Регион

Холандија ја преиспитува својата контроверзна улога во Сребреница

Млади активисти, од Босна и од Холандија, водат кампања за подигање на јавната свест за геноцидот во Сребреница, како и за улогата на Холандија

Сè уште е тешко да се зборува за Сребреница“, вели Марк ван Беркел, кој истражува историски теми и неодамна објави извештај за тоа како масакрите извршени во јули 1995 година, се опфатени во учебниците по историја во Холандија.

„Тешко е, бидејќи настаните од 1995 година, како и пред тоа, се релативно нови; тие не станаа целосно историски. Секој што бил сведок на овие трагични епизоди, сака да ги сподели своите искуства“.

Холандија има специфична улога во историјата на Сребреница, бидејќи некои нејзини трупи, како баталјонот Дачбат III, беа стационирани како мировни сили на ООН во Поточари, крај Сребреница, кога илјадници бошњачки мажи и момчиња се обидоа да избегаат од силите на босанските Срби.

Овие трупи се обвинети дека не сториле доволно за да ги заштитат Бошњаците и дека предале 350 Бошњаци, кои побарале прибежиште во базата на ООН, на војската и на полицијата на босанските Срби, кои подоцна ги погубиле.

Врховниот суд на Холандија, во јули 2019 година, донесе одлука дека оваа земја само 10 проценти е одговорна за смртта на тие 350 мажи, а холандската влада минатата недела формираше стручна комисија, која треба да донесе одлука за висината на отштетата за семејствата на овие жртви.

Ван Беркел посочува дека јавниот дискурс во Холандија, главно се однесува на „групата холандски војници (Дачбат), кои веруваат оти биле третирани неправедно и дека и самите биле жртви“.

Холандските трупи тврдат дека тие имале невозможна задача – да ја надгледуваат „заштитената зона“ на ООН, која била опкружена со силите на босанските Срби, дека не им било дозволено да користат сила освен во самоодбрана, но и дека немале соодветна поддршка од претпоставените.

„Од друга страна, тука е бошњачката заедница (во Холандија), која го преживеала геноцидот. Тие сакаат правда и признание“, објаснува ван Беркел.

Во своето истражување, тој дошол до заклучок дека холандските учебници по историја, посветуваат многу малку внимание на војните во поранешна Југославија и на геноцидот на Бошњаците од Сребреница. Самиот збор „геноцид“, едвај и да се спомнува.

Кога Сребреница се споменува во учебниците, на неа често се гледа од агол на холандските војници и на улогата на Холандија во мировната мисија во Босна и Херцеговина.

Главната порака е дека меѓународната заедница, а особено Обединетите нации, а не Дачбат, не успеале.

„Ова е она што е во книгите, јас конкретно не истражував што прават наставниците со тие информации. Но, разговарав и со студенти кои ќе станат професори по историја. Повеќето од нив не знаеја ништо за Сребреница“, вели тој.

Сребреница е дел од канонот на холандската историја – официјално одобрено хронолошко резиме на историјата на Холандија, кое треба да се изучува во училиштата. Како и да е, придружните материјали главно се фокусираат на перспективата на Дачбат III.

Во својот извештај, Ван Беркел потенцира дека мажите и момчињата, убиени за време на геноцидот во Сребреница, честопати се прикажани како група: муслимани. На овој начин, тие се прикажани само како жртви, а не и како човечки суштества кои имале животи, семејства, историја и култура.

„Не велам дека треба да ги прескокнете личните искуства на војниците, но главната порака треба да биде дека во Европа е извршен геноцид. И премалку внимание се посветува на тоа, какво влијание тоа имало врз заедницата, со оглед дека голем број Босанци живеат во Холандија“, истакнува ван Беркел.

Приказната за Алма Мустафиќ, која денес живее во Холандија, чиј татко бил убиен во геноцид, е тема на нова холандска претстава. Фото: Марјолин Костер.

„Луѓето од нашата генерација не знаат што се случило

Недоволното сознание за геноцидот е една од причините зошто групата наречена „Босанско девојче“, ја започна кампањата наречена „Сребреница е холандска историја“. Оваа група ја сочинуваат четири жени, во раните 30-ти години. Инспирацијата за името на групата било делото на босанската уметница, Шејла Камериќ.

„Додека зборувавме за нашите искуства, заклучивме дека секоја година, сѐ помалку внимание ѝ се посветува на Сребреница, а во исто време Холандија играше многу важна улога“, нагласува, Дарија Буквиќ, една од членките на групата.

„Луѓето од нашата генерација навистина не знаат што се случило во БиХ. Болно е што понекогаш морам да објаснувам зошто живеам во Холандија“, додава таа.

Нивната кампања има неколку цели. Првата е да се подобри наставата по историја и да се вклучи перспективата на преживеаните. Ова вклучува создавање веб-страница со збирка лични приказни и други материјали.

„Проблематично е што младите мислат дека последниот геноцид во Европа се случил во 1945 година. Луѓето мора да бидат свесни за вредноста на слободата и дека тоа не е нешто што можете само да го земете здраво за готово“, истакнува Буквиќ.

„Босанско девојче“, исто така, сака холандската влада да финансира изградба на споменик, пред кој ќе бидат одбележувани годишнините од масакрот. Засега, оваа група успеа да постави привремен споменик, онлајн изложба на фотографии од 25 портрети на мажи и жени, босанци што живеат во Холандија, на возраст од 25 години.

Иако самите не ја паметат војната, тие симболично ја претставуваат врската помеѓу Холандија и БиХ и создаваат заедничко минато и иднина за овие две земји.

