Истражувањa

Скриените лица зад „Скопје 2014“: Како ЕЛЕМ ја доби Палатата на Зевс

БИРН истражува кој го овозможи барокниот изглед на зградата на ЕЛЕМ во центарот на Скопје

Потребата на раководството на ЕЛЕМ да работи и твори во зграда со класицистички или популарно наречен барокен изглед најнапред била фокусирана врз постојниот објект што го дели со некогашното Јавно претпријатие ЕВН, во близина на Градскиот трговски центар, што и самиот за влакно избегна да биде подложен на  архитектонскиот израз на „Скопје 2014“.

Според документите до кои дојде БИРН, веќе на почетокот од 2011 година, ЕЛЕМ и ЕВН се договараат  да изведат групна набавка за идејно решение и проект за реконструкција на фасадата, при што формално постапката ќе ја води ЕВН во име на двете компании. Во февруари се склучува договор за реконструкција на фасадата со фирмата Жагра – ком, а како лице за контакт е наведен Никола Стакинов, еден од омилените архитекти на инвеститорите на „Скопје 2014“.

Стакинов се јавува како автор на фасадата на Министерство за правда, Палатата „Лазар Поп Трајков“ и многуте фасади во централното градско подрачје. Речиси никогаш Стакинов не е единствен автор. Најчесто работи на идејни решенија каде што како автори се јавуваат и Жарко Чаушевски, Лазар Димов или фирмата Неимар инженеринг.

Но, нешто се случува и тој договор не е реализиран. Сепак, ЕЛЕМ и ЕВН не се откажуваат од намерата  да го откорнат мермерот од модернистичката зграда и да ја барокизираат. Тие во февруари 2012 склучуваат договор за идејно решение и проектна документација  со Градежниот факултет, а подоцна и договор за изведување на работите со градежната компанија БЕТОН вреден над 4 милиони евра.  

Целата постапка за менување на фасадата на заедничката зграда на ЕВН и ЕЛЕМ се легализира дури откако се склучени договорите со проектантите. Имено ЕЛЕМ испрати формално барање за одобрување на менување на фасадата на зградата дури на 24 декември 2012  што е и одобрено на седница на советот на Општина Центар на 28 декември со која раководеше претседателот на Советот Владимир Здравев

ЕЛЕМ сака своја барокна зграда

Во 2011 година, проектот „Скопје 2014“ е во подем. Веќе се поставени или почнале да се градат 144 објекти или споменици. Дирекцијата на ЕЛЕМ  има 200 вработени, а компанијата е едно од најбогатите државни претпријатија во Македонија. Таа година ЕЛЕМ решава да гради сопствен деловен објект на локација која во тој момент е зелен појас околу кулите на Градски ѕид, наспроти хотелот „Бристол“ и Старата железничка станица.

Начинот на кој ЕЛЕМ ја добива локацијата за новиот објект е образец преку кој се спроведуваше таканаречениот проект „Скопје 2014“. Идејата ја црпи аргументацијата од типот „Миле ми текна“, а потоа се сподвижува цела машинерија од институции, функционери и професионалци кои прават сѐ таа да биде реализирана. 

Начинот на кој ЕЛЕМ ја добива локацијата за новиот објект е образец преку кој се спроведуваше таканаречениот проект „Скопје 2014“. Идејата ја црпи аргументацијата од типот „Миле ми текна“, а потоа се сподвижува цела машинерија од институции, функционери и професионалци кои прават сѐ таа да биде реализирана

Цели 16 часа траеше седницата на општина Центар на 24 септември 2011 каде што мнозинството го сочинуваат советници на ВМРО ДПМНЕ под раководство на Владимир Тодоровиќ од истата партија на која се расправаше  за промена на  Деталниот урбанистички план. Советниците опозиционери се противеа, беше потпишана и петиција од  1.400 жители во близина на спорната локација, но во  5 часот наутро мнозинството ја одобри измената која овозможи ЕЛЕМ да ја добие локацијата на улица „Македонија“, во зелениот појас.

Ни отпорот на станарите, ниту потпишаните петиции, ниту протестите во јавноста не го запреа ноќното сечење на дрвјата во присуство на специјалната полиција и заградување на просторот каде што ќе никне новиот деловен објект.

И кога во вторникот, 15 ноември, за последен пат е отпечатена проектната програма за изработка на конкурс за идејно архитектонско решение на деловната зграда на ЕЛЕМ, нејзиниот надворешен изглед практично веќе беше определен. Во самата програма која е наменета за архитектите што планираат да конкурираат со свое идејно решение е наведено дека објектот мора да биде „во стил на класицизам и соодветно репрезентативен на нивото на институцијата“ која судејќи според воведот на документот многу држи до себе.

Шест години подоцна, објектот сѐ уште не е пуштен во употреба, иако ништо не навестуваше дека новиот деловен објект толку ќе се оддолжи. Токму спротивното, роковите кои беа поставени на почетокот сугерираа брзина во изведбата.

Ни два месеца не поминаа меѓу одлуката на општинарите на Центар  за промена на  Деталниот урбанистички план на општина Центар  и огласот со кој ЕЛЕМ бара идејно решение на новиот објект.

Првичниот оглас предвидуваше идејните решенија на заинтересираните архитекти да пристигнат најдоцна до 22 декември, но веројатно заради претпразничната атмосфера карактеристична за крајот од годината, рокот е продолжен по Новогодишните празници и веќе на 18 јануари беше одреден победникот на конкурсот.

