Владата склучила договори за државна помош во вкупна вредност од 47,5 милиони евра, покажуваат податоците до кои дојде БИРН. Овие 13 нови договори за државна помош што ги анализиравме, ги потпишувале повеќе владини претставници, меѓутоа најголем дел од нив министрите задолжени за привлекување на странски инвестиции од претходниот владин состав.
Истражувањето се базира врз склучените договори на Владата и инвеститорите во делот на државна помош, и ги анализира преземените обврски на државата кон странските инвеститори. Во најголем дел од договорите, Владата одлучила да ја субвенционира половина од вредноста на вкупната инвестиција, а во дел од договорите сумата не е прецизирана со конкретни бројки туку се наведени само даночните и царински ослободувања.
Податоците со кои располага БИРН покажуваат дека најголемата доделена државна помош, по одделни компании достигнува до 10 милиони евра, а кај една компанија, Владата одлучила да субвенционира по 11 илјади евра за едно отворено работно место. БИРН дојде и до нови договори за државна помош со компании за коишто јавноста претходно не знаеше дека добиле субвенции.
Субвенции до 11 илјади евра за работно место
Германската компанија Маркарт што отвори фабрика за производство на автомобилски делови во велешко Караслари, склучила договор за државна помош кон крајот на 2013 година. Овој договор предвидува целосна исплата на сите трошоци за персонален данок на доход на компанијата за своите вработени за период од десет години и рефундирање на платениот данок на добивка, и вообичаено овој износ не смее да надмине 50% од вкупната инвестиција.
За креирање нови работни места, во договорот е прецизирано помошта да достигне најмногу 6,6 милиони евра, односно 11 илјади евра за секое од планираните 600 работни места. Ова е, всушност, и најголема сума што државата ја одобрила за отворање работно место во некоја од странските инвестиции.
Вклучено и покривање на трошоците за градење до најмногу 750 илјади евра, како и за усовршување на работниците во максимален износ од 300 илјади евра до 2020 година.
Компанијата пак, се обврзала да инвестира најмалку 15 милиони евра во период од пет години, а според податоците на Комисијата за заштита на конкуренцијата, вкупната државна помош по сите основи од 2015 до 2019 година, ќе достигне 8,7 милиони евра.
Германската компанија Кромберг и Шуберт отвори фабрика за производство на кабли за автомобили лоцирана во индустриската зона Жабени, близу Битола. Договорот за државна помош го потпишал министерот Веле Самак во декември 2011 година, меѓутоа освен минималната инвестиција од 10 милиони евра што компанијата се обврзала да ја реализира во рок од четири години, во овој документ вкупната државна помош не е прецизирана со бројка. Пишува дека државата ќе ѝ исплати на компанијата износ еднаков на сите плаќања за персонален данок за платите на вработените за период од 10 години и половина од сумата за социјални надоместоци и придонеси, односно за здравствено и пензиско осигурување, исто така за период од десет години. Притоа, се наведува дека вкупната државна помош нема да надмине 50% од оправданите инвестициски трошоци.
Во документ што го испратил до генералниот секретар на Владата еден месец пред одобрувањето на државната помош, министерот Самак објаснува дека државната помош би изнесувала околу 10 милиони евра, што е половина од планираната максимална инвестиција од 20 милиони евра. Според овој документ, компанијата Кромберг и Шуберт планирала да отвори вкупно 2.500 работни места.
Италијанската компанија Кондево којашто гради фабрика во Штип, во септември 2015 година склучила договор за добивање државна помош во вид на даночни и царински ослободувања согласно Законот за ТИРЗ, субвенции по две илјади евра за отворање 300 работни места или вкупно 600 илјади евра и уште половина милион евра како помош на државата за изградба на фабриката, но доколку компанијата инвестира најмалку 15 милиони евра.
Меѓутоа, според договорот, вкупната инвестиција на компанијата за период од пет години треба да надмине 30 милиони евра.
Иако во самиот договор не е прецизирана вкупната државна помош, во информација од Владата од септември е наведено дека „вкупниот интензитет на помош согласно проекциите би достигнал 26,9% од максималната инвестициска обврска од 30 милиони евра“, што значи дека е еднакво на 8,07 милиони евра. Со оваа компанија преговарал министерот Џери Наумоф.
