Истражувањa

Состојбата на синдикатите во Србија

Малтретирани или поткупени, синдикатите во Србија како и на други места во поранешна Југославија го допреа дното, изневерувајќи ги работниците за кои тврдат дека ги штитат

Пишува: Марија Јанковиќ / Белград, Ниш, Панчево, Загреб

Mилан Ивовиќ имал 10 години кога српската државна фабрика за производство на ѓубриво „ХИП Азотара“ за прв пат ги отворила своите порти во 1962 година. Фабриката се наоѓала веднаш спроти неговиот дом во градот Панчево, на источниот брег на реката Дунав.

Таму тој го поминал целиот свој работен век, цели 37 години, почнувајќи со работа во ноќната смена за на крајот да стане претседател на синдикатот во 2007 година.

Сепак, кон крајот на 2015 година, едвај 17 месеци пред неговото пензионирање, Ивовиќ останал без работа, бидејќи бил прогласен за „вишок” по јавната расправија со менаџментот назначен од државата.

Ивовиќ јавно ги прозвал директорите на „Азотара“ заради цената што тие се согласиле да ја плаќаат на рускиот енергетски гигант „Гаспром“ за набавка на гас кој е потребен за функционирање на фабриката.

Од „Азотара“ соопштиле дека ќе плаќаат помалку од 300 долари (273 евра) за 1.000 кубни метри, цена која ќе придонесе фабриката да се одржува во живот, а работните места да останат безбедни. Владата, која ги назначила директорите во фабриката, се надевала дека ќе го продаде „Азотара“ на руски купувач и имала интерес да ги претставува Русите како добротворни партнери подготвени да ги заштитат работните места. Ивовиќ го поздравил договорот, но потоа добил телефонски повик:

„Работникот кој беше задолжен за фактурите за гас во ’Азотара’ ме повика и рече: „Кого се обидувате да измамите? Какви 300 долари? За што зборуваш? На чија страна си ти?“ Тој ми ги покажа фактурите, а ниту една не беше со цена пониска од 400 долари”.

Ивовиќ излезе во јавноста, и во рок од четири месеци остана без работа. Тој вели дека бил избркан, бидејќи ја обелоденил лагата. Од „Азотара“ велат дека неговиот мандат како лидер на синдикатот истекол и оттогаш тој не се јавил на работа. Меѓутоа, тајмингот на сите овие случувања покрена многу прашања.

Тоа е катастрофален удар

Бранислав Чанак за разрешувањето на Ивовиќ

„Овие денови синдикатите се држат под контрола”, изјави 64-годишниот Ивовиќ. „Откако видоа што ми се случи мене, зошто некој би сакал да верува во синдикатите и зошто би сакале да им се приклучат? Сигурно не би сакале да ги ризикуваат своите работни места”.

За многу синдикалци, ова е предупредувачка приказна, еден од многуте примери за слабоста на синдикатите во поранешна Југославија, по многуте години на трнлива и често брутална транзиција во капитализам.

„Тоа е катастрофален удар”, вели Бранислав Чанак, донеодамнешниот водач на „Независност“ еден од најголемите гранкови синдикатите во Србија.

„Најверојатно, ќе мора да почекаме уште 50 години за да се роди некој друг како Ивовиќ. Сите велеа: „Чувте ли за Ивовиќ од „Азотара“, како го разрешија и никој не му помогна”, изјави тој за БИРН во неговото интервју пред да биде заменет како лидер на „Независност“ во ноември годинава. „Другите членови на синдикатот кои гледаат слични малверзации во нивните компании ќе подразмислат – „Ако кажам нешто, ќе си ја ризикувам работата”.

Огромниот број загубени работни места, затворањето фабрики и продажбата на стотици државни претпријатија во годините по падот на поранешниот српски лидер Слободан Милошевиќ во 2000 година ги опустошија редовите и го нарушија угледот на синдикатите во Србија.

Слаби и поделени, тие се подложни на заплашување, корупција и речиси се целосно зависни од политичките патрони. Нивниот кредибилитет меѓу работниците е разнишан заради нивниот млак одговор на дискредитираниот приватизациски процес заради кој од 2000 година пропаднале повеќе од 600 договори за продажба поради корупција или непридржување на купувачите до условите, што најчесто било предоцна за отпуштените работници.

