Мустафа Кемал-Ататурк, основачот на модерна Турција, во Македонија се чествува во село што никогаш не го посетил и со куќа каква што, според познавачите, никогаш не постоела на тоа место. Селото Коџаџик, всушност, е гордото место од каде што потекнуваат предците на Ататурк, додека неговата родна куќа се наоѓа во Солун, Грција.
Куќата, која е изградена во негова чест, всушност е родното село на неговиот татко, Али Риза, кој го напуштил овој живописен но заостанат крај и се преселил во Солун. Но, дали ова спомен-куќа на семејството на Ататурк во Коџаџик е естетски преувеличена и без неопходната оригиналност?
Истражувањето на БИРН нè однесе до самото село. До Коџаџик не се стигнува и така лесно. По патот се менуваат делници со здрав асфалт, со дупки и без никаков асфалт, пејзажи со негибната природа и со диви депонии. Патуваме од едно до друго село во општината Центар Жупа, на источниот брег од Дебарско Езеро, барајќи го Коџаџик, селото зад највисоките карпи, како што го опишуваа оние што ги прашувавме за насоки. Изгледа како да е на крајот од светот и дури зачудува фактот што зад него има уште едно, уште пооддалечено село. Конечно, по поминати 17 километри откако скршнавме од главниот пат Маврово-Дебар, нè пречека табла со натпис „Коџаџик“, со стилизирани букви што личат на полумесечината од турското знаме. Нема случајности тука.
Коџаџик го посетивме на 22 јули и првото разочарување стигна веднаш: музејот што беше отворен на 19 мај со меѓудржавна свечена церемонија на највисоко ниво (присуствуваа претседателот Ѓорге Иванов и турскиот вицепремиер Емрула Ишлер, а настанот во живо се пренесуваше во турскиот парламент и пред тогашниот премиер Реџеп Таип Ердоган), сè уште не работеше. Стигнавме само до масивната дрвена капија и до оградата преку која можевме од далеку да ја гледаме куќата.
И селото беше речиси празно. Повеќето жители работат во Италија, каде што не беше почнат колективниот годишен одмор, а оние што останале се криеја од горештините бидејќи траеше рамазанскиот пост и не смееја да пијат вода. Така ни раскажа Нуредин, еден од малкутемина што ги сретнавме. Многу добро се сеќаваше на големиот настан од отворањето и беше горд што куќата која треба да биде најнова туристичка атракција во Македонија се наоѓа во неговото село.
Дури и не се грижеше дека наместо куќата можел да се изгради подобар пат. Вели, вообичаено е за планинските села да имаат лоши патишта. Не го криеше разочарувањето дека конечно некој намерник дошол да го посети музејот, а тој бил затворен.
„Отворањето беше голем настан, се собраа луѓе од сите околни села. Сега знаеме многу повеќе за историјата на селото и за поврзаноста со Ататурк“, вели Нуредин.
Тој се сеќава дека порано имало луѓе што знаеја повеќе за историјата на семејството на Ататурк, но дека сегашните селани многу малку знаат.
„Велат дека куќата е направена како што изгледала порано. Таквите куќи се ретки во овој крај, но ги има. Али Риза, неговиот татко, бил голем човек, па и не е чудно да имал таква куќа. Заминал во Солун и го оставил сето тоа зад себе, а поради што, не знаеме“, вели Нуредин, жител на Коџаџик.
За жал, нема ништо во Коџаџик што би можело да се спореди со објектот. Речиси сите куќи во селото се нови и изградени со современи материјали, освен понекој страничен ѕид изѕидан од камења.
Темелите на старата куќа беа пронајдени и врз нив се изгради нова, спомен-куќа на семејството на Ататурк. Споменичниот комплекс опфаќа две куќи, една на три ката, со 220 квадратни метри и една на два, со 120 квадрати, како и двор со амфитеатар, поставени среде празниот ограден простор од околу 20.000 квадратни метри. Но што поточно изградија македонското Министерство за култура и турската агенција ТИКА? Според нивните официјални соопштенија, тоа е оригинална куќа што автентично го претставува животот на семејството.
Експертите од оваа област и познавачите на локалните културни традиции, пак, нудат аргументи дека ова е естетски преувеличена претстава бидејќи оригиналот морал да биде многу поскромен, односно помалку впечатлив. Како поткрепа на овие тврдења оди и фотографијата од Коџаџик во 19 век, која им била дадена на архитектите како урнек за да изработат проект за обнова. Куќите прикажани на неа имаат поедноставен изглед од денешната спомен-куќа.
