БИРН | Белград
|Добросав Гавриќ, ги поминува своите денови зад решетки во Јужна Африка, далеку од својата татковина, чекајќи ја правосилната пресуда со која треба да биде решено дали тој ќе биде вратен во Србија на издржување на казната затвор, за убиство на најозлогласениот паравоен лидер од војните во деведесеттите години – Аркан.
Гавриќ, во 2000 година, во Белград, беше осуден за убиство на воениот командант Аркан, но тој побегна во Јужна Африка, за да го избегне издржувањето на казната. Нему сега му се заканува екстрадиција, откако Уставниот суд на Јужна Африка, кон крајот на септември, одлучи дека тој може да биде вратен во Србија, со што, како што тој тврди, животот ќе му биде доведен во опасност.
И покрај неволјите, Гавриќ може да се смета за среќен, бидејќи неколку други Срби, кои беа осудени за вмешаност во убиството на Аркан, или кои се преселија во Јужна Африка за да можат да продолжат со криминалните активности, беа убиени оваа година. Тројца беа убиени во Јужна Африка, а еден во Белград.
Некои од нив избегаа од Србија за да ја избегнат затворската казна, но земјата во која што се надеваа дека ќе најдат засолниште од законот, стана место на кое што ги снајде насилна смрт. Само Гавриќ преживеа, и него сега, наводно, го чека затвор во Србија, што кажува дека соништата на српските гангстери, дека ќе можат слободно да оперираат во странство, можат да им ја донесат истата судбина, што се обидоа да ја избегнат дома.
Избеганиот криминалец наоѓа прибежиште во Африка
Во средината на октомври 2006 година, за убиството на Аркан, во фоајето на хотелот Интерконтинентал во Белград, српскиот суд го осуди Гавриќ, на 35 години затвор. Двајцата негови соучесници добија по 30 години.
За време на судењето, не беше востановено кој го наредил и го организирал неговото убиство. Некои веруваат дека Аркан бил застрелан поради паричен конфликт со Зоран Ускоковиќ Сколе. Други веруваат дека бил убиен, бидејќи почнал да соработува со обвинителите на ООН во Хаг.
Неколку пати одново беа покренувани судски процеси и Гавриќ цело време редовно присуствуваше на постапката, сѐ до денот на изрекување на казната, кога не се појави.
Гавриќ избега од Србија и за него не се слушна следните пет години, кога беше откриено дека живее во Јужна Африка, каде работел како возач и телохранител на шефот на подземјето, Сирила Бике, во Кејптаун. Тој повторно дојде во жижата на јавноста во март 2011 година, кога беше убиен јужноафрикански гангстер.
Менди Винер, новинарка истражувач од Јужна Африка, за БИРН вели дека по убиството на Бике, локалните медиуми објавиле дека во времето на смртта, тој бил со својот телохранител, Саша Ковачевиќ, српски државјанин, кој веќе неколку години се наоѓал во Јужна Африка и бил доста добро познат во покерските кругови на Јоханесбург.
Ковачевиќ, според Винер, бил сосопственик на неколку фирми во градот, а се запознал и со шефот на криминалците од чешко потекло, Радован Крејчир и со неговиот круг на источноевропски соработници.
„Неверојатната приказна за вистинскиот идентитет на Ковачевиќ, исплива дури по убиството (на Бике), иако јужноафриканската полиција го имала тоа сознание околу шест месеци”, пишува Винер во својата книга, „Министерство за криминал”.
„Ковачевиќ беше, всушност, Добросав Гавриќ, српски бегалец”.
По убиството на Бике, Гавриќ е уапсен и обвинет за нелегално поседување на 9.524 грама кокаин и на лажни документи – возачка дозвола, пасош и на дозвола за огнено оружје, на име Саша Ковачевиќ.
Се испостави оти Гавриќ набавил пасош од Босна и Херцеговина, под името Саша Ковачевиќ, и дека избегал од Србија, преку Хрватска, Италија и Куба, во Еквадор. Во 2007 година, дошол во Јужна Африка, каде што продолжил да го користи презимето Ковачевиќ.