Во 2008 година, по осум години транзиција од социјализмот, само 12 отсто од Србите велат дека имаат „огромна или прилично голема доверба“ во синдикатите, се вели во Eвропската студија на вредности, холандско истражување кое се спроведува на секои девет години уште од 1981 година низ цела Европа. Од 47-те земји опфатени со истражувањето, само Бугарија има понизок просек од Србија, со 11 проценти.

Триесет и осум проценти од Србите велат дека воопшто немаат доверба во синдикатите.

Оваа приказна, како дел од Балканските стипендии за новинарска извонредност се обидува да открие зошто.

„Тие (синдикатите) не ги исполнуваат ниту минималните стандарди на синдикатите од 20-ти век, а резултат на тоа е падот на угледот и членството”, изјави за БИРН д-р Нада Новаковиќ, социолог и научен соработник во Институтот за општествени науки во Белград.

„Сето ова ѝ овозможува на државата и капиталистите да го завршат процесот на приватизација и транзиција во нивен интерес”.

Марко Грдешиќ, хрватски социолог со американско образование, вели дека улогата на синдикатите е „иста како што била некогаш – да се регрутираат што е можно повеќе луѓе, да се борат за колективни договори, преку штрајкови и протести, како и да ги здружат силите со други левичарски и прогресивни актери во поширока општествена битка”.

„На територијата на поранешна Југославија, многу малку од синдикатите го прават тоа”.

Под политичка заштита

Во Социјалистичка Федеративна Република Југославија за време на владеењето на Јосип Броз Тито, кој владееше 35 години по Втората светска војна, имало само еден синдикат, чии што членови биле сите државни работници.

Работните места биле доживотни, а според хибридниот систем на социјалистичко самоуправување вработените имале право на глас во водењето на компаниите во кои работеле.

Синдикатот бил, сепак, малку повеќе од продолжена рака на владејачката партија, што излегувал на улици секој Први мај да го одбележи Меѓународниот ден на трудот на големи прослави на кои се славел Тито со воени паради и воени оркестри.

„Синдикатот во времето на комунизмот, ја играл улогата што социјализмот ја барал од него”, вели Чанак.

Со распадот на Југославија, синдикатите се множеле, но само неколку ја прележале „детската болест” од времето на Тито, како што ја нарекува Новаковиќ зависноста од еден политички патрон.

Ако на синдикатот му дадете милион или два, се разбира дека синдикалното раководство нема да ви се спротивстави

Ранка Савиќ, лидер на гранков синдикат

Најочигледен пример е синдикатот на Електропривреда Србија (ЕПС), дистрибутер на електрична енергија во Србија, и најголемото јавно претпријатие во земјата.

Во синдикатот членуваат речиси сите 30 000 вработени во компанијата, што претставува голема сила доколку треба да излезат против владата.

Но, според колективниот договор потпишан во јануари 2015 година со српското Министерство за енергетика, синдикатот на ЕПС добива речиси 800 милиони денари (6,5 милиони евра) на годишно ниво од страна на државата. Синдикатот „Независност“ добил копија од договорот според законот за слобода на информации од јавен карактер на Србија, со што се покренале сериозни прашања околу неговата способност и подготвеност да ја преиспита политиката на директорите на компанијата или на политичките партии кои ги именуваат.

„Ако на синдикатот му дадете милион или два, се разбира дека раководството на синдикатот нема да ви се спротивстави”, вели Ранка Савиќ, лидер на Сојузот на независни и слободни синдикати на Србија, уште еден од гранковите синдикати.

Новаковиќ вели дека синдикалните лидери биле компромитирани на многу начини.

На пример, менаџерите на компанијата, често се членови на синдикатот; синдикалните избори многу често се поклопуваат со изборите во политичките партии; а синдикалните лидери „отворено се купуваат”, вели Новаковиќ, со профитабилни места во управните одбори.

Многу синдикални лидери, исто така, добиваат дополнителни плати. „Згора на тоа се исплатуваат дневници, патни трошоци, трошоци за мобилен телефон, автомобили, ручеци, разни додатоци”, вели Новаковиќ.

Работејќи на нејзиниот докторат, Новаковиќ спровела интервјуа со десетици синдикални претставници во ЕПС. Во период од пет години, вели таа, само еден од нив не добил унапредување ниту во синдикатот, ниту во компанијата. Тој дури и преминал во приватниот сектор.

