Анализи

Случајот Телеком пред разврска

Десетина адвокати и претставници на Американската комисија за хартии од вредност се во потрага по докази и изјави од сведоци во случајот „Поткуп во Телеком“. Како што се наближува почетокот на судењето извесно е дека македонската јавност наскоро ќе ги дознае имињата на македонски функционери вмешани во случајот.

SMS2 (1)

До крајот на овој месец, односно на 31 јануари, завршува рокот за оваа фаза од процесот | Фото: Г.Ризаов

Имињата на најмалку тројца функционери од Македонија ќе се обелоденат со почетокот на судењето во случајот „Поткуп во Телеком“. Преку транскриптите на процесот јавноста ќе дознае кој и каква улога имал во корупциската афера.

Во последните неколку месеци, адвокатски тим најмен од Американската комисија за хартии од вредност (КХВ) заедно со претставници на комисијата кои престојуваат во земјата, прибираат доказен материјал и изјави од потенцијални сведоци.

До крајот на овој месец, односно на 31 јануари, завршува рокот за оваа фаза од процесот. Потврда дека рокот завршува на крајот на јануари е последната одлука на судијата Ричард Саливан од Окружниот суд во Њујорк, САД, кој го води случајот. Потоа следи експертиза на наодите и комплетирање на постапката што ќе трае до 31 март.

Случајот во САД против поранешните директори на Маџар Телеком – Елек Штрауб, Томаш Морваи и Андраш Балог беше отворен во декември 2011 година.

Тројцата се обвинети дека ги потплатиле македонските функционери за да ги зачуваат високите профити на компанијата со тоа што политичарите ќе је спречат конкуренцијата да влезе на пазарот. Биле исплатени над 4 милиони евра за наводни консултантски услуги преку компанија на Кипар.

Целата коруптивна шема се случувала во 2005 и 2006 година. Обвинението тврди дека со поткуп на домашни функционери во Македонија, за две години е одложена примената на Законот за електронски комуникации што дозволуваше влез на трет мобилен оператор и намалување на цените за разговор. Законот е донесен во 2005 година, а третиот мобилен оператор влезе на пазарот дури во 2007 година.

Во Македонија за овој случај беа поднесени кривични пријави против четворица странски државјани уште во декември 2008 година, неколку години пред Американците да го сторат тоа врз основа на Законот за надворешни коруптивни практики на САД, затоа што во периодот кога се случила корпуцијата, Маџар Телеком котирал на американската берза. .

Во Македонија за злоупотреба на службената положба беа обвинети генералниот директор на Македонски Телеком Атила Сендреи, финансискиот директор Ролф Плат, како и Михаил Кефалојанис и Золтан Кешиус. Но, кратко потоа тужбата за еден од нив е повлечена, а за тројца случајот е отворен, но досега не е процесиран. Рочиштата се закажуваат и постојано се одложуваат.

Грција соработува, за Македонија нема информации

Обвинението тврди дека со поткуп на домашни функционери во Македонија одложена е примената на Законот за електронски комуникации што дозволуваше влез на трет мобилен оператор и намалување на цените за разговор | Фото: foter.com

Обвинението тврди дека со поткуп на домашни функционери во Македонија одложена е примената на Законот за електронски комуникации што дозволуваше влез на трет мобилен оператор и намалување на цените за разговор | Фото: foter.com

БИРН дознава овој месец активностите на сите инволвирани страни неколкукратно се зголемени во споредба со претходно. Покрај во Македонија, Американците преземаат чекори и во соседна Грција, каде што сеземени изјави од најмалку тројца сведоци.

Засега нема податоци дали македонското обвинителство соработувало со американските власти. Но, БИРН дознава дека повеќе македонски адвокати се ангажирани во случајот и тие соработуваат со тимот на Комисијата за хартии од вредност на САД кој бил во посета на Македонија.

Според обвинението за тројцата поранешни директори на Маџар Телеком, во Македонија во текот на 2005 и 2006 година се одржувале тајни состаноци во хотелот „Холидеј ин“, се уништувале клучни докази и се префрлале милиони евра како мито преку компании регистрирани на Кипар. Како посредници меѓу владата и телекомуникациската компанија се јавиле тројца грчки држајвани.

За случајот истражуваше Транспаренси интернашнал – Македонија и сите наоди кои говорат дека во целиот случај „несомнено постои корупција“ биле доставени до обвинителството, но оттаму немало никаква реакција, вели претседателката на ТИ, Слаѓана Тасева.

Иако од обвинителството претходно изјавија дека на овој случај интензивно се работи, обвинителот Марко Зврлевски не беше достапен за коментар.

„Протоколот за соработка“ во центарот на вниманието

Единствените потпишани примероци од двете верзии на Протоколот, според американското обвинение, биле доверени на еден човек идентификуван во судските документи како првиот грчки посредник | Фото: foter.com

Единствените потпишани примероци од двете верзии на Протоколот, според американското обвинение, биле доверени на еден човек идентификуван во судските документи како првиот грчки посредник | Фото: foter.com

Американците, пред да поднесат обвинение против тројцата поранешни директори како физички лица, подготвија и обвинение за компаниите Маџар Телеком и Дојче Телеком, како нејзин сопственик. Но, двете фирми за да не бидат тужени преку спогодба заедно платија 95 милиони долари.

На Американското министерство за правда му платија комбинирана казна од 63,9 милиони долари во 2011 година, а Маџар Телеком плати плус 31,2 милиони на КХВ.

Но, спогодбата на компаниите не ги заштити тогашните директори Елек Штрауб, Томаш Морваи и Андраш Балог. Во обвинението против нив се вели дека рамката за корупција ја дава спорниот договор наречен „Протокол за соработка“. Тој договор наводно ја зачувал привилегираната позиција на Телеком на пазарот во Македонија, преку кршење на македонските закони по повеќе основи.

Протоколот бил потпишан во две верзии, една за претставниците на македонскиот, друга за албанскиот партнер во Владата. Единствените потпишани примероци од двете верзии на Протоколот, според американското обвинение, биле доверени на еден човек идентификуван во судските документи како првиот грчки посредник.

Во секој случај на корупција постојат извор, мотив и примател. Иако во случајот „Поткуп во Телеком“ американските обвинители изгледа ги обезбедија изворот и мотивот, никој сè уште не знае точно во чиј џеб завршија парите.

Case Menagment Plan and Scheduling Order

Letter From Mr. Trigris