Понеделник, 22 јуни. Дневната статистика за корона вирусот е немилосрдна. Бројката на новозаболени не опаѓа. Главна вест во медиумите е дека се регистрирани 90 нови случаи и 9 починати. Пред банките – редици, се пуштаат клиенти, еден по еден.
Иако е невозможно да се утврди колкумина од 83 донатори на ВМРО-ДПМНЕ отишле тој ден во банка, чекале ред и уплатиле пари за партијата, а колкумина тоа го направиле по електронски пат, дента кога претставници на ВМРО-ДПМНЕ, како предводници на коалицијата „Обнова на Македонија“ одржуваат дури три прес-конференции, на изборната сметка легнуваат различни суми: 18 илјади денари, 30 илјади, 60 илјади денари… На крајот на денот, сметката е потешка за 125 илјади евра.
И следниот ден, 23 јуни, на истата сметка стигнале нови донации од 72 лица. Овие два дена, 22 и 23 јуни се, всушност, деновите кога стигнале најбројни приливи од донации на сметката на ВМРО-ДПМНЕ, (155), иако уплати има до крајот на кампањата. Всушност, пари не биле уплаќани само за викенд, покажаа извештаите за донации на партиите објавени на веб-страницата на државната ревизија.
Профилот на донаторите е различен: од поранешни пратеници и градоначалници, ексдиректори на државни институции, претседатели на комитети, лекари, професори, актери, до вработени во јавни претпријатија.
Короната им скрати четири милиони евра на партиите
Со владината уредба од јуни беа скратени четири милиони евра за финансирање на партиите, па така, наместо 0,15 проценти од буџетот, политичките партии добија само 0,04 проценти. Скратените пари се пренаменети во буџетот за справување со последиците од пандемијата.
Донатори се и кандидатите за пратеници: Ане Лашкоска, Синиша Стојаноски, Златко Пенков и други. Кај нив, за разлика од другите, сумите се повисоки (184 илјади денари, односно 123 илјади денари).
Пари донирал и полковникот Драган Ковачки, кого партијата го предложи за министер за внатрешни работи во „техничката“ влада, на чие место дојде Наќе Чулев.
Проверувајќи ги листите на донатори за изминатите години, лесно можеше да се види дека некои од нив се и традиционални или фамилијарни донатори. Некои за време на кампањата уплаќале и по два или повеќепати: таков е на пример извесен Славко Чугунцалиев, кој на први јули уплатил 50 илјади денари, на втори јули уште 50 илјади денари и на шести јули, 52 илјади денари.
Од двата извештаи што ВМРО-ДПМНЕ ги доставила до ревизорите се гледа дека, освен физички лица, донирале и седум фирми, во вкупен износ од 35 и пол илјади евра.
Кај другите поразлично, но во основа исто
Десетти јули, 33 Целзиусови степени во Скопје, со висок УВ-индекс 9. Изборната кампања влегува во „фотофиниш“. Тензијата ја зголемува и нов рекорд на 205 заболени од корона вирусот и шестмина починати.
Ова, сепак, не поколебало 69 донатори да го одврзат ќесето и два дена пред изборниот молк и пет дена пред самото гласање да префрлат пари на изборната сметка на коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ.
Најдлабоко во џебот брцнале премиерот за спроведување на изборите, Оливер Спасовски, и министрите Радмила Шекеринска и Никола Димитров. Донирале по 170 илјади денари.
Поранешниот премиер Зоран Заев го нема на оваа листа донатори. Но, меѓу уплаќачите е и лидерот на БЕСА, Биљал Касами, кој издвоил 180 илјади денари, како и старо-новиот пратеник Панчо Минов, кој донирал 10 илјади денари помалку од Касами.
Кај другите донатори, поединечните суми се движат од 50 илјади денари до законскиот лимит, 180 илјади денари од физичко лице, а и овде како финансиски поддржувачи на партијата се јавуваат, всушност, кандидати за пратеници, директори…
И кај коалицијата „Можеме“, како и кај „Обнова на Македонија“, едно лице донирало повеќепати. На пример, потпретседателката на ЛДП, новоизбраната пратеничка Моника Зајкова, неодамна избрана за член на надзорниот одбор на Државната лотарија, на 10 јули пополнила три уплатници: еднаш 50 илјади денари и двапати по 60 илјади денари.
