Истражувањa

Скопје 2014: Седум пати поскапо, три пати поголемо

Цената на новиот изглед на Скопје, според истражувањето на БИРН, претставено преку базата на податоци „`Скопје 2014` под лупа“ и официјална документација, од првично најавените 80 милиони евра, има скокнато на над 560 милиони евра, a од првично најавените четириесетина споменици и објекти се стигнало до над 130

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Од околу четириесет промовирани нови споменици, фасади, скулптури и објекти во 2010 година за проектот „Скопје 2014“, до 2015 година се изградени тројно повеќе.

Цената на новиот изглед на Скопје, според истражувањето на БИРН, претставено преку Базата на податоци и официјална документација, од првично најавените 80 милиони евра, има скокнато на над 560 милиони евра.

БИРН го спроведуваше истражувањето повеќе од осум месеци, користејќи податоци добиени според Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, од веб-страницата за јавни набавки, ревизорскиот извештај за „Скопје 2014“ и од отчетот на Владата, општината Центар и Министерството за култура што беше даден во 2013 година, веднаш по локалните избори.

Истражувањето, објавено во форма на интерактивна база на податоци „Скопје 2014 под лупа“, опфати над 130 објекти, сите финансирани од јавни пари, каде што како инвеститори се јавуваат Министерството за култура, Службата за општи и заеднички работи на Владата, општината Центар, Градот Скопје, како и неколку општини и акционерски друштва со државен капитал.

БИРН документира дека во градењето на грандиозниот проект учествувале повеќе од 260 правни и физички лица. Голем дел од нив се повторуваат како изведувачи, добивале повеќе тендери, граделе голем број споменици и згради , а авторите редовно биле наградувани за нивните идејни решенија, претежно обликувани во стил што во јавноста се подведува под „барок“.

За првпат по промовирањето на проектот „Скопје 2014“, БИРН успеа да стигне и до авторските договори со скулпторите што го изработуваа проектот „Скопје 2014“.

БИРН располага со стотици документи од најголемиот број договори склучени за грандиозниот проект Скопје 2014 | Фото: БИРН

БИРН располага со стотици документи од најголемиот број договори склучени за грандиозниот проект Скопје 2014 | Фото: БИРН

Во предвид беа земени сите објекти изградени последниве години кои одиграа суштинска улога во менувањето на ликот на главниот град. Дел од нив, како што се Македонската филхармонија, деловната зграда на АД ЕЛЕМ, Кривичниот суд, Палатата „Лазар Поп Трајков“и други, сè уште не се доизградени, а за дел има избрано само идејни решенија, што води кон заклучокот дека цената на контроверзниот проект „Скопје 2014“ сè уште ќе расте, особено што дел од трошоците како обезбедување и тековно одржување постојано цедат пари од буџетот.

Третина од проектот е градена од градежната компанија „Бетон“

Ако се направи анализа на податоците со кои располагаме, се доаѓа до заклучокот декаградежната компанија „Бетон“ добила најмногу тендери, изградила најмногу објекти од проектот „Скопје 2014“ и инкасирала 163 милиони евра или една третина од вкупниот износ потрошен за грандиозниот проект.

Понатаму следуваат градежните компани „Гранит“, „Страбаг“, „Бетон – Штип“ и „Бауер БГ“. На дел од овие компании сè уште не им се исплатени средствата, но со оглед на фактот што за тоа не постојат официјални податоци, истражувањето ги опфаќа сумите како што стојат во склучените договори.

За тоа кои се овие градежни фирми и кој стои зад нив, може да се прочита повеќе во истражувањата на БИРН поврзани со оваа тема.

Само за Стариот театар, според документацијата на БИРН, се склучени 85 договори со правни и физички лица, а за Музејот на македонската борба 90 договори

Најмногу пари за проектот „Скопје 2014“ потрошиле Министерството за култура и Службата за општи и заеднички работи на Владата, бидејќи тие се јавуваат како инвеститори на најкрупните објекти како што се: Музејот на ВМРО, Стариот театар,Уставниот суд, Македонската филхармонија иновиот изглед на владината зграда.

Според документите со кои располагаме, најскап објект од проектот „Скопје 2014“ е зградата во која се сместени Уставниот суд, Државниот архив и Археолошкиот музеј. За неа се потрошени над 42 милиони евра. Три милиони евра помалку чини Македонската филхармонија со потрошени над 39 милиони евра и Стариот театар кој, според документите со кои располагаме, од буџетот „зел“ над 37 милиони евра, за што се склучени 85 договори.

Анекси, дополнителни договори, непредвидени работи и многубројни договори со физички лица го „красат“ и објектот на Музејот на македонската борба, за кој БИРН располага со околу 90 документи и договори склучени со физички и правни лица.

