Истражувањa

Скриените лица зад „Скопје 2014“

БИРН истражуваше кои се луѓето кои го одобрувале изборот на идејните барокни решенија за дел од објектите во Скопје

По јавните изјави на некогашниот премиер Никола Груевски, но и во прислушуваните разговори содржани во „бомбите“, во јавноста нема дилеми дека токму тој е идеолошкиот ментор на проектот „Скопје 2014“ . Но, идеите за барокно и неокласично преоблекување на градот симболизирани преку реченицата „Миле ми текна“ некој требаше и да ги спроведе. БИРН истражуваше кои се луѓето кои го одобрувале изборот на идејните барокни решенија за дел од објектите во Скопје.

Потфатот за редефинирање на ликот на главниот град што се одвиваше на еден исклучително нетранспарентен начин од носењето на одлуката па до реализацијата, не можеше да биде изведен доколку во него доброволно не учествуваа голем број институции, компании, но и поединци.

Според документите со кои располагаме видливо е дека во комисиите кои ги избирале барокните верзии на новите згради и фасади членувале главно архитекти и градежни инженери, но и јавни личности кои ги бранеа политиките и идеологијата  на тогашната владејачка партија, вклучително и иконографијата на „Скопје 2014“ која изобилува со лавови, сонца од Вергина и референции со античкото минато на Македонија.

Мотив за учеството во комисиите за избор на идејни решенија за барокното Скопје на прв поглед не е финансиски. Хонорарите за членовите и претседателите се движат од 20 до 40 илјади денари.  Но, се покажува дека членувањето во комисија за избор на идејно решение за повеќемина довело до избор токму на нивно идејно решение на некој следен конкурс.

Имињата до кои дојде БИРН и кои ќе бидат објавувани во неколку текстови, укажуваат дека некои од нив се повторуваат во повеќе комисии, а има и такви кои и во јавноста се декларирани како жестоки поборници на идејата за ревидирање на историјата, што е една од карактеристиките вткаени и во самиот проект „Скопје 2014“.

ГДОМ-ци и антички Македонци

За идејното решение на објектот на македонското Министерство за надворешни работи решавала седумчлена комисија од кои петмина се надворешни членови. Претседател на комисијата бил архитектот Васиљ Иљов, во јавноста познат како поборник на античкото минато на Македонија и како и човек кој го реконструираше скопскиот Камен мост според решение кое предизвика големи контроверзии во стручната јавност.

Иљов е претседател на здружението на граѓани „Антички Македонци“ од Богданци. Здружението е против официјалната историска наука на Република Македонија и се бори за ревизија на историјата со поголема афирмација на тезата за директен континуитет со антиката.

Плакат на здружението „Антички Македонци“ од Богданци на Васил Иљов

Здружението  тесно соработува и со Светскиот македонски конгрес на Тодор Петров и заеднички уште во 1995 година покренува иницијатива за поставување споменик на Александар Македонски на плоштадот „Македонија“ во центарот на Скопје. Ако за ова барање морале да чекаат 16 години, нивното барање за поставување на споменик на св. Петар во Богданци во 2008 за време на Владата на Никола Груевски е решено во декември истата година.

Како претседател на комисијата за спроведување конкурс за избор на идејно решение за МНР, Васиљ Иљов добил хонорар од 40 илјади денари, а надворешните членови Зоран Петров, Ана Дамеска и Атанас Филиповски добиле по 30 илјади денари.

Избрано е идејното решение на Благој Стојаноски, но иако во целата документација тој фигурира како автор, на пуштањето на објектот во употреба изјави како автор даваше неговата сопруга Лидија Стојаноска.

Васил Иљов, покрај Каролина Боцевска, Атанас Филиповски, Биљана Каевиќ и претседателот Миодраг Митровиќ е член и на комисијата за избор на изгледот на објектот на Јавното обвинителство и Управата за финансиска полиција кое се гради според идејното решение на Слободан Живковски.