БИРН упати писмено барање до синдикатот на ЕПС прашувајќи дали неговите лидери се компромитирани од финансиските стимулации што ги добиваат, но не доби одговор. БИРН исто така ги праша од ЕПС дали синдикалните лидери се фаворизираат при унапредувањето, но не доби одговор. БИРН не беше во можност да обезбеди интервјуа ниту со менаџментот или синдикалните лидери.

„Напредувањето во синдикалната хиерархија е предност во однос на професионалната хиерархија. Тоа е исто така начин да се заработи материјално”, вели Новаковиќ.

„Блискоста на синдикатите и политичките партии дава можност подолго да се остане во синдикалното раководство, но и да се премине на партиска или државна позиција”.

Синдикатите, вели Новаковиќ, сѐ уште се расправаат околу поделбата на имотот наследен од распадот на поранешна Југославија, што значи дека повеќе енергија потрошиле на „занимавање со себе”, отколку со работниците.

Социологот д-р Нада Новаковиќ во нејзината канцеларија во Институтот за општествени науки во Белград. Фото: Марија Јанковиќ

Социологот д-р Нада Новаковиќ во нејзината канцеларија во Институтот за општествени науки во Белград. Фото: Марија Јанковиќ

Затоа не треба да изненадува фактот што во Србија немало голема ефективна индустриска акција како реакција на болните реформи.

Во денешно време, Денот на трудот во Србија не се одбележува со фанфари, иако во Западна Европа стотици илјадници излегуваат на улиците секоја година да го изразат својот гнев кон капитализмот и глобализацијата.

И приватниот сектор се опира на синдикализмот

„Синдикатите немаа некој поголем успех при влегувањето во новиот сектор на малите фирми”, вели хрватскиот социолог Марко Грдешиќ. „Тоа се покажа како навистина тешко, поради отпорот на сопствениците на компанијата и слабоста на самите синдикати.”
„Најголемиот проблем е тоа што еден дел од работната сила е целосно незаштитена. Работници под ризик кои работат на повремени, привремени или нестабилни работни места, особено млади луѓе, жени и странци“

Во јануари 2014 година, кога владата ги протурка преку парламентот најзначајните измени во законот за работни односи во последниве неколку години, имаше само оскудни протести на синдикатите против мерките за олеснување и поевтинување на вработувањето и отпуштањето и подигнување на старосната граница за пензионирање на жените. Владата, исто така, ги намали платите и пензиите во јавниот сектор со цел да се обезбедат финансиски средства од Меѓународниот монетарен фонд.

„Ниту еден од големите синдикални центри не се спротивстави на ’транзициските реформи’ во изминатите 25 години”, вели Новаковиќ.

Чанак е искрен: „Денес, работниците одат да протестираат само ако им се плати, ако им платиме автобуски билет и им се даде дневница. Инаку, си седат дома”.

Савиќ, лидерот на Здружението на независни и слободни синдикати во Србија, вината ја лоцира на друго место: „Имало обиди за обединување. Но, овие напори секогаш лошо завршуваат затоа што некој ќе се откаже, или некој ќе се спогоди со владата”, вели таа. „Српските синдикати се целосно разединети и немаат солидарност”.

Конфедерацијата на независни синдикати на Србија, наследник на синдикатот од времето на Тито, не одговори на барањето за интервју.

“Wrong side of the fence”

„На погрешна страна”

Големите синдикати жестоко ги бранат своите привилегии.

Во 2011 година, во ЕПС бил основан конкурентски синдикат. Како одговор на тоа, еден од работниците кои се вклучиле, изјави за БИРН, под услов да остане анонимен дека тој и неколкумина други биле исклучени од Солидарниот фонд на главниот синдикат, што претставува фонд за финансиска помош во кој месечно се влеваат по 0.1 отсто од платата на секој вработен, а служи како поддршка за работниците за време на важни животни настани.

Тој уплаќал од 2010 година, но од Фондот го информирале дека услов за пристап до помошта било членство во главниот синдикат на ЕПС.

„Во меѓувреме еден од момците доби дете, но не доби помош во висина од една просечна месечна плата на која има право. Другиот имаше смрт во семејството, а компанијата одби да му исплати финансиска помош”, вели човекот.