Во договорот со германската компанија СТС Текстајлс, којашто е браунфилд инвестиција, односно почна со производство во просториите на поранешната фабрика „Нонча Камишева“ во Велес, Владата ѝ одобрила државна помош за инвестиција од најмалку четири милиони евра до 2021 година и отворање најмалку 150 работни места. Договорот предвидува максимална државна помош за вкупно 1.000 отворени работни места што би било еднакво на 2,24 милиони евра. Притоа, државата се обврзала да плати по 1.600 евра за секое од првите отворени 400 работни места, по 1.750 евра за следните двесте работни места и по 2.000 евра за последните 400 работни места до заокружување на вкупниот број. Според договорот, вкупната максимална помош е предвидено да изнесува 7,5 милиони евра или половина од предвидената вкупна инвестиција од 15 милиони евра што треба да се реализира до крајот на 2021 година.
Договорот вклучува и рефундирање на средствата за платен данок на добивка за период од 10 години.
Американската компанија Леар којашто отвори фабрика за производство на навлаки за автомобили во зоната во Тетово, во 2015 година склучила договор за државна помош во кој не е наведена вкупната сума што државата се обврзала да ја одобри. Покрај стандардните даночни и царински ослободувања согласно Законот за технолошко индустриските развојни зони, одобрен бил и грант од половина милион евра за покривање на трошоците за градба на фабриката. Притоа, компанијата се обврзала да инвестира најмалку осум милиони евра и да вработи 900 луѓе во период од четири години.
Во договорот е наведено и дека максималниот број на работни места што државата ќе ги субвенционира е 2.500, што значи дека државната помош може да достигне најмногу до четири милиони евра.
Инаку, во преписите меѓу различни владини институции пред да се склучи договорот, компанијата најавила двојно поголема минимална инвестиција, односно околу 17 милиони евра, така што по промената на одлуката, тогашниот министер за финансии Зоран Ставрески предупредува да се внимава државната помош да не надмине 50% од последната договорена минимална инвестиција. Тој ѝ сугерира на Владата дека според неговите пресметки, државната помош до 2018 година не треба да надмине 3,3 милиони евра.
Британската компанија Ендава од информатичката индустрија, во 2015 година склучила договор за државна помош во износ од 1,025 милиони евра, што треба да се исплатува во четири транши за отворање вкупно 425 работни места до крајот на 2017 година. Односно, државата одлучила да ги субвенционира првите 250 вработувања со по 2.000 евра и по 3.000 евра за останатите 175 работни места.
Компанијата се обврзала на инвестиција од 2,2 милиони евра во период од пет години.
Германската компанија Дрекслмајер според договорот за државна помош добила ослободување од персонален данок на доход и данок на добивка за период од десет години, меѓутоа нема проценка за вкупната сума што ќе се потроши.
Во договорот пишува само дека вкупната државна помош за даночните ослободувања важи сѐ додека сумата не надмине 50% од оправданите инвестициски трошоци и не повеќе од десетгодишен период. Предвидено е и покривање на трошоците за усовршување во максимален износ од 400 илјади евра.
Дел од компаниите, пак, на коишто им е доделена државна помош, веќе ги затворија своите фабрики
Компанијата Кранфилд Фаундри со којашто преговараше министерот Бил Павлески, и којашто гради леарница за производство на делови за автомобилската индустрија во близина на Пробиштип, во јули 2015 година склучила договор за државна помош во којшто не е наведен вкупниот износ, но пишува дека државата ќе го плати персоналниот данок на доход за платите на 100 вработени, колку што навел министерот Павлески во информација до Владата, и данокот на добивка. Притоа, оваа компанија се обврзува да инвестира најмалку 15 милиони евра за период од пет години и да отвори најмногу 250 работни места.
Компанијата се обврзала во рок од 30 дена по потпишувањето на овој договор да обезбеди банкарска гаранција од милион евра.
Инаку, иако во владините документи пишува дека компанијата е основана со руски капитал, сепак податоците од Централниот регистар исто така доставени до владините претставници, покажуваат дека сопственик на македонската компанија е Кранфилд Бизнис Груп Лимитед од Британски Девствени Острови.