Комисијата во состав Лиљана Митровиќ, Паско Кузман, Благој Здравев, Андрија Фаренвалд и Катарина Боцевска од осум предложени решенија, три во старт отфрли,  затоа што не предвиделе „фасадата да биде во стилот на класицизмот“ што е еден од основните услови.  Четири идејни решенија се наградени, другите обештетени. Првонаграденото решение на Жарко Чаушевски, Лазар Димов, Стефан Смилевски и Неимар инженеринг доби 500 илјади денари.

Зевс громовник, мала копија на Триумфалната порта, а на фасадата – сцени од античката митологија на новата зграда на ЕЛЕМ / Фото: БИРН

Комисијата решила во еден ден, едногласно

Претседател на комисијата за зградата на ЕЛЕМ е Лиљана Митровиќ, сопруга на Миодраг  Митровиќ кој пак, претседаваше со комисијата за избор на идејното решение на зградата на Јавното обвинителство. Брачниот пар Митровиќ се сопственици на фирмата Метрика која учествува во ентериерно уредување на објектот на Јавното обвинителство  и на Уставниот суд, Државниот архив и Археолошкиот музеј, како  и на проектирање и проектантски надзор на подземната гаража кај Уставниот суд.  

Зградата на Јавното обвинителство и зградата на ЕЛЕМ ги поврзува уште еден член на комисијата, архитектката Каролина Боцевска која решава за избор на идејно решение на двата објекта.  

Паско Кузман е единствен член од комисијата која го решаваше изборот на зградата на ЕЛЕМ кој не е архитект, туку археолог. Во тоа време е директор на Управата за заштита на културното наследство со неформален статус на „државен археолог“. Паско Кузман е човекот кој ја постави археологијата на државно ниво како алатка за докажување на континуитетот на македонската култура од антиката до денес, па оттаму и се смета за еден од иницијаторите на таканаречената „антиквизација“ на Македонија.  Негова беше идејата за поставување антички фигури од Стоби пред зградата на Владата, што и лично го надгледуваше. Неговата блескава кариера заврши најнапред со домашен притвор и потоа затвор на три години за неправилности во работењето на Управата со која раководеше.

Андрија Фаренвалд учествува во комисијата за избор на идејно решение на новата зграда на Елем, член е и на комисијата за избор на идејно решение на фасадата на Владата. Неговото име се јавува и во тендерската документација за изградба на оградата за објектот што е веднаш до зградата на Владата како дел од  Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Македонија надлежен за предмер на објектот.

Благој Здравев е архитект, сопственик на компанијата Слеме проект од Штип.  Здравев меѓу другото е и автор на идејното решение на црквата св. Лидија Македонска во скопската населба Ченто која започна да се гради во 2014 година.

Според документите со кои располага БИРН, комисијата заседаваше само еднаш на 18 јануари 2012 година кога едногласно го избра идејното решение на: Жарко Чаушевски, Лазар Димов, Стефан Смилевски  и Неимар инжинеринг. „Фасадата е со импресивен класицистички архитектонски израз, што е еден од основните услови на расписот на овој конкурс, а се вклопува во поширокиот контекст на потегот Стара железничка станица – Камен мост, во однос на постојните и предвидените објекти“, се вели во образложението на одлуката потпишана од сите членови на комисијата.

„Имресивниот класицистички архитектонски израз“ на зградата на ЕЛЕМ на Чаушевски, Димов, Смилевски и Неимар инженеринг предвиде, а подоцна тоа е и реализирано, на покривот на објектот да бидат поставени статуи меѓу кои и на Зевс громовникот, но и мала копија на веќе изведениот објект во рамките на проектот „Скопје 2014“ – Триумфалната порта, а на фасадата – сцени од античката митологија.

Истиот ден на кој решавале за избор на ова идејно решение, сите членови на комисијата потпишале и Договор за давање услуги со ЕЛЕМ во кој меѓу другото се обврзуваат дека до целосно завршување на постапката на јавната набавка нема „да откриваат или на друг начин да направат достапни податоци и информации поврзани со доставените трудови и самата постапка“. 

И навистина целата постапка е држена во толкава тајност, што во медиумите првата вест дека ЕЛЕМ воопшто ќе гради нова зграда на улица „Македонија“ е објавена во октомври 2012, десет месеци откако комисијата го избра најдоброто решение; цела година откако огласот е објавен на Јавни набавки.

Првично беше проценето дека нејзината изградба ќе чини нешто над 11 милиони евра, но поради непредвидени работи и сите досегашни склучени договори, таа чини над 17 милиони евра.

Иако при посетата на објектот во мај 2017 тогашниот  екс премиер Никола Груевски и тогашниот директор Христијан Мицковски, сега – едниот лидер, а другиот генерален секретар на ВМРО ДПМНЕ,  соопштија дека остануваат уште само некои мали финеси како што е чистење на објектот и внесување мебел, зградата сѐ уште не е пуштена во употреба.

Зградата сѐ уште не е пуштена во употреба / Фото: БИРН

По објавувањето на текстот реагираа од Друштво за проектирање и градење Метрика на Лиљана и Миодраг Митровиќ со забелешка дека фирмата не учествувала во градењето на објектите во рамките на Скопје 2014 туку во ентериерно уредување на објектот на Јавното обвинителство и на Уставниот суд, Државниот архив и Археолошкиот музеј, како и на проектирање и проектантски надзор на подземната гаража кај Уставниот суд.
Истовремено од Метрика беше посочена и ненамерна матерјална грешка во првичниот текст во кој како автор на идејното решение на клиничката болница во Штип е наведен архитектот Благој Здравев, наместо Лиљана Митровиќ .
Овие забелешки се вклучени во текстот, по реакцијата од Метрика.

Продолжува…

Претходно: Скриените лица зад „Скопје 2014“