Анализи

Сите контроверзии во случајот Кежаровски

Случајот со новинарот Томислав Кежаровски полека добива разврска. Тој денеска беше ослободен од понатамошно издржување на остатокот од затворската казна која му се преиначува во условна, но остануваат сите недоследности во процедурата на кои предупредуваат судските експерти.

Кежаровски се поздравува со колегите на завчерашниот протест за негово ослободување

Новинарот Томислав Кежаровски е ослободен од понатамошно издржување на затворската казна. Кривичниот суд денеска го уважи предлогот на директорот на затворот „Скопје“ за условен отпуст.

Условниот отпуст важи од 18 февруари, до кога Кежаровски беше привремено пуштен поради здравствени причини. Ова значи дека Кежаровски е ослободен од издржување на преостанатиот дел од затворската казна, односно останатите 3 месеци и 8 дена ќе ги помине на условна слобода. Обвинителството има рок од 8 дена да се жали на оваа одлука.

Одлуката на скопскиот кривичен суд објавена денеска

Последнава недела беше бурна за новинарот Кежаровски, а и за целата македонска јавност.

Од моментот кога Апелацискиот суд ја донесе одлуката за двегодишната затворска казна до моментот кога му беше овозможен привремен отпуст, се појавија повеќе нелогичности на постапката која наместо да ги диктира, како да ги следи одлуките донесени надвор од процедурата, коментираат за БИРН експерти и аналитичари.

Кежаровски незаконски спроведен во истражниот затвор

Новинарот Томислав Кежаровски незаконски бил спроведен во истражниот затвор „Скопје“ на издржување на казната минатиот петок, бидејќи ниту тој, ниту пак, неговиот адвокат, ја немале добиено одлуката на Апелацискиот суд. Кежаровски дури денеска ја доби одлуката на Апелацискиот суд, заедно со одлуката за условниот отпуст. Двете одлуки на врата му биле донесени од страна на судски доставувач. Неговиот адвокат Филип Медарски, пак, одлуката ја доби дури завчера, откако неговиот клиент четири дена помина во затвор.

Судската санкција не може да се изврши додека не се даде примерок од пресудата, вели Николовска

„Каде е заклучокот дека одлуката е правосилна? Една одлука станува правосилна кога ќе ја добие осудениот или неговиот адвокат. Судската санкција не може да се изврши додека не се даде примерок од пресудата. А бидејќи на Кежаровски не му била дадена, тој не смеел да биде спроведен во истражниот затвор“, вели Маргарита Цаца Николовска, поранешна судијка во Европскиот суд во Стразбур.

Сличен став имаат и од Хелсиншкиот комитет за човекови права. Оттаму велат дека постојат многу сомнежи за законитоста во начинот на кој новинарот бил спроведен во затвор.

„Постојат сомнежи во однос на законитоста на извршувањето на пресудата, со оглед на фактот што Кежаровски тврди дека не му била доставена пресудата дента кога беше спроведен во затворот. Доставен му бил само Упатен акт на кој нема датум, и покрај тоа што во него се вели дека има право на жалба во рок од 3 дена“, вели Уранија Пировска, извршен директор на Хелсиншкиот комитет за човекови права во Македонија.

Случајот беспредметно се искомплицира

„Или некој сакаше да го искомплицира случајот или пак, властите се збунија и направија многу грешки во чекори“, коментираат судски извори толкувајќи ги постапките на судските органи во случајот Кежаровски последнава недела.

Кежаровски беше спроведен на издржување затворска казна минатиот петок, со полициска придружба и лисици на рацете

Во судската практика ретки се случаите кога од домашен притвор осуденото лице се спроведува на издржување затворска казна. Вообичаено, до правосилноста на пресудата лицето се пушта да се брани од слобода, а потоа му се доставува Упатен акт за да се јави на издржување на затворската казна.