Тој дошол со туристичка виза со важност од три месеци, потоа ги донел сопругата и двете деца и купил луксузен стан со поглед на море во Кејптаун.
Под името на неговата сопруга, тој добил работна виза, што му овозможило да отвори ресторан во Јоханесбург. Тој, исто така, отворил и компанија за увоз и за извоз и почнал да воспоставува врски со локалниот шеф на подземјето, Бике, и со неговата мрежа.
„Значи, повеќе од три години, многу бараниот меѓународен бегалец, живеел под лажно име во Јужна Африка, без никој ништо да знае. Дури успеал да обезбеди и работна, возачка и дозвола за оружје, со користење на лажниот пасош. Кон крајот на 2010 година, неговиот идентитет им станал познат на агентите на безбедносните служби, а некои дури и сугерираат оти тој можеби работел за државата и обезбедувал информации“, пишува Винер, во својата книга.
Извор близок на Бике, за весниците „Мејл“ и „Гардијан“ изјави: На Гавриќ, по доаѓањето во јужноафриканското подземје, му беше понудена соработка со Сирил Бике, а тој за возврат даваше информации за Источна Европа, за бандите, наркотиците, итн. Договорот беше дека тој ќе добие заштита на идентитетот од „јужноафриканските државни служби”, а за возврат тој вети информации за сите организации во Источна Европа и во Србија“.
На денот на убиството, Бике разговараше со Гавриќ, се присетуваше на својата младост, кога сторителот отвори оган, додека тие стоеја на семафор.
„Го возев автомобилот, а Сирил седеше на совозачкото седиште, видов дека нешто запира, но само со крајот од окото”, ѝ изјави Гавриќ на полицијата по убиството.
„Следното нешто на што се сеќавам е дека слушнав два гласни истрели, бев застрелан во десната, но и во левата рака и забележав дека Сирил е погоден во гради. Звучеше како сачмарка. Имаше чад и стакло и бев збунет“, додаде тој.
Гавриќ се бранел со отворање оган врз напаѓачите, пишува Винер во својата книга. Тој го ставил автомобилот во рикверц, потоа го бркал моторџијата, испукувајќи неколку истрели кон убиецот, иако и самиот се здобил со неколку куршуми.
„Следното на што се сеќавам е дека мојот автомобил полета од земјата и јас изгубив контрола”, изјави тој во изјавата за полицијата. Бике бил мртов на самото место, а Гавриќ, во критична состојба, го пренеле со хеликоптер во болница.
Моменталната локација на Гавриќ не е позната. Некои извори за БИРН велат оти тој, од декември 2011 година, е во притвор во Казнено поправната установа Гудвуд, во близина на Кејптаун, додека други тврдат дека е на тајна локација, во рамките на програмата за заштита на државата.
Убиецот на Бике никогаш не е фатен, но Винер вели оти смета дека Гавриќ веројатно не бил целта во Јужна Африка: „Јас не знам дали некој овде го бара Гавриќ. Можеби некој од Србија, но мислам дека не и од јужноафриканска страна. Освен ако видел кој го убил Сирила Бике кога го возел автомобилот и доколку постои можност да сведочи против нив“.
Српските криминалци, страв и трепет
Милан Мики Ѓуричиќ и Драган Гаги Николиќ, во 2006 година беа осудени за соучество во убиството на Аркан.
Ѓуричиќ, исто така, избега и долги години немаше информации каде се наоѓа, сѐ до 25 април 2018 година, кога беше убиен во Јоханесбург, во Јужна Африка.
Тој возел џип кога тројца мажи го нападнале и го убиле. Кај себе имал лажен белгиски пасош.
Извор на БИРН во Јужна Африка вели дека Ѓуричиќ, три години претходно, живеел во Јоханесбург и оти имал мал бизнис поврзан со хотелиерството, но, главно, се занимавал со трговија со луѓе и дрога. Изворот вели дека бил „мала риба” во споредба со Гавриќ.
