Регион

Црна Гора: Бледнее надежта за нови вести за лицата исчезнати во војната

Повеќе од 50 Црногорци, сè уште се водат за исчезнати во војните во поранешна Југославија

Зоран Петровиќ од Косово, уште од 1999 година, чека да открие што се случило со неговиот брат, Слободан.

Зоран, последен пат го видел својот брат, во јуни истата година, во нивната семејна куќа во Ѓаковица, недолго по завршувањето на војната во Косово.

Кога југословенските сили се повлекоа во Србија, откако Слободан Милошевиќ капитулираше под притисок на бомбардирањето на НАТО, Србите и другите неалбанци живееја во страв од одмазда од припадниците на Ослободителната војска на Косово (ОВК). Затоа тие решија да го напуштат Косово, но Слободан Петровиќ инсистирал да остане.

„Иако му реков дека не сме безбедни од албанските паравоени сили, Слободан реши да остане дома. Тој не учествуваше во војната на Косово, не беше ниту мобилизиран, па веруваше дека сè ќе се врати во нормала во Ѓаковица“, вели Зоран за БИРН.

Сè уште не е познато кој го одвел неговиот брат. „Никогаш повеќе не го видов. Слушнав дека паравоените сили го однеле во Албанија. Не верувам дека е жив“, додава Зоран.

Слободан Петровиќ е едно од 51 лице од Црна Гора, кои сè уште се водат за исчезнати во војните во поранешна Југославија.

Според Меѓународната комисија за исчезнати лица, 39 исчезнале како резултат на конфликтот во Косово, девет во Босна и Херцеговина и три лица во Хрватска.

Тие се дел од 11.000 луѓе кои и денес се сметаат за исчезнати во војните во 90-тите години, а нивните семејства се вознемирени бидејќи сметаат дека црногорските власти не вложиле доволно напори, да утврдат каде тие се наоѓаат.

Милица Божовиќ чека вести за својот сопруг Панта, кој исчезнал во Косово, повеќе од две децении.

Таа раскажува дека на 19 јули 1999 година, повеќе од еден месец по завршувањето на војната, припадниците на ОВК го зеле нејзиниот сопруг, 60-годишниот, Панта Божовиќ, од куќата на нивен пријател во Ораховац, и го однеле на сослушување.

„Шест војници во униформи на ОВК го повикаа надвор и го одведоа. Беше темно, па не можев да ги видам нивните лица. Го прашав КФОР и албанските власти (во Ораховац) зошто го зедоа мојот сопруг, бидејќи тој не стори ништо лошо за време на војната. Ништо не ми одговорија“, вели, Милица Божовиќ, за БИРН.

Таа повеќе не живее во Косово. „Кога ми изгоре куќата, побегнав во Црна Гора. Никогаш повеќе не сум го видела сопругот“, истакнува таа.

„Ова не е приоритет за носителите на одлуки“

Зоран Петровиќ, во поранешниот центар за бегалци во Сутоморе, Црна Гора. Фото: БИРН/Милош Вујовиќ.

Бидејќи исчезнатите Црногорци (51), исчезнале во други држави, слабата соработка меѓу поранешните југословенски земји е голема пречка за откривање на местата каде што тие се закопани.

Воената улога на Црна Гора

Како дел од Југославија, под водство на Слободан Милошевиќ, Црна Гора директно учествуваше во војните во 90-тите години во Хрватска и во Босна и Херцеговина, иако на нејзина територија не се водеше војна.

Црна Гора не беше вклучена во војната на Косово во 1999 година, но некои нејзини граѓани сепак се бореа таму на страната на југословенската војска.

Од прогласувањето на независноста во 2006 година, во Црна Гора се одржаа само осум судења за воени злосторства, извршени во Хрватска, Босна и Херцеговина и во Косово. Но, беа судени само осомничени од најниско ниво – чувари, готвачи, возачи и воени доброволци.

Тамара Милаш од Центарот за граѓанско образование, смета дека црногорските власти не покажале доволно посветеност.

„Недоволно се работи на утврдување на фактите за жртвите и на идентификување на сите гробници и места на страдање, во секоја од земјите каде се водеше војна. Јасно е дека ова не е приоритет на носителите на одлуки“, нагласува Милаш за БИРН.

Во 2014 година, Црна Гора формираше Комисија за исчезнати лица, владино тело кое редовно ги информира семејствата на исчезнатите лица за развојот на настаните и собира факти што можат да помогнат во лоцирањето на местата каде што се погребани воените жртви. Исто така, Комисијата на семејствата им помага при организирање погреби и ги поддржува здруженијата на исчезнати лица.

Истата година, Црна Гора потпиша и регионална декларација со Босна и Херцеговина, со Косово и со Хрватска, со цел зајакнување на соработката меѓу овие земји и олеснување на потрагата по посмртните останки на починатите во војната. Со декларацијата, властите на секоја држава се обврзаа на вложување на нови напори за пронаоѓање, ексхумација и идентификување на исчезнатите.