Иако на прес-конференцијата што се одржа во 2013 година на министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска, дотогашниот градоначалник на Центар, Владимир Тодоровиќ, и директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата, Васе Доневски, беше кажано дека проектот чини 207 милиони, документите со кои располагаме потврдуваат дека сумата е повеќе од двојно повисока.

Топ-тројцата автори на „Скопје 2014“ добиле 4,7 милиони евра

Една од најголемите мистерии од „Скопје 2014“, освен конечната сума за тоа колку чини и ќе продолжи да чини проектот, беше и хонорарот на авторите што ги изработуваа спомениците и скулптурите.

Најголем белег врз „Скопје 2014“ има оставено скулпторката Валентина Стевановска, автор на Портата „Македонија“, „Воин на коњ“, спомениците на плоштадот „Филип II“, „Воинот“,седумте скулптури на мостот „Око“, Летниковецот, споменикот на Христо Татарчев, „Коњаникот“ во Гази Баба. Според расположливата документација, Стевановска за изработките на овие дела зела речиси 3 милиони евра, сума во која се вклучени и трошоците за изработката.

Спомениците на плоштадот Филип II се само дел од авторството на Валентина Стевановска, која остави најголем белег врз проектот Скопје 2014 | Фото: Роберт Атанасовски

Спомениците на плоштадот Филип II се само дел од авторството на Валентина Стевановска, која остави најголем белег врз проектот Скопје 2014 | Фото: Роберт Атанасовски

Фирмата „Неимар инженеринг“ е втора на листата, по Стевановска, која добила најмногу решенија за архитектонски услуги за клучни објекти како Музејот на македонската борба,палатата „Лазар Поп-Трајков“, Стариот театар, Портата „Македонија“.

Оваа фирма, според податоците од Централниот регистар е во сопственост на Ана Кедева – Петрова, инаку сестра на познатиот кардиолог Сашко Кедев, кандидат за претседател на претседателските избори во 2004 година и поранешен пратеник во Собранието од ВМРО-ДПМНЕ. Ана Кедева – Петрова е офталмолог, а заедно со нејзиниот сопруг, Зоран Петров, се сопственици на „Неимар инженеринг“. Според достапните информации, нивната фирма има добиено тендери за проектот „Скопје 2014“ од околу 1,1 милион евра.

neimar 1

Неимар Инженеринг, според податоците од Централниот регистар, е во сопственост на сестрата на познатиот кардиолог Сашко Кедев, Ана Кедева – Петрова и на нејзиниот сопруг

Неимар Инженеринг, според податоците од Централниот регистар, е во сопственост на сестрата на познатиот кардиолог Сашко Кедев, Ана Кедева – Петрова и на нејзиниот сопруг

Жарко Чаушевски и фирмата со која тој директорува, „Архитектоника“, која е во сопственост на неговиот брат Никола Чаушевски, пак, имаат оставено најголем белег врз фасадите кои го сменија ликот на главниот град. Идејното решение за Градскиот трговски центар во барок стил, фасадата на Владата, Управната зграда на Водовод и канализација, како и изгледот наадминистративниот објект на улица „Бихаќка“ се дела на браќата Чаушевски, за што, според документацијата, на нивна сметка се исплатени повеќе од половина милион евра.

Документите за контроверзниот проект „Скопје 2014“ покажуваат дека со авторите не биле склучувани одделни договори за хонорар.

Колку за пример, во делот „авторски хонорар“ на Стевановска за „Воинот на коњ“, влегува и идејниот проект, материјалите, работниците, просторот, транспортот на гипс и глина и слично.

Поранешниот градоначалник на Центар, Владимир Тодоровиќ, на прес-конференцијата на која го даваше отчетот за „Скопје 2014“ самиот рече дека не постои доказ дали авторите навистина ги потрошиле парите онака како што напишале во своите пресметки на хартија. Зборувајќи за спомениците на Гоце Делчев и Даме Груев, ексградоначалникот рече:

„Авторот кога ги претставува трошоците и вкупната вредност од 300 илјади евра е обично образложена. Неговиот хонорар е 68 илјади евра за двете скулптури. Ова се трошоци што тој ни ги прикажува и ние не го проверуваме дали е така, но во преговорите комисијата секогаш се обидува да му ги намали и да не му ги признае“, изјави Тодоровиќ, додавајќи оти „се надева дека сите автори биле чесни“.

Топ авторите на идејните решенија за објектите од „Скопје 2014“, Стевановска, Чаушевски и фирмите „Архитектоника“ и „Неимар инженеринг“, заедно имаат добиено 4,7 милиони евра од буџетот. Сите автори заедно пак, имаат добиено повеќе од 15 милиони евра за нивните дела во луксузниот проект.

