Вести

„Скопје 2014“ за две години потежок за 123 милиони евра

Проектот „Скопје 2014“ сега веќе вреди осум пати повеќе од првичните најави

Првo беше најавен дека ќе чини само 80 милиони евра, подоцна цената официјално му порасна на 207 милиони, сѐ додека БИРН, преку базата на податоци „Скопје 2014 под лупа“, не пресмета дека проектот тежи нешто повеќе од 560 милиони евра.

Денес „Скопје 2014“ чини 683 милиони евра, што значи дека во изминативе две години се потпишани нови договори во вредност од 123 милиони.

Најголем дел од дополнителната сума се должи на договори што институциите ги потпишале во меѓувреме за да ги довршат почнатите згради и споменици, меѓутоа во овие 24 месеци проектот „Скопје 2014“ е проширен и за нови објекти, фасади и за панорамското тркало. 

Тркалото ја зголеми сумата за речиси 20 милиони евра, новата зграда на факултетот ФИНКИ во дворот на УКИМ додаде уште 13 милиони, додека Административната зграда меѓу новото МНР и МОБ придонесе со нови 10 милиони евра.

И сега скопски „Бетон“ е топ-изведувач на „Скопје 2014“, со тоа што пред две години оваа градежна компанија имаше договори вредни 163 милиони евра, додека денес оваа сума е порасната на 216 милиони или тоа се нови 53 милиони евра.

Во овие две години неколку угледни светски медиуми како „Њујорк тајмс“ ја цитираа базата „Скопје 2014 под лупа“, додека екипата на БИРН токму за овој проект ги доби наградите за истражувачко новинарство „Никола Младенов“ на Македонскиот институт за медиуми и втората награда за истражувачко новинарство од Европската унија.

Иако Специјалното јавно обвинителство (СЈО) по истекот на рокoвите не покрена истрага и обвинение за целото „Скопје 2014“, сепак неофицијаните информации говорат дека СЈО сериозно го испитувалo проектот и чека законска можност да продолжи со истрага и со евентуално обвинение.

Засега подигнато е само едно обвинение поврзано со „Скопје 2014“ и тоа против поранешната министерка за култура Елизабета Канческа – Милевска во случајот познат како „Тендери“, каде таа е обвинета дека учествувала во местење на еден од тендерите при изработката на Музејот на ВМРО.

Иако во програмата на владејачката СДСМ има цело поглавје „Темелно преиспитување на проектот Скопје 2014“, премиерот Зоран Заев на првата дебата со новинарите рече дека нема да троши пари на граѓаните за уривање на „Скопје 2014“, но дека тој лично би сакал да „соблече“ барем една фасада.

Многумина помислија дека тоа ќе се случи со барокната фасада на Владата, откако Заев побара да се отворат портите од големата барокна ограда, меѓутоа засега нема официјално информација дали оваа желба ќе му се оствари.

На што најмногу пари се потрошени во рамките на проектот „Скопје 2014“

Базата „Скопје 2014 под лупа“ откри дека во проектот, којшто е дело на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ, содржи 137 објекти, за кои пари одвоиле 32 државни институции и кои ангажирале вкупно 143 фирми, девет леарници и дури 150 автори на идејни решенија.

Најголем дела од парите беа наменети за згради, дури 430 милиони евра, 57 милиони се потрошени за катни гаражи, 43 милиони за фасади, а 33 милиони евра за споменици.

Од институциите најголем трошаџија за „Скопје 2014“ е Службата за општи и заеднички работи на Владата која учествува со 22 проценти од проектот, по што следува Министерството за култура со 18 отсто.