„Мислам дека се најдовме на погрешната страна“.

Запрашан во врска со случајот, од прес-службата на ЕПС рекоа дека тоа не е прашање за компанијата. Синдикалните лидери на ЕПС не беа достапни на телефон, ниту пак одговорија на прашањата пратени преку е-маил.

Но, додека во некои случаи санкциите се брзи, во други воопшто не постојат.

Анѓелко Касуниќ, претседател на хрватскиот Независен синдикат на друмски работници, во едно кафуле во Загреб. Фото: Марија Јанковиќ

Анѓелко Касуниќ, претседател на хрватскиот Независен синдикат на друмски работници, во едно кафуле во Загреб. Фото: Марија Јанковиќ

Во Електромрежа на Србије (ЕМС), државниот преносител на електрична енергија во Србија, синдикатот минатата година поднесе кривични пријави против двајца поранешни лидери, обвинувајќи ги за злоупотреба на 2.537.484 динари (20.630 €) синдикални пари помеѓу 2011 и 2015 година – што е еднакво на неколку месечна плата на еден просечен работник.

БИРН дојде до копија од интерен извештај на синдикатот напишан од страна на синдикалната комисија што добила задача во почетокот на 2015 година да ги испита тогашниот лидер Златомир Добрисављевиќ и неговиот заменик, Александар Павловиќ, во врска со трошењето на средствата дадени на синдикатот од страна на компанијата.

Во извештајот се обвинуваат двајцата за потпишување договори за лизинг на своите приватни автомобили на синдикатот, покривајќи си ги трошоците за гориво и одржување и други трошоци.

Во извештајот се вели дека и двајцата ги прифатиле наодите. БИРН не можеше да добие независна потврда, бидејќи и Павловиќ и Добрисављевиќ одбија да го коментираат случајот за БИРН. Ниту еден од нив јавно не го коментираше случајот. Павловиќ останал на одговорната позиција главен на одржување на далноводите уште една година по истрагата.

Прес-службата на ЕМС изјави за БИРН дека тие немаат сознанија за какви било малверзации од страна на синдикалните лидери и дека Павловиќ во меѓувреме бил префрлен на друга позиција поради прекршување на оперативните процедури и работната етика, независно од неговите синдикални активности. Добрисављевиќ е сѐ уште вработен во компанијата.

„Компанијата им дава пари, а тие ги трошат како да се нивни”, изјави претставник на синдикатот кој го достави извештајот до БИРН, но побара да не биде идентификуван. „Што останува за работниците?”

Државното обвинителство во Белград потврди дека добило кривична пријава за проневера против Добрисављевиќ и Павловиќ и изјави дека полицијата го истражува случајот.

Вишок барања

За разлика од многу синдикални лидери, Ивовиќ, се чини дека ја ужива довербата од неговите колеги.

Во 2008 година, тој на улиците на Панчево изнесе 1.000 работници во знак на протест на активностите на литванско – српскиот конзорциум кој две години претходно ја купил фабриката од државата. Новите сопственици ја продале производната единица спротивно на условите на приватизацијата и платите останале неплатени.

Ивовиќ со ноќи спиел на тротоар и со денови ги блокирал патиштата сѐ додека владата не презела иницијатива во јануари 2009 година, за поништување на продажбата и повторно враќање на „Азотара“ во рацете на државата.

„Штрајкувавме и гладувавме”, се сеќава Ивовиќ со гордост.

Но, шест години подоцна, тој станал трн во око на менаџментот назначен од државата.

Ивовиќ се спротивставил на плановите за одвојување на индустриското речно пристаниште на „Азотара“ од главната компанија, загрижен дека ќе биде продадено, а фабриката ќе го изгуби пристапот до него. Потоа, кога ја оспори објавената цена на гасот, тој добил писмо од заменик-директорот Миљан Ѓуровиќ, на 11 август 2015 година велејќи му дека ризикува „прекин” на вработувањето.

Ивовиќ бил принуден на предвремено пензионирање во декември 2015 година.

Ѓуровиќ, во тоа време, изјави за медиумите дека мандатите на Ивовиќ и тројца други членови на синдикатот кои биле отпуштени заедно со него се истечени и дека оттогаш тие не се појавиле на работа во фабриката.