За германската компанија Акомпласт во јавноста не беше познато дека добила решение за државна помош. Според документите до кои дојде БИРН оваа компанија којашто почна да гради фабрика за автомобилски делови во зоната во Прилеп, во декември 2015 година потпишала договор за државна помош со којшто и се обезбедени сите даночни и царински ослободувања за период од десет години како што предвидува Законот за ТИРЗ, и грант од 100 илјади евра за изградба на фабриката под услов компанијата до март 2020 година да инвестира најмалку 1,5 милиони евра и да вработи барем 40 луѓе.
Инаку, вкупната инвестиција е предвидено да достигне 3 милиони евра.
Субвенции за компании што не инвестирале!?
Американската компанија Стартек којашто најави дека ќе отвори повикувачки центар и ќе инвестира 10,8 милиони евра, склучила договор за државна помош со кој Владата ѝ одобрила субвенции по 2.200 евра за секое од вкупно 2.000 работни места што требало да се отворат до 2019 година, или вкупна помош од 4,4 милиони евра.
Меѓутоа, според последните информации оваа компанија досега нема отворено кол-центар во земјава и според регистарот на Управата за јавни приходи, оваа компанија од јануари 2016 година е во постапка на бришење.
Компанијата Герман Електро Мехатроникс (ГЕС) најавена како германска инвестиција во производство на лед светилки, во декември 2015 година исто така склучила договор за државна помош. Според договорот до којшто дојде БИРН, на компанијата ѝ биле одобрени предвидените даночни и царински ослободувања за период до десет години почнувајќи од денот на работење, и грант од половина милион евра за изградба на фабриката под услов компанијата до 2020 година да инвестира најмалку 15 милиони евра и да вработи барем 100 луѓе.
Според деловниот план доставен до Владата, вкупниот број на вработени требало да достигне до 200 луѓе.
Инаку, планирано беше изградбата на фабриката да започне кон крајот на февруари или најдоцна на почетокот на март 2016 и да биде готова за шест до осум месеци. Во мај 2016 година, тогашниот директор на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони, Виктор Мизо, изјави дека таа веќе се гради.
БИРН претходно ја истражуваше оваа компанија и дојде до информации дека не станува збор за германска туку за египетска инвестиција.
Компанијата М Скуаре Балкан Лимитед основана од една индиска и уште една компанија од Хонг Конг, во договорот за државна помош склучен на крајот на 2015 година се обврзала да инвестира најмалку 31,15 милиони евра и да вработи вкупно 1.000 луѓе во период од пет години. Државата ѝ доделила ослободување од персонален и данок на добивка во период од десет години и по 2.500 евра субвенција за секое работно место, односно вкупно 2,5 милиони евра.
М Скуаре Балкан Лимитед во декември 2015 ја купи фабриката на поранешна „Порцеланка“ во Велес, со цел производство на кујнски производи од не’рѓосувачки челик.
Дел од компаниите, пак, на коишто им е доделена државна помош, веќе ги затворија своите фабрики.
Руската компанија Продис лани го затвори погонот во зоната Бунарџик. Таа во 2011 година склучила договор за државна помош и се обврзала за период од три години да инвестира најмалку 2,5 милиони евра и да вработи 100 луѓе. Интересно е што во договорот е прецизирано инвеститорот да ја одржува оваа бројка на вработени до 2019 година или во спротивно да плати по 1.000 евра казна за секое нереализирано вработување. Како што е познато, Продис веќе ја затвори својата фабрика во зоната во Бунарџик.
Покрај даночните ослободувања, како од данок на добивка во период од десет години, од персонален данок, ДДВ за увоз на стока во зоната, надоместок за уредување на градежно земјиште, царински ослободувања, коишто не се пресметани во вкупна цифра, државата на Продис ѝ одобрила и 100 илјади евра грант за градење на објектот ако најпрво докаже дека инвестирала најмалку милион евра.
БИРН претходно објави уште 13 договори за државна помош склучени од Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони, во вкупна вредност од околу 20 милиони евра.