Вести

Славески ја брани идејата за финансиски зони

Да сакаше власта земјава да ја направи погодна за нечист капитал, ќе го направеа тоа во 2007 година со даночната амнестија. Сведок сум дека премиерот Груевски беше против тоа, вели Славески за финансиските зони

Воздржано, со забелешка дека ќе беше подобро ако подносителите на предлогот за слободни финансиски зони „беа поактивни пред јавноста за детали околу моделот“, ексминистерот за финансии, поранешен „човек од доверба“ на премиерот Груевски, ги брани уставните измени. Токму поради недостигот на информации од предлагачите на амандманот за слободните финансиски зони, неговите „искажувања се темелат на некои претпоставки и знаењето за тоа како функционираат овие институции надвор“.

Славески Фото: З.Ричлиев

Славески смета дека идејата не треба ад-хок да се отфрли и „да се драматизира дека некој има таква намера нечисти пари да носи тука и слично“, Фото: З.Ричлиев

Професорот на економскиот факултет вели дека не смета оти власта има намера со финансиските зони и измената на Уставот за нивно формирање да создаде од Македонија земја погодна за нечист капитал, или „оф-шор“ дестинација. Напротив, тој вели дека е сведок оти премиерот Никола Груевски во 2007 година го одбил предлогот за даночна амнестија.

„Македонија не е остров и има значителни обврски кон меѓународната заедница и останува силна желбата за приближување кон ЕУ и евентуално членство“ вели професорот. Тој смета дека сегашната власт „во никој случај“ нема намера да ја втурне земјата „во таков авантуризам“.

„Да сакаа тоа да го направат ќе го направеа во 2007 година со даночна амнестија и либерализација на тековите. Јас сум жив сведок дека лично премиерот Груевски беше против тоа“, вели Славески, кој од 2006 до 2009 беше министер за финансии токму во една од владите на Никола Груевски.

На прашањето како го коментира мислењето на Венецијанската комисија дека со формирањето на финансиската зона можно е да се создаде „држава во држава“ и можност за привлекување сомнителен капитал, Славески одговара „А, каде се парите од сомнително потекло? Во Лугано, во Цирих, во Луксембург, во Делавер во САД … Некаде се тие пари. И никој не е имун“.

„Макар што, сега знаете дека има затегнување на регулативата. Би било многу наивно ако нашите власти, односно предлагачите на оваа идеја, кога светот отиде во насока на драстично зголемување на транспарентноста на движењето на капиталот, сметаат дека на тој начин ќе ја претворат Република Македонија во некоја оаза на нечист капитал. Мислам дека не е тоа идејата“, посочува Славески.

Но, смета дека идејата не треба ад-хок да се отфрли и „да се драматизира дека некој има таква намера нечисти пари да носи тука и слично“. Додава оти се потребни значителни вложувања од повеќе години за да се развие таквиот финансиски центар.

Во однос на прашањето зошто мора да се менува Уставот за да се формира финансиската зона, Славески посочува дека тоа се случува за да може договорите кои ќе ги склучуваат компаниите што работат во зоната да бидат под надлежност на институции што тие ќе ги одберат.

„На пример, британското право кое што е неприкосновено околу заштитата на сопственичките права. Па гледате, олигарсите од Русија таму се судат меѓу себе, во Лондон“, вели професорот Славески.

„Треба многу многу да направите да бидете доверлив партнер и да имате инфраструктура за некој да каже еве инвестицискиот фонд го носам во финансиската зона во Македонија. И не е само финансиската зона во прашање. Може да биде подобна даночната регулатива итн, но тие што ќе работат сакаат да имаат живот, забава, да имаат правна заштита, да бидат сигурни, да имаат благопријатни услови за работа“, посочува Славески за БИРН.

Целосното интервју со ексминистерот за финансии ќе биде објавено утре.