Миле Новаковиќ, поранешен началник на криминалистичката полиција во Србија, вели дека ниту Ѓуричиќ, ниту Гавриќ, немале значајна улога во криминалните кругови на Балканот. Тој верува дека нивниот понизок статус е причина зошто тие биле избрани да го убијат Аркан.
„Никој од високите криминални кругови не би се осмелил да учествува во егзекуцијата на државниот криминалец број еден”, вели Новаковиќ.
Но, странските криминалци, како Гавриќ, локалните банди ги сметаат за корисен ресурс, вели Марк Болуи, експерт за безбедност од Јужна Африка.
„Ако сте познат мафијаш, особено ако сте Србин, вие автоматски сте страв и трепет во подземјето. Се смета дека може да бидете многу опасни или многу корисни, или дека може да бидете платен убиец или дел од мафијашка организација“, вели Болуи за БИРН
„Кога ќе дојде гангстер од Европа, бандите го прифаќаат со раширени раце. Локалните банди веруваат дека можат да научат многу од нив и да добијат многу пари. И тогаш ги ангажираат за различни работи, особено за убиства“, додава тој.
Болуи вели дека српските гангстери оствариле контакт со локалните шефови на криминалните групи, како што бил работодавачот на Гавриќ, Сирил Бике, и Радован Крејчир, шеф на подземјето, со потекло од Република Чешка.
Крејчир во моментов отслужува казна од 35 години затвор во Јужна Африка, откако беше осуден, меѓу другото, и за обид за убиство, напад и за киднапирање.
„Во Африка немаше поголем гангстер од Крејчир”, вели Болуи. „Многу луѓе настрадаа од неговата раката или поради него. Се разбира, тој не работеше сам, но носеше луѓе од странство, кои беа обучени да убиваат. Имаше одлични врски со сите полициски началници, цариници, општински и државни службеници. Особено со полициските началници“.
Но, Воислав Туфегџиќ, автор на познатиот документарец за подземјето во Југославија во деведесеттите години, „Ќе се видиме во некролог”, смета дека медиумите во Србија имаат тенденција да го преувеличуваат значењето на српските криминалци во странство.
„Гавриќ во Јужна Африка е ранет како возач или телохранител на тамошен важен криминалец, а не како личност која сама по себе имала поголема тежина во таа земја”, вели Туфегџиќ.
Смрт на „информациската курва”
Третиот Србин со јужноафрикански врски, кој беше убиен оваа година, е Џорџ Дармановиќ, агент на јужноафриканската безбедносна агенција и мафијашки посредник.
Во мај, тој е застрелан од двајца мажи на мотор пред судот во Нов Белград, не цели две недели по убиството на Ѓуричиќ.
Дармановиќ, во Јужна Африка, имал добри врски сѐ до врвот и имал клучна улога меѓу функционерите на разузнавачката структура и луѓето во криминалното подземје, вели Винер.
„Тој очигледно имал свои мотиви и своја политичка агенда, но беше многу успешен во работата на двете страни и во пренесувањето на разузнавачките информации од организираниот криминал до државата и обратно”, вели таа.
Болуи смета дека ова би можело да биде причина за неговиот пад: „Дармановиќ имаше мета на грбот во последните три години, бидејќи тој беше човек со многу лоша репутација”.
„За таквите луѓе го користиме терминот „информациска курва“. Тој продаваше информации кому ќе стигнеше, без оглед дали беа тоа државните органи, полицијата, една банда, друга банда или во рамките на истата банда“, додава овој експерт за безбедност.
Болуи објаснува дека Дармановиќ работел така што собирал информации за секого којшто ќе го ангажирал, но во исто време доставувал информации и до другата страна, а потоа, истите информации ѝ ги продавал на полицијата.
Винер вели дека се чини оти Дармановиќ секогаш имал информации од прва рака за сѐ што се случувало во Јужна Африка и многу луѓе разговарале со него, од агентите на криминално-разузнавачките служби до приватните детективи. Тој бил јазолот преку кој поминувале информациите, иако тие не биле секогаш точни.