И нејзината колешка, која исто така за првпат ќе стане пратеничка, активистката за правата на Ромите, Љатифе Шиковска, уплатила двапати по 60 илјади денари.
На коалицијата „Можеме“, четири фирми ѝ донирале ствари и услуги, во вкупна вредност од 33,5 илјади евра.
Албанските партии имаат далеку поскромни донатори во пари, но и во бројки. Кај ДУИ, првично донирале 12 луѓе во период од три дена, меѓу седми и деветти јули. Сумите се движат меѓу 10 и 150 илјади денари.
За ДПА, 14 луѓе, меѓу кои и лидерот на партијата, Мендух Тачи, кој повторно влезе во парламентот, уплатиле вкупно 16,7 илјади евра како донации.
Најскромни во донациите се од коалицијата „Алијанса за Албанците и Алтернатива“. Само едно лице, потписникот на финансискиот извештај, донирало симболични 1.000 денари. Тие до ревизорите доставиле првичен извештај, кој имал грешка, па потоа испратиле нов, коригиран извештај.
На претпоследниот ден од кампањата, на сметката на Левица, која за првпат влезе во парламентот, едно лице уплатило 10.700 денари. Други донации на наменската сметка на партијата нема.
Од една сметка на друга сметка, по потреба
Партиите, со последните измени на Изборниот законик од февруари годинава, непосредно пред да биде распуштен парламентот, добија механизам, односно законска можност да префрлаат пари од сметка на сметка.
„Ставот (7) се менува и гласи: „(7) На трансакциската сметка од ставот 1 на овој член можат да се пренесуваат и парични средства од основната трансакциска сметка на политичката партија, како и од трансакциска сметка за парични средства обезбедени преку кредит за изборна кампања“, пишува во измените на законот.
Оваа нова можност за пренос на пари им даде простор на партиите да си ја дополнуваат специјалната сметка со екстра приходи.
Проверката на БИРН на доставените финансиски извештаи до ДЗР покажа дека најголемите приходи, всушност, партиите ги добиле префрлајќи си пари од основната на привремената наменска сметка за изборите.
Исклучок од ова се СДСМ и ДПА. Таму донациите собрани за време на изборите се повисоки од префрлените пари од основните партиски сметки.
Со други зборови, донаторите биле позаинтересирани да уплаќаат пари на партиските сметки, отколку на сметките што беа специјално отворени за изборите, дури и додека траела кампањата.
Така, на пример, за ВМРО-ДПМНЕ, на специјалната сметка за изборите вкупно уплатиле 111 луѓе, а на основната сметка, од каде што подоцна партијата ги префрлила парите на наменската сметка, донирале трипати повеќе, односно 366 луѓе.
СДСМ, пак, на наменската сметка добила пари од 71 физичко лице, но од основната сметка повлекла 88 илјади евра од 938 донатори. Тие пари биле уплаќани ланската и оваа година, а партијата само ги префрлила од изборната на партиската сметка.
Причините зошто наместо за кампањата, донаторите уплаќаат за партијата, може да бидат различни, но веројатно е дека една од нив сигурно е тоа што законот дозволува физичко лице да донира максимум 3.000 евра на изборната сметка, а на основната партиска сметка до 30 просечни нето-плати исплатени во државата, што е приближно 13 илјади евра.
Доказ за тоа е што, на пример, во кампањата за коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ имало и подарежливи донатори, кои дале по над 300 илјади денари. Најмалата донација од 1.380 денари изгледа симболична, ако се земе предвид рекордот во уплати што го држи Игор Пармаковски. Тој, среде кампања, за партијата донирал 750 илјади денари, односно над 12 илјади еврa. Парите ѝ ги уплатил на партијата, а не коалициската сметка за изборите.
Tрошоците – енигма
Начинот на кој партиите ја разбираат и ја практицираат транспарентноста во финансиите за време на избори се најде и во прелиминарните заклучоци и наоди на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР. Набљудувачите, како слабост во изборниот процес го констатираат токму неисполнувањето на препораките на мисијата за „ревизија на финансирањето на кампањата“.
