските Срби, во серијата масакри извршени во јули претходната година.

„Иако војната престана, имаше спорадични изливи на насилство на подрачјето на Калесија (град во близина на Тузла) каде беше сместена привремената мртовечница. Имаше ситуации кога требаше да бидеме евакуирани, затоа што добивавме закани од луѓе кои сакаа да ја нарушат нашата работа“, вели Мекнил, во интервју за БИРН.

Привремената мртовечница се наоѓала во поранешна фабрика за облека, која тој ја памети како „мрачно место“. Членовите на тимот, на ова место, се соочиле со недостиг на вода, електрична енергија и санитарни услови, но најголем проблем за истражителите бил бројот на тела што пристигнувале секојдневно.

„Многу брзо имавме огромен број на тела. Беше исклучително важно да се изврши детална и прецизна обдукција, за да обезбедиме непобитност на доказите собрани во процедурата“, објаснува тој.

„Бев навикнат да забележувам тешки повреди на телата, но суровоста што беше извршена врз тие жртви, нѐ шокираше сите. Мажите, пред да бидат погубени, биле претепувани, бодени со нож и удирани со палки. На многумина им беа врзани очите, а и рацете им беа врзани цврсто зад грб – најчесто со жица“, истакнува Мекнил.

„Ние спроведовме добро практикувана научна постапка. Сепак, имаше моменти кои беа предизвик за мојата објективност“, додава тој.

Дури подоцна Мекнил сфатил дека бројни масовни гробници биле наново ископани, во голема операција на силите на босанските Срби, за прикривање на злосторствата, како и дека бројни тела биле префрлени во секундарни гробници, за да се прикријат убиствата.

Со тешката механизација со која биле вршени ископувањата, телата на некои жртви биле распарчени, а потоа деловите од телата биле повторно закопани во различни секундарни гробници, така што форензичкиот тим се соочил со повеќе од 17.000 делови од тела.

„Многу од нив им припаѓаа на жртви кои беа закопани во неколку гробници. Сигурно им било тешко на нивните семејства и ќе поминат години пред деловите да бидат пронајдени и составени“, вели Мекнил.

„Облеката, отстранета од телата на жртвите, форензички прегледана и исчистена, помогна да се создаде слика за последните моменти на жртвите. Форензичката радиографија беше, исто така, витално средство што даде јасна слика за патот и локацијата на куршумите, како и за другите повреди пред смртта, како што се скршени коски“, објаснува тој.

ДНК анализата спроведена од Меѓународната комисија за исчезнати лица, доведе до конечно идентификување на многу жртви.

„Кога ги видов имињата, заплакав“

Роберт Мекнил. Фото: www.robertmcneil.co.uk

Мекнил работел со британски и меѓународни тимови за судска медицина, дома и во странство, од 1996 до 2009 година, обезбедувајќи физички и научни докази за терористичките напади во Велика Британија и Ирска, како и за злосторствата против човештвото и геноцидот во воените зони на Балканот и во Африка.

Тој, исто така, помагал во идентификувањето на британските и на австралиските војници убиени во Франција за време на Првата светска војна и на жртвите на цунамито во Тајланд во 2004 година.

Тој вели дека искуството што го стекнал во БиХ, за време на неговите форензички мисии во различни држави, го пренел на експерти од други земји.

„Развојот на процесот на ДНК анализа и процедурите од БиХ, ги подобрија стандардите ширум светот. Некои од протоколите во судската обдукција што беа развиени во БиХ, а кои се однесуваа на масовни убиства, денес се користат во Велика Британија и беа користени по терористичките напади во јули 2005 година (во Лондон)“, нагласува тој.

„Голем број научни трудови засновани на стеченото знаење од Босна, се напишани низ целиот свет“, посочува Мекнил.

Тој, денес, како резултат на она со кое се соочил за време на неговата работа, има поблага форма на посттрауматско стресно пореметување, а откако се пензионирал, започнал да слика слики инспирирани од она на што во текот на својата кариера гледал како на начин да се справи со доживеането. Тој сликите ги подарува на образовни институции, во надеж дека ќе ги охрабри луѓето да поставуваат прашања за тоа што се случило за време на војната во БиХ.

Тој се вратил во БиХ во 2014 година, а кога го посетил Меморијалниот центар во Сребреница, каде се погребани жртвите од масакрите, го обзеле емоции.

„Кога ги видов имињата на над шест илјади жртви врежани во каменот, заплакав“, вели тој.

„За време на мојата работа во БиХ, јас ги познавав жртвите само преку нивниот број. Беше трогателно да се видат сега, конечно, со имињата што им беа вратени. Бев горд што одиграв мала улога во најголемата форензичка истрага во историјата“, додава тој.

Денес Мекнил соработува со Сеќавање на Сребреница од Велика Британија, организација која има поддршка од британската влада и организира комеморативни настани и спроведува едукативни програми за воените злосторства во БиХ.

„Се обидувам да помогнам луѓето во мојата земја и во странство да се  едуцираат за агресорската војна, која се обиде да уништи еден народ, поради имињата на луѓето и нивната религија“, објаснува тој.

„Одам во училишта, музеи, колеџи и затвори и се обидувам да им објаснам на луѓето што се случи во Босна и дека, ако не бидеме многу внимателни, тоа може да се случи и на друго место“, заклучува Мекнил.