Анализи

Сподели сега! Како нè затрупаа теории на заговор

Ширењето лажни вести еволуира како што еволуира борбата против нив

Денот започнува со кафето и со непрочитаните пораки. Неколку од пријателите, неколку за работата, една платена реклама за мебел и – една со многу извичници што алармира дека веднаш мора да се прочита пред да биде избришана од интернетот, бидејќи открива голема тајна скриена од обичните луѓе.

Тајната може да биде за „лажната пандемија“, „опасната вакцина“, „светскиот заговор против Доналд Трамп“, „мрачната вистина за елитите (особено популарен термин) што јадат деца“ итн. Испраќачот е сосема обичен човек што го познаваме лично или преку социјалните мрежи, кој првпат или повремено испраќа такви содржини.

Ширењето дезинформации преку лични пораки веќе стана вообичаена пракса. И тоа не е единствената новина во оваа област. Како што во последниве години се засилува борбата против лажните вести со промена на алгоритмите на социјалните мрежи и со вклучување независни проверувачи на факти, така еволуираат и техниките за различни невистинити содржини да останат на мрежите што подолго и необележани.

„Испраќањето лични пораки со лажни вести сме го забележале и ние, и тоа е обид за побргу да се шири една дезинформација пред да биде детектирана“, вели Росана Алексоска од платформата Ф2Н2, која „лови“ дезинформации на интернет.

Меѓу релативно новите методи е забележано и масовното споделување принтскринови наместо цели текстови, а во земјите каде што се користи кириличната азбука, како Македонија, и намерно мешање на кириличните и на латиничните букви.

Видете и споделете додека не го избришале

Според начинот на кој се поставени и дизајнирани, лажните вести даваат силен мотив за луѓето да ги прошират

Над 270 илјади прегледи и 5.300 споделувања за само три дена имаше едно видео пуштено на Фејсбук од поранешен македонски новинар во врска со вакцината на Фајзер против корона вирусот. На 8 декември, тој објави снимка на која го толкува документот каде што се напишани можните контраиндикации од вакцината, но ги претставува како утврдени последици од неа, засилувајќи ја паниката од вакцинирање.

Постигна голема гледаност, но тие бројки само делумно покажуваат до каде стигнале дезинформациите што ги прошири. Набргу ова видео се најде во инбоксот на многу луѓе, откако нивни фејсбук-познаници решиле да им го испратат во директна порака, за да ги алармираат да го видат што поскоро, пред да биде избришано или означено како лажно.

Директни пораки си испраќаат меѓу себе луѓето што веруваат во теориите на заговор или редовно учествуваат во нивното ширење, за да се известат дека се излезени нови „материјали“. Само навидум тоа звучи дека е некоја мала опскурна група што се дружи на интернет.

Ако се погледне истражувањето на јавното мислење што го спроведе експертската група за Балканот, одвај седум проценти од населението во земјава и во регионот не верува во ниту една теорија на заговор, а над 50 отсто веруваат во сите. Збирниот процент на оние што рекле дека веруваат во сите или само во некои теории е над 80 отсто.

Со овие бројки, не е изненадување дека сѐ повеќе дезинформации завршуваат и во виртуелните поштенски сандачиња и на „неверниците“, за да се убедат да преминат на „другата страна“. Некои добивале по 3-4 такви пораки неделно.

Она што е заедничко за пораките е дека се придружени со поттикнувачки пораки – „видете го додека не го избришале од Фејсбук, споделете и проширете“, „Не можеа веќе да молчат, видете“ итн.

Бидејќи луѓето вообичаено им обрнуваат повеќе внимание на личните пораки отколку на другите објави на социјалните мрежи, поголема станува веројатноста дека ќе ги видат овие содржини. А голема е и веројатноста дека ќе продолжат да ги шират, објаснува Бојан Кордалов, експерт за социјални мрежи и нови медиуми.

„Според начинот на кој се поставени и дизајнирани, лажните вести даваат силен мотив за луѓето да ги прошират“, вели тој.

Пандемијата е тема што доминира во дезинформирањето годинава, но се меша и со темите за евроатлантските интеграции на земјата и со други политички теми, објаснува Алексоска од Ф2Н2.