Дармановиќ, последните четири години пред својата смрт, живееше во Србија, но, секогаш еден прст држеше на пулсот на Јужна Африка, нагласува Винер. „Тој честопати беше првиот што ќе ме информираше за некои локални случувања. Неодамна добив многу пораки во врска со една информација што ја објавив во мојата книга, „Министерство за криминал“. Тој знаеше сè за секого, но, често ми беше тешко да извлечам смисла од сето она што ќе го кажеше и не беше секогаш јасен“.
Таа вели дека, сепак, не очекувала оти Дармановиќ ќе биде убиен.
„Немам сознанија дека неговото убиство е нарачано овде и мислам дека голем број луѓе беа многу изненадени”, вели таа.
„Овде, во Јужна Африка, многу се зборува кој би можеле да биде одговорен и поврзан со војните за територија во безбедносната индустрија во Кејптаун. Но, да бидам искрена, мислам дека тоа е нешто врзано за неговите работи во Србија. Јас не верувам дека некој од Јужна Африка бил во можност да изврши убиство во Србија“, додава таа.
Неjасна врската со Аркан
Во средината на јули оваа година, се случи третото убиство на српски криминалец, иселеник во Јужна Африка, Дарко Кулиќ, кој беше застрелан од возило во движење во Јоханесбург.
Извор од јужноафриканската полиција, за БИРН изјави дека „истражуваат дали убиствата на Мики Ѓуриќ, Ѓорѓи Џорџ Дармановиќ и Дарко Кулиќ се поврзани меѓусебе”.
Тогаш, на 24 септември, беше убиен четвртиот човек. Ѓорѓе Џорџ Михаљевиќ, добро познат бизнисмен, со потеклото од Србија и од Црна Гора, кој имаше врски со српското подземје во Јужна Африка, беше убиен во Јоханесбург од страна на две лица кои се возеле на мотор. Михаљевиќ, наводно, бил најдобар пријател на убиениот Кулиќ, а се знаел и со Дармановиќ.
Српските медиуми сугерираат дека оваа серија на убиства е задоцнета одмазда за убиството на воениот командант Аркан во 2000 година, но експертите од Јужна Африка веруваат дека криминалците кои избегале од Србија, биле убиени затоа што дошле во конфликт со локалните гангстери, откако си нашле свое место во бизнисот во својата втора татковина.
Миле Новаковиќ, шеф на српската Управа на криминалистичката полиција, вели дека верува оти убиствата на Ѓуриќ и на Кулиќ во Јоханесбург и на Дармановиќ во Белград, немаат врска со смртта на Аркан.
„Поминаа 18 години од убиството на Аркан и нема никој кој сега би водел сметка за одмазда за убиството на Командантот, како што го нарекуваа. Убиствата во Јоханесбург се прашање на локална пресметка“, вели Новаковиќ.
Туфегџиќ, исто така, вели дека е сигурен оти убиствата не се одмазда за смртта на Аркан.
„Овие теории на бајка не се основани. Таквите приказни служат само за да ве одвлечат на погрешен колосек и даваат своеврсно оправдување за нечија неспособност да се реши случајот со убиството на Жељко Ражнатовиќ Аркан“, нагласува тој.
Болуи вели дека српските гангстери дошле во Јужна Африка, бидејќи „е профитабилна земја за криминал” со “корумпирани полицајци и други функционери”, но оти понекогаш сфаќаат дека нивното прибежиште надвор од дофатот на домашната рака на правдата, е поопасно од казната затвор во Србија.
„Очекувам уште луѓе да настрадаат. Нема чесност, ниту чест, меѓу криминалците. Во одреден момент тие ќе тргнат еден на друг“, вели овој експерт за безбедност од Јужна Африка. „Ако некој ги допре нивните пари, нивните семејства или ако не ги испочитува, тие ќе обезбедат овие луѓе да бидат казнети, обично со убиство, со цел да ги исплашат луѓето што соработуваат”.
„Нема чест меѓу криминалците”, додаде тој. „Оние кои живеат од меч, од него и умираат”.