Осудениот воен злосторник, пензионираниот генерал на Војската на Југославија (ВЈ), Владимир Лазаревиќ, на 9-ти мај, по повод Денот на победата над фашизмот, ја предводеше прошетката по улиците на Ниш, како дел од парадата во чија организацијата, со поддршка на српските власти, учествуваа и руски ветерани.
Учеството на Лазаревиќ на парадата, е израз на практиката што српските власти ја продолжија и во 2019 година, за величење на воените злосторници како воени херои.
Во октомври, Министерството за одбрана на Република Србија, на Белградскиот саем на книгата, организираше промоција на новата книга на Небојша Павковиќ, поранешен генерал на ВЈ, кој издржува затворска казна, на која заедно со Лазаревиќ, беше осуден за воени злосторства. Книгата „Мирисот на барутот и смртта во Косово и Метохија 1998“, како дел од едицијата „Воин“, ја објави издавачката куќа на Министерството, „Одбрана“.
„ Сеќавањата на генералот Небојша Павковиќ, како и на другите команданти и борци, објавени во книгите на едицијата „Воин“, во голем дел придонесуваат за вистината за борбата, за време на агресијата на НАТО. Ние не гледаме причина да се срамиме од борбата на нашиот народ и од оние што ја воделе таа борба“, соопшти, по тој повод, Министерството за одбрана на Србија.
Хашкиот трибунал, во јануари 2014 година, донесе одлука дека Павковиќ и Лазаревиќ, заедно со поранешниот југословенски потпредседател на Владата, Никола Шаиновиќ и поранешниот генерал на српската полиција, Сретен Лукиќ, се виновни за убиства, депортација и нехуман третман на косовските Албанци во 1999 година.
Сепак, од Фондот за хуманитарно право (ФХП) со седиште во Белград, соопштија дека со ова, Министерството за одбрана „отворено ги исмева жртвите на злосторствата“ и ги негира фактите утврдени од страна на Трибуналот на ООН за воени злосторства во Хаг.
Во ноември, Министерството за одбрана презентираше друга спорна книга во Домот на војската во Белград.
Тоа е книгата „Тузланска капија – режирана трагедија“, во која се тврди дека силите на босанските Срби, не се одговорни за масакрот во градот Тузла, на местото Тузланска капија, кога во 1995 година, загина 71 лице. Во книгата се вели оти Тузланската капија не била гранатирана, туку дека се работело за експлозија на направа, што некој ја поставил на ова место.
Судот на Босна и Херцеговина го осуди поранешниот генерал на Војската на Република Српска (ВРС), Новак Ѓукиќ, за овој напад, прогласувајќи го виновен за давање на наредба за гранатирање на Тузла. Но, Ѓукиќ избега во Србија, каде денес живее на слобода.
Властите на БиХ побараа од Србија да го преземе извршувањето на казната, во согласност со договорот за правна помош, потпишан од двете држави, но судот во Белград неколкупати ги одложуваше рочиштата во овој предмет, заради здравствени проблеми на обвинетиот. Случајот е во белградскиот суд повеќе од четири години.
Нобеловата награда на Хандке, ги оживеа сеќавањата на Милошевиќ
Оваа година ќе се памети по уште една контроверза, која иако се случи надвор од Србија, сепак беше поврзана со неа.
Имено, австрискиот писател, Петер Хандке, кој беше симпатизер на Слободан Милошевиќ за време на војните во 1990-тите години, па дури и одржа говор на неговиот погреб, ја доби Нобеловата награда за литература.
Оваа одлука на Нобеловиот комитет, предизвика протести на воените жртви во Босна и Херцеговина, кои го обвинија Хандке за поддршка на ВРС и за минимизирање на воените злосторства, како што е геноцидот во Сребреница. Имаше остри реакции и од новинарите кои известуваа од БиХ за време на војната, а свеченото доделување на Нобеловата награда во Стокхолм, беше бојкотирано од четири балкански земји – од Албанија, БиХ, Хрватска и од Косово.
Но, затоа српскиот претседател, Александар Вучиќ, кој беше министер за информации во владата на Милошевиќ, му честиташе на Хандке.