Тоа се однесува на поднесувањето извештаи за непаричните донации за кампањата, опфатот на финансиските извештаи и затворањето на сметките за кампањата. Tие недоследности, пак, пишува во наодите, ја нарушуваат „правната сигурност и бараат значителна дополнителна ревизија“.
Кон сево ова води и честото менување на Изборниот законик. „Изборите беа спроведени според законска рамка, која беше суштински измената пред самото нивно распишување, спротивно на меѓународните добри практики“, е нотирано во извештајот.
Ако ги отворите извештаите на политичките партии за првите 10 дена од кампањата и извештаите од 11-от ден до крајот на кампањата, ќе забележите многубројни празни страници, односно непополнети графи во делот со расходите. Тоа значи дека партиите не откриле колку пари потрошиле од донациите додека течела кампањата.
„Талир“ на СЈО, на самиот почеток
Незаконското финансирање на изборната кампања беше причина за обвинение во случајот „Талир“ на СЈО, каде што, покрај екс раководството на ВМРО-ДПМНЕ, обвинета е и политичката партија, чиј имот сè уште е замрзнат, бидејќи во тек е судскиот процес. Речиси по една година одлагања беа дадени воведните говори и изведени неколку докази.
За тоа какви се трошоците, ќе се знае кога партиите ќе ги достават вкупните финансиски извештаи со спецификации на трошоци до ДЗР, ДИК, ДКСК и Собранието и откако во рок од 60 дена од поднесувањето на извештајот, ревизорите ќе спроведат темелна ревизија.
Оваа пракса на „посиромашни извештаи“ со податоци е нова бидејќи во поранешните изборни циклуси, партиите во ваквите извештаи наведуваа како ги потрошиле парите. Во некои од нив беа наведени и износите од фактурите што треба да им се платат на медиумите.
Единствено од парламентарните партии, ставките за расходи се пополнети во вкупниот извештај што го доставила Левица. За реклама и пропаганда потрошиле приближно 27 илјади евра, над 5.300 евра за интелектуални услуги и речиси 500 евра за репрезентација.
Во деталниот извештај се наведуваат и над 42 илјади евра „сопствени приходи префрлени од редовна сметка“, но нема податоци дали тие пари се од претходни донации или од членарини, односно од каде потекнуваат.
Партијата што е на власт „собира“ повеќе донатори
Според извештаите за добиени донации, во касите на партиите што влегоа во парламентот се слеале над 920 илјади евра. Од нив, рекордер во собрани донации е ВМРО-ДПМНЕ. Партијата пријавила приходи од донации од над 530 илјади евра, а СДСМ околу 230 илјада евра. Другите парламентарни партии заедно добиле околу 150 илјади евра.
Освен ДУИ, која прикажала приходи од членарина, ниедна друга партија тоа го нема во финансиските извештаи за донациите.
Ставајќи го настрана фактот дека едно лице донира по неколкупати и не сметајќи ги донациите за изборите, годишните извештаи за донациите на двете најбројни партии во изминатите четири години (2016-2019), покажуваат дека значително варира бројот на донатори, во зависност од тоа дали партијата е на власт или во опозиција.
Па така, бројката на донатори за ВМРО-ДПМНЕ опаѓа драматично, кога партијата ја губи власта, или од 5.880 донатори во 2016 година, до само тројца во 2019 година.
Настрана од донациите за изборите, во 2016 година, партијата од донатори собрала 1,8 милиони евра, а во три години подоцна, во 2019, донирало само семејството Мицкоски, и тоа вкупно 29 илјади евра.
Бројката на донатори за СДСМ по добивањето на власта е во пораст. Најмногу има во 2018 година. Тогаш нивниот број е 1.495. Лани донирале 323 луѓе помалку.
Евидентно е дека за партијата во 2016 година може да се сретнат донации и од по 90 и 100 денари, но таа тенденција на уплата на мали суми се губи со текот на годините и кај двете партии, а за сметка на тоа, се нижат помалку, но повисоки уплати.