Регион

БиХ: Пресудата на Караџиќ ги истакна вкоренетите поделби

Бошњаците со аплауз ја поздравија пресудата – казна доживотен затвор, што му беше изречена на Радован Караџиќ, додека српските политичари ја осудија

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

„Тој не заслужи ништо помалку од доживотен затвор“, нагласи, Нура Алиспахиќ, од Сребреница, мајка на два убиени сина.

Пресудата беше поздравена и од бројни политички претставници на бошњачките партии, додека за политичарите на Република Српска (РС), ова беше уште еден доказ, дека судот на ООН е „антисрпски“.

Милорад Додик, српски член на Претседателството на БиХ, пресудата ја оцени за „цинична и арогантна“.

Тој рече дека по пресудата, помирувањето во БиХ е „скоро невозможно“.

Една држава, три вистини

Деца во Сараево, за време на опсадата на градот. Фото: „Aлеја на снајперите“/Дерек Хадсон

Долгогодишниот правен експерт, Вехид Шехиќ, смета дека постојан проблем во Босна и Херцеговина, е тоа што сите три конститутивни народи, имаат своја верзија на вистината за војната, што го спречува напредокот на земјата.

„Сè уште не сме подготвени да се соочиме со вистината, а ја има само една. За жал, постојат три вистини во БиХ. Политичарите редовно ја подгреваат лошата атмосфера, славејќи ги воените злосторници. Вистината е горчлива, но таа е најдобриот лек за помирување“, потенцира Шехиќ.

Александра Летиќ, од Хелсиншкиот комитет за човекови права на РС, вели дека прашањето за транзициската правда, во 2019 година, се вратило неколку чекори назад.

„Одиме наназад. Пресудата на Караџиќ, која требаше да отвори некои прашања, не доведе до општествена катарза, што укажува колку институционално сме незаинтересирани за вистината“, вели Летиќ.

Во 2019 година, Владата на Република Српска назначи членови на две спорни комисии, за преиспитување на воените настани од нивна перспектива – на Комисијата за истражување на страдањата на Србите во Сараево од 1991-1995 година и на Комисијата за истражување на страдањата на сите народи во регионот на Сребреница од 1991-1995 година.

Милорад Којиќ, директор на Републичкиот центар за истражување на војната, воените злосторства и трагање по исчезнатите лица на Владата на РС, вели дека целта на комисиите е „само да се утврди вистината”.

„А вистината може да биде само една. Ова се меѓународни комисии кои ќе работат без притисоци и очекуваме да ја утврдат вистината“, изјави Којиќ.

Сепак, група од триесет и еден меѓународен експерт, упати отворено писмо, во кое се вели дека формирањето на комисиите повеќе личи на обид за ревидирање на утврдените вистини за геноцидот во Сребреница и на опсадата на Сараево.

И покрај пресудите на меѓународните и на домашните судови, властите на РС не прифаќаат дека масакрите во Сребреница претставуваат геноцид.

Од друга страна, ревидираната стратегија за работа на предметите на воени злосторства во БиХ, која беше одобрена од Високиот судски и обвинителски совет на БиХ во 2018 година, сè уште чека усвојување од страна на Советот на министри (Владата) на БиХ.

Ревидираната стратегија предвидува, огромниот број на заостанати предмети во оваа држава, да бидат обработени до 2023 година. Таа беше донесен откако беа пробиени роковите утврдени со претходната стратегија. Сепак, ревидираната стратегија не се најде во агендата на Советот на министри пред изборите во октомври 2018, по кои оваа земја се најде во политички застој.

Сè уште има многу нерешени случаи на воени злосторства, а од Сојузот на логорски затвореници, предупредуваат дека има сѐ помалку сведоци.

„Веројатно некои нови докази нема, некои нови сведоци нема, сведоците и жртвите умираат, тие биолошки исчезнуваат, така што овој процес на процесирање всушност е, според мое мислење, голем ќор-сокак“, истакна, Јасмин Мешковиќ, претседател на Здружението на логорски затвореници во БиХ.

И Мисијата на ОБСЕ изрази загриженост, бидејќи стапката на осудителни пресуди на Судот на БиХ, кога станува збор за воените злосторства, брзо опаѓа.

Брус Бертон, шеф на мисијата на ОБСЕ во БиХ во заминување, во интервју за БИРН нагласи дека е загрижен поради тоа што, скоро четвртина век по конфликтот, е постигната „недоволна правда“ за жртвите на воените злосторства.

„Темпото на гонење е премногу бавно, стапката на осудени лица е премногу ниска“, истакна Бертон.

Во БиХ, сѐ уште се трага по повеќе од 7.000 лица, исчезнати за време на војната. Сведоците кои знаат каде се наоѓаат неоткриените масовни гробови, сè уште не сакаат да зборуваат за тоа, така што членовите на семејствата на исчезнатите, умираат без да ја дознаат судбината на своите најблиски.

„Институциите кои во своите фиоки држат документи што би можеле да доведат до откривање на гробниците, ги чуваат тие фиоки затворени. Разузнавачките служби и полициските органи кои располагаат со информации од 1991 и 1992 година, ги кријат во своите фиоки информациите што им се потребни на истражителите“, вели Емза Фазлиќ, портпарол на Институтот за исчезнати лица (ИНО) на БиХ.

Финансиска помош за осомничените за воени злосторства

Портрети на децата на војната и на нивните родители. Фото: БИРН

Владата на Кантон Сараево (КС) од буџетот за 2019 година, издвои 358.000 евра, наменети за правна помош на поранешните припадници на војската и на полицијата на Република Босна и Херцеговина (РБиХ), кои се обвинети за воени злосторства

Од министерството за боречки прашања на КС, изјавија дека со распределбата на овие средства, не се оправдуваат злосторствата на вооружените сили на РБиХ.

„Ние веруваме дека секој треба да одговара за своите постапки, но ние сакаме да им помогнеме на обвинетите и на нивните семејства, за да можат на достоен начин да се обидат да се одбранат од обвиненијата и да се спречи ревизијата и извртувањето на историските факти за агресијата врз Босна и Херцеговина, утврдени од Хашкиот трибунал”, објаснија од министерството.

Во меѓувреме, поранешниот командант на Војската на Република Српска (ВРС), Ратко Младиќ, повторно се пожали на вложена здравствена состојба.

Тој, во притвор, претрпе два мозочни и еден срцев удар.

Од 2011 година, кога беше уапсен и екстрадиран во Хаг, тој неколку пати се пожали на медицинскиот третман во притворот и бараше да биде префрлен во Србија на лекување.

Во ноември 2017 година, Хашкиот трибунал го осуди Младиќ на казна доживотен затвор, прогласувајќи го за виновен за геноцид во Сребреница во 1995 година, за прогон и истребување на Бошњаците и на Хрватите низ цела земја, за тероризирање на цивилите во Сараево со гранатирање и со снајперски оган, како и за земање на мировници на ООН како заложници.

Одбраната поднесе жалба на оваа пресуда. Апелацискиот совет на ММКТ го закажа нејзиното презентирање за 17 март, а правосилната пресуда на Младиќ, треба да му биде изречена до крајот на 2020 година.