Регион

Случајот „Станишиќ и Симатовиќ“, може да ја потврди улогата на Србија во војните во Хрватска и во БиХ

Повторното судење на двајца поранешни високи функционери на српската Служба за државна безбедност, влегува во завршна фаза

„Дали ја препознавате личноста што ја гледаме?

Ова прашање, обвинителот на Механизмот за меѓународни кривични трибунали (ММКТ) во Хаг, му го упати на сведокот, Стојан Новаковиќ, познат како Цопе, покажувајќи му видео-снимка снимена пред напуштениот индустриски магацин „Велепромет“ во Вуковар, каде по падот на овој град, во ноември 1991 година, беа држени затвореници.

„Да, тоа сум јас“, одговори Новаковиќ.

Од видео-снимката се гледа дека покрај Новаковиќ, тој ден во Вуковар бил и Горан Хаџиќ, некогашен премиер на самопрогласената српска Автономна област Славонија, Барања и Западен Срем, во источна Хрватска.

На видеото се гледа и Жељко Ражнатовиќ Аркан, водачот на паравоената единица, Српска доброволна гарда, и некои други луѓе, кои Новаковиќ не ги именуваше.

Видео-снимката беше прикажана на 8 октомври, во судницата на ММКТ, како доказ на повторното судење на поранешните функционери на Службата за државна безбедност (СДБ) на Србија, Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ.

Тоа беше последната прикажана видео-снимка во овој судски процес, која повторно укажа на присуството на борци од Србија на фронтовите – во овој случај, на присуството на таканаречените „Тигри“ на Аркан.

Сведокот на одбраната, Новаковиќ, беше последниот што сведочеше на ова судење.

Завршните зборови се закажани за последната недела од март следната година, а пресудата ќе биде изречена до крајот на првата половина на 2021 година.

Станишиќ и Симатовиќ се обвинети за учество во заеднички злосторнички потфат, предводен од тогашниот српски претседател Слободан Милошевиќ, чија цел била трајно и присилно отстранување на Хрватите и на Бошњаците од големи делови на Хрватска и на Босна и Херцеговина, со цел да се постигне српска доминација. За да се постигне ова, во војните биле користени паравоени единици, како онаа на Аркан, се вели во обвинението.

Обвинението се однесува на периодот од 1 април 1991 до 31 декември 1995 година, односно на целото времетраење на војните во двете земји, посочува Јована Колариќ од Фондот за хуманитарно право, со седиште во Белград.

„Овој случај ни дава увид во учеството на српските државни структури во војната и во начините на кои тие формираа, обучуваа, финансираа и контролираа различни единици што дејствуваа во тие области за време на војната“, вели Колариќ за БИРН.

Убијците го снимија сопственото злосторство

Скриншот од видео-снимката од убиството на Бошњаците во Трново во 1995 година, извршено од страна на припадниците на „Скорпионите“. Извор: ММКТ.

За време на повторното судење, во судницата беа презентирани разни документи како докази: наредби, извештаи, досиеја на персонал, воени дневници, како и видеа.

Едно од најшокантните видеа прикажани како доказ, беше снимка од војната во БиХ, на која се гледа како припадници на паравоената единица, „Скорпиони“, убиваат шест заробени Бошњаци, во селото Трново, во јули 1995 година.

Сведокот на обвинителството, Горан Стопариќ, поранешен припадник на единицата „Скорпиони“, нагласи дека тој бил очевидец на убиствата и ги именуваше оние кои учествувале во злосторството. Стопариќ изјави дека неговиот командант му бил подреден на обвинетиот, Јовица Станишиќ, и дека и „Скорпионите“, и борците на Аркан, биле „единици за помош на српската СДБ“.

Српски суд осуди пет лица за убиствата во Трново, но пресудата не воспостави врска меѓу „Скорпионите“ и српските државни институции.

„Во таа пресуда беше јасно дека во прашање е стратегија, на судењата за воени злосторства, фокусот да се задржи на поединци, на индивидуално ниво, да не се бараат сторители од среден ранг и да не се доведува во прашање учеството на српските институции во извршените злосторства, но и воопшто во војната“, посочува Колариќ.

„Предметот ‘Станишиќ и Симатовиќ’ се занимава со формирањето на единицата ‘Скорпиони’ и со нејзините активности за време на војната и може да ни помогне да го разбереме начинот на создавање на таквите единици, како и врската што постоела помеѓу оваа единица и безбедносните и воените структури на Србија, Република Српска и Република Српска Краина“, објаснува таа.

Главната теза на одбраната во случајот „Станишиќ и Симатовиќ“ беше дека воените операции ги водела или Југословенската народна армија или Службата за јавна безбедност, која беше дел од Министерството за внатрешни работи на Србија (МВР), а не СДБ.

Некои сведоци на одбраната, кои работеа или сè уште работат во МВР Србија или во СДБ, изјавија дека немаат сознанија за поврзаноста на Службата, со војните во Хрватска и во БиХ, или рекоа дека наводите за вмешаност на СДБ, се само фалење.

Реинтерпретација на фактите

Франко Симатовиќ и Јовица Станишиќ во судница Фото:Бета

Судењето на Симатовиќ и Станишиќ, не сметајќи ја жалбената постапка во случајот „Ратко Младиќ“, е последното судење пред МКТЈ за злосторствата извршени во југословенските војни во 90-тите години.

