Регион

СОК: Обвинетите поранешни водачи на ОВК, вршеле притисок врз сведоци

Седиштето на ССК. Фото https://www.scp-ks.org/

Оваа недела, СОК објави документи, во кои се наведува дека поранешните водачи на Ослободителната војска на Косово (ОВК), се обиделе да влијаат на потенцијалните сведоци на обвинителството, пред почетокот на нивното судење за воени злосторства и злосторства против човештвото.

Документите, кои датираат од мај оваа година, всушност претставуваат редактирана верзија на барањето за апсење на четворицата осомничени, нивен трансфер во Хаг и претрес на нивните домови, што се случи овој месец.

Во барањето се наведува дека четворица поранешни припадници на ОВК – Хашим Тачи, Кадри Весели, лидер на Демократската партија на Косово (ДПК), Јакуп Красниќи, висок функционер на Социјалдемократската иницијатива (НИСМА) и Реџеп Селими, шеф на парламентарната група на Самоопределување (Ветевендосје), „имаат големо влијание врз поранешните припадници на ОВК и воопшто во Косово“.

Во него се додава дека осомничените „активно ја олеснувале и ја охрабрувале климата на неказнивост и на заплашување“ и оти „веќе има докази за обиди за нарушување на истражните активности на СОК“.

Како што се нагласува „владини функционери лојални на Тачи и на Весели, вршеле коруптивни исплати на потенцијални сведоци на обвинителството“, а  Тачи индиректно му нудел „разни бенефиции“ на потенцијален сведок, во овој случај.

Обидите да се влијае на потенцијалните сведоци „вклучуваат нивно вработување во косовската влада“, соопштија обвинителите.

„Осомничените им беа надредени на многу потенцијални сведоци на обвинителството. Тие сè уште имаат авторитет и/или влијание. Тие имаат средства, мотив и можност да влијаат врз сведоците, жртвите или врз соучесниците и на друг начин да ја попречуваат постапката“, се предупредува во документите.

„Сите имаат пристап до значителни средства и лесно можат да мобилизираат широка мрежа на приврзаници и државни претставници, вклучително и оние со безбедносно, полициско и разузнавачко искуство“, вели обвинителството, додавајќи дека тие се „способни да предизвикаат и јавен неред, доколку сметаат дека тоа е од нивен интерес“.

„Индивидуално и колективно, тие имаат можност да манипулираат со владините тела, за да избегнат и спречат активности против нив и да мобилизираат дополнителни бази на поддршка, вклучително и оние кои претходно биле под нивна команда во ОВК и групи како што е Здружението на воени ветерани на ОВК“, се вели во барањето.

Четворицата обвинети се товарат за низа злосторства, кои вклучуваат незаконско затворање, тортура, убиства, присилно исчезнување и прогонство, извршени најмалку од март 1998 до септември 1999 година.

Во обвинението се тврди дека тие биле дел од заеднички злосторнички потфат, со цел преземање на контролата над цело Косово, користејќи средства кои вклучувале „незаконско заплашување, малтретирање, насилство и отстранување на оние што се сметале за противници“.

Најголемиот број злосторства биле извршени во центрите за притвор на ОВК во Косово и во Албанија.

Тачи, Весели, Красниќи и Селими, се изјаснија за невини и побараа да бидат ослободени со кауција. Досега никој од нив јавно не реагираше на наводите на обвинителството во редактираното барање за апсење.

Барањето, исто така, дава детали за наводната вмешаност на осомничените во заплашувањето на сведоците во претходните судења пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ).

Во редактираните документи се вели дека поранешните припадници на Службата за разузнавање на Косово (ШИК), лојални на Весели „биле вклучени во надзор, закани и поткуп на лицата кои сведочеле против поранешните припадници на ОВК пред МКТЈ“.

Се посочува дека „лица кои работеле за Реџеп Селими, биле вмешани“ во обид за убиство на сведок и дека Селими бил „на црната листа на Владата на САД“.

„Како што може да се види од претходните кривични гонења, во кои беа вклучени оние што беа назначени како членови на ЗЗП (заеднички злосторнички потфат) и други блиски соработници на осомничените, владее клима на сериозно вознемирување и заплашување на сведоците“, се вели во барањето.

Обвинителството тврди дека за време на судењето, обвинетите неизбежно ќе го дознаат идентитетот на сведоците на обвинителството, што „ќе ги изложи сведоците на зголемен ризик“.

Некои од сведоците го напуштија Косово од безбедносни причини. Сепак, не сите се согласија да заминат во странство, објаснува СОК.

„Во овие околности, судењето на високите припадници на ОВК нема целосно да го елиминира ризикот од вознемирување и заплашување“, се вели во документите, при што се истакнува дека задржувањето на осомничените во притвор, ќе ја намали можноста тие да влијаат врз сведоците.

СОК се формирани да ги гонат злосторствата, наводно, извршени за време и веднаш по војната во Косово од 1998-2000 година. Тие се дел од косовскиот судски систем со седиште во Холандија и со меѓународен персонал.

Тие беа формирани под притисок на западните сојузници на Косово, кои стравуваа дека судскиот систем на Косово не е подготвен да постапува во вакви чувствителни случаи и да ги штити сведоците.

Албанците во Косово го гледаат таканаречениот Специјален суд како навреда за војната предводена од ОВК.

Serbeze Haxhiaj