Анализи

Три децении зад Словенија во човековиот развој

Нееднаквоста е еден од најголемите предизвици на земјата | Фото: Роберт Атанасовски

Во 2019 година, Македонија го достигнала индексот на човеков развој што Словенија го имала во 1990, првата година кога е воведен овој концепт од Организацијата на Обединетите нации, како сеопфатна мерка за тоа како се живее во една држава и какви услови имаат луѓето во неа за личен развој.

Земјава е последна на Балканот според овој индекс, одвај над глобалниот просек, со само две европски држави зад неа. Единствено постигнала напредок во однос на самата себе пред 20 години, за околу 14 проценти.

„Главните предизвици за понатамошното подобрување на животниот квалитет, како што се мери со овој индекс, се растечката нееднаквост и притисокот врз животната средина“, велат за БИРН од Програмата за развој на Обединетите нации, УНДП.

Позицијата на Македонија во однос на регионот не е ништо ново ако се видат историските податоци што ги подготви УНДП годинава, по повод 30-годишнината од првото објавување на индексот.

Низ годините сите балкански држави постигнале напредок, подобрувајќи си го индексот за 10-15 проценти. Годинешниот извештај покажува дека денес во сите нив се живее малку подобро отколку пред две или три децении и има нешто подобри услови за личен развој. Од друга страна, тоа значи дека земјите што биле напред, останале напред, а тие од другиот крај на листата не се поместиле од таму.

За 20 години во нашата земја се сменија четворица претседатели, деветмина премиери, осум парламентарни состави и многу други носители на функции, а нејзината регионална позиција во однос на човековиот развој не се промени.

Во целиот тој период, како што покажуваат податоците на УНДП, Македонија се бори со Албанија и со Босна и Херцеговина да го избегне последното место, а од 2010 година наваму заостанува и во таа борба. Оттогаш темпото на развојот на Македонија забавува, додека на другите две држави останува исто, па тие одат десетина места понапред од нашата земја на светската листа.

Од УНДП за БИРН велат дека, иако е вообичаено со текот на времето земјите да го подобруваат својот резултат, сепак е потешко тие да ја подобрат својата позиција во однос на други држави.

„Релативниот напредок, во голем дел, зависи од почетната позиција на одредена земја и е често поголем предизвик од апсолутниот напредок“, велат од УНДП.

Од 189 држави во светот опфатени со индексот, Македонија е на 82-то место, девет позиции зад Босна и 13 зад Албанија. Во најблиското опкружување ѝ се Тајланд, Ерменија, Колумбија и Бразил. Во Европа, само Азербејџан и Молдавија се на пониски позиции. Словенија и Грција имаат убедливо највисоки места од земјите на Балканот.

Индексот за човековиот развој, како што објаснуваат од УНДП, комбинира различни индикатори за квалитетот на животот во една земја, како просечниот животен век, нивото на сиромаштија и нивото на образование. Оваа година се мери и притисокот на една земја врз животната средина бидејќи штетата од нејзиното нарушување неизбежно се враќа во форма на негативни последици врз квалитетот на животот.

Мерката е од 0 до 1, при што најдобрите држави се поблиску до единицата (Норвешка со 0,957 и Ирска со 0,955), а оние каде што најлошо се живее и има најмалку можности за населението се поблиску до нулата (Нигерија со 0,394).

Индексот на Македонија за 2019 година е 0,774 и таа спаѓа во втората од четири категории – земји со висок степен на човековиот развој. Речиси сите европски земји, освен пет, се во првата категорија – земји со многу висок човеков развој. Другите две категории се среден и низок развој.

Во 2000 година имала индекс 0,677, односно била на ниво на кое што денес се некои средноамерикански држави, како Ел Салвадор или Гватемала.

Оттогаш некои состојби се подобриле, како што е забележано во извештајот на Обединетите нации. Очекуваниот животен век на тие што се родиле лани е за две и пол години поголем во споредба со родените во 2000 година. Се зголемило и времето што во просек се поминува во образование, а и просечните приходи пораснале за една петтина. Регистрирано е подобрување и во родовите индикатори и во намалувањето на невработеноста.

Со тоа, Македонија, иако сѐ уште е зад соседите, станала за 14 проценти подобра од тоа што била на почетокот од овој век. Според анализата од ОН, поради нееднаквоста во земјата, голем дел од населението не го чувствува ниту тој напредок.

Она што посебно се влошува е вкупната миграција. Според методологијата, иселувањето што доведува до намалување на бројот на населението има негативен ефект врз индексот на човековиот развој. Без разлика дали станува збор само за одлив на висококвалификуваните кадри или за сите луѓе. Како што објаснуваат од УНДП, иако од една страна отселувањето носи намалување на невработеноста кога си заминуваат луѓе што имаат тешкотии да најдат работа, тука, сепак, тоа не значи дека и вкупниот ефект врз квалитетот на животот ќе биде позитивен.