Регион

Соништа за прегратка: Семејствата сè уште чекаат вести за исчезнатите од Сребреница

Одбележувањето на 25-годишнината од Сребреница, е болно време за оние, чии членови на семејството до денес не се пронајдени

Повеќе од 1.000 Бошњаци, меѓу кои бил и Азам Авдиќ, исчезнале за време на геноцидот во Сребреница, во јули 1995 година. Неговите останки сè уште не се пронајдени.

Неговиот син, Мухамед Авдиќ, се сеќава дека го видел последен пат, кога со конвој на УНХЦР, повеќе од две години пред масакрот, бил евакуиран од опколена Сребреница.

Неговиот татко останал, но Мухамед, кој во тоа време бил момче, не знаел дека ова ќе биде нивната последна средба.

„Дури подоцна, кога ќе го вратите филмот назад, сфаќате дека не сте имале можност ниту за последна прегратка, за последно збогување. Никој не беше свесен дека тоа, всушност, беше последниот момент“, вели Мухамед.

Азам бил заробен и одведен во Баина Башта во Србија. Тој потоа ѝ бил предаден на граничната полиција на Република Српска, која го предала на воената полиција на братунската бригада на Војската на Република Српска (ВРС), по што му се губи секоја трага.

„Она што го дознав неофицијално е дека тие најверојатно биле однесени во Власеница, поточно, таму каде што порано бил логорот Сушица, и дека таму најверојатно биле ликвидирани“, објаснува тој.

Утре се одбележува 25-годишнината од геноцидот во Сребреница, а од минатогодишната комеморација, според податоците на Институтот за исчезнати лица на БиХ, се ексхумирани 13 жртви, за кои се претпоставува дека настрадале во геноцидот. Но, за Мухамед Авдиќ и многу други, чекањето сè уште трае.

Исчезнувањето на синот тинејџер

 

Магбула Дивовиќ и денес трага по нејзиниот син, Елведин, кој имал помалку од 15 години кога во јули 1995 година, силите на босанските Срби го одвоиле во Поточари и го одвеле на информативен разговор.

„Тој информативен разговор трае веќе 20 години и повеќе“, иронично вели Дивовиќ.

Магбула сè уште живее во надеж дека Елведин е жив, но свесна за реалноста, таа ги бара и неговите посмртни останки, за да ги погреба и да го најде сопствениот мир.

По војната, биле пронајдени и погребани останките на нејзиниот брат, двајца братучеди, деверот и сопругот, кои, исто така, биле убиени во јули 1995 година. Покрај гробот на нејзиниот сопруг, таа оставила место и за нивниот син.

„Да може моето дете, мојот син, барем мртов да биде покрај својот татко.  Тој има право да биде барем мртов“, вели Магбула.

Сѐ помалку надеж за достоинствен погреб

 

Кога синот на Емина Мерџиќ, Азмир, со неговиот татко Салих и другите сограѓани. заминал да се спасува низ шумата, неговата мајка му го спакувала ранецот.

„Тој ми рече, ‘мамо, треба да ми дадеш барем 100 германски марки’. И му дадов“, вели Емина.

Никогаш повеќе не го видела ниту својот син, ниту својот сопруг Салих. Таа ги пронашла посмртните останки на својот сопруг, но не и останките од синот. Емина, која денес има 78 години, вели оти губи надеж дека некогаш ќе го најде својот син, Азмир.

„Барем тоа да го дочекам, ми се чини дека и нокт да пронајдам, ќе го закопам. Нека биде доле, кај својот татко“, вели таа.

„Честопати сонувам средби“

Шехида Абдурахмановиќ го бара својот брат, Мехо Хасановиќ, кој, како што вели, тргнал „на патот кон смртта“ во јули 1995 година, во обид да избега од Сребреница.

За Шехида и нејзините три сестри, кои рано го загубиле својот татко, Мехо бил и родител, и пријател, и, како што вели, водач во животот.

„Честопати сонувам средби на кои го гушкам, го бакнувам“, тивко вели Абдурахмановиќ.

Овој текст е дел од кампањата на БИРН, „Да беше тука“, која носи приказни на семејствата на исчезнатите лица во балканските војни. Некои од нив сè уште чекаат да ја дознаат судбината на своите најблиски.