Анализи

Бугари во Уставот – кој прв спомна и кога ќе заврши

Од Брдо кај Крањ во 2021, до македонското Собрание во 2023 година

Бугарско-македонските односи, кои веќе трета година се тргни-застани, со постојан капацитет за влошување, речиси секојдневно ги бранува по некоја изјава.

Во пренатрупаностa од дневни ставови на македонските и бугарските политичари, кои многу често се и репетитивни, се заборава од кога е барањето Бугарите да влезат во македонскиот Устав. А не е од годинава, ниту од ланскиот таканаречен француски предлог. Официјално е од 2021 година, иако неофицијално бугарските политичари го споменуваа и претходно.

Октомври 2021

Планот 5+1 Радев првпат го презентираше на самитот во Брдо кај Крањ | фотографија: Влада на РСМ

Влегувањето на Бугарите во Уставот, првпат како услов, го спомена бугарскиот претседател Румен Радев во октомври 2021 година. По долгочасовните средби со европските лидери на самитот Европска Унија – Западен Балкан, Радев излезе со таканаречениот План 5+1.

Во Брдо кај Крањ тогаш беа поранешните македонски премиер и вицепремиер Зоран Заев и Никола Димитров и актуелниот министер за надворешни работи, Бујар Османи.

Заев од Словенија појасни дека петте точки од тој план се веќе познати, а тоа се „дека немаме територијални претензии, нема да се мешаме во внатрешните работи на Бугарија, историската комисија најмалку петпати да се состанува во годината, да се осудат актите на комунизмот и да се реагира кон говорот на омраза“.

„Шестата точка од планот „5+1 е признавање на бугарската национална заедница во македонскиот Устав пред земјата да стане членка“, рече тогаш Заев.

Јуни 2022

На 19 јули 2022 година се одржа првата меѓувладина конференција Македонија-ЕУ | фотографија: Влада на РСМ

Новината е времето кога ќе се внесат Бугарите во Уставот. А таа дојде по повеќе од половина година, по самитот во Словенија. Во јуни 2022 година, во францускиот предлог, кој сега е веќе изгласана преговарачка рамка за Македонија, се предвиде, не пред земјата да стане членка, туку пред втората меѓувладина конференција Македонија – ЕУ да се заврши оваа обврска.

Според предвиденото во преговарачката рамка, земјава одржа прва меѓувладина конференција лани во јули, во меѓувреме течеше скрининг-процесот, а за да се одржи втората меѓувладина конференција во ноември, услов е да заврши вметнувањето на Бугарите во Уставот.

Во спротивно, ако не се случи тоа, се запира европскиот интегративен процес. На втората меѓувладина конференција треба да се отвори првиот кластер од преговорите со Унијата.

Фаќањето на овие рокови не е лесно изводлива операција. Собранискиот деловник предвидува прецизна и подолга процедура за уставните измени.

Рок ноември 2023

За уставните измени има долги деловнички процедури | Фотографија: Собрание на РСМ

И според проценките на собранискиот спикер Талат Џафери, кој се повикува на постапката на уставните измени од 2018 година, ќе бидат потребни околу 4 и пол месеци за да се заврши сѐ.

Првиот чекор е предлогот да се пристапи кон уставните измени да стигне во Собрание. Потоа, во рок од 30 дена, тој предлог треба да биде разгледан.

Седницата на која ќе се разгледува може да трае најмногу десет работни дена. Потоа дебатата се сели во Комисијата за уставни прашања, која исто така има десет дена за дебата. Од кога ќе заврши расправата во тоа собраниско тело, се носи одлука за пристапување кон измена на Уставот, за што мора да гласаат две третини од пратениците.

Ако се изгласа потребата, Собранието утврдува рок до кој оној што бара промена, треба да направи текст на амандманите на Уставот.

Тука завршува првата фаза. Конкретните амандмани треба да бидат доставени најдоцна 30 дена пред одржувањето на седницата, на која се дебатира за секој амандман одделно, за што е определен рок од три дена. Потоа нацрт-амандманите одат во две собраниски комисии – за уставни прашања и законодавно правна и за дебатата во секоја од нив важат истите правила, по три дена за нацрт-амандман.

Кога ќе завршат овие дебати, амандманите доаѓаат пак на пленарна седница, на која со обично мнозинство се утврдува секој амандман одделно. Од кога ќе се заврши оваа втора фаза, се оди на јавна дискусија. Извештајот од неа се доставува до сите најдоцна 30 дена пред следната собраниска седница.

Во оваа фаза, предлагачот или кој било пратеник може да поднесе амандмани и сето тоа повторно се враќа во двете комисии, кои, пак, имаат по три работни дена за дискусии.

Третпат, сега веќе крајните амандмани одат на општ претрес, кој може да трае три дена по амандман. Од кога ќе заврши сѐ, се оди на гласање за секој од нив одделно и мора да има двотретинско мнозинство.

Според пресметките на Џафери, доколку процедурата почне овој месец, не би можела да се заврши пред октомври.

Кој на какви позиции е?

ВМРО-ДПМНЕ стои на ставот дека нема уставни измени под бугарски диктат | Фотографија: ВМРО-ДПМНЕ

Обезбедени осумдесет пратенички гласови за втора меѓувладина на есен, летово изгледаат како недостижна бројка. Гласно против се пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, кои имаат вкупно 44 и двајцата пратеници од Левица.

Тоа значи дека најмалку шест прaтеници од кампусот, кој сега е цврсто на позицијата дека нема да дозволат влегување на Бугарите во Уставот, треба да го сменат своето мислење.

ВМРО-ДПМНЕ стои на ставот дека „уставни измени под бугарски диктат нема да прифати“ и дека „нема да има уставни измени во овој парламентарен состав“.

Левица е порадикална. Партијата, која има двајца пратеници, Димитар Апасиев и Борислав Крмов, тврди дека со внесувањето на Бугарите во Уставот ќе мора да се отвораат бугарски школи тука. Тие бараат да се вметнат и Македонците во бугарскиот Устав и се единствената парламентарна партија, која смета дека разговорите со Софија целосно треба да се прекинат.

СДСМ, пак, смета дека треба да се гласа за уставните измени затоа што тоа е начинот преку кој ќе продолжат македонските европски интеграции. Тврдат дека оние што се против, всушност се и против „својата држава и евроинтеграциите“ и дека сите партии мора да преземат одговорност оти „ова е задача што треба да нѐ одведе во следна фаза на преговори“.

Партиите на Албанците, ДУИ, Беса и Алијанса за Албанците немаат ништо против оваа уставна измена. Додека ДУИ и Алијанса, кои се дел од владината коалиција, немаат никакви дополнителни барања, опозициската Беса смета дека кога веќе се отвора Уставот, во Преамбулата треба да се вметне и употребата на албанскиот јазик како службен на ниво на цела територија.

Власта самата си го постави јули како краен рок кога уставните амандмани треба да влезат во долгата собраниска процедура за да се фати месец ноември, кога, пак, би требало да се одржи втората меѓувладина конференција.

Дотогаш предлогот што го подготви работната група прво треба да помине на владина седница и како владин предлог да стигне пред пратениците.

Засега, само тој дел од постапката и роковите се извесни.