Претставник од прес-службата на „Азотара“ изјави за БИРН дека Ивовиќ бил прогласен за „вишок и го искористил своето право да му биде платено и да ја напушти ХИП-Азотара Панчево”.

БИРН побара интервју со менаџментот на „Азотара“ но не доби одговор, ниту пак можеше да стапи во контакт со Ѓуровиќ на неговиот фиксен или мобилен телефон. БИРН не беше во можност да добие потврда за цената на гасот од Гаспром.

„Луѓето се очајни”, изјави Савиќ.

„Тие му се спротивставуваат на управителот и се отпуштени од работа. Тогаш ние го изнесуваме случајот пред суд. Повеќето од овие луѓе се сега во предвремена пензија. Тие дури и не се плашат повеќе, само сакаат да си одат и да завршат со тоа”.

Ивовиќ изјави дека не планира да тужи, велејќи дека ниту има пари, ниту време за да се бори преку судскиот систем кој се смета за крајно неефикасен и исполитизиран.

Поранешниот претседател на синдикатот на „Азотара трговија“ Милан Ивовиќ ја коси тревата во неговиот дом во српскиот град Панчево. Фото: Марија Јанковиќ

Поранешниот претседател на синдикатот на „Азотара трговија“ Милан Ивовиќ ја коси тревата во неговиот дом во српскиот град Панчево / Фото: Марија Јанковиќ

Напуштени

Синдикатите во поголемиот дел од другите поранешни југословенски републики се во малку подобра позиција.

Според Европската студија на вредности од 2008 година, само 18 отсто од луѓето во Хрватска, тврдат дека имаат „огромна или прилично голема“ доверба во синдикатите.

Таму, еден од лидерите на синдикатот беше ставен под посебна полициска заштита во 2010 година откако пријавил корупција во државните Хрватски автопати, што придонело за голем број истраги, апсења и обвинувања следните шест години.

„Не се плашев за мојот живот, сѐ додека еден ден еден полицаец не се појави на мојата врата. Тој поминуваше по 15 часа на ден со мене”, вели Анѓелко Касуниќ, претседател на Самостојниот синдикат на друмски работници.

Еден од членовите на извршниот одбор на ХАК, Јосип Сапунар, бил осуден во 2015 за затајување пари од компанијата и му било досудено да врати еден милион евра. Оттогаш се осудени уште неколку официјални лица.

„Добриот синдикат секогаш ќе го добие легитимитетот меѓу работниците ако се бори успешно”, вели хрватскиот социолог Грдешиќ. „Синдикатот е жив организам кој треба постојано да се одржува во живот. Треба да работите со луѓето, да разговарате со нив, да ги слушате. Но, тука луѓето се оставени сами на себе”, изјави тој за БИРН.

Дури и во самиот процес на приватизација, синдикатите биле маргинализирани.

„Синдикатите немаат апсолутно никакво влијание врз процесот (на приватизација), освен што ги консултираат во врска со програмата за бенефиции на вишокот работници”, вели социологот Новаковиќ. „Најчесто, синдикатите немаат право да го видат ни договорот за продажба.”

Синдикалните лидери, вели таа, едноставно чекаат да заврши процесот, безбедни зошто знаат дека се заштитени заради нивните политички врски.

„Повеќето синдикални лидери ќе си најдат нова кариера и ќе се збогатат. Повеќето од членовите на синдикатот ќе бидат избркани од нивните работни места”.

„Кога унијата (не може или не сака да) ги заштити работниците од губење на работните места, тие ја губат причината за нивното постоење и нивната положба меѓу сегашните и потенцијалните членови”.

Савиќ вели дека е лесно да се обвинуваат синдикатите, но дека тие се само одраз на српската држава и општеството во транзиција, „со сите болести што транзицијата ги носи со неа”.

„Немаме соодветен систем на здравствена заштита, школство, образование, немаме поделба на власта меѓу извршната, законодавната и судската власт.

„Српскиот синдикализам ја има истата судбина како државата и општеството во кои функционира“.

Марија Јанковиќ е новинарка во српскиот дневен весник „Вечерње новости“. Овој текст беше објавен како дел од Balkan Fellowship for Journalistic Excellence, со поддршка од ERSTE Foundation и Open Society Foundations во соработка со Balkan Investigative Reporting Network.