Оттогаш се пронајдени десет исчезнати лица од Црна Гора, меѓу кои се и пет члена на семејството Шутаковиќ од Косово и Бранко Шуковиќ од Босна и Херцеговина.

Но, Љубиша Филиповиќ, претседател на Здружението на семејства на исчезнати, киднапирани и убиени „Црвен божур“, е на мислење дека прекуграничната соработка не е соодветна.

„Задоволни сме од меѓусебната соработка со државната Комисија за исчезнати лица, но ни недостасуваат регионални иницијативи. На пример, од Косово, сè уште чекаме ДНК анализа на ексхумирани останки“, објаснува Филиповиќ.

„По две децении, изгубивме надеж дека ќе ги најдеме живи нашите најблиски. Сега само сакаме да ги пронајдеме и закопаме нивните посмртни останки“, додава тој.

Во годишниот извештај на Европската комисија за напредокот на Црна Гора за 2020 година, се наведува дека, од формирањето на Комисијата за исчезнати лица, оваа земја има постигнато добар напредок.

Владиното тело, се вели во извештајот, ја подобри соработката и ја зголеми ефикасноста во пронаоѓањето на исчезнатите лица, со поголема размена на информации за потенцијалните гробници и ископувања, со покренување на  јавна регионална база на податоци и со редовно известување на претставниците на семејствата на исчезнатите лица.

Секретарот на Комисијата за исчезнати лица, Дарка Џабасан, нагласува дека соработката со комисиите за исчезнати лица од другите земји од поранешна Југославија е добра, но додава дека и другите државни институции мора да имаат добра прекугранична соработка, за да се најде поголем број на исчезнати лица.

„За понатамошен напредок потребно е интензивирање и координирање на активностите на сите релевантни тела и институции, што ќе резултира со решавање на повеќе случаи“, истакнува Џабасан за БИРН.

„Само сакам да ги закопам посмртните останки на мојот сопруг

Љубиша Филиповиќ, претседател на Здружението на семејства на исчезнати, киднапирани и убиени „Црвен божур“, во неговата канцеларија во Сутоморе. Фото: БИРН/Милош Вујовиќ.

Напредокот, врзано за прашањето за исчезнатите лица низ поранешна Југославија, е нерамномерен.

Високи официјални лица на Србија и на Косово, во јули соопштија дека се подготвени меѓусебно да си помогнат, во пронаоѓање на посмртните останки на луѓето што исчезнаа во војната 1998-1999, но сè уште не е јасно дали ова ветување е само политичка реторика без практична суштина.

Србија и Косово, минатиот месец, исто така, потпишаа одделни договори со Соединетите Американски Држави, со кои, меѓу другото, се обврзаа дека ќе ги „забрзаат напорите за пронаоѓање и идентификување на останките на исчезнатите лица“.

Но, ова прашање не беше покренато на следствените разговори на експертско ниво во Брисел, а српскиот министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ, тогаш предизвика и големо незадоволство кај косовските Албанци, критикувајќи ги Србите кои им помогнале на истражителите да ги пронајдат локациите на скриените воени гробници. Организациите на семејствата на исчезнати лица во Косово, веруваат дека сè уште има неоткриени гробници во кои се погребани луѓе, кои биле убиени од српските сили.

Босна и Херцеговина, во 2004 година, прва во регионот на поранешна Југославија, донесе закон за исчезнатите лица, Хрватска го стори тоа во 2015 година, но Црна Гора, барем досега, не го следеше нивниот пример.

„Црна Гора сè уште нема закон за исчезнати лица, следејќи го примерот на другите земји, кои активно работат на решавање на овој проблем. Таквиот обврзувачки пакет прописи може да биде добар модел што треба да се следи во разјаснувањето на судбината на исчезнатите“, посочува Милаш.

Џабасан се согласува со ова: „Црна Гора нема адекватна правна рамка, со што соодветно би го подобрила процесот на трагање по исчезнатите лица. Сепак, отсуството на закон за исчезнатите лица, не ја намалува обврската на Владата, решително да се занимава со потрагата по исчезнатите“.

Црна Гора ја ратификуваше Меѓународната конвенција на ООН за заштита на сите лица од присилно исчезнување во 2011 година, иако присилното исчезнување сè уште не е класифицирано како посебно кривично дело во црногорските закони.

Во меѓувреме, членовите на семејствата на исчезнатите Црногорци, како што е 80-годишната Милица Божовиќ, сметаат дека времето полека истекува.

„Чекав две децении за да слушнам дека мојот сопруг е жив“, вели таа.

„Сега само сакам, пред да умрам, да ги пронајдам и да ги закопам неговите посмртни останки“, истакнува Божовиќ.