Анализи

Случај „Незаконско следење“: Ниту дисциплински, ниту вонредни контроли

По девет месеци нема осомничени по изјавите на Мицкоски дека е незаконски следен

Ќе наврши речиси месец откако во јавноста повторно се појави темата за наводно незаконско следење јавни личности, меѓу кои и премиерот Христијан Мицкоски како опозиционер, преку службите на Агенцијата за национална безбедност.

Сѐ тргна од брифинг во АНБ, на кој, директорот Бојан Христовски, на повиканите новинари им соопштил дека противправно биле користени ресурсите за следење на Агенцијата од 2019 до 2024 година.

Оттаму испратиле известувања до Обвинителството за гонење организиран криминал.

По нив Обвинителството објави дека со Агенцијата договориле за динамика на увид во списите.

Пред девет месеци, од собраниска говорница, Мицкоски се пожали за друг случај, дека агенти од Агенцијата за разузнавање незаконски го следеле него и неговото семејство.

За случајот сѐ уште нема отворено истрага и нема осомничени.

Во меѓувреме, пратениците со комбе отидоа да прават надзор врз работата на АНБ, но добија ограничени податоци зашто Обвинителството работело предистражна постапка.

И додека Обвинителството истражува за да ја растера политичката магла за тоа дали и кој следел и прислушувал незаконски, БИРН открива дека за овој случај во Агенцијата за национална безбедност нема дисциплински постапки против вработени за незаконско постапување затоа што истекол законскиот рок.

Eдинствените повикани, пак, што може да направат дополнителни ненајавени контроли во АНБ, врховниот судија, кој е задолжен за мерките за следење, и државниот јавен обвинител тоа не го направиле.

Истекол рокот за дисциплински во АНБ

Премиерот Мицкоски и директорот на АНБ, Бојан Христовски | Фото: Фејсбук-страница на Христовски

Ако внатрешната контрола на Агенцијата за национална безбедност има сознанија за незаконско постапување, таа може да поведе дисциплинска постапка против вработените.

Дисциплинските постапки, како што пропишува Законот за АНБ, може да бидат отворени независно од кривичната постапка што ја води Обвинителството.

Дисциплинска одговорност може да се бара за различни основи: oд постапување спротивно на правилата и прописите на Агенцијата, до злоупотреби или пречекорување на овластувањето.

Ексдиректорот на АНБ, Виктор Димовски, во интервју за 360 степени, демантира дека имало незаконско следење и дека е можно одредени лица да биле опфатени во предмети доколку се среќавале со таргети што биле под опсервација.

Сепак, такви дисциплински постапки за незаконско следење не се отворени.

Од Агенцијата за национална безбедност, во одговор за БИРН, ги исцитираа законските одредби.

Тврдат дека не можеле да поведат дисциплински постапки затоа што истекол законскиот рок од една година, од денот кога е сторена повредата, а во конкретниот случај „се работи за контрола на работењето во Агенцијата за периодот од 2019 до 2024 година.“

Како што објави Обвинителството, до нив испратиле известувања, а не кривична пријава.

Ова е значајна разлика, затоа што известувањето, за разлика од кривичната пријава, задолжително не повлекува отворање истрага, туку е почетен сигнал за проверка.

Нема дополнителна судска и обвинителска контрола

Директорот на АНБ со државниот обвинител и премиерот | Фото: Фејсбук-страница на Бојан Христовски

Иако објавите за незаконско следење дојдоа од премиерот на државата, тоа не беше доволно ниту за врховниот судија што прави контрола над мерките за тајно собирање податоци и информации за кои наредба издава судот, ниту за државниот обвинител да направат вонредна, т.е. дополнителна контрола.

Членот 55 од Законот за Агенцијата на национална безбедност пропишува дека овие контроли може да се вршат по потреба и без најава.

БИРН ги праша Врховниот суд и Јавното обвинителство дали во изминативе две години спровеле ваков тип контроли на законитоста. Според одговорите, таква контрола немало.

Директорот на АНБ, Бојан Христовски е именуван на оваа функција во октомври лани, што значи дека на чело на институцијата е речиси една година.

Конкретни одговори не добивме. Она што стигна беа идентични појаснувања.

Законитоста на барањата за мерките ја следат поединечно преку секое барање, во моментот кога тоа барање се поднесува.

„Врховниот суд на Република Северна Македонија, при секое конкретно барање за донесување наредба за следење на комуникациите ја контролира законитоста.“

Од Врховен велат дека АНБ, преку државниот обвинител, доставува извештаи на секои три месеци, врз основа на кои „се цени и утврдува законитоста на спроведување на мерката.“

Посебната контрола, според Врховниот суд и Обвинителството, се спроведува „доколку се утврди дека за тоа има потреба.“

Девет месеци тишина за „Џокер“ и „Цилиндер“

Државниот обвинител и шефот на Обвинителството за гонење организиран криминал | Фото: БИРН

Претходно, во декември лани, од собраниска говорница, Мицкоски говореше дека тој и неговото семејство го следеле двајца агенти, кои во разузнавачките служби биле заведени со кодни имиња „Џокер“ и „Цилиндар.“

Некаде во втората половина на годината (2020 година н.з.), четвртиот квартал, истиот извор ‘Цилиндар’ вели дека јас сум виден со две женски личности на Водно, како пешачам и, замислете, тие ми презентирале информации што биле од мој политички интерес“, говореше тогаш од собраниската говорница.

Државниот обвинител направил контрола во Оперативно-техничката агенција, каде што се наоѓаат системите за следење на комуникациите. Бил составен записник, но не пронашол неправилности.

Мицкоски кажа дека и пред локалните избори во 2021 година, изворот со кодно име „Џокер“, информирал дека во манастирот „Свети Јован Бигорски“ имал средби со „патриотско друштво“ за да ја нарушат безбедноста на земјата.

Веднаш по овие изјави, државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски отвори предмет по допрен глас за да се истражат овие случаи. Институцијата што била задолжена за тоа е Агенцијата за разузнавање.

Од таму не одговорија на прашањата на БИРН дали отвориле дисциплински постапки против вработени што постапувале незаконски.

Од Обвинителството велат дека издале наредби за кои постапуваат институциите да обезбедат докази и за да одлучат дали ќе отворат истрага.

Сепак, девет месеци подоцна, Обвинителството за организиран криминал што го води случајот уште собира докази, а наредба за отворање истрага уште нема.

На минатонеделниот брифинг, БИРН го праша Мицкоски дали досега бил повикан како оштетен по наводите за незаконско следење.

Тој отсечно одговори: „Нe. Од ова Обвинителство не очекувам да ме повика.“