Регион

Спор околу новиот споменик на мирот во Сребреница

Новиот споменик во центарот на Сребреница. Фото: БИРН

Новиот споменик, кој по повод Меѓународниот ден на мирот беше откриен денескa, уште еднаш ги истакна повоените поделби меѓу Србите и Бошњаците во Сребреница.

Градоначалникот на Сребреница, Младен Грујичиќ, за БИРН изјави дека општинското собрание гласало за „поставување споменик што ќе биде универзален и без директна врска со жртвите од последната војна“.

„Споменик на мирот“, така е наречен, и тој воопшто нема да асоцира на војна, нема да служи за положување на венци, за одбележување на нешто во таа смисла, туку ќе послужи како порака за мир, соживот, поглед во иднината за младите луѓе кои доаѓаат“, нагласи Грујичиќ.

Тој објасни дека идејата за неутрален споменик е инспирирана од ликовната работа на еден ученик од Сребреница.

Грујичиќ додаде дека во последните неколку години се зборува за можноста Србите и Бошњаците да изградат „нешто заедничко во поглед на страдањето“ во Сребреница, но дека никогаш не е постигнат договор.

Од друга страна, здружението „Мајки на енклавите Сребреница и Жепа“ изрази негодување што споменикот не е поврзан со геноцидот врз Бошњаците, извршен од силите на босанските Срби, во 1995 година.

„Понекогаш размислувам за тоа како тој (Грујичиќ) може да застане пред бошњачкиот народ или воопшто да каже нешто покрај неговото негирање … негирањето на геноцидот, минимизирањето на жртвите, токму од него, и тој, ве молам, какво лицемерие покажува, во Сребреница прави спомен на мирот“, вели Шахида Абдурахмановиќ, член на здружението.

Како и другите српски политички водачи, и Грујичиќ смета дека масакрите врз Бошњаците не претставуваат геноцид, и покрај пресудите на меѓународните и босанските судови.

Досега, за злосторствата извршени врз Бошњаците во Сребреница, од судовите во регионот и судот во Хаг, се осудени 47 лица на повеќе од 700 години затвор. Изречени се и четири доживотни казни затвор, од кои едната на политичкиот лидер на босанските Срби, Радован Караџиќ.

Пресудите утврдија дека повеќе од 7.000 мажи и момчиња биле убиени во Сребреница, а повеќе од 40.000 жени, деца и стари лица биле протерани.

Граѓаните на Сребреница, со кои новинарите на БИРН разговараа, имаат поделени мислења во врска со споменикот, но повеќето од нив не сакаа јавно да зборуваат.

Локалниот жител, Мирнес Захировиќ, вели дека овој споменик „му донесе дополнителен немир на веќе поделениот народ“.

„Подигнувањето на споменик на мирот во градот во кој беше извршен геноцид врз Бошњаците, во ова време и на ова место, не е ништо друго освен ставање прст во очите на воените жртви и повратниците, тука во Сребреница“, нагласи Захировиќ.