Проектот „Скопје 2014“ почнал да се подготвува уште во 2006 година

Проектот „Скопје 2014“ првично беше најавен на 4 февруари 2010 година кога Тодоровиќ, Канческа – Милевска и градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, ја претставија визуелизацијата на Скопје во 2014 година. На таа прес конференција тие не кажаа колку ќе чини проектот. Единствено беше прецизирано дека ќе има десетина нови објекти, дваесетина споменици, сменети фасади, мостови.

„Скопје е главен град во кој треба да се чувствува духот на историјата и културата на Македонија, а тоа најдобро ќе го направиме со оддавање почит на оние кои тоа го создале“, изјави градоначалникот на општина Центар, Владимир Тодоровиќ, додавајќи дека „центарот треба да се промени во една заокружена акрхитектонска урбанистичка целина која на градот ќе му даде нов уметнички изглед“.

„Сите проекти ги реализираме транспарентно, а во нивната верификација исползуваме мислења на стручни лица со кредибилитет кои ни дадоа голема поддршка како членови на стручните комисии за избор на идејните решенија“, изјави тогаш Канческа.

3Д визуелизацијата за новиот изглед на градот наиде на различни мислења на социјалните мрежи и на форумите, почнувајќи од неверување за барокниот стил во кој се обвива градот, завршувајќи до тоа дека на Скопје навистина му е потребен нов изглед.

Премиерот Никола Груевски кога и официјално беше промовирана Портата „Македонија“ на 6 јануари 2012 година, самиот изјави дека тој стои зад проектот.

„Јас стојам зад овој проект. Сметам дека е добар, квалитетен и корисен и дека нема ништо лошо во него. Да, јас го поддржувам и ќе го поддржувам овој проект“, рече тој.

Доколку се погледнат официјалните документи, се гледа дека почетоците на овој проект датираат четири години претходно, уште од ноември 2006 година, кога на градоначалничкото место во општина Центар седеше Виолета Аларова.

resenie za aleksandar makedonski

Тогаш било донесено и првото решение за објавување на одлуката за почнување постапка за подигање споменик на Александар Македонски. Подоцна, овој споменик на плоштадот Македонија беше преименуван во „Воин на коњ“. За изработката на идејното решение прво биле предвидени 2 милиони денари, односно 32 илјади евра.

Конкурсот за идејно решение бил објавен во 2007 година. Прва награда не била доделена, а втората ја добива Валентина Стевановска, во износ од 6 илјади евра.

Во 2008 година Стевановска ја прави пресметката за коњаникот (таа година повеќе не се вика „Александар Македонски“), фонтаната и скулптурите и финалната проценка, вклучително со набавките на материјали, транспортот на гипс, работниците, просторот, леењето во гипс и полиестер, изнесува 649 илјади евра. Колку од овие пари останале како авторски хонорар, во пресметката на Стевановска не е наведено.

valentina stevanovska honorar

Институциите транспарентно одговараа на барањата за пристап

Базата на податоци „`Скопје 2014` под лупа“ откри голем број факти кои ја доловуваат грандиозноста на проектот. Колку за пример, повеќе од половина, односно 61 отсто од проектот „Скопје 2014“ е изградба на згради. Новите згради кои драматично го променија изгледот на Скопје, според документацијата, од буџетот исцрпеле речиси 340 милиони евра.

Најскапата фасада, според документацијата на БИРН, е фасадата на Владата, која, според пресметките, чини над 15 милиони евра, што е за три пати повеќе од сите фасади во централното градско подрачје.

Еден од најтешките задачи со кои се соочи редакцијата на БИРН при изработката на Базата на податоци е лоцирањето на првите скулптури кои беа поставени во центарот на Скопје. Голем дел од нив, како скулптурата „Девојче“ е дислоцирана, скулптурата „Космоинтеграла“ е расклопена и стои зад објектот на Македонската опера и балет (МОБ), а дел не успеавме да ги фотографираме, со оглед на тоа што никаде нема објаснување дали се дислоцирани или целосно отстранети.

Скулптурата позната како „Шмизла“ е скриена на градилиштето зад новата црква која се гради на улица „Македонија“ | Фото: БИРН

Скулптурата позната како „Шмизла“ е скриена на градилиштето зад новата црква која се гради на улица „Македонија“ | Фото: БИРН

БИРН поднесе речиси 150 барања за пристап до информации од јавен карактер за да дојде до бараните информации во врска со проектот „Скопје 2014“. Речиси сите институции ја испочитуваа обврската за одговор на информациите, но повеќето од нив го пречекорија законскиот рок од 30 дена.

Поднесени беа десетина жалби, по што добивме дел од одговорите. До објавувањето на Базата на податоци за проектот „Скопје 2014“, одговор не добивме само од Министерството за правда, од каде што го баравме Основниот договор за изградбата на новиот објект на Кривичниот суд.

БИРН не објави ниту една информација за која нема пишан документ, освен податоците што во 2013 година на отчет ги дадоа од општината Центар, Министерството за култура и од Владата.