„Судскиот совет на Република Северна Македонија ќе одржи ИТНА седница за избор на претседател“. Големите букви од најавата за итна седница на Судскиот совет закажана на 26 април, денеска се загубија во молк по информацијата за откажување на седницата.
На неа требаше да се избира нов претседател. Итноста на новата седница, всушност, тргна токму од денот кога надвор од процедура, Весна Дамева беше „детронизирана“ од функцијата со „преземање на микрофонот“, и со кревање рака, надвор од дневниот ред.
Денешното одложување укажува само на едно – дека членовите на Судскиот совет што направија упад во процедурата, сега не можат да излезат од правниот карамбол.
Сценарио 1: Повикај „пријател“
Весна Дамева формално уште е претседателка на Судскиот совет. Иако таа по „разрешувањето“ седна на местото каде што порано седеше како член, формална одлука за нејзиното разрешување, барем јавно, нема.
Затоа ниту Управниот суд, ниту Државниот управен инспекторат не би можеле да направат ништо за да се прескокне правниот амбис во кој се најде ова тело, кое избира и разрешува судии.
Од друга страна, измените на Судскиот совет од 2019 година не предвидуваат оставка на претседателот на Советот, иако таква оставка поднесе претходничката на Дамева, Павлина Црвенковска.
Дамева минатата недела културно беше „замолена“ да поднесе оставка, но тоа не се случи.
Правните експерти веќе проблематизираа дека без нејзиниот потпис, таква одлука би немала правно дејство. Ако тоа, сепак, се случи, „под рефлектори“ ќе останат други две институции Службен весник и Централниот регистар, кои би требало да ја објават, односно да ја запишат промената.
Обидот да се најде правен лек за оваа правна ерозија не е така едноставен.
Една од опциите е таа да свика нова седница на Советот, на која би се дискутирало за излез од ситуацијата. Но, Дамева би имала проблем. Треба да обезбеди мнозинство гласови за каква и да е одлука, а силите во Советот сега се „пата-пата“.
На помош може да ѝ бидат и претседателката на Врховниот суд и министерот за правда, кои се членови на Советот, но без право на глас.
Иако сите министри за правда се дистанцираат од Советот поради критиките за можно политичко влијание, министерот за правда би можел, заедно со претседателката на Врховниот суд, да се појават на седница и да бидат глас на разумот.
Според она што досега јавно го објавија, тоа нема да се случи.
Претседателката на Врховниот суд испрати мрзеливо соопштение во јавноста, во кое го „охрабрува Судскиот совет да ја надмине состојбата“, а министерот за правда, Кренар Лога, најави дека ќе ги побара записниците од седницата.
Тие, наместо отстрана да ги гледаат состојбите, ја имаат можноста активно да се вклучат во надминување на спорното разрешување.
Сценарио 2: Оставки на „пучистите“
Една од можностите што најбрзо би можела да се спроведе е да поднесат оставки оние членови што направија „правен упад“ во дневниот ред и со тоа овозможија противпроцедурално гласање или, пак, оставки на сите членови на Судскиот совет бидејќи не успеале да ги ускладат меѓучовечките односи.
Правните авторитети веќе во јавноста реагираа дека се прекршени и Законот за судскиот совет и деловникот на Советот.
А во таков случај, парламентот треба само да ја усвои оставката. Доколку се случи тоа, Судскиот совет практично би останал блокиран и би функционирал само со шест членови.
Професорката Ана Павлоска-Данева, во интервју за ТВ 21 рече дека тоа не е така едноставно.
„Ќе немаме Судски совет подолг период. Тие ќе треба повторно во Собрание да се изберат. Ние, во моментов имаме некаква активна блокада… За очекување е дека опозицијата ќе го блокира тој тип на избори“ .
Професорот Денис Прешова, пак, објасни дека, поаѓајќи од тоа што главни протагонисти во последните случувања се членовите на Советот од редот на „истакнатите“ правници избрани од Собранието, пратениците би требало веднаш да иницираат постапка за интерпелација.
„Во најмала рака, против сегашната и поранешната претседателка на Судскиот совет и сегашниот заменик-претседател да се испитаат сите наводи за разни влијанија врз Советот…“
Сценарио 3: Потпис на 20 судии
Поведување дисциплинска одговорност за членовите на Советот што го направија разрешувањето. Оваа опција првпат беше воведена во Законот за Судскиот совет во 2019 година.
Тоа значи дека, за да се отпочне постапка за дисциплинска одговорност на член на Советот, потребно е да се соберат 20 потписи на судии или тоа да дојде од член на Советот.
Но, бидејќи вкупниот број членови што би требало да бидат опфатени со дисциплинската одговорност е седум, повторно Советот би бил обезглавен и блокиран.
Дополнително што една недела по настанот, никој од активните судии не се одважи јавно да реагира за седницата на Судскиот совет и спорното разрешување.
Законот за Судскиот совет пропишува дека образложено барање за поведување на постапка за дисциплинска одговорност на член на Советот, до Судскиот совет може да поднесат најмалку 20 судии или секој член на Судскиот совет со право на глас.
Иако оваа опција постои четири години во Законот за судскиот совет, досега ниту еднаш не е искористена. Тоа, пак, го потврдува впечатокот дека судиите можеби се заинтересирани за тоа што се случува во Судскиот совет, но разрешница на состојбата тешко може да се постигне преку нивните потписи.
Оваа „култура на молк“, со години важи за македонските судии, дека тие бавно, или речиси никогаш не реагираат јавно за случувањето во матичното тело, кое избира и разрешува судии.
И додека Судски е блокиран, стопирани се изборите во повисоките судови.
Всушност, епизодата со обидот „на две, на три“ да се разреши претседателката на Советот, покажува како изгледаат колегиумите на Судскиот совет кога се одмеруваат силите за напредок во кариерата и разрешување. Но, јавноста тоа не го гледа. На отворените седници само се гласа, без многу дискусија.
БИРН веќе пишуваше дека не е возможно да има објективно прочистување во судството без да се утврди дали „прочистувачите“ имаат доволно интегритет да го спроведат прочистувањето.