Портретите, на 11 јули, за време на годишната комеморација за жртвите на геноцидот во Сребреница, ќе бидат поставени на Хет Плеин, плоштад во Хаг, веднаш пред влезот на холандскиот парламент.

Годинава, холандскиот министер за одбрана, Анк Бијлевелд, планираше да присуствува на комеморацијата во Меморијалниот центар во Поточари, но го откажа патувањето поради пандемијата на корона вирусот.

Бијлевелд наместо тоа ќе присуствува на комеморацијата во Хаг, а во име на холандската влада, во Меморијалниот центар ќе биде прикажана видео-порака од премиерот, Марк Руте.

И холандското здружение на ветерани, планираше да отпатува во Сребреница, но наместо тоа, ќе се приклучи на настанот во Хаг.

 

Поранешниот војник на Холандија, Ремко де Брујне. Фото: Марјолин Костер

„Не можете да бидете неутрални кога станува збор за геноцид“

После 25 години, тешко е да се соберат борците на Дачбат III и преживеаните од Сребреница, на едно место, но работите изгледа дека полека се менуваат. Пример е холандската театарска претстава „Опасни имиња“, која ќе биде прикажана годинава.

„Многу пати војниците на Дачбат III и преживеаните беа едни против други, на пример, на суд“, вели режисерот на претставата, Бој Јонкергау, кој исто така направи претстава со воените ветерани во БиХ во 2017 година.

„Но, има многу нешта што всушност ги поврзуваат овие две групи. Тие ја делат траумата, чувството дека биле напуштени, и двете групи сметаат дека светот не разбира што се случило во Сребреница во 1995 година“.

Јонкергау вели дека тој влегол во овој процес како типичен холандски режисер: „Сакав да покажам повеќе перспективи, да бидам што е можно понеутрален и да не судам никому“, посочува тој.

„Но, колку повеќе осознавав за војната во БиХ, толку повеќе сфаќав дека причината зошто повеќе од 8.000 луѓе беа убиени во Сребреница, е токму таканаречената морална непристрасност. И заклучив дека не можете да бидете неутрални кога станува збор за геноцид, дека како режисер морам да заземам свој став“.

Претставата е за Алма Мустафиќ, која пораснала во Сребреница и имала 14 години во 1995 година. По војната, таа заминала во Холандија, каде и денес живее. Нејзиниот татко се викал, Ризо Мустафиќ, и работел како електричар за Дачбат III.

Во 2013 година, таа и нејзиното семејство го добија случајот против холандската држава. Нејзиниот татко, во јули 1995 година, имал законско право да остане во базата, но тој, заедно со другите, ѝ бил предаден на Војската на Република Српска, која потоа го убила.

Сега Алма Мустафиќ ќе биде на сцената, што е нешто сосема ново за неа. Во секојдневниот живот, работи како истражувач и предавач на Универзитетот во Утрехт.

„Сакам да се посветам на подобрувањето на заедничката визија за тоа како да се одбележува геноцидот“, вели Мустафиќ.

„Сите премногу се држиме до нашите приказни, без всушност да разговараме едни со други. За оваа претстава, морав да разговарам со холандските војници. Што беше тешко и морав добро да се подготвам за тоа. Но, тоа, од друга страна, ми даде многу добри работи“, додава таа.

Мустафиќ, ги замолила ветераните да ја контактираат ако го познавале нејзиниот татко, затоа што таа сака да ги собере сите приказни за него.

„Забележав дека многу холандски војници се стегаат да зборуваат со мене. Тие сепак сакаат да се одбранат и да ми објаснат колку биле немоќни“, истакнува Мустафиќ.

„Го знам тоа и не мора повеќе да го слушам. Сега само сакам да изградам нешто позитивно. Затоа што ако работиме заедно, можеме да им помогнеме на луѓето да не го заборават геноцидот“.

Поранешните војници на Дачбат III, имаат многу различни приказни за тоа што се случило во јули 1995 година. Ремка де Брујне, еден од војниците, вели дека е важно луѓето да знаат дека тој всушност се борел против Србите.

„Кога Србите влегоа во енклавата (во Сребреница), командантот ни нареди да пукаме. Да ги спречиме да ни пријдат“, се сеќава Де Брујне.

„Но, од ООН ни рекоа дека мора да престанеме, бидејќи да се биде миротворец значи дека мора да бидеш неутрален и не смееш да пукаш, освен ако не бидеш нападнат. Ни беше речено да пукаме над главите, но знаевме дека тоа нема да ги запре“.

На крајот, Де Брујне сфатил дека воопшто немаат шанса: „Само 150 од нас беа во пешадијата, 150 кои знаеја да пукаат, а имаше повеќе од 3.000 Срби. По неколку дена, нашата муниција едноставно исчезна“.

Де Брујне продолжува да се бори за војниците за кои вели дека биле испратени во невозможна мисија. Тој зборуваше за ова со холандскиот министер за одбрана и сака холандските ветерани и преживеаните од Сребреница заедно да ја водат својата битка.

„И едните, и другите, сме жртви на меѓународната политика и ако работиме заедно, можеби ќе имаме подобри шанси да ги постигнеме нашите цели“, нагласува  тој.

Мустафиќ посочува оти се надева дека ќе може да ги собере на едно место холандските војници и преживеаните, за да се потенцира вистината за тоа што се случило во Сребреница пред 25 години, бидејќи таа може да ги разбере и двете перспективи.

„Татко ми Ризо отсекогаш бил врска. Меѓу муслиманите и Србите и меѓу Дачбат и локалното население во Сребреница“, вели таа и додава: „Сакам да ја продолжам неговата работа“.