Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Нилс Мужниекс, во понеделник соопшти дека 18 години по војната, Косово треба да ја запре неказнивоста на злосторствата извршени за време на конфликтот и да осигура дека сторителите ќе бидат изведени пред лицето на правдата.
Мужниекс, кој овие коментари ги сублимира во меморандумот за Косово, по неговата посета на оваа земја во февруари, изјави дека посебно внимание треба да се посвети на „многу лошиот“ систем за заштита на сведоци.
„Косово треба да ги интензивира напорите за обезбедување на ефикасна заштита и поддршка на сведоците, во контекст на кривичните постапки поврзани со делата извршени во војната. Сите закани или инциденти на заплашување на сведоци, треба да се испитаат, а сторителите на ваквите кривични дела мора да бидат изведени пред лицето на правдата“, рече тој.
Со цел да се изгради праведно општество и да се обезбедат можности за помирување, Косово треба да „ја разјасни судбината на сите исчезнати лица, да обезбеди соодветна компензација за жртвите на војната и да го олесни доброволното враќање на раселените лица“, додаде тој.
Денес, како последица од војната во Косово, за исчезнати се сметаат вкупно 1.600 лица, поради што Муижниекс ги повика Приштина и Белград да покажат поголема политичка определба за нивно наоѓање.
Тој апелираше да се отворат архивите на српската војска и полиција, за да се добијат информации за судбината на исчезнатите лица, со цел да се најдат нивните гробови.
Мужниекс рече дека законот со кој се регулира отштетата за жртвите на војната, треба да се прошири, за да им се обезбеди на цивилите соодветен надомест и дека низ образовниот систем треба да се направи обид, да се промовира помирувањето и меѓуетничката толеранција.
„Сите учебници и наставни материјали, кои во себе содржат елементи на национализам и предрасуди, треба да се ревидираат. Потребни се значителни напори за воведување на нови наставни методи кои промовираат меѓукултурно разбирање, вклучувајќи ја и историјата“, истакна тој.
Изрази загриженост во врска со 13 случаи на убиени или исчезнати новинари, косовски Албанци и Срби, во периодот меѓу 1998 и 2005 година, и нагласи дека сторителите на нивните убиства треба да бидат изнесени пред лицето на правдата.
„Треба да се создаде безбедна средина за новинарите и другите медиумски професионалци, особено со зголемување на способноста за спроведување на законот, при што судските органи би ги испитале и ефикасно би ги санкционирале актите на насилство и закани кон нив“, рече Муижниекс.