„Во случајов, видовме како со лисици на рацете го изнесуваат Кежаровски од дома, како да е најголем криминалец. Тоа најчесто се применува ако лицето пружа отпор или претставува сериозна закана. Јас досега не сум видела случај каде што полиција ти влегува дома и ти вели, ајде пакувај се, те носиме во затвор, неполни 24 часа по донесувањето на пресудата која осудениот не ја ни добил!“, вели Николовска.

За реткоста на ваквите случаи сведочи и Упатниот акт што му бил доставен на Кежаровски дента кога тој беше спроведен во истражниот затвор „Скопје“. На Упатниот акт кој всушност е вообичаен формулар се гледа дека стои формулацијата оти „осудениот треба да се јави во Казнено–поправната установа, затвор „Скопје“, заради издржување казна затвор“, при што местото за датумот е оставено непополнето.

Понатаму, во Упатниот акт пишува:

„Осуденото лице во рок од 3 дена од приемот на Упатниот акт може да поднесе до судијата за извршување санкции молба за одлагање на почетокот на извршувањето на казната затвор“.

На Упатниот акт не е напишан датумот кога Кежаровски треба да се јави на издржување на казната, а му се дава и можност за одлагање на извршувањето на казната

Овој документ, според познавачите што ги консултиравме, покажува дека судот воопшто не располага со формален документ со кој осуденото лице од домашен притвор се префрла на извршување затворска казна. Единствениот документ со кој располага е Упатен акт кој најчесто по пошта се испраќа до лицето што треба да ја издржува казната.

„Тука е повредено правото на осудениот. Според документот што Кежаровски го доби, нему му се дава право на молба за одлагање на почетокот на казната и право сам да се јави на издржување на таа казна“, вели неговиот адвокат Филип Медарски.

Еден од ваквите ретки случаи е случајот со Јорго Ќука, поранешниот директор на „Охис“, кој во декември 2009 година од домашен притвор со полиција беше пренесен во истражниот затвор „Скопје“ за да ја отслужи три и полгодишната казна затвор. И тогаш, слично како и во случајот со новинарот Кежаровски, неговиот адвокатски тим реагираше дека Ќука бил незаконски спроведен, без да му биде врачен Упатен акт и без можност за жалба.

За осум дена ќе се знае епилогот

Останува неизвесно дали по сиот овој судски заплет, Обвинителството сега ќе се жали на условниот отпуст на Кежаровски.

Најголем проблем во случајот останува фактот што Кежаровски ќе ја носи дамката на осуден човек кој сторил кривично дело“, вели Пировска

Државниот обвинител Марко Зврлевски не одговараше на нашите повици за да каже дали ја добиле одлуката на судот и дали ќе поднесат жалба. Но, ако овој случај се спореди со случајот Вранишковски, каде што Обвинителството најави дека нема да ја обжали одлуката за условен отпуст и во последен момент ја „преиспита“ и ја спречи, условниот отпуст на Кежаровски не е сигурен, дури и кога Обвинителството би соопштило дека не ја оспорува одлуката.Во тие осум дена сѐ е можно, особено ако се има предивид дека „сите чекори што беа преземени во случајов последната недела беа сосема нелогични“, како што вели за БИРН судија од Кривичниот суд во Скопје кој сакаше да остане анонимен.

„Во случајов се стекна впечаток како да се сака да се направи циркус или пак да се влее страв. Друга причина за ваквите судски постапки не можам да видам“, вели истиот извор за БИРН.

„Најголем проблем во случајот останува фактот што Кежаровски ќе ја носи дамката на осуден човек кој сторил кривично дело“, вели Пировска.„И покрај сите можни процесни недостатоци, најважен е фактот дека е осуден новинар кој само ја вршел својата работа и дошол до информации за кривични дела сторени од вршители на јавни функции, судии и обвинители. Неговиот случај е своевидна порака за тоа кои се последиците за оние кои својата работа ја вршат професионално и се борат за обелоденување на вистината.“