Во пораката објавена на официјалната веб-страница на претседателот на Србија, Вучиќ во честитката му порачува на Хандке: „Србија те смета за вистински пријател“, и ја фали неговата „извонредна литературна работа“.
Вучиќ, овој месец, предизвика уште една контроверза, со неговата изјава дека масакрот во косовското село Рачак, извршен во јануари 1999 година, кога српските сили убија 45 косовски Албанци, е лажиран од поранешниот шеф на верификациската мисија на ОБСЕ во Косово, Вилијам Вокер.
Вклучувањето на Вокер во овој случај, беше еден од факторите што влијаеја врз последователната одлука на НАТО, да ја бомбардира Југославија, со цел да се стави крај на воената кампања на српските сили во Косово.
Коментарите на Вучиќ уследија откако Основниот суд во Приштина го осуди пратеникот, Иван Тодосијевиќ, за поттикнување на етничка, расна и верска нетрпеливост, поради неговата изјава дека масакрот во Рачак е измислен.
Без големи обвиненија
Обвинителството за воени злосторства на Србија и Специјалното одделение за воени злосторства при Вишиот суд во Белград, во 2019 година беа зафатени. Сепак, подлабоката анализа го менува првиот впечаток, бидејќи во повеќето случаи се работи за помали предмети, со еден или двајца осомничени.
Во 2019 година, не беше поднесено обвинение за поголемо злосторство. Обвинителството за воени злосторства, обвини или покрена истрага, само против осомничени лица од понизок ранг, за злосторства извршени врз Срби во Косово, Хрватска и БиХ.
Сепак, оваа година во Белград започна судски процес против петмина поранешни припадници на силите на босанските Срби, обвинети за убиство на 20 патници од несрпска националност, кои претходно биле киднапирани од воз во Штрпци, источна БиХ, извршено во 1993 година. Сите петмина се изјаснија за невини.
За време на судските рочишта, се слушнаа сведоштва на членови на семејствата на жртвите, на другите патници, на вработените во железничкото претпријатие и на неколку поранешни војници на ВРС. Еден од сведоците пред судот зборуваше за киднапирањето на жртвите од возот, а друг раскажа како ги превезувал нивните тела, до брегот на реката Дрина, по нивното убиство.
Во јуни, заврши судењето во уште еден важен случај. Имено, Вишиот суд во Белград, прогласи осуммина поранешни припадници на српската полиција, на Југословенската народна армија (ЈНА) и на паравоени единици, за виновни за убиство на 28 цивили во хрватското село Ловас, во 1991 година, и ги осуди на вкупно 47 години затвор. На оваа пресуда може да се поднесе жалба.
Во два други предмети на воени злосторства, Апелацискиот суд во Белград, им ги потврди пресудите на обвинетите, но им ги намали казните.
Во случајот против тројца припадници на паравоената група „Четниците на Сима“, на двајца, Томислав Гавриќ и Зоран Ѓурѓевиќ, казните од 10 години затвор им беа намалени на 8, а на третиот припадник, Зоран Алиќ, затворската казна од 6 му беше намалена на 5 години. Тие беа осудени бидејќи држеле три жени во заробеништво во селото Малешиќ, во 1992 година, каде што биле постојано силувани и малтретирани, и принудени да подготвуваат храна и да чистат.
На Ранка Томиќ, поранешна припадничка на ВРС, осудена за учество во тортура и убиство на болничарка на Армијата на Босна и Херцеговина (АБиХ), во војната во БиХ 1992 година, во жалбена постапка, казната затвор од 5, ѝ беше намалена на 3 години затвор.
Покрај случаите на воени злосторства, Апелацискиот суд во Белград, донесе пресуди во уште два големи случаи, од бурните повоени години во Србија.
Поточно, судот им ја потврди ослободителната пресуда на поранешниот командант, на сега веќе расформираната, единица за специјални операции (ЕСО) Милорад Улемек Легија, и на уште шестмина други припадници на оваа единица, по обвинението дека учествувале во вооружен бунт во 2001 година.
Апелацискиот суд, исто така, ослободи седум лица кои беа обвинети за учество во палењето на амбасадата на САД во Белград во 2008 година, во знак на протест поради поддршката на САД, на декларацијата за независност на Косово.