„Предмет на напад се емоциите на луѓето, со цел предизвикување бурна реакција“, додава таа.

Како што поминуваше времето, така „пораките“  се менуваа. На почетокот се фокусираа на „лажноста“ на вирусот и на пандемијата, па на „непотребноста“ на маските, карантините, социјалната дистанца и на другите мерки за заштита, а откако науката направи пробив во напорите да најде вакцина, се свртеа кон „опасностите“ од вакцинацијата.

Не верувај, проверувај како што ќе ти кажеме

Дезинформациите понекогаш доаѓаат со „упатства за користење“

Како вообичаено изгледа една дезинформација? Видеото за „ефектите“ од вакцината, кое привлече многу внимание во Македонија, е типичен пример. Такви се прават секојдневно во светот.

Меѓу приватните пораки што ги добиваат корисниците на социјалните мрежи може да се најде видео во кое луѓе што се претставуваат како лекари од различни земји (САД, Канада, Белгија, Велика Британија, Германија) се снимале со веб-камери како предупредуваат дека вакцините ќе бидат смртоносни.

Во друго видео, во кое се чита упатството од вакцината на фирмата Астра Зенека, може да се види како создавачите на лажни вести ги користат истите пораки како и оние што се борат против нив, од типот „не верувај, туку проверувај“. Сепак, и за „проверката“ се даваат насоки.

„Не мора да ни верувате нас, истражете сами. На пример, посетете ги овие сајтови. Или изгуглајте го овој термин ChAdOx-1. Видете тука пишува – микроклонирање“, се слуша нараторот во видеото и се прикажуваат натписите од пакувањето на вакцината. „Нѐ убедуваат дека е безбедно, а трагите се тука пред нас“, вели со драматичен тон нараторот.

Да се заобиколат филтрите

Се бараат начини за лажната вест да остане што подолго необележана на интернет | Фото: БИРН

Иако никој нема директен увид како функционираат алгоритмите на социјалните мрежи во детектирањето сомнителни содржини, (тие се деловна тајна на компаниите), сепак повеќемина познавачи на овие технологии со кои разговаравме велат дека претпоставки за тоа може да се изведат од набљудување. Со оглед дека меѓу создавачите на дезинформациите, исто така, има технолошки потковани луѓе, голема е веројатноста дека и тие влечат свои заклучоци и бараат нови начини да ги заобиколат филтрите.

Еден од вообичаените аларми е кога нешто за кратко време станува вирално (се шири многу бргу меѓу многу корисници), и тоа е знак дека таа содржина треба да се провери. Но, ако, наместо една идентична порака се испратат повеќе различни, но со истата поента, се претпоставува дека компјутерската програма потешко ќе ја детектира виралноста.

Освен во содржината, се прават и разлики во формата. Се прават принтскринови од наслови на текстови наместо да се сподели текстот, или принтскринови од објави на социјалните мрежи. Некои корисници го прават тоа дури и на своите објави и ги реобјавуваат како фотографија.

„Принтскриновите се вообичаени кога се водат дезинформациски кампањи. Ова е само еден од механизмите што се користат, проблемот е многу поголем, па оттаму и одговорот мора да биде сеопфатен и координиран“, вели Алексоска.

Не само за машините – принтскриновите се потешки за проверка и од луѓето, особено ако од сликата е исечено името на медиумот каде што е објавена содржината.

Деновиве во македонскиот дел од интернетот може да се види принтскрин од швајцарски медиум со наслов на германски јазик „Во моментов  не може да се одобри вакцина“. Објавата ја споделиле стотина луѓе.

Тој што прв ја објавил тврди дека Швајцарците одбиле германска вакцина „поради ризик од смрт“. Во вистинскиот текст воопшто не пишува дека Швајцарија го одбива вакцинирањето, туку дека прво ќе спроведе стратегија за проверка на ризик „за да спречи несакани ефекти или смртни случаи“.

Колкава е предноста во чекори на дезинформирањето покажува тоа што за да се дојде до оригиналниот напис треба прво да се препише насловот на германски во пребарувач, да се најде текстот со идентичен наслов меѓу резултатите и да се преведе со некоја интернет-алатка. Додека еден го прави тоа, десетмина само ќе кликнат „сподели“.