Уште еден автор и поборник на проектот „Скопје 2014“ кој седел во комисија за избор на идејно решение е и ликовниот уметник Марјан Камиловски. Тој е еден од авторите на Мостот Слобода,  а решавал и за изгледот на Факултетот за драмски уметности, објект во близина на мостот, во кој ќе бидат сместени и канцеларии на повеќе државни институции.

Камиловски е автор и на 250 килограми тешкиот релјеф инспириран, како што се наведува во информацијата за настанот, „од сон на свети Павле кога му се јавува Македонец и го повикува да дојде во Македонија“, што претседателот Иванов му го подарил на Папата Бенедикт XVI при неговата посета на Рим во 2011 година.

Камиловски на ТВ Сонце, како еден од авторите, ги презентира „Македонски речник на зборови со езотерични поими“ и романот „Розата од вода“

Во 2010 година кога започна ноќно истоварање и поставување споменици низ градот, Марјан Камиловски ја отвора трибината за проектот организирана од група уметници од која се испрати порака дека „Уметниците посакувале ‘Скопје 2014’ да се случело порано“. 

Подоцна тој стана  член на движењето Фронт на народот, фронт за Македонија, во предвечерието на настаните на 24 декември кога опозицијата беше исфрлена од Собранието,   па потоа на ГДОМ, а во екот на политичката криза по изборите, заради, како што вели самиот, „недостаток на аналитичари со десно конзервативна определба и светоглед“ е често повикуван како гостин или цитиран со неговите ставови против Сорос и тогашната опозиција. 

Во комисијата која го избирала барокниот изглед на новиот објект на ФДУ  претседател била Марија Гичева Василева, дипломиран инженер архитект, а покрај Камиловски членувале и архитектите Живко Божиновски, Владимир Мартулков и Наташа Хаџи Лега.

Хаџи Лега исто така членува и во комисијата што го избра идејното решение  за факултетите ФИНКИ и Факултетот  за физичко образование на Жарко Чаушевски и неговата фирма „Архитектоника“.

Претседателот на комисијата за избор на идејното решение на ФДУ е хонориран со 25 илјади денари, а надворешните членови со по 20 илјади.

Членство во повеќе комисии

Две години откако говори во својство на автор на барокното здание на МНР Лидија Стојаноска се јавува како претседател  на комисијата која го избира идејното решение на Палатата Емануел Чучков, каде што се сместени Државен завод за ревизија, Геолошки завод и АД за стопанисување со станбен и деловен простор.

Во комисијата за овој објект членуваат и архитектите Калина Ваневска и Оливера Мукаетова, како и архитект Анче Толеска, која е автор на партерното уредување на кејот на реката Вардар на потегот од Камениот мост до мостот „Слобода“ кај МНР.

Во комисијата за овој објект членува уште еден награден автор, Калина Герасимовка, чиешто идејно решение на Старата учителска школа е меѓу последните објекти од проектот „Скопје 2014“ избрано во јануари годинава, но не е реализирано. 

Хонорарот за членувањето во комисијата за Палатата Емануел Чучков е 25 илјади денари за претседателот и по 20 илјади денари за членовите.

Менче Поп Ацева членува во најмалку три комисии. Таа претседава со комисијата за избор на идејното решение на Палатата Лазар Поп Трајков, а член е и на комисијата за измена на фасадата на Владата и за барокниот изглед на Градскиот трговски центар, двете  според замислата на Жарко Чаушевски и неговата фирма Архитектоника. Чаушевски еден од често избираните автори чијшто архитектонски израз стана симбол на проектот „Скопје 2014“.

Се чини дека, комисијата која решаваше за  изгледот на Владата во  чиј состав покрај Менче Поп Ацева се и Борис Никодиновски, Сања Пуздерлиска, вработена во Министерство за транспорт и врски,  Стефанка Илиевска и Андрија Фаренфалт, всушност и немаше многу работа.

Изборот на идејното решение на Жарко Чаушевски  е претходно верификуван преку анкета на страната на Владата која за многумина беше начин да се избегнат критиките со образложение дека станува збор за решение зад кое стојат  мнозинството граѓани што гласале. 

(Продолжува…)