Без одговор за автентичноста
Агенцијата ТИКА спроведува поголема акција за обнова на објекти од отоманското културно наследство во Македонија. На нејзината официјална интернет-страница, во делот за Македонија се посветени пет-шест реда за музејот во Коџаџик. Се вели дека куќата на Али Риза е обновена во оригинал од 2011 до 2014 година и дека домот во селото Коџаџик бил редизајниран за да го опише животот на Ататурк и на неговото семејство. Се набројува кој сè е вклучен во поставката со восочни фигури, односно Кизли Хафиз Ахмед и Ајсе Ханим (бабата и дедото на Ататурк), децата Мустафа и Макбуле, и родителите на Ататурк, Али Риза и Зубејде Ханим. Има и поставки што го опишуваат животот на младиот Мустафа Кемал на Балканот. Поради презафатеност, ТИКА не одговори на прашањата дали е запазен автентичниот изглед на самиот објект.
Во извештајот од свеченото отворање, што го објави Министерството за култура, се вели дека во музејот има постојани поставки, како и простории за повремени поставки.
Според министерката Елизабета Канческа-Милевска „музејот автентично ја прикажува пренесената традиција на турските семејства. Но и по еден месец откако им доставивме барање за информации од јавен карактер, оттаму нема одговор врз што се темели автентичноста на надворешниот изглед и на внатрешното уредување, кога сè што имале на располагање за да го доловат биле археолошките остатоци и стара фотографија на која објектот се гледа од далечина и не е ниту сличен на денешната градба“.
Преувеличувањето е очигледно за експертите
Шериф Ајрадиноски е претседател на торбешкиот културно-научен центар „Румелија“ и се смета за добар познавач на културата и на традициите во западните и во југозападните краишта на Македонија. По свеченото отворање, тој се сомнева за неколку елементи, како на пример за информацијата дека требало да се извршат долгорочни и опсежни археолошки истражувања за да се потврди автентичноста на објект од 19 век, особено во Коџаџик како поранешна јуручка, односно номадска и сточарска населба.
„Тешко е да се поверува дека една сточарска населба би поседувала таков објект. Во Македонија и на други места на Балканот има многу јуручки региони, но нема такви куќи, макар тие да биле и на богати трговци, каков што бил Али Риза“, вели Шериф Ајрадиноски, претседател на торбешкиот научно-културен центар „Румелија“
И не само што е тешко замисливо, туку, како што вели Донка Барџиева-Трајковска, претседателката на невладиниот Центар за културно наследство (ЦКН), таков тип на објект досега не бил најден во ниедно турско село во Македонија. Таа објаснува дека експерти за рурално градителство можат да го потврдат изгледот на куќата, кој е детерминиран од локацијата (низинска или планинска), со што се одредува материјалот за градење, функционалноста и конструктивниот систем. Според тоа, Барџиева-Трајковска е уверена дека изградената спомен-куќа не одговара со изворните елементи на една селска куќа во сточарски предел.
„Кога оригиналниот објект од крајот на 19 век ќе се урне и ќе се реконструира со материјали и со техники карактеристични за 21 век, не може да се говори за автентична обнова, а уште полошо е кога се прават радикални измени со изглед кој никогаш не постоел. Во случајот со куќата на предците на Мустафа Кемал Ататурк – заклучува таа – автентична е само локацијата. Спомен-куќите се поврзани со биографијата, односно животниот пат на значајни личности од историјата и од културата на еден народ и како такви имаат пред сè историско-документарна вредност со што се комплетира меморијата, споменот за делото на конкретната личност или настан. Во оваа смисла тие мораат да бидат обновени и презентирани во нивниот изворен, автентичен изглед во целост. Дури и најмала измена е директно интервенирање во биографијата на конкретната личност, односно фалсификат кој е казниво дело“, вели Донка Барџиева-Трајковска, претседателка на Центарот за културно наследство.
Министерството потврдува дека се градело по примери од други села
Министерството за култура на 25 септември одговори на неколку прашања во врска со музејот на Ататурк, за кои побаравме одговор со барање за пристап до информации од јавен карактер поднесено на 4 август. Според одговорот, музејот се` уште не работи затоа што во тек е дефинирањето на надлежноста, а со тоа и режимот на одржувањето и на грижата за објектите, потоа ангажманот на стручен и технички кадар итн. Откако сето тоа ќе се среди, тој ќе биде отворен за посети.
Оттаму потврдија дека изградбата и опремувањето на објектите е финансирано од претседателството на Република Турција преку фондацијата ТИКА, со еден милион евра, а понатамошното одржување и туристичка презентација ќе бидат обврска на Македонија. Исто така, се потврдува дека задача на Македонија била да ги спроведе археолошките истражувања, како и аналогните истражувања преку Националниот конзерваторск ицентар за да се утврди изгледот на типичната архитектура од поширокиот регион околу Коџаџик, особено зачуваните примероци во селата Јанче и Елевци, кои биле земени како прототип за изведбата на финалното решение. Објектите имаат 220 и 120 квадратни метри површина, а целиот комплекс, според одговорот од Министерството, се простира на 2.000 квадратни метри. Мешовита македонско-турска комисија била формирана за оценка и реализација на проектот.
