Анализи

Сложна партиска игра за новиот состав на Агенцијата за медиуми

Спорен избор на регулатори на медиумскиот пазар

Снимател, монтажер, продуцент, две економистки и две новинарки се на чекор да станат членови на Советот на Агенцијата за медиуми (АВМУ), единственото државно регулаторно тело за медиумскиот пазар.

Собраниската комисија за избори и именувања вчера ги утврди нивните имиња.

Гласањето помина мазно, без дискусија, со по некоја скромна реченица за седумтемина од 22 кандидати што се најдоа на конечната листа. Седницата траеше повеќе од еден час, од кој, најдолго траеја паузите.

Пред оваа седница, лани во ноември кандидатите се претставуваа на јавна расправа. Но, и тогаш немаше интерес за дискусија. Салата беше полупразна, а пратениците кои требаше да чујат и да ги прашуваат кандидатите за нивните кандидатури не беа присутни. Се правдаа дека имаат други обврски, но дека ги имаат материјалите и видеото од седницата.

Советот на АВМУ доделува и одзема дозволи на телевизии и радија, ја следи промената во сопственичката структура на медиумите, поведува постапка за недозволена медиумска концентрација, го избира директорот на Агенцијата.

Кандидатите главно се фокусираа на нивните биографии, кои пратениците ги имаат пред нив, а малку зборуваа за нивните планови за Советот на Агенцијата. Се говореше за развој на творештвото, за слобода на говор, а некои отидоа многу подалеку од надлежностите на Агенцијата, па коментираа за рекетарство кај новинарите.

Вчера седумте утврдени кандидати добија ист број гласови од 13-члената комисија, по 10.

Исходот покажа дека зад ова ретко сложно гласање лежи партиска трговија. СДСМ ги изгласа кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ, а тие, пак, со нивните гласови ја поддржаа нивната кандидатка. За да помине изборот требаа 8 гласа, но власта имаше 7. Затоа им помогна СДСМ, по што владејачките партии ја поддржа нивната кандидатка.

На крајот сите беа задоволни. ВМРО-ДПМНЕ ги предложи, а подоцна и ги гласаше: Виктор Павловски, Сашо Стефановски и Петар Џуровски, ЗНАМ – Цветанка Миновска, „Вреди“ – Афрона Верзиволи и Нафије Селмани, а СДСМ, Гордана Мајнова.

Изборот го бојкотираа пратениците на Европскиот фронт што го предводи ДУИ. Пратеничката Илире Даути кажа дека нема да бидат дел од „оваа наместена игра“, која ја договориле владејачките партии, и, како што рече, „веројатно и СДСМ“.

Најголемите критики стигнаа на адреса на двете кандидатки, Верзиволи и Селмани, кои, како што рече Даути, ни формално не ги исполнуваат законските услови.

Несудената ревизорка – советничка за медиуми

Афрона Верзиволи | Фото-скрин: Собраниски ТВ Канал

„Имам многу интересна биографија,“ вака економистката Афрона Верзиволи им се обрати на пратениците на ноемвриското претставување на кандидатурите за членови на АВМУ.

Во биографијата напишала дека била преведувачка, референтка во Министерството за финансии, веб-администраторка и менаџерка за односи со јавност во Стопанската комора на северозападна Македонија.

„Покажав врвни резултати“, говореше самоуверено за себе, опишувајќи го натамошното лично искуство во една од комерцијалните банки.

Еден месец се обучувала да биде внатрешен ревизор во Агенцијата за иселеништво, но снемало пари, па секторот во агенцијата не се формирал.

„Се снајдов и преминав во секторот осигурување“, рече таа.

Но, пред пратениците не кажа ниту збор дека три месеци пред да се пријави за советничка во АВМУ, Владата ја именуваше за главен ревизор за ИПА фондовите. По реакциите од ЕУ и притисокот од јавноста дека таа го нема потребното ревизорско искуство и ревизорски сертификат, Владата ја разреши од функцијата во август лани.

„Можеби некој ќе праша зошто ваму, зошто таму, јас сметам дека младите треба да се предизвикаат себе, да отвораат нови фронтови“, говореше 34-годишната Верзиволи.

Накратко кажа и што планира да прави ако ја изберат за членка на Советот на Агенцијата за медиуми.

„Стратегија за финансиска стабилност на медиумите, намалување јавни давачки за медиумите, окрупнување на човечки и финансиски капитал на медиумскиот пазар и да се тргне политиката од медиумите, да не се финансираат медиумите само од кампањи…“

Таа беше една од двете најспорни кандидатки за опозицискиот Европски фронт, поради политичката функција на нејзиниот сопруг, кој е шеф на огранокот на Алијанса за Албанците во Липково.

Второто спорно име за Европскиот фронт е Нафије Селмани.

Нафије Селмани | Фото-скрин: Собраниски ТВ Канал

Таа беше член на претседателството на Алтернатива. За тоа сведочи фотографија на Фејсбук од лидерот на партијата, Африм Гаши, од мај 2021, на која, таа е заедно со него на состанок со тогашниот француски амбасадор, Кристијан Тимоние.

Истата година Селмани поднесе оставка на функцијата, бидејќи од Алтернатива немало доволно жени на извршни функции.

Таа година стана советничка во Општина Чаир, што може да се види од партиската веб-страница, на која пишува дека мандатот ѝ е до 2025 година. Но, сега пишува дека е независна пратеничка.

Селмани лани се најде на листата за пратеници од коалицијата „Вреди“, но не влезе во парламентот. Во собраниската зграда влезе пет месеци по изборите, во ноември лани кога се претстави како кандидат на јавна расправа за новите членови на Советот на Агенцијата за медиуми.

Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги забранува во Советот да бидат избрани лица кои биле членови на раководни органи на политички партии во последните 10 години, сметано од денот на објавување на конкурсот.

Самата Селмани во документите што ги поднела за да се пријави на конкурсот потпишала изјава заверена на нотар со којашто под целосна одговорност потврдува дека ги исполнува сите законски услови за да биде избрана на функцијата.

Селмани речиси целиот дел од времето говореше за себе и за нејзиното искуство како новинарка и советничка во Град Скопје, за посети на семинари и конференции.

Не кажа што конкретно планира да придонесе како советничка во Агенцијата за медиуми за развојот на медиумите. Во биографијата напишала дека е искрена и со позитивен став, пазарно ориентирана, упорна…

Снимател кај Груевски, монтажер и продуцент

Комисија за изборите и именувањата | Фото: БИРН

На листата за предложени кандидати членови за Советот на АВМУ е и Сашо Стефановски, дипломиран филмски и ТВ-снимател на универзитетот ЕСРА. Тој на јавната расправа кажа дека „остварил значајни резултати“ како снимател во МТВ во техничко поврзување траси, репортажни возила и сателити.

Во 2008, како што кажа, бил повикан од канцеларијата на Никола Груевски да биде снимател, фотограф и монтажер, или „се` на куп“, како што рече. Таму работел 10 години.

Од говорницата читаше за своите заложби дека ќе работи за разновидност на медумските услуги, „за заштита на слободата на изразување“, за „зацврстување на меѓусебното разбирање“, за „творештвото“…

Колега на Стефановски, ако помине изборот, ќе му биде Петар Џуровски, дипломиран филмски и ТВ монтажер. Работел на реклами, џинглови, спотови и документарни филмови, како серијалите на МТВ пред десетина години посветени на лустрацијата, жртвите на комунизмот и други, а моментално е советник за односи со јавност во Македонската навигација за воздухопловство (М-НАВ) и директор е на продукција.

Кажа дека Агенцијата била во сенка, и дека ќе се обидел да ѝ направи „маркетиншки ап-грејд“, односно да покаже дека е фактор и „треба на медиумите да им се каже малку во која насока да работат“.

„Нејќам да ги навредам колегите кои што се новинари, меѓутоа, не ги викам ја рекетари, нели, новинари, али сакам да кажам да кажам дека не треба да претставува медиумот како приватна институција за свој бенефит“, говореше Џуровски.

Говореше дека сака да ѝ даде „друг стил на Агенцијата“. Но, скоро ништо конкретно за работата на Советот.

За аудиовизуелните политики во Советот, ако биде изгласан, ќе расправа и Виктор Павловски, кој дипломирал на Машинскиот факултет, и со години работи како продуцент и организатор. Во петминутното претставување пред пратениците прочита дека ќе се залага да се смени начинот, на кој, Агенцијата ја мери гледаноста со т.н. пипл-метри.

„Гледаноста да не се мери субјективно со пипл-метри на 500 до 1.000 луѓе“, рече тој и дополни дека ќе се залага за фонд за медиуми и за тоа сите новинари да добијат рамноправен статус, односно порталите да влезат во регистарот на медиуми.

Тој доби поддршка од Македонската асоцијација на новинари (МАН), во Собранието го претстави новинарката Ивона Талевска.

Кандидатката што ја предложи СДСМ, Гордана Мајнова, е дипломирана економистка. Била именувана за советничка за здравство, во време кога со Министерството раководеше Венко Филипче. Таа му била и шефица на кабинетот на поранешниот министер за здравство, Владо Димов.

Претходно работела во Советот за радиодифузија како раководителка на секторот за економски работи, меѓународна соработка и односи со јавноста и учествувала во изработката на извештаите за пазарот на медиуми.

Цветанка Миновска, предлогот на ЗНАМ за членка на Советот, е долгогодишна новинарка во Македонската информативна агенција (МИА).

„Ги поминав сите скалила во МИА“, говореше пред пратениците. Кажа дека е новинарка од терен.

Во биографијата се опишува како „позната и призната во новинарската професија“ и дека известувала од „илјадници меѓународни конференции и самити“.

Говореше дека ќе се залага за заштита на новинарите, иако тоа не е под директна надлежност на Советот на Агенцијата.

Неприфатливи политички калкулации

2.700 евра плата во наредните пет години за членовите на Советот | Фото: БИРН

Листата на предложени кандидати наиде на остра реакција од Здружението на новинарите на Македонија, кое оцени дека се „неприфатливи политички калкулации при изборот на членови на Советот на Агенцијата“.

Загрижува фактот што дел од избраните кандидати на кои им беше дадена можност да учествуваат на јавната расправа не ги исполнуваат ниту формалните услови според објавениот оглас. Воедно проблематична е и партиската заднина на дел од кандидатите што се предлагаат за гласање во Собранието“, велат оттаму и нагласуваат дека „не се земени предвид кандидати кои имале извонредно професионално портфолио“.

На конкурсот се пријавија и стручни кадри кои со години работат во АВМУ, но ниту еден од нив не беше предложен за избор.

Актуелниот состав на Советот на АВМУ е од 2014 година. Поради политички блокади во собранието, наместо 7 години, колку што порано им беше мандатот, на функцијата останаа повеќе од 10 години.

Сега мандатот на членовите на Агенцијата е пет години. Тие ќе бидат вработени и ќе земаат околу 2.700 евра месечна плата, надоместоци за патни трошоци и дневници за службено патување.

Изборот треба да помине на пленарна седница со двотретинско мнозинство, при што, мора да има и мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои им припаѓаат на заедниците што не се мнозинство.