Принтскриновите во Македонија, во последниов период често се користат и во ширењето невистинити информации во врска со македонско-бугарските односи, едно од најчувствителните прашања што го окупира вниманието на јавноста. Во дел од тие објави, бугарските барања се претставуваат како нешто веќе прифатено од македонска страна

Меѓу техниките што се користат за да се избегнат филтрите е и мешањето на кириличните и латиничните букви што се идентични по значење или само по форма (а, е, н, х, у, ј, с и други). Кога некој корисник на социјалните мрежи ќе се пожали дека објавата му била отстранета од профилот, можно е да се види некој друг да му даде совет за следниот пат да ги измеша буквите и да ја отежни детекцијата на проблематичната содржина.

Идеолошка пешадија

Тие што веруваат во мастер-теоријата ги споделуваат и сите други | Фото: БИРН

Зошто некој би давал совети како потешко да се детектираат проблематични содржини на социјалните мрежи? Бидејќи ако се проверат профилите што објавуваат и шират дезинформации, може да се види дека, освен сомнителните категории (тематски профили со невистинити имиња што служат само за објавување информации од еден или од повеќе извори, или луѓе што се дел од формални или неформални организации и ја шират својата идеологија), има голем број корисници што не покажуваат никаква поврзаност со мрежи за дезинформирање.

Најголемиот број од нив се луѓе од нашето опкружување. Не го кријат идентитетот, имаат фотографии од семејни патувања, а споделуваат по некоја „неоткриена вистина за корона вирусот“ или „голем заговор за злоупотреба на деца“ меѓу рецепт за ручек и слика од прошетка во паркот, на пример.

Проверувачите на факти и другите познавачи на комуникациските технологии се согласни дека ширењето дезинформации, во голема мера, е организирана активност, често со малициозни цели, но потврдуваат и дека голем број луѓе ги споделуваат тие содржини и без скриени мотиви. Го чувствуваат тоа како свој повик, одговорност да бидат „на вистинската страна“.

„Има и моменти кога луѓето ги шират лажните вести затоа што веруваат во нив и сметаат дека со тоа придонесуваат во некаква си борба за вистината да излезе на виделина“, вели Кордалов.

Се разбира, тоа ја прави борбата против дезинформирањето уште потешка, бидејќи дури и кога постојат организирани мрежи за создавање и ширење лажни вести на врвот, најголемиот дел од распространувањето повторно се врши од поединци и од микросредини што се неповрзани меѓу себе, освен по верувањата што ги имаат.

„Сите теории на заговор се само делчиња од една мастер-теорија дека одредени елити владеат со светот. Колку повеќе некој верува во тоа, толку поверојатно ќе чита и ќе споделува содржини што одат во прилог на теоријата“, додава Алексоска.

Сепак, решенија има за сѐ. Алгоритмите, како што вели Кордалов, може да се препрограмираат за да ги препознаат и новите облици на ширење лажни вести. Тоа е битка, објаснува тој, во која не може да се најде едно конечно решение за да запре дезинформирањето, туку двете страни постојано ќе се натпреваруваат и во водство ќе биде онаа што ќе вложи повеќе труд и средства.

Технолошката борба, сепак, нема да биде доволна ако нема посилна институционална борба, бидејќи токму нарушувањето на довербата во институциите се смета за една од главните цели на дезинформациските кампањи. Кордалов вели дека поради тоа не е доволно службите за односи со јавност во институциите само да пишуваат соопштенија, туку мора многу поактивно да се вклучат во двонасочната комуникација и да реагираат брзо кога ќе видат лажна вест поврзана со нивната работа.

„Луѓето го нарекуваат тоа ‘гасење на пожарот’, но тоа не е пожар. Нивна работа е да им служат на граѓаните, а обезбедувањето вистински информации е дел од таа служба“, додава тој.

Како што нагласува, еден од најдобрите начини за институциите да ја заштитат довербата во нив е да даваат квалитетни услуги. Ако тие работат добро и граѓаните се задоволни, многу потешко некоја дезинформација ќе им наштети.