Над 1.100 бездомни кучиња биле еутанизирани во последниве 3,5 години во стационарот Вардариште, покажуваат финансиските извештаи на Ветеринарната болница, која редовно, речиси без исклучок години наназад, го добива тендерот за третман на уличните животни на територијата на Град Скопје.
Од 2015 година до август годинава, на уличните кучиња, Комунална хигиена Скопје потрошила околу 300.000 евра, но на терен тешко се гледаат придобивките. Во главниот град има сè повеќе улични кучиња, дел од граѓаните реагираат поради нивната прекубројност, а дел, пак, заедно со невладините организации се борат против нивно усмртување, нудејќи хумани решенија за проблемот. Тоа своевремено го ветуваше и градоначалникот Петре Шилегов во предизборната програма за локалните избори со слоганот „Вардариште е минато“.
За повеќе од три години, потрошени се над 300.000 евра и еутанизирани над 1.100 кучиња, но евидентно е дека тоа не го решава проблемот со бездомните кучиња во главниот град
Но, 11-годишното постоење на стационарот, кој стана синоним за успивање и нехуман третман на бездомните кучиња, не ги дава саканите резултати, бидејќи и за времето на Коце Трајановски како градоначалник, но и за време на Петре Шилегов, не се гледа ниту намалување на бројот, ниту, пак, похуман третман на животните што се во Вардариште.
Стационарот е под надлежност на Комунална хигиена – Скопје, а оваа институција понатаму склучува годишен договор со Ветерината болница Скопје, која треба да ги вакцинира против беснило уличните животни, да ги прегледа, прочисти, да ги обележи со ушна маркичка, да ги стерилизира/кастрира здравите кучиња, а да ги еутанизира болните единки.
Ветеринарната болница Скопје се јавува и како единствен понудувач на тендерот за медицински третман на бездомни животни, на тендерот распишан од Комунална хигиена кон почетокот на годинава.
Невладината организација „Анима мунди“ реагира дека цените што ги нуди Ветеринарната болница се неколкукратно повисоки од повеќето ветеринарни амбуланти во земјава. Па така, за преглед на едно куче, Ветеринарната станица наплатува речиси 700 денари со ДДВ, а за прочистување речиси 200 денари, што е за речиси 5 пати повеќе од ветеринарните станици во Скопје. Според минималниот ценовник на ветеринарни услуги, пак, еден преглед треба да чини најмалку 400 денари. Ушните жолти маркици што им се ставаат на кучињата, пак, чинат 1.100 денари.
„Колку за споредба, за обележување на кучињата се користат истите маркички за обележување овци и тие чинат 120 денари по парче ако се обележуваат 100 овци, а во Вардариште се обележуваат 1.000 кучиња“, велат од „Анима мунди“, повикувајќи се на финансиските извештаи до кои дојде советничката во Град Скопје, Драгана Велковска.
Од невладината организација информираат дека „бруталноста и алчноста оделе до таму што еутаназии биле извршувани на единки што претходно биле стерилизирани“.
„Тоа значи дека се наплатиле поголем број услуги од буџетот, а животното се изложило на страдање, стрес, физичка болка, за на крај да се убие“.
Од „Анима мунди“ ги повикаа институциите да извршат финансиска истрага за работењето на Вардариште, а да сноси одговорност секој што учествувал во какви било нерегуларности.
Директорката на Ветеринарната болница Скопје, Јасминка Серафимовска вели дека станува збор за понудени и прифатени цени на тендерот.
„Станува збор за услуга, а секако ризикот е многу поголем кога се работи во услови како што е стационарот Вардариште. Тоа се понудени и прифатени цени на тендерот. Ние наплатуваме и работна рака, бидејќи навистина условите се разликуваат од една ветеринарна болница до стационар за бездомни кучиња, каде што и ризикот е повисок“, вели Серафимовска, додавајќи дека најверојатно само Ветеринарната болница ги исполнува условите што се бараат на тендерот, па затоа и редовно го добиваат.
Таа тврди дека, сепак, за решавањето на овој проблем мора да учествуваат и граѓаните што се сопственици на кучиња, односно да се зголеми нивната свесност и одговорност.
„Вчера ставивме ушна маркичка на 7-илјадитото куче. Тоа е навистина голема бројка. Јас ја поздравувам акцијата за чипирање на милениците, но што кога ќе се родат мали, а сопственикот ќе ги фрли покрај контејнер? Малите кутриња не се чипирани и невозможно е да се најде кој го сторил тоа? Сметам дека граѓаните треба да се субвенционираат и да ги стерилизираат своите миленици по пониски цени“, вели таа.
#ЕутаназијаЗаГлупавиИдеи
Освен за финансиското работење, реакции во јавноста се јавуваат и поради неодамнешната суптилна најава на градоначалникот Петре Шилегов, кој рече дека е можна промена на Програмата на Вардариште и дека по извесен период, кучињата-скитници ќе бидат успивани.
„Има два начина, или овој концепт што го имаме, еве да не бидам лошо разбран дека апелирам нешто… Или ќе го продолжиме овој концепт со доследна примена и тоа нема да ни даде резултат во наредниве 6-7 години или треба да ја смениме програмата, да ги подобриме капацитетите и условите во кои ќе бидат сместени и по извесен период тие да бидат успиени“, рече Шилегов во емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма пред една недела.
Ова ги крена на нозе љубителите на животни, кои на социјалните мрежи постираат фотографии од нивните маалски миленици под хаштагот #ЕутаназијаЗаГлупавиИдеи.
Љубителите на животни подготвуваат и протести за да се спротивстават на идејата на Шилегов, кој во својата предизборна програма напиша – „животните се дел од градот“.
Од невладините организации за заштита на животните тврдат дека на градот му треба долгорочно справување со проблемот, особено со неодговорните сопственици што не ги стерилизираат своите миленици, а потоа малечките ги пуштаат на улица или ги оставаат покрај контејнери. Освен тоа, се бара и под контрола да се стават одгледувачниците, да се направи комплетен регистар на сопственици на кучиња, чипирање на сите миленици, како и нивна стерилизација со цел да се спречи нивно парење.
„Анима мунди“ доставија и комплет предлог-мерки за подобрување на условите во стационарот „Вардариште“, меѓу кои назначување нови ветеринари, забрана за ловење мали кутриња што живеат во супстандардни услови, раскинување на договорот склучен со Ветеринарната болница во Скопје, отворање на стационарот за јавноста и можност граѓаните да си ги повлекуваат локалните миленици од стационарот и да ги вратат на територијата на која живеат.
Освен тоа, од „Анима мунди“ бараат да се изработи Стратегија и план на активности за вклучување на здружението за заштита на животни, работењето на „Вардариште“ како активен соработник – партнер, кој ќе го коуправува стационарот заедно со Градот Скопје.
Сè останато, се чини дека би било краткорочно решавање на проблемот со бездомните животни, со оглед на тоа што во земјава сè уште не е развиена свеста кај сопствениците на миленици, не е познато ниту дека е изречена казна за сопственик кој на улица исфрлил легло од мали кучиња, ниту, пак, изречени санкции за напуштање на миленикот, а сето тоа придонесува во континуитет да расте и бројот на бездомни животни.