Иако ова судење може да има значително влијание врз перцепцијата на улогата на Србија во војните во Хрватска и во БиХ, српските медиуми не известуваа многу за него.

„Со исклучок на неколку, главно печатени или онлајн медиуми, медиумите во Србија не ги покриваат судењата на систематски и сеопфатен начин. Дури и кога се известува за судењата, изостанува аналитичкиот пристап, сè се сведува на презентирање на основните информации“, вели Колариќ за БИРН.

Ниту српските политичари не зборуваа многу за повторното судење на Станишиќ и Симатовиќ.

„Властите имаат два модалитета во односот кон судењата пред Трибуналот, односно Механизмот – или молчат целосно за нив или работат на релативизација и реинтерпретација на процедурите и на фактите што се утврдени“, вели Колариќ.

„Во таква ситуација, дискусијата за предметот што се однесува на учеството на безбедносните структури на државата Србија во војните, е екстремно тесна, таа практично е сведена на неколку независни медиуми и на граѓанскиот сектор“, додава таа.

Јовица Станишиќ беше началник на СДБ, а Франко ‘Френки’ Симатовиќ беше негов заменик и, според обвинението, командант на Единицата за специјални операции (ЕСО) на СДБ.

Покрај наводното учество во војните во Хрватска и во БиХ, што е една од темите во предметот „Станишиќ и Симатовиќ“, ЈСО, по своите активности, е позната и дома.

Нејзините припадници, заедно со организирана криминална група, во 2003 година го убија тогашниот премиер на Србија, Зоран Ѓинѓиќ. Станишиќ и Симатовиќ всушност беа уапсени и пренесени во притворот на Хашкиот трибунал, за време на големата полициска акција, спроведена по убиството на Ѓинѓиќ.

Кога првпат се појавија пред судот во 2003 година, двајцата се изјаснија за невини и до ден денес инсистираат на својата невиност.

Тие беа ослободени од обвинението во 2013 година, но оваа пресуда беше укината во 2015 година, кога започнува нивното повторно судење.

Постапкaтa против нив трае веќе 17 години. Ива Вукушиќ, предавач на холандскиот универзитет во Утрехт, вели дека фактот, што голем дел од јавноста во поранешна Југославија не знае ништо за нивното судење, е „разочарувачки“.

„Една од причините зошто постои недостиг на внимание е времето – судењето трае премногу долго“, вели Вукушиќ за БИРН, додавајќи дека ваквиот долг процес не е фер ниту за жртвите, ниту за обвинетите.

„Втора работа, тоа (судењето) често се одржуваше зад затворени врати и поради тоа беше тешко да се следи. Трето, имаше малку драматичност на ова судење. Јовица и Френки, како вистински разузнавачки и безбедносни оперативци, се молчеливи“, нагласува таа.

Во исчекување на пресудата

Јовица Станишиќ на телевизија, за време на војната во БиХ. Извор: Архива на МКТЈ.

Станишиќ не присуствуваше на судските рочишта, бидејќи беше ослободен од холандскиот притвор во јули 2017 година, поради здравствени проблеми, и тој се врати во Србија.

Неговиот адвокат, Вејн Џордаш, вели дека здравствените проблеми на 70-годишниот Станишиќ се влошиле поради одолговлекувањето на судењето.

„Господин Станишиќ има голем број сериозни здравствени проблеми, кои се добро документирани. Нивната сериозност, што е, исто така, добро документирано, зависи од голем број фактори, меѓу кои е и стресот. Во врска со тоа, на сериозноста на неговата здравствена состојба влијае, во најмала рака, и страшниот факт дека 17 години му се суди пред МКТЈ/ММКТ“, нагласува Џордаш за БИРН.

Покрај тоа, „немаше оправдана причина за ново судење“ и случајот требаше да се врати пред првиот судски совет на МКТЈ (Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија), за да се исправат грешките.

Наместо тоа, Жалбениот совет на МКТЈ ги напушти правните принципи и правичноста и, според своето наоѓање, наложи повторено судење, предвидливо и со последици, не само за господин Станишиќ, туку и за речиси 200-те сведоци, меѓу кои се и бројни жртви, кои повторно ги проживееја настаните, кои, во многу случаи, се случија пред 25 години“, додава Џордаш.

„И покрај фактот дека сегашниот судски совет вешто и човечки го води повторното судење, тоа и натаму лошо влијание врз здравјето на господин Станишиќ“, нагласува тој.

Џордаш додава дека Станишиќ ќе мора да присуствува на презентацијата на завршните зборови, како и на изрекувањето на пресудата.

За време на судењето, покрај поранешните припадници на повеќе единици, исказ дадоа и сведоци кои говореа за злосторствата извршени врз нив, или врз членови на нивните семејства, во места како што се Ердут, Шкабрња и Саборско во Хрватска и Зворник и Добој во БиХ.

Тие сведочеа дека биле незаконски притворени во Хрватска и во Србија, а некои опишаа и како биле тепани и мачени.

Како и обвинетите, и тие ја исчекуваат пресудата во овој процес, кој е еден од најдолгите, поврзано со војните во Југославија.