Во одговорот не се споменува дека куќата на претците на Ататурк е обновена како што некогаш изгледала. Наместо тоа, се вели дека решението кое е прифатено и реализирано ги зема делата на тајфата мајстори на дебарската школа од 19 век. Стои и дека од роднини на семејството во Дебар била обезбедена стара архивска фотографија на која се гледа куќата, со археолошките истржувања се откриени темелите, а врз нив се направени финалните објекти врз основа на аналогните истражувања на типичната архитектура од 19 век во тој крај, првенствено зачуваните примероци во селата Јанче и Елевци, врз чија основа е осмислено и внатрешното уредување. Претходно имало две понудени решенија, од кои едното било одбиено бидејќи предвидувало изградба на три современи музејски објекти со пирамидални стаклени покриви, како и презентација на темелите на градбата на ниво на археолошки остатоци, а второто поради неавтентично толкување на типичната куќа од тоа време за тој микрорегион.
Спомен-куќите, како што вели Барџиева-Трајковска, се поврзани со биографијата на значајни личности и имаат историско-документарна вредност, па затоа треба да бидат презентирани во нивниот изворен изглед. Непочитувањето на овој принцип, според неа, е фалсификат казнив со закон. „Но тоа, додава Барџиева-Трајковска, е често случај во Македонија и отстапувања имало и кај куќите во Горно Врановци, кај родната куќа на Блаже Коневски во Небрегово и во други случаи“.
Директорката на ЦКН посочува два фактора за тоа: реставраторскиот и политичкиот.
Таа вели дека врз дело што го има завршено својот облик не смее да се интервенира, особено не да му се приоѓа авторски. Политичкиот фактор, според неа, се вклучува како директен учесник или како поттикнувач на активности со кои се создаваат јавно поддржани фалсификати.
Инспирацијата најдена во Јанче
Медиумските архиви покажуваат дека камен-темелникот на спомен-куќата во Коџаџик го поставил премиерот Никола Груевски во август 2009 година. Но официјалните информации на ТИКА покажуваат дека се градело од 2011 година. Во меѓувреме се менувале проектите и се барал што порепрезентативен примерок на куќа од 19 век.
Првиот проект го направиле професорите Јасмина Хаџи Алексиева и Михаил Токарев. Нивната замисла била да се направат современи објекти инспирирани од камените куќи што ги гледале на старата фотографија, а самите темели да се заштитат и врз нив да не се гради. Но, не се градело по него и се барала реконструкција врз темелите. Првиот проект за реконструкција, пак, дошол од факултет во Турција и се базирал на куќи од околината на Коџаџик. Исто така бил одбиен поради едноставниот изглед.
Дури во мај 2011 година, речиси две години откако бил поставен камен-темелникот, Националниот конзерваторски центар почнал да го подготвува проектот што бил изведен. Од презентацијата што ја подготвил НКЦ се гледа дека голем дел од елементите на куќата биле преземени од објекти што постојат во селото Јанче, на триесетина километри од Коџаџик, во општината Маврово-Ростуше. Тоа се, пред сè, елементите како издаденоста на третиот кат со еркери и карактеристичниот оџак, нешта што не можат да се видат на старата фотографија од Коџаџик. За дел елементи биле користени и од преостанати стари куќи во Елевци и во Брештани, кои што се поблиску до Коџаџик. Така била направена компилација од куќи во повеќе села, која што во НКЦ ја дефинирале како реконструкција со визија на класична куќа од периодот на 19 век, кога живееле предците на Ататурк во Македонија.
Според тоа, изградбата во оригинал, за која пишува ТИКА, и автентичниот приказ, за кој говори Министерството за култура, не значат и обнова на куќата на Али Риза како што таа некогаш изгледала, како што ја сфатил Нуредин и други негови соселани, но и дел од пошироката јавност.
Објектот бил изграден главно со традиционални материјали, камен и дрво, со мала примена на современи материјали поради сеизмичката заштита. Волуменот бил утврден врз основа на темелите и на старата фотографија, па според проектот, поранешните димензии не биле надминати. Во изградбата на целиот комплекс, според информациите подготвувани за свеченото отворање, Турција преку агенцијата ТИКА вложила околу еден милион евра. Неговото понатамошно одржување е обврска на Македонија.
Коџаџик го победи Солун во натпреварот на димензиите
Музејот во Коџаџик треба да привлече туристи и почитувачи на ликот на Ататурк од Турција и од други краишта. Турците се познати дека сакаат да патуваат низ регионот, на места што се поврзани со нивната историја, а родната куќа на Ататурк во Солун е показател за тоа. Се наоѓа во дворот на турскиот конзулат, а нејзината околина е како Мала Турција среде Солун, приспособена за турските туристи, со сувенирници што изобилуваат со мотиви од Ататурк.
Многубројните туристи трпеливо чекаа пред вратата за да дојде 10 часот и да влезат внатре. Не се плаќа билет, само треба да се запишете во списокот на посетители и да наведете од каде доаѓате. За само половина час на 1 август, кога ние го посетивме музејот, списокот го надмина редниот број 50. Луѓе од Истанбул, Екисехир, Анкара, Анталија, Бурса, од цела Турција. Но не и од други земји, со исклучок на нас, од Скопје. Туризмот поврзан со турската историја сепак има потесна целна група.
Приказната за куќата е напишана на табла во дворот. Таа е изградена во 1870 година во стилот карактеристичен за отоманскиот Солун: два ката на правоаголна основа и третиот издаден нанапред со еркери. Во тој дел е слична со куќата во Коџаџик, но нема затворен чардак, издаден оџак или камена основа. Неколку пати е обновувана, последен пат во 2012 година кога се отстранил стариот мебел и се пристапило кон, како што се вели, модерен концепт во музеологијата. Објектот има нешто помалку од 200 квадратни метри и има мал двор, во кој главна атракција е дрвото што го засадил самиот Али Риза и под кое Ататурк си играл како дете.
Уште на прв поглед е очигледно дека предците на Ататурк добиле многу поголем меморијален комплекс во Коџаџик отколку што има самиот основач на модерна Турција во неговиот роден Солун. Таа разлика, всушност, според достапните податоци изнесува 140 квадрати во корист на македонското село.
Туристите возбудено шетаат од една во друга соба низ тесните ходници. Главно може да се видат фотографии од животот на Ататурк поделени во фази според градовите каде што престојувал (има солунска, битолска, истанбулска, анкарска и други соби). Собата каде што се родил, на највисокиот кат, е означена со една плоча и со неколку фотографии. Спроти неа, чуварите многу внимаваат посетителите да се однесуваат достоинствено со неговата восочна фигура, која е единствена, додека во Коџаџик има шест.
Има и многу мултимедијални содржини, книги, па дури и детска соба каде што се прикажуваат цртани филмови со историска содржина од тој период. Сè е напишано на грчки, на турски и на англиски и снаоѓањето е многу лесно. Дали е тоа доволно за туристите? Меѓу ретките што знаеја англиски јазик, го сретнавме докторот Мехмед Јилмаз од градот Мерсин.
Првпат го посетил музејот, а неговите пријатели од Анкара биле и порано. Ни раскажа дека Турците сакаат да патуваат на места што се поврзани со нивната историја, но сакаат да ги гледаат во оригинал.
„Луѓето што биле порано се разочарани дека стариот мебел е пренесен во Турција и не е вратен овде по реконструкцијата во 2012 година. Тие велат дека мебелот припаѓа овде, а не во Турција. Музејот вака им изгледа недоволно автентичен. Дури и градоначалникот на Солун побарал да се врати мебелот, но не добил одговор“, ни рече Мехмед Јилмаз, посетител од Мерсин.
Јилмаз и неговите пријатели не слушнале за Коџаџик и единственото место што го знаеја како поврзано со потеклото на Ататурк е Солун.
Инаку, официјалното објаснување за мебелот е напишано на таблата каде што се раскажува приказната за куќата, и стои дека тој е отстранет бидејќи им припаѓал на луѓето што живееле во куќата по времето на Ататурк.
Но ова објаснување не ги задоволува посетителите. Тие повеќе пати нагласија дека сакаат да видат оригинален објект и поставка. Надворешноста, пак, е задржана во оригинал, бидејќи куќата се наоѓа во постариот дел од Солун, во кој има и други куќи со слична архитектура.
И невпечатливите оригинали се задржуваат
Во светот има многу познати примери во кои приказната за некоја градба привлекува многу поголемо внимание отколку нејзиниот изглед. Еден од нив е куќата со број 22 на „Златната улица“ во замокот во Прага. По ништо не се разликува од другите во улицата, ниту, пак, со својот едноставен изглед и мали димензии се истакнува покрај многуте грандиозни објекти во овој град.
Но значајна е бидејќи во неа престојувал славниот писател Франц Кафка во дел од својот живот.
Сличен пример е и театарот „Форд“ во Вашингтон, каде што бил убиен американскиот претседател Абрахам Линколн во 1865 година. Градба на два ката, од црвени тули, во споредна улица.
Таа е заштитена како национално обележје поради настанот што се случил во неа и строго се чува во автентичен облик.
Многу примери ја вклучуваат и едноставната камена куќа каде што се родил Леонардо да Винчи во малото италијанско гратче Винчи. И таа тешко би можела да го привлече вниманието покрај многуте други градби во Тоскана